Кратка биографија на авторот

Авторот на книгата „Времето и знаците“, Никола Тасевски, е роден во 1940 година во село Јегуновце, Тетовско. Основно образование завршил во својот роден крај, а средно хемиско техничко училиште во Велес. Во 1963 година заминува на теолошки студии во Белград, каде што завршува теолошки факултет. Извесно време работи како теолог во Белград, Валево и Битола, а оттаму патот го води на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје и во 1973 година ги завршува технолошките студии, здобивајќи се со звање дипломиран инженер технолог, органска насока. Веднаш потоа тој е поставен за одговорен уредник на Адвентистичката издавачка куќа „Знаци на времето“, задача која со успех ја извршува сè до 2005 година, кога заминува во пензија. Потребите на издавачката куќа, и желбата за нови знаења го упатуваат во клупите на Филолошкиот факултет на кој во 1981 година вонредно ги завршува студиите по македонски јазик со јужнословенските книжевности.

Но немирниот дух на Тасевски го скокоткаат природните науки кои го водат на Природноматематичкиот факултет, каде што вонредно ги завршува саканите студии и во 1991 година ги напушта неговите клупи како дипломиран професор по биологија, наставна насока. Како извонреден теолог, со уште три други световни факултети, тој во оваа своја книга на необично јасен и мошне интересен начин, теолошки издржано, на показ ни ги изнесува библиските пророштва поврзани со „последните денови“ од историјата на оваа планета, чијшто праг веќе сме го пречекориле и незапирливо брзаме кон најславниот настан во вселената – кон славното второ Христово доаѓање, од кое нè делат само чекори. Професорот Тасевски преведе и триесетина книги на македонски јазик, меѓу кои и капитални дела од опусот на светската духовна литература, како што се: „Патријарси и пророци“ (802 страници), „Големата борба меѓу Христа и сатаната“ (620 стр., четири изданија), „Копнежот на вековите“ (786 стр., две изданија), „Делата на апостолите“ (434 стр., две изданија), „Апокалипса-Откровение“ (736 стр.), „Христовите параболи“ (364 стр.), „Патот кон Христа“ (100 стр., шест изданија) и др. Тасевски е мошне задоволен и необично среќен човек, со длабоко осмислен, богат и содржаен живот, на кого семејството многу му значи. Тој голема благодарност му искажува на Бога за својата верна и предана сопруга и извонредна домаќинка и мајка, Слободанка, за своите две прекрасни ќерки, Марија и Асенета, за своите ценети зетовци, Радивој и Михаел и за своите убави внучиња, Ема, Филип, Клои и Ели, кои му го красат и му го разубавуваат животот.

БЕСПЛАТЕН ПРИМЕРОК во PDF формат