Две Марии, две проститутки и нивните подвизи
Веднаш да кажеме дека станува збор за Марија Магдалена, библиска личност, и за Марија Египетска, личност од преданијата на традиционалната Црква, со напомена дека преку грбот на овие две проститутки, Марија Магдалена и Марија Египетска, ние библиски го решаваме најважниот проблем на грешниците, го решаваме проблемот на нивниот грев. Марија Магдалена својот проблем со гревот го решила правилно, а Марија Египетска на погрешен начин.
Исто така, преку случајот на Марија Египетска ја прикажуваме погрешната теологија на традиционалната Црква во врска со монаштвото и подвижниците и целокупната бесмилица на нивните подвизи.
Заедничко за двете Марии: Двете Марии во иста мера потонале во неморал и двете станале јавни жени, проститутки. Но, за Марија Магдалена ние читаме уште нешто во Божјата реч: „А Исус… од Марија Магдалена истера седум демони“ (Марко 16,9; Лука 8,2).
Според тоа, Марија Магдалена паднала во две големи зла: прво, во неморал и второ, директно во мрежата и стапиците на демоните. Божјата реч ни кажува дека во Марија Магдалена се вселиле седум демони кои комплетно ја презеле целокупната контрола над нејзината личност. Во Божјата реч имаме и други такви случаи на луѓе обземени од демони кои, од човечка гледна точка, тоа се жални и загубени случаи. Таков бил случајот на Мрија Магдалена – проститутка и марионетка во рацете на демоните.
Врз Марија Египетска демоните вршат силна пресија однадвор, а кај Марија Магдалена демоните се вселени во неа и вршат внатрешна пресија што кај неа дополнително создавала очајна состојба.
Разлика во постапките на двете Марии: Марија Магдалена доаѓа кај Христа со молба да ѝ помогне да се избави од тие зла, а Марија Египетска оди кај света Богородица, со молба таа да ја избави од бездната на гревот во која потонала. За разлика од Христа, кој Марија Магдалена безусловно ја ослободува од демоните, веднаш ѝ ги проштава гревовите и ја чисти од нив, св. Богородица својата пациентка, Марија Египетска, ја праќа во пустина 17 години да ги окајува и да се чисти од гревовите, без да ѝ објасни и да ѝ даде рецепт како да го постигне тоа.
Случајот на Мрија Магдалена ние опширно го опишуваме подоцна, во поднасловот „Христос е брилијантен Спасител кој поинаку им ги проштава гревовите на грешниците“. Овде само накусо.
Значи, на Марија Магдалена сатаната ѝ поставил стапица, ѝ создал таков сплет на околности во кои таа потклекнала, се лизнала и паднала во неморал и, згора на тоа, во неа се вселиле седум демони. Библијата ни кажува дека таа станала голема гршница. Но, по извесно време, нејзината совест почнал да ја нагризува црв на незадоволство, да ја притиска мачна вина и да ја разјадува тешка самоосуда што дозволила да падне толку ниско и да стане општествен шлајм на своето време, из’ркана и исплукана од заедницата, пометена и исфрлена на ѓубриште. Како обгорено дрво и гламна истргана од оган, со загубено достоинство, со наведена глава и обезвредена како човечко суштество, презрена, понижена и отфрлена од сите, со мрачна иднина, Марија се наоѓа во очајна состојба и во безизлез – се презира, се гади и се гнаси самата од себеси.
Во таква екстремно мизерна и очајна состојба, Марија слушнала за Исуса кој прифаќа такви случаи, како нејзиниот, и нивниот проблем го решава на брилијантен начин во нивна полза. Им подава рака и навистина ги вади од длабоката бездна во која ги струполиле гревот и општеството и во која ги обезличиле како човечки суштества, поставувајќи ги нивните нозе на цврста почва; без никакви, буквално, без никакви претходни условувања, епитимии и покори, Исус го прифаќа нивното покајание, им го проштава гревот и им го брише нивното грешно, мизерно и грозно минато, ги чисти со својата крв и од најголеми грешници прави најголеми праведници, со повратено човечко достоинство и со светла иднина, така што тие не се веќе општествен смет, туку повторно интегрален дел на човечката заедница, стоејќи простум и со крената глава меѓу своите најблиски и најдалечни од кои беа отфрлени како изрод.
Исус така го решавал проблемот на гревот на грешниците. Тој така го решил и тешкиот проблем на Марија од која истерал ѓаволи.
