Чесна жена и жена блудницa
Во Откровението се појавуваат две жени – две крајни спротивности – чесна жена и жена блудница. Тоа се две цркви: Божјата црква, којашто ја води Бог, и онаа која стои под водство на сатаната.
Вистинската Христова црква во Откровението е прикажана со многу убава слика: „Жена облечена со сонце и со месечина под нејзините нозе, а на главата имаше круна од дванаесет ѕвезди“ (Откровение 12,1-6).
Вистинската Божја црква е облечена во сонце, зашто Божјата реч кажува дека „Господ Бог е сонце“, а е загрната или облечена во Христа, бидејќи ја исполнува Божјата заповед: „Загрнете се со нашиот Господ Исус Христос… Сите кои се крстивте во Христа, се облековте во Христа“ (Псалм 84,11; Римјаните 13,14; Галатите 3,27).
На главата носи круна од дванаесет ѕвезди, што значи живее според науката на пророците и дванесеттемина апостоли, заради што ламјата (сатаната) ја гони да ја уништи. Пред налетите на тие прогони Христовата црква бега во пустина, каде што поминува 1260 години. Жената е бремена и раѓа машко дете, го раѓа Христа. Според тоа, Христос се раѓа среде својата црква за која се жртвуваше, пролевајќи ја својата крв, „за да ја очисти и посвети, и да ја постави пред себе во сета нејзина славна, без дамка, ниту брчка, или нешто слично, за да биде света и непорочна“ (Ефесците 5,26.27).
Папството тврди дека оваа жена, облечена во сонце, е Марија која го родила Исуса. Меѓутоа, ова толкување создава проблем, зашто жената подоцна ја прогонува ламјата. Таа бега во пустина, каде што е под посебна грижа 1260 години. Според описот од книгата на пророк Даниел, тоа е истиот временски период во кој малиот рог ќе го прогонува Божјиот народ. Јасно е дека симболиката се однесува на Божјиот верен народ, на Божјата црква, чијшто припадник била Марија. Од неговиот народ ќе произлезе Месија.
Христовата црква е Христова невеста, облечена во чиста и бела свила, многу убава и пријатна, без мани и фалинки. Стокмена и украсена како невеста, таа копнежливо го чека својот младоженец, го чека Христа да дојде од небото по неа за да ја поведе со себе во вечните небесни дворови.
Вистинската Христова црква е прикажана и со сликата на новиот Ерусалим кој слегува од небото на оваа земја. Во него се наоѓа неговата црква, сите спасени, за да ја наследат новата земја, конечно исчистена од гревот. На неа тие наоѓаат нова, вечна татковина и стануваат учесници во новата, обновена вселенска хармонија. Бог го повикува Јована: „Дојди да ти ја покажам невестата, жената на Јагнето“, и му ја покажува нејзината славна иднина (Откровение 19,7-9; 21,2.9-27).
Сушта спротивност на чистата жена е жената блудница за која читаме во Откровението во 17. и 18. глава. Таа не живее според библиската наука и затоа е наречена грешница, поточно, вавилонска блудница.
Очигледно, ако Божјиот народ е чиста жена, верна на својот маж, тогаш Вавилон е спротивен на овој симбол или, тоа е систем на богослужение кој не му припаѓа на Бога, бидејќи има таинстена религија и учи и спроведува гнасотии.
Фактичката конфузија на денешните меѓусебно противречни вери и вероисповеди наполно одговара на изразот „Вавилон“ кој пророштвото (Откровение 14,8; 18,2) го применува на црквите во овие последни денови. Современиот Вавилон ги претставува сите лажни религии во светот во последното време, вистинскиот своевиден и незапаметен религиозен и верски метеж со планетарни димензии. Секако, името „Вавилон“ првенствено се однесува на Римската црква.
Во претходниот случај Бог го повика Јована за да му ја покаже славната иднина на чесната жена, а сега го повикува својот слуга да ја види пресудата на жената блудница.