Понесена на крилјата на радоста што Христос ѝ подал рака и ја извлекол од амбисот во кој се урнала кога се сопнала и лизнала, и со распеано срце што ја преместил од сметлиштето на светот во царските одаи на својата милост, распрскувајќи го нејзиното грешно минато и создавајќи од неа пак гордо човечко суштество со крената глава, Марија барала и добила можност својата безмерна благодарност на Христа да му ја искаже, но не со зборови, туку со еден посебен гест, со гест кој има многу поголема сила од зборовите. Да го проследиме одблизу тој безгласен гест на Марија:
„Кога Исус беше во Витанија, во куќата на Симона Лепрозниот… и прилегна крај трпезата“, заедно со „оние кои со него беа прилегнати крај трпезата… една жена од градот… Марија… која беше грешница, кога дозна дека Тој е… во куќата на фарисејот, донесе со себе сад од алабастер со… литар миро од чист и скапоцен нард, ги помаза Исусовите нозе и ги избриша со својата коса, а куќата се наполни со мирис од мирото“.
На тој гест на Марија Симон Лепрозниот реагира поинаку. Тоа што го прави Марија за него е крајно невкусно и најобична женска суета. Во себеси тој си вели: „Да е овој (Исус) Пророкот, би знаел која и каква е оваа жена што се допира до него: дека е грешница.“ Но Исус Марија ја зема во заштита и јавно му вели Симона: „Симоне, имам да ти кажам нешто… Ја гледаш ли оваа жена? Влегов во твојот дом! Ти не ми даде вода за нозете, а таа со солзи ми ги облеа нозете и со својата коса ги избриша. Ти не ми даде целив, а таа, откако влегов, не престана да ми ги целива нозете. Ти не ми ја помаза главата со масло, а таа ми ги помаза нозете со миро. Затоа ти велам, простени ѝ се многу гревови, зашто имаше многу љубов; кому малку му се простува – тој малку љуби. А нејзе ѝ рече: ‘Простени ти се гревовите! Твојата вера те спаси! Оди си со мир!’“ (Лука 7,36-50; 8,2; Матеј 26,6-13; Марко 14,3-9; Јован 11,2).
Гестот на Марија Христос го прифаќа и високо го вреднува кога на Мрија ѝ вели: „Каде и да биде проповедано евангелието, по целиот свет, ќе се раскажува“ твоето дело, во твој спомен. „Простени ти се гревовите! Твојата вера те спаси! Оди си со мир!“ – Тоа е вистински подвиг со планетарни димензии, подвиг кој со векови се раскажува и прераскажува секаде каде што се проповеда евангелието по цел свет, како единствен исправен начин како Бог им го проштава гревот на гешниците!
Да го проследиме и овој библиски текст: „И додека патуваа, Тој (Исус) влезе во едно село, каде што една жена, по име Марта, го прими во својот дом. А таа имаше сестра која се викаше Марија (Магдалена). Таа седна до нозете Господови и ги слушаше неговите зборови. Марта беше многу зафатена околу служењето и, кога пријде, му рече: ,Господе, зар не ти е грижа што сестра ми ме остави да служам сама? Кажи ѝ да ми помогне.’ А Исус ѝ одговори: ‘Марто, Марто, ти се грижиш и се вознемируваш за многу работи. Но само едно е потребно. Марија, пак, го избра добриот дел кој нема да ѝ се одземе.’“ (Лука 10,38-41)
Овојпат Марија ја гледаме како седи крај Исусовите нозе и ги слуша Исусовите зборови. Таа не е веќе грешница, зашто Христос ѝ го прости гревот. Не е веќе со наведена глава, осрамотена, обезвредена, отуѓена… Марија Магдалена доживува тајна средба со Спасителот во своето срце, во кое се буди и буи пролет, нов живот. Таа сега е нова Марија, зашто старата грешна Мрија Исус ја пресоздаде во нова Марија, со крената глава, со нови животни вредности и со нова, светла иднина.
Кога нејзиниот случај за човечките очи изгледал безнадежен, Христос во Марија видел можности да прави добро. Тој ги видел подобрите особини на нејзиниот карактер. Планот на откупувањето му подарил на човечкиот род големи можности, а овие можности се оствариле кај Марија. Со неговата милост таа станала соучесник во божествената природа. Таа, која паднала многу ниско, и чијшто ум станал врталиште на лоши духови, во заедница со Бога и со Божја помош била доведена многу близу до Спасителот.
Да, тоа е Марија, новата Марија Магдалена, со срце распеано од радост и среќа што Христос ѝ го простил гревот и ја очистил, и сега, без никаков страв и срам, како кротко и питомо јагне седи крај Исусовите нозе и учи од него. Тоа е Марија која го излеала скапоценото масло за помазание врз неговата глава и ги квасела неговите нозе со своите солзи. Марија стои крај крстот и таа го следи Исуса до гробот. Марија е прва на гробот по неговото воскресение. Марија е прва која го објавила воскреснатиот Спасител. Да, тоа се вистински подвизи.