„Дојди да ти ја покажам пресудата на големата блудница, која седи на многу води, со која блудствуваа земните цареви, а жителите на земјата се опија од виното на нејзиното блудствување. И ме одведе во духот во пустина каде што видов жена како седи на црвен ѕвер кој беше полн со богохулни имиња и имаше седум глави и десет рогови. А жената беше облечена во пурпурно и во црвено, и украсена со злато, со скапоцени камења и со бисери, и држеше во својата рака златна чаша полна со гнасотијата и нечистотијата од нејзиното блудство, а на челото, пак, ѝ беше напишано, тајна: ‘Големиот Вавилон, мајка на блудниците и на земните гнасотии.’ Ја видов жената пијана од крвта на светите и од крвта на Исусовите сведоци, и се зачудив многу кога ја видов… Со нејзините гатања беа измамени сите народи“ (Откровение 17,1-6).
Првобитното значење на Вавилон било „Баб-илу“ – „Врата Божја“ или „Врата на боговите“ – и во извесна смисла тоа претставувало пат за пристап кон боговите, што е спротивно на Божјиот план на спасението. Вавилонската, односно римската блудница себеси се сметала за единствена вистинска Божја врата за влез на небото. Extra ecclesiam non salus est – – со векови била единствена службена доктрина која значи: „Надвор од Римската (католичката) црква нема спасение“. Но, за време на уривањето на Вавилонската кула, името Вавилон добило ново значење: Бркотија, хаос, неред, метеж, неверство, пркос, човечки илузии.
Во текот на првите векови од христијанската историја, еврејската и христијанската литература за градот Рим зборуваат како за Вавилон. Текстот од 1. Петр. 5,13 исто така Рим го нарекува Вавилон, бидејќи Петар овие зборови ги пишувал во Рим, во времето кога буквалниот Вавилон веќе не постоел: „Поздрави ви праќа црквата од Вавилон, која е избрана заедно со вас.“
Римокатоличките писатели исто така ја признавале оваа поврзаност: „Вавилон, за кој зборува Петар во своето Прво послание, учените коментатори, и протестантските и католичките, сметаат дека се однесува на Рим. Зборот Вавилон е симбол за расипаноста која тогаш преовладувала во градот на цезарите.“4
Според тоа, вавилонската блудница всушност е римска блудница, папството со неговата целокупна хиерархија во неговата последна фаза, кога ќе го предводи светот во последниот судир за време на последните настани што ќе се одигруваат на светската сцена пред второто Христово доаѓање.
Кажавме дека црвениот ѕвер и големата блудница што ги видел апостол Јован ја претставуваат одвоеноста на црквата и државата. Црквата (блудницата) и државата (ѕверот), иако се поврзани, сега се разгледуваат како изделени заедници. Според тоа, големата вавилонска или римска блудница ја јава државата, односно световните власти, надгледувајќи ги на тој начин светските политички системи!
Блудницата, која е осудена од Бога, „седи на многу води“, а „водите, на кои стои блудницата, се луѓето, народите, племињата и јазиците“ (17,1.15). Со други зборови, таа доминира над народите, доминира над светот.