Тој подвиг на Марија Магдалена за начинот на кој таа се ослободила од гревот и од демоните, и за начинот на кој таа му ја искажала својата благодарност на Христа, Христос го издигнува на највисоко можно ниво и го поставува како светол библиски пример за сите девојки и млади жени, за сите младичи и млади и постари мажи кои, од оваа или онаа причина, слично на Марија, станале жртви на најразлични свирепи животни околности, потклекнале, се лизнале и паднале на дното на оштествената кал на своето време, но со силата на Светиот Дух се ослободиле од тие прангии и се издигнале високо, со повратено човечко достоинство.
Но тој подвиг на Марија Магдалена за начинот на кој таа се ослободила од гревот Исус високо го издигнал и го поставил за пример не само за оние што паднале во неморал, во проституција и разврат, не само за оние кои вршат и живеат во прељуба, туку и за сите други грешници кои паднале во кој било друг грев – дрога, криминал, инцест, педофилија, некрофилија (полово општење со мртовци), зоофилија или содомија или скотолоштво (полово општење со животни), хомосексуалност, лезбијство, или во некоја и секоја друга лоша и девијантна навика, или во матните води на спиритизмот… Со еден збор, тој подвиг на Марија за начинот на кој таа се ослободила од гревот Исус високо го издигнал и го поставил за пример на сите робови на гревот, како пример и инспирација да се извлечат од неговиот амбис, како вистински победници да застанат под Христовото знаме и на гревот да му кажат НЕ! Тоа се вредни и продуктивни подвизи произлезени од вистинскиот реален живот на терен, со внатрешна сила и со непреодолива привлечност да ги прифатат и други и истите да ги повторат во својот живот како свои подвизи.
Истите зборови што ги кажал за Марија Магдалена, Христос е подготвен и со копнеж чека да ги каже за секој и на секој друг грешник: „Вистина ви велам, каде и да се проповеда ова евангелие, по сиот свет, ќе се раскажува што направи таа/тој, во нејзин/негов спомен“. Грешнику/грешнице, „простени ти се гревовите! Твојата вера те спаси! Оди си со мир!“
Тоа беше библиската хероина, Марија Магдалена, која од голема грешница стана преродена и нова Марија, без да оди во манастир да живее како калуѓерка или да оди во пустина и животот да го поминува во изолација од човечката средина како пустиник. Борбата со гревот таа ја водела и победата над гревот ја извојувала во средината во која живеела. Средбите со Христа ги доживувала, пак да повториме, не во манастир ниту во пустина, туку во својта средина каде што живеела.
Во Библијата имаме уште две други проститутки со ист капацитет на проституција како Марија Магдалена, кои својот проблем со проституцијата го решиле позитивно со Бога на сличен начин како неа. Тие две проститутки не му припаѓале на Божјиот народ. Една од нив е Рава блудницата од градот Ерихон, која ги засолнила во својот дом Божјите извидници кога Израелците го заземале градот Ерихон (Книгата на Исус Навин 2 глава).
Пред тоа Рава слушала за силните Божји дела што ги направил Бог за својот народ, Израел, од неговото излегување од Египет, сè до границите на ветената земја што требало да ја заземе во тоа време. Слушајќи за тие силни Божји дела, Рава поверувала во Семоќниот Израелов Бог, го прифатила неговиот закон од Синај и станала припадник на Божјиот народ. Се покајала за својот грев и го оставила, а Бог ѝ простил и ѝ помогнал да стане чесна жена која се омажила за чесен маж, по име Салмон, со кого изродила деца, и нејзиното име, заедно со името на нејзиниот маж, влегло во Христовото родословие како негова прабаба (Матеј 1,5). Тоа е вистински подвиг за восхит и пример што треба да се следи: Од проститутка паганка, до чесна жена и прабаба на Исуса Христа!
Имаме друг сличен случај во Библијата: Од проститутка до најголем мисионер за Христа! Станува збор за жена Самарјанка која имала средба со Христа крај бунарот на Јакова. Во разговорот што се развил меѓу нив, Хрисос ѝ открил дека таа живеела со пет мажи, а на ред бил шести. Жената сфатила дека пред неа стои пророк кој знае сè, од кого не може да се скрие ништо. Се осведочила дека се сретнала директно со Христа, со долгоочекуваниот Месија, со Спасителот на светот. Затоа отрчала назад во гратчето таа силна и возбудлива вест да им ја пренесе на своите сограѓани, и ги повикала да дојдат да го видат и да го слушнат Спасителот на светот.
„А жената ја остави својата стомна и отиде во градот и им рече на луѓето: ‘Дојдете да го видите човекот кој ми кажа сè што сум направила. Да не е Тој Христос?’ Тогаш тие излегоа од градот и тргнаа кон него… И мнозина Самарјани од оној град поверуваа во него поради зборовите на жената која сведочеше: ‘Ми кажа сè што сум направила.’ Кога дојдоа, пак, Самарјаните кај него (кај Исуса), го замолија да остане кај нив. И Тој остана таму два дена. И уште повеќе поверуваа поради неговото слово; а на жената ѝ велеа: ‘Сега веќе не веруваме само заради твоето кажување, зашто сами чувме и знаеме дека Тој е Спасителот на светот, Христос’“ (Јован 4,24-42). Како што кажавме, оваа жена блудница, проститутка, станала најголем мисионер за Христа, зашто христијанството му го пренела на цел град, своите сограѓани ги повикала да дојдат кај Христа и директно да се запознаат со него. Библискиот извештај кажува дека Христос два дена останал во нивниот град и им ја изнел својата наука која им помогнала да станат негови следбеници.
За време на средбата со Христа, Христос ја преродил оваа жена блудница – од проститутка, ја пресоздал во чесна жена. Нејзиниот нов живот извршил силно влијание врз нејзините сограѓани и тоа нив ги поттикнало да дојдат кај Христа и да го прифатат и како Спасител на светот, но и како нивни личен Спасител.
Сета возбудена, таа ги повикува своите сограѓани: „Дојдете да го видите човекот кој ми кажа сè што сум направила!“ Тој ми го прости гревот и ме очисти од него и јас не сум повеќе блудница, туку нова чесна жена, преродена, среќна и полетна, жена со крената глава и со нова, светла иднина.
Христос им дал заповед на апостолите да одат во светот и да му го проповедаат евангелието на секој народ, и тие навистина се разотишле како Христови мисионери проповедајќи го евангелието насекаде. Но жената Самарјанка станала најголем мисионер, зашто цел град довела кај Христа. Затоа нејзиниот случај е забележан во Боблијата како пример: Од проститутка, до најголем мисионер! Тоа е вистински подвиг, пример за почит, пример што треба да се следи.
А сега за подвизите на другата грешница, за подвизите на Марија Египетска. Податоците за неа ги преземаме од нејзиното житие од интернет, под наслов „Покајанието на преподобна Марија Египетска“.
Нејзините подвизи и пустински преживеалци се тесно поврзани со монахот познат под името „Старец Зосима“. Затоа прво накратко ќе се запознаеме со подвизите на овој старец монах
„Во еден од палестинските манастири живееше Старец Зосима, истакнувајќи се меѓу браќата со особено благ карактер и расудување. Тој беше даден во манастир како дете, и во најраната младост, запознавајќи се со монашкиот живот, дозна за сите строги правила и завети во монаштвото. Покрај тоа, во текот на својот живот го искуси подвигот на испосништво и строго ги исполнуваше поуките на вистинските искусни монаси. Така тој наполни 53 години…
По заповед на ангел, или подобро кажано, по Божја волја, Зосима се раздели од манастирот во кој ја помина својата младост, и во кој ги помина сите монашки подвизи, и дојде во нов манастир што му беше укажан од ангелот.
Манастирот се наоѓаше во пустина и како да не постоеше за светот. Одвај некој некаде знаеше за него. А потоа секој од игуменот бараше благослов за претстојниот пост и за подвизите.
Секој се подвизуваше сам според тоа како мислел дека е најдобро. Од пустината во манастирот се враќаа за Цветници. Како секој од нив го поминувал Великиот пост знаел само Бог, и совеста на секого. Меѓу браќата не беше вообичаено да распрашуваат еден друг кој како живеел за време на постот. Таков бил типикот на нивниот манастир.
Според типикот на манастирот, и Зосима појде во Јорданската пустина во облеката што ја носеше и со малку храна.
Еднаш, Зосима многу посака да влезе подлабоко во пустината, со цел таму да најде некој од старците кои строго се подвизуваат.
Таму Зосима се израдува што се сретна со Божјо создание. За сето време на неговиот престој во пустината тој не само што не виде човек, туку ни животно, и заради тоа, иако му се стори дека гледа некакво привидение, се радуваше што можеше да слушне жив човечки збор.
‘Прости ми, отец Зосима, прости ми, заради Господ, заради тоа што не можам да ја исполнам твојата молба. Јас сум жена, и како што гледаш, жена која со ништо не е покриена. Ако сакаш, свет отец, да се помолиш за мене грешната и да ми го дадеш својот благослов, фрли ми нешто од твојата облека за да ја покријам мојата голотија’, одговори непознатиот.
‘Зошто, отец мој, посака да видиш грешна жена? Сигурно мислеше дека ќе можеш да дознаеш нешто од мене недостојната или нешто да научиш штом не ги поштеди своите сили за да ме стигнеш? Јас не сум привидение, туку навистина живо создание, поточно жена, подвижничка, иако грешна, но осветена со светото крштение.’