Рим не само што тврди дека ги контролира сите влади на земјата, туку тој навистина го прави тоа. Језуитската заклетва (што е забележана во конгресниот извештај на Соединетите Американски Држави House Bill 532, 1913) ги содржи следните реченици:
„Со добродетелта на клучевите кои врзуваат и разврзуваат (отпуштаат), кои на неговата Светост му ги дал мојот Спасител, Исус Христос, тој (римскиот понтиф) има моќ да ги отстранува еретичките цареви, принцовите, државите, заедниците и владите – сите кои се нелегални, без негово свето признание, и истите можат безбедно да бидат уништени.“
Тој нехристијански монопол на папството над клучевите „го произвел мрачниот среден век, кога незнаењето, празноверието, неписменоста и неморалноста ја постигнале својата најлоша состојба.“5
Мала дигресија: Зборот „Ватикан“ буквално значи „божествена змија“ и се состои од зборовите vatis = божествен и kan = змија. Градот Ватикан и базиликата Свети Петар се изградени на древното паганско место кое на латински се вика Vatikanus Mons или Vatikanus Kolis, што значи гора или планина на пророштво. Парите што се ковани во градот Ватикан често го носат натписот Citta Del Vaticano, што значи град на пророштво. Така Римската црква својата структура ја збогатува и со титулата „Град“. На парите исковани во 1963 г. е прикажан папата Павле VI заедно со својата титула Понифекс Максимус, а на другата страна се наоѓа жена со натписот Citta Del Vaticano (полн назив на ватиканската држава е: Stato Della Citta Del Vaticano, што претставува комбинација на црквата и државата). Во подножјето на нозете на жената се наоѓа нејзината титула Fides, што значи вера. Оваа жена е симбол на Римокатоличката вера, или на Римската црква, која тврди дека има власт над сите влади на светот: „Жената, пак, што ја виде, е големиот град кој владее над земните цареви“ (Откровение 17,18).
Видовме како Бог го повикува Јована: „Дојди да ти ја покажам пресудата на големата блудница, која седи на многу води, со која блудствуваа земните цареви, а жителите на земјата се опија од виното на нејзиното блудствување.“
Жената врши блуд со „земните цареви“. Блудот (или прељубата) е однос или активност меѓу маж и жена кои Бог ги осудува. Така, при самиот крај на времето можеме да очекуваме однос што ќе се развие меѓу црквата (блудницата) и светските владетели (царевите), однос кој Бог го осудува.
Блудницата во рака држи скапоцен пехар полн со гнасотии и со нечистотија на нејзиното блудство, полн со паганизмот на старите антички цивилизации, со лажна небиблиска наука, со отровно вино со кое ги опила народите – да, „сите народи ги опијани со жестокото вино на својот блуд… и којашто ја расипа земјата со своето блудство“ (Откровение 18,2.3; 19,2).
Жена со златен пехар во раката е чест симбол на римокатоличките скулптури и слики. Ниту една друга христијанска вериосповед не се претставила себеси на таков начин.
Кога ја видел блудницата, апостол Јован забележал дека на челото ѝ е напишано името. Во времето на Јована било модерно блудниците да го носат своето име на лента околу челото. Името што си го дала оваа блудница себеси гласело: „Тајна: Големиот Вавилон, мајка на блудниците и на земните гнасотии“ (Откровение 17,5). Католичката црква долго се однесувала како црква-мајка. Во одредена смисла таа имала право на тоа, зашто навистина „родила“ многу „ќерки“, други цркви. Жално е, но вистинито, што и нејзините ќерки, кога ќе се набележат нивните недостатоци, навистина покажуваат склоност да бидат слични на мајка си. Ќерките блудници не се раѓаат како блудници. Тие стануваат блудници по свој избор. Додека се уште девојки, тие се познати по името на мајка си. И ќерките блудници, за кои зборуваме овде, го носат името „Вавилон“, како и нивната мајка.
Суштината на зборот „тајна“ во името на блудницата ние подробно ја објаснивме кога зборувавме за античките и за христијанските мистерии и за вечерата Господова. Овде ќе се задржиме на другите подробности поврзани со нејзиното име.
Вавилон, односно Рим, опишан и претставен како „мајка на блудниците и на земните гнасотии“, ги претставува отпаднатите верски системи или цркви, а ќерките на вавилонската или римската блудница ги претставуваат црквите кои ги следат нејзините лажни учења и со тоа себеси се ставаат под нејзино владение, и уште полошо, службено го прифаќаат римското водство како авторитет.