Тогаш Старецот кажа: ‘Те молам, раскажи ми за твојот живот, раскажи ми детално. Заради кого ја поднесуваш голотијата и го умртвуваш твоето тело? Свети Зосима се подготви да ја слуша подвижничката со крајно внимание.
‘Моето родно место е Египет. Имав 12 години кога, како што се вели, моите родители кренаа раце од мене, се откажаа од мене како од онаа што ја извалка нивната чест. И јас се оддалечив од нивниот дом во Александрија, во светската врева, на пазар на пороците. Нема да раскажувам за тоа како ја изгубив мојата девственост и со каква занесеност и ненаситна жед се предадов на прекумерен блуд. Страшно и срамно ми е да помислам на тоа безумно време од мојот живот, кое засекогаш ги затемни сеќавањата на мојата прва младост.
Седумнаесет години живеев во краен разврат, како јавна жена. Особена карактеристика на мојот живот во тоа време беше тоа што страста кон здобивање на богатство воопшто не ме раководеше. Пари не земав од никого единствено затоа што сакав колку што е можно повеќе млади луѓе да привлечам кон себе и на таков начин да ја наситам мојата ненаситна страст. Немој да мислиш дека бев богата, па затоа се откажував од златото кое во тоа време можев да го добијам во огромни количини, воопшто не. Јас буквално бев бедна и често јадев остатоци што ги фрлаа на улица. Работата беше во тоа што мојата гревовна страст постојано бараше храна, и се чинеше дека живеев само тогаш кога го осквернував и го посрамував моето тело.
Но, ете, се сеќавам, беше време на жетва кога наеднаш забележав дека необично многу народ се слева кон морските пристаништа. Од љубопитство прашав еден човек кој одеше во пристаништето каде одат сите тие луѓе. И дознав дека се наближува празникот Воздвижение на живототворниот Господов крст и дека сите брзаат да отпловат за да не задоцнат на празникот во Ерусалим. Го прашав дали некој ќе ме земе со себе ако посакам да појдам таму. Тој одговори: ‘Па кој ќе ти забрани да одиш, ако имаш пари за пат и храна!’ За тоа и се работи, брате мој, дека јас немам пари, реков јас. Ќе се качам на бродот, а за патот и храната ќе платам со моето тело…
Мажот со којшто зборував, на мојата бесрамност се насмеа и така си замина од мене. Меѓутоа, јас побрзав кон пристаништето и на морскиот брег најдов многу мажи што стоеја чекајќи го бродот. Јас се радував и се распалував со гревовната страст гледајќи ги нивните убави лица и тела. Тие влегоа во коработ, а по нив тргнав и јас. Кога се најдов на палубата, според навиката на слободно однесување, со бесрамност вообичаена за јавна жена, им кажав на мажите: ‘Земете ме и мене со вас онаму каде што одите, нема да ви бидам одвишок, и ќе се погрижам да бидам пријатна сопатничка.’
За тоа нема да раскажувам, затоа што човечкиот јазик не може да ја изрази сета гнасотија на моите постапки. Не можам само да разберам како земјата тогаш ме носеше, и како за време на пловењето морето не ме голтна мене, којашто вовлеков во смртниот грев толку многу луѓе!
И мислам дека Бог го чекаше моето покајание. Го чекаше со долго трпение, како татко кој љуби не сакајќи ја смртта на грешникот. Конечно, стигнавме во Ерусалим. Останаа неколку дена до празникот. Овие денови јас ги искористив уште подобро отколку времето на моето пловење. Ми се чинеше дека нема доволно мажи за мене на бродот, и јас на сите начини ги соблазнував сите, и ерусалимските граѓани и странците, и сите по моја вина паѓаа во скверната похот. Ми се чини дека никогаш немало и нема да постои таква блудница која би ме надминала со својот разврат…
Конечно, кога влегов во храмот во Ерусалим, ми се откри вистината. Мојата совест се разбуди и ми кажа дека јас се претворив во труп што се распаѓа, дека јас целата сум олицетворение на гревот и дека причината за мојава тешка, страдална состојба, што сведочи за моево понижување и посрамување, се само моите гревови. Јас заплакав болно, и облевајќи се со горки солзи, се удирав во градите и длабоко се каев за моите тешки гревови. Од местото на коешто стоев ја видов иконата на Пресвета Богородица. Ги сосредоточив на неа моите мисли и ги вперив во неа моите уплакани очи и шепотејќи топло и усрдно се молев:
‘О Девочиста! Света Мајко на Бог Словото! Признавам дека сум недостојна да го погледнам твојот лик и воопшто не ми доликува мене, осквернета и нечиста блудница, да го насочувам мојот грешен поглед кон светиот лик на Пречистата и Пренепорочна Дева, Мајката Божја. Би требало да сум одвратна во мојата гнасотија пред твојата девствена чистота, но слушнав дека Родениот од тебе Син Божји слезе од небото и стана човек за да ги повика грешните на покајание. Пречиста, помогни ми мене, отфрлена и беспомошна, што тонам во бездната на развратот! Помогни ми, оти во моите гради, распарчани од страстите, се изгуби секоја надеж за спасение, а ти, блажена Дево, Владичице, Мајко Божја, Богородице, почесна од херувимите и неспоредливо пославна од серафимите, можеш да ме спасиш мене грешната. Застапничке на оскрбените, отвори ми ја вратата во храмот Божји.
Се заколнувам, и тебе те повикувам за сведок пред Единородниот Син Божји дека од сега веќе нема да го осквернувам моето тело со развратен живот, нема да ја осквернувам ниту мојата уста со бесрамни зборови. И кога ќе се удостојам да го видам живототворниот крст на твојот Син да му се поклонам, ќе го оставам светот и за секогаш ќе се откажам од неговите наслади; ветувам дека ќе живеам целомудрено до гроб и ќе појдам таму каде што ти ќе ми покажеш. Како потврда на овој завет, те молам, Пречиста, биди ми учителка и застапничка до крајот на мојот живот.’
Искрено се молев на Бога пред иконата на Богомајката и навистина од душата го посакував спасението, и тогаш, кога ја завршував мојата молитва упатена кон Богородица, го слушнав гласот кој ми рече: ‘Премини Јордан, таму ќе најдеш мир за себе’. Верував дека овој глас ми беше упатен токму мене и верував дека навистина ќе најдам мир од другата страна на Јордан, во пустината, каде што од дамнина се спасуваа праведните и таму каде што процвета отселништвото (живот на монасите насамо) и на пречистата Дева со солзи ѝ кажав: ‘Владичице Богородице, не ме оставај!’
Вечерта, при залезот на сонцето, бев во црквата на свети Јован Крстител, што се наоѓа при реката Јордан. Парче леб и јорданската вода ја составуваа мојата раскошна трпеза пред заминувањето во пустината. И таа ноќ спиев на гола земја. Изутрината со бротче преминав на другиот брег на Јордан и уште еднаш усрдно се помолив на Застапничката на сите оскрбени и им се препуштив на нејзините молитви и раководство и засекогаш останав во оваа пустина со надеж на Бог кој нè спасува нас грешните.’
‘Мајко моја, колку години живееш во оваа пустина?’, праша Зосима. ‘Мислам дека поминаа седумнаесет години откако заминав од светиот град’, одговори таа. ‘Со што се хранеше за сето ова време?’ ‘Го преминав Јордан со два и пол леба што ги купив по патот за пустината. Со време тие постепено се исушија и се скаменија. Во текот на овие години некогаш јадев помали парчиња, така што ми стигна и до сега.’
,Мајко моја, зар никогаш не те вознемируваше мисла за светскиот спокој во споредба со ваквото твое неверојатно и строго испосништво во пустинава?’
‘Седумнаесет години поминав во оваа пустина во борба со моите безумни страсти, како со лути ѕверови и ти не можеш да замислиш колку напор требаше да вложам да ги заборавам сите светски наслади. Овде, во пустинава, тешко беше да се најде и вода да се напиеш, и моето тело гореше од жед. Често на мојата растроена вообразба ѝ се претставуваше мојот весел развратен живот и моето тело изнемоштуваше во борбата со гревовните желби, што ја зовриваа крвта во мене и ме согоруваа. Денови и ноќи поминував лежејќи на земјата додека на крај не отстапуваа моите страсти и додека не беа развеани моите помисли. Потоа, ме осенуваше слатка светлина и јас внатрешно се смирував. Да, отец свет! Моите молитви за помош кон Богомајката никогаш не беа залудни. Таа е навистина помошничка во моето покајание! И така поминав седумнаесет години во постојана внатрешна борба и тешки искушенија.’
‘Кажи ми, мајко моја, дали го изучуваше Светото Писмо?’ ‘Откако го преминав Јордан до денес не сретнав човек, ниту видов некое животно, ниту ѕвер; во мојот живот не читав Свето писмо и не слушав како се чита. Но ти треба да знаеш дека словото Божјо е живо и навистина го научува човекот и го изострува неговиот разум. Ова е целиот мој живот.’
Уште еднаш испросувајќи ги молитвите од Зосима за себе, таа се поздрави со него и замина во внатрешноста на пустината. Зосима ѝ се поклони до земја кога таа заминуваше и ја целива земјата на местото каде што стоеше светителката.