Рим тврди дека е мајка на сите нации. На влезот од црквата Свети Јован во Рим постои огромен латински натпис: SACROS LATERAN ECCLES EMNIVM VRBIS ET ORBIS ECCLESIARVM MATER ET CAPVT, што преведено на наш јазик значи: „Света латеранска црква, Црква мајка и поглавар на сите цркви во градот и на светот.“
Катихизисот на Католичката црква црквата ја нарекува: Црква, Мајка и Учител.6
Во септември 2000 година Ватикан ја објави изјавата наречена Dominus Iesus, во која кардиналот Рацингер (претходниот папа) рече: „Секогаш треба да биде јасно дека единствената, света Католичка и апостолска, универзална Црква, не е сестра, туку мајка на сите цркви.“ Во изјавата се истакнува дека Римокатоличката црква има ексклузивно право себеси да се нарече автентична христијанска црква. На другите цркви им се оспорува тоа право.7
Вашингтон Пост тоа го коментираше вака: „Денес Ватикан објави нова авторитативна изјава која објавува дека луѓето можат да добијат комплетно спасение од земните гревови само преку духовната милост на Католичката црква, и дека другите вери – вклучувајќи ги и протестантските христијани – имаат грешки кои нивните следбеници ги ставаат во ‘мошне неповолна ситуација’ кога бараат спасение. Според врвните ватикански службеници, целта е да се побие ‘теологијата за верски плурализам’, која тврди дека католиците во Божјите очи се еднакви со, на пример, Евреите, муслиманите или Хиндусите.“8
На 10 јули 2007 година светот беше изненаден со изјавата на папата Бенедикт XVI: „Само нејзините (римокатоличките) поглавари и бискупи се наследници на Христовите апостоли. Црквите на другите христијански конфесии, во најдобар случај, се црковни заедници, во никој случај не цркви во вистинска смисла на зборот. Единствено Католичката црква ги има сите елементи што ги вовел Исус. И православните, кои задржале некои од тие елементи, не се црква наследничка на Исусовите темели, зашто не го признаваат приматот на Петровиот наследник, папата.“
Според тоа, Рим е единствената институција на земјата којашто ја присвојува титулата „апостолска“ и „мајка“ или Eklesium Mater – „Мајка на црквите“. Но што станува со другите атрибути кои се опишани во Откровението 17. глава? Како да се сообрази католичкото име Eklesium Mater со нејзиното име шти ѝ го дава Библијата: „Тајна – Големиот Вавилон, мајка на блудниците и на земните гнасотии?“
„Жената е пијана од крвта на светите и од крвта на Исусовите сведоци!“ – Јасно е дека таа пролеала илјадници тони крв на милиони невини и свети Исусови сведоци „кои ги пазат Божјите заповеди (сите десет заповеди) и верата во Исуса“ и кои „го држат Исусовото сведоштво“ (Откр. 14,12; 12,17).
Жената која седи или јава на црвен ѕвер вели: „Седам како царица и не сум вдовица и нема никогаш да видам тага“ (Откровение 18,7). Таа царица, таа предоминантна црква со такви прерогативи, ги зашеметува земните цареви и жителите на земјата со виното на својот блуд? Секако, во таа царица ја препознаваме Католичката црква. Таа е жената-блудница, во коалиција со отпаднатиот протестантизам и со православието, која пак ќе ги извлече ‘рѓосаните мечеви на средновековната злогласна инквизиција и истите ќе ги подмачкува со свежа невина крв на Божјите слуги.
За разлика од Христовата црква, која е облечена во сонце и во едноставна чиста и бела свила, што е одраз на нејзината извонредна внатрешна чистота и убавина, жената блудница е облечена во раскошна црвена и пурпурна облека.
Светло портокалово-црвената боја на облеката што ја носат кардиналите е службена боја на Католичката црква. Покрај неа, католичките свештеници за одредени празници носат црвени и виолетови облеки. Други дозволени бои се белата, зелената, црната, розовата и златната.
Таа е необично богато накитена со злато, со скапоцени камења и со бисери, што силно зборува за нејзината внатрешна расипаност. Таа е баснословно богата. Кажано е дека со векови европското богатство се слевало во Рим. Историјата бележи како реки поклоници од сите краишта на Европа и пошироко доаѓале на поклонение во Рим и во тие пригоди во црквата Свети Петар приложувале толку големо количество златници, што било потребно двајца со грибли да ги тргаат настрана и да полнат со нив вреќи – вреќи со европското и светското богатство кое се слевало во Рим..