Помина една година, почна Великиот пост. И монасите во првата недела, според востановениот поредок, заминаа во пустината од другата страна на Јордан за да се подвизуваат во постот и молитвата. Ноќта беше светла со месечина, и Зосима забележа дека подвижничката ја осенува реката со крсниот знак, а потоа виде дека таа храбро оди по водата како по земја. Таа повторно ја осени реката со крсниот знак и повторно, како по суво, појде по водата во пустината. Застанувајќи на крајот од потокот, тој, на неговата источна страна, ја виде светата подвижничка: таа веќе лежеше мртва на земјата. На нејзините суви гради мируваа рацете што во последниот минут од животот беа положени во вид на крст.
Размислувајќи така, тој стоеше крај главата на починатата праведничка и наеднаш забележа дека на земјата до неа нешто пишува: ‘Отец Зосима, на ова место погреби го телото на починатата, грешна и смирена Марија. Предај ѝ на земјата тоа што е од земјата и помоли се на небесниот Бог за онаа што се упокои во првиот ден на април….’
Наеднаш се појави лав кој, на молба на блажениот Старец, со предните шепи ископа длабок гроб. Потоа лавот и Зосима мирно се разотидоа секој на своја страна.
Враќајќи се во манастирот, Зосима веднаш подробно им раскажа на собраните браќа сè што слушна од преподобната Марија и за она што виде со свои очи, и сите се восхитуваа на големите Божји дела, восхитувајќи се на големите подвизи и на славните чудеса на преподобната Марија, и востановија да се празнува нејзиниот спомен на првиот ден во април, на денот на нејзиното упокојување.
Житието на преподобната Марија Египетска, која се упокоила во Господа околу 530 година, според преданието, долго се чуваше меѓу монасите на манастирот што се наоѓаше на реката Јордан, а јас посакав усното предание за ова да го изложам напишано за посигурно да се овековечи споменот за преподобната и кај следните поколенија на христијаните, вели составувачот на житието на преподобната Марија Египетска, Софрониј Патријархот Ерусалимски.“
Тоа беше исповедта на светителката (светицата) Марија Египетска, личност од преданието на традиционалната христијанска Црква, која ни кажа за себе:
„Ми се чини дека никогаш немало и нема да постои таква блудница која би ме надминала со својот разврат… имав 12 години кога се оддалечив од родителскиот дом и заминав во Александрија, во светската врева, на пазар на пороците… со ненаситна жед се предадов на прекумерен блуд… седумнаесет години живеев во краен разврат, како јавна жена… пари не земав од никого единствено затоа што сакав колку што е можно повеќе млади луѓе да привлечам кон себе и на таков начин да ја наситам мојата ненаситна страст… мојата гревовна страст постојано бараше храна, и се чинеше дека живеев само тогаш кога го осквернував и го посрамував моето тело… јас се радував и се распалував со гревовната страст гледајќи ги нивните убави лица и тела… човечкиот јазик не може да ја изрази сета гнасотија на моите постапки… јас вовлеков во смртниот грев толку многу луѓе… ми се чинеше дека нема доволно мажи за мене на бродот и јас на сите начини ги соблазнував сите, и ерусалимските граѓани и странците… осквернета и нечиста блудница…“
Тоа беа првите 17 години на Марија Египетска што, според нејзиното кажување, ги поминала во непримерен блуд.
Но, накусо и за другите 17 години што ги помина во пустината, каде што ја прати св. Богородица да најде мир:
„Во моите гради, распарчани од страстите, се изгуби секоја надеж за спасение, а ти, Владичице, Мајко Божја, можеш да ме спасиш мене грешната… ќе појдам таму каде што ти ќе ми покажеш. Како потврда на овој завет, те молам, Пречиста, биди ми учителка и застапничка до крајот на мојот живот… Кога ја завршував мојата молитва упатена на Богородица, го слушнав гласот кој ми велеше: ‘Премини Јордан, таму ќе најдеш мир за себе’.
Верував дека овој глас ми беше упатен токму мене и верував дека навистина ќе најдам мир од другата страна на Јордан, во пустината.
Седумнаесет години поминав во оваа пустина во борба со моите безумни страсти, како со лути ѕверови… моето тело гореше од жед… во пустинава немаше ни вода да се напијам… често на мојата растроена вообразба ѝ се претставуваше мојот весел развратен живот и моето тело изнемоштуваше во борбата со гревовните желби, што ја зовриваа крвта во мене и ме согоруваа… и така поминав седумнаесет години во постојана внатрешна борба и тешки искушенија.“
Очигледно е дека авторот на житието својата хероина, Марија Египетска и нејзиниот блуд ги спушта дури и под невозможното нулто скалило или под апсолутното дно под кое нормално и реално не може да потоне една вистинска блудница или проститутка. Негова цел со тоа е да создаде колку што е можно поголем распон меѓу дното до кое потонала неговата хероина и висината до која таа со своите подвизи се вивнала до степен на светица, за да ѝ обезбеди на тој начин место меѓу светците на небото. Понатаму, споменатиот автор Марија Египетска во пустината намерно ја подложува на највисок степен на испосништво, хранејќи ја полни 17 години само со два и пол исушени и скаменети леба што таа ги купила попатно кон пустината, без вода, како пустиник, за да ѝ припише ненадминливи подвизи кои се за „восхит“.