Посетата на Ватикан ќе ви потврди за неизмерното богатство со кое се прекриени католичките икони. Статуите на Марија и на светците ги красат злато, скапоцени камења и бисери, а службените облеки што ги носат папите во посебни пригоди се пораскошни и побогати во злато и накит од која било земна круна. Златната тијара (трикратна круна), која е изложена во Ватиканскиот музеј и којашто папата ја носи при својата инаугурација, има неопишана вредност. Богатството и скапоценостите, потрошени за велелепните згради, кои се сопственост на Римокатоличката црква, исто така не можат да се опишат. За тие богатства на црквата црковниот историчар Дешнер пишува: „Во 4 век тие (бискупите) стануваат сојузници на државата која своите поданици ги цица до крв. А во 5 век веќе римскиот бискуп е најголем земјопоседник во Римското царство. Одамна веќе насекаде се задушуваат христијанските социјални немири во Африка, во Шпанија и Галија и благоречиво на сиромасите им се ветува среќа на оној свет, за да можат тие што подобро да ги молзат на овој (свет).
Веќе во 6 век се воведува црковен десеток, кој ќе се легализира и ќе се спроведува сè до 19 век. Во 8 век ќе се издејствува црковна држава, која франачките и саксонските владетели постојано ќе ја потврдуваат и ќе ја зголемуваат, така што на крај таа, вооружена до заби, сама ќе се бори со сопствена војска и со сопствена морнарица. Ќе пљачкосува сè што може да се пљачкоса: замоците, дворците, градовите, цели грофовии и војводства. Ќе краде сè што може да се украде: веќе во 4 век имотот на паганските храмови, во 6 век имотот на сите пагани, потоа поседите на милиони прогонети и погубени Евреи, имотите и поседите на спалените еретици, а и на спалените вештерки и вештери. Пљачкосувани се оние кои мислат поинаку, но исто така се пљачкосувани и сопствените верници со постојано нови и повисоки даноци, закупнини, со камати, со притисоци, со опросници, со измислени чуда, со реликвии, при што црквата благајната ја полнела и со помош на екскомуникација, со интердикт (забрана) и со меч; италијанскиот народ најмногу е опустен, а сам Рим станал најбунтовен град и најсиромашен од сите градови на Западот – бројот на неговите жители опаднал од два милиони во паганско време, на само 20.000 во 14 век.
Покрај она што го приграбувала со пљачкосување и со војна, и покрај дотациите што ги добивала од оние со кои била во сојуз, во средниот век црквата поседувала една третина од вкупното европско земјиште што го обработувале послушните селани, кои во очите на своите господари вределе помалку од добитокот. Еден таков селанец во периодот на процутот на христијанството вреди колку половина коњ! Имајќи потреба од поефтина работна сила за своите сè поголеми имоти, веќе во 4 век црквата, која го поострила ропството, не случајно поседува и најмногу робови.“9
За баснословното богатство со кое располага Ватикан, при рака ни стојат и следните податоци: „Ватиканскиот капитал е инвестиран во сите можни претпријатија, и тоа без оглед на нивниот морален карактер: во француските нафтени здруженија, во аргентинските гасоводи и електрани, во боливиските рудници за калај, во бразилските фабрики за гума, а Светата столица не се притеснува дури ни од шпекулациите на берзата и на дивидендата на банките.“10
Од американските фирми, во кои Ватикан и неговата курија имаат многубројни акции, историчарот Deschner ги споменува: U.S. Steel, Sharon Steel, Bethlehem Steel, Jons Manville Steel, General Motors Corporation, Bendix Aviation, Douglas Airkraft,
Worthington Pumps, American Telephone and Telegraph Company, Prudential Life и многу други.11 Од италијанските фирми, пред сè, треба да се спомнат електраните, ПТТ и железницата, а од банките Комерцијална банка, Римска банка, Стопанска банка, потоа банките Ugo Natali, Scaretti, Santo Spirito (банка на Светиот Дух во која во средниот век верниците купувале за пари Свети Дух – појава наречена „симонија“); а од фирмите неодминливи се Montecatini, Viscosa најголемата италијанска авиокомпанија Alitalia и неизбежната фабрика за автомобили Fiat.. Потоа, тука се заводите за осигурување, институтите, земјишните поседи итн., да не одиме во недоглед.12
Ист е случајот со Франција, со Англија, со Германија и со другите држави во кои Ватикан има немерливи богатства.
Но, кога вавилонската блудница ја идентификуваме со Католичката црква, ние не мислиме на нејзините верници, туку на папството како нејзина институција и глобална светска сила. Денес многу прекрасни христијани-верници во Католичката и во Православната црква, како и во протестантските цркви, го прославуваат Бога. Тие го љубат Бога и настојуваат да му служат, не нслутувајќи дека се наоѓаат во кошот на Вавилон. Сè до одреден момент тие и не помислувале дека нивната црква намерно можела да се противстави на некоја заповед од Декалогот или дека нивните свештеници или пастори би можеле намерно да ја занемарат или дури да ја прикријат посебната Христова посредничка и судска служба во небесното Светилиште.
Во продолжение следат поднасловите од поглавјето „Ѕверовите во Откровението“. Кога ќе кликнете врз поднасловите, ќе ви се отворат нивните текстови.
ЅВЕРОВИТЕ ВО ОТКРОВЕНИЕТО
Во Откровението имаме други ѕверови, поврзани со оние од книгата на пророк Даниел, за кои веќе зборувавме во поднасловот: „Ѕверовите во книгата на пророк Даниел.“ - Прво и основно, овде го гледаме сатаната како голема и страшна ламја, како стара змија, ѓавол и сатана,...
Ѕверот, односно папството, задобива смртна рана која се исцелува
Ѕверот од Откровение 13. глава, со десет рогови со круни и со седум глави полни со богохулни имиња, е наполно идентичен со малиот рог од Даниел 7. глава. Според тоа, двата ѕвера, кои излегуваат од море, зборуваат за средновековното папство, за неговата супрематија и...
Ѕвер со два рога како кај јагне
Сега да го најавиме претпоследниот ѕвер од Откровението. Во периодот меѓу 1798 година, кога првиот ѕвер е одведен во ропство, односно, кога е „ранет на смрт“, и 1929 година, кога Рим повторно го стекнал својот суверенитет, апостол Јован гледа како од земјата излегува...
Црвен ѕвер со жена блудница на својот грб
Да го идентификуваме и последниот ѕвер во Откровението: „Видов жена како седи на црвен ѕвер кој беше полн со богохулни имиња и имаше седум глави и десет рогови“ (Откровение 17,1-6). Жената којашто го јава ѕверот е наречена вавилонска блудница, за која опширно ќе...
Мајката црква ги повикува своите ќерки да се вратат во нејзините прегратки
Беше кажано дека на една плоча, надвор од Латеранската црква во Рим, стојат зборовите: Eklesium Mater - „Мајка на црквите“. Понорот меѓу 1,2 милијарди католици, 350 милиони протестанти и 220 милиони верници на православието организирано во национални цркви, бргу се...
Рим не е подготвен за компромис ниту за доктринални отстапки
Католичката црква не го изменила својот став и не се приближила кон протестантската вера. Концилот Ватикан II не измени ниту една верска доктрина, и од тогаш Ватикан станува уште поцврст во својата политика за зачувување на традиционалните католички доктрини. Рим не...
Единство надвор од Библијата
Во 1975 година подемот на партнерството меѓу протестантите и католиците е прикажан со објавување на заеднички катихизис. Оваа книга од 720 страници содржи исцрпни податоци за христијанската вера и, според уредниците, напишана е: „Да помогне во напорите христијаните...
Во продолжение следи содржината на книгата „Времето и знаците“. Кога ќе кликнете врз насловите и поднасловите, ќе ви се отворат нивните текстови.