Но, оваа историја на Марија Египетска, како што ни е прикажана во нејзиното житие, воопшто не наликува на историјата на претходните три библиски проститутки што ги опишавме. Меѓу нив навистина нема ништо заедничко. Тие две истории се толку многу оддалечени една од друга, колку што е исток далеку од запад!
Марија Магдалена заврши како славна библиска личност, чијшто подвиг или дело две илјади години насекаде во светот низ сите поколенија се прераскажува и на сите грешници им служел и им служи како вистински пример и инспирација, покажувајќи им го вистинскиот пат како да се ослободат од гревот и да се исцелат од неговите рани, како повторно, од обесчовечени, да станат горди човечки суштества со кредибилитет. Рава блудницата, од блудница стана чесна жена и прабаба на Исуса Христа. Блудницата жена Смарјанка, од блудница, исто така стана чесна жена и најголем мисионер за Христа. Според тоа, историјата или животот на овие три библиски проститутки има среќна завршница затоа што својот проблем со гревот тие го решиле на единствен исправен начин, директно со Христа.
За разлика од среќната завршница на историјата на споменатите три библиски проститутки, завршницата на историјата или на животот на Марија Египетска е жална и трагична затоа што таа проблемот со својот грев, со својата проституција, го решаваше и го реши на погрешен начин, со посредство на св. Богородица која, патем речено, е одговорна за нејзината целосна пропаст.
Како што видовме, Марија Египетска, од блудница, стана сув трупец, исушена пустинска мумија од која пустината ги исцеди сите нејзини животни сокови, затрупана некаде во пустинскиот песок на пустината во којашто ја прати св. Богородица да бара и да најде мир. Меѓутоа, очигледно е дека св. Богородица Марија Египетска ја прати на погрешно место, мир да бара на погрешно место, таму каде што никој не може да најде мир. Наместо мир, св. Богородица врз грбот на Марија Египетска натовари нов, дополнителен товар од седумнаесетгодишен свиреп пустински живот, без ниту трунка на некакво олеснение за нејзините тешки гревови. Тоа значи дека Марија Египетска во пустината носела два товара: тешкиот товар на своите седумнаесетгодишни гревови, и тешкиот товар на седумнаесетгодишниот свиреп пустински живот.
Во продолжение следат поднасловите од поглавјето „За христијанското монаштво и за подвижништвото во традиционалната христијанска црква“. Кога ќе кликнете врз поднасловите, ќе ви се отворат нивните текстови.
ЗА ХРИСТИЈАНСКОТО МОНАШТВО И ЗА ПОДВИЖНИШТВОТО ВО ТРАДИЦИОНАЛНАТА ХРИСТИЈАНСКА ЦРКВА
Во продолжение следат поднасловите од поглавјето „За христијанското монаштво и за подвижништвото во традиционалната христијанска црква“. Кога ќе кликнете врз поднасловите, ќе ви се отворат нивните текстови. [viz-category-posts...
За христијанското монаштво
„Христијанското монаштво е зачнато во 3 век на египетска почва. Значењето на овој факт станува очигледно дури кога, заедно со него, ќе се разгледаат и други две вистини. Прва вистина: Монашкиот начин на живеење, што подразбира повлекување од светот во живот на...
За подвижништвото во традционалната Црква
Не е можно да се проценат севкупните негативни и страшни последици што произлегле од дуализмот на телото и душата. Од поделбата на човекот на смртно тело и бесмртна душа се изродиле секакви лажни дихотомии во човековиот живот. Таа погрешна теологија за разлика меѓу...
Раскол меѓу св. Богородица и нејзиниот Син Исус Христос
Христос грешниците не ги праќа во пустина, ниту во манастир, туку со раширени раце ги повикува кај себе сите, апсолутно сите грешници, и проститутките - и Марија Магдалена, и блудницата Рава, и блудницата жена Самарјанка, и жената фатена во прељуба, и Марија...
Заклучок за преданието или за традицијата на традиционалната Црква
Како што можевме да утврдиме, целокупната традиција на традиционалната Црква, сето нејзино предание, комплет, е стопроцентна црковна емпирија, теологија создадена врз основа на посматрање и искуство, потреба да пополни свои, црковни празнини во црковната теологија....
Во продолжение следи содржината на книгата „Времето и знаците“. Кога ќе кликнете врз насловите и поднасловите, ќе ви се отворат нивните текстови.