Божјиот свет библиски канон и човечките црковни канони
Канон означува нешто што е одмерено, признато и прифатено сообразно со некое поставено мерило. Канон е грчки збор кој значи „утврдено правило“. Така Семитите нарекувале стап или трска за мерење, па оттаму се применува за означување на мерила, на норми или правила. Во библиска смисла тоа е збирка на свети вдахновени или инспирирани списи или книги кои ги сочинуваат Стариот и Новиот завет. Тие свети списи или свети книги, кои ја сочинуваат Библијата, имаат печат на Божји авторитет.
Канонот на Стариот завет е збирка од 39 канонски пророчки книги кои ги собрале на едено место Ездра и Немија во 5 век пред Христа. Таа збирка од 39 пророчки книги се вика еврејска Библија. На секој Евреин му е вродено овие книги да ги смета како Божји заповеди, да ги држи, и ако е потребно, да умре за нив. И во текот на долгите векови никој не се обидел ниту да додаде, ниту да одземе или да промени макар и една буква во нив, зашто тие книги за Евреите навистина се свети книги, светиња Господова.
Од 5 век пред Христа, па сè до појавата на Јован Крстителот и доаѓањето на нашиот Спасител на нашата земја, настапил период кога во средината на еврејскиот народ немало веќе Божји пророци. Во тие неколку века на пророчки вакуум на тие простори настанале уште некои историски книги кои содржеле религиски примеси. Тие книги имаат историска, но не и канонска вредност.
Во третиот или вториот век пред Христа, во Александрија (Египет) биле повикани седумдесет и двајца еврејски рабини од Палестина да направат превод на грчки јазик на книгите на Стариот завет, пред сè, за потребите на прочуената библиотека во Александрија, но и за потребите на Евреите кои живееле надвор од еврејската држава, на грчко јазично подрачје. Заедно со канонските книги тие ги превеле и овие историски книги кои нашле свое заедничко место со канонските книги во новонастанатиот превеод наречен „Септуагинта“ (LXX , односно „превод на седумдесетмина“). Овие историски книги се викаат „апокрифи“ зашто, покрај историските податоци, тие содржат и религиски идеи и учења кои се спротивни на учењата на канонските книги на Стариот завет кои носат Божји печат.
Во четвртиот век (меѓу 383 и 406 г.) по Христа за потребите на Западната црква св. Јероним направил превод на Библијата на латински јазик која се вика Vulgata Latina или Вулгата. Јероним извршил темелна ревизија на дотогашниот стар латински превод Vetus Latina. Превел поголем дел од старозаветните книги, а некои старозаветни и новозаветни книги прзел од стариот латински превод. Вулгата била прифатена и станала званична Библија на Католичката црква, чијашто канонизација повторно била потврдена во 1546 г. на соборот во Трент. Вулгата ги содржи сите апокрифни книги од Септуагинтата.
Христос и апостолите ги отфрлаат историските книги, односно апокрифите, а ја прифаќаат само еврејската Библија која со векови била темел на севкупниот живот на еврејскиот народ. За тоа читаме во Матеј 23,33-36: „Змии и рожби аспидини, како ќе побегнете од пеколната осуда? Затоа, ете, јас праќам кај вас пророци, мудреци и книжевници; едни ќе убиете и распнете, а други ќе тепате по вашите синагоги и ќе ги прогонувате од град во град; за да падне врз вас сета праведна крв што е пролеана на земјата, од крвта на праведниот Авел па до крвта на Захарија, синот на Варахија, кого го убивте меѓу храмот и жртвеникот.“
Овде Христос јасно ни ги дава временските рамки кога настанале канонските книги на Стариот завет: Прва книга е Прва книга Мојсеева, каде што е запишан извештај за убиството на Авела (1. Мојсеева 4,8-11), а последна книга е Втора книга летописи (Втора книга Дневник), којашто е напишана меѓу 450. и 400. година пред Христа, во која читаме за убиството на пророк Захарија што го споменува Христос (2. Дневник 24,20-22). Иако многу безимени Божји слуги го загубиле својот живот и откако се напишани старозаветните пророчки книги, особено во времето на Макавејците, за што имаме записи во истоимените историски старозаветни книги, сепак, старозаветниот канон на еврејската Библија Христос го ограничува со Прва книга Мојсеева и со Втора книга летописи. Во тој канон нема место за апокрифите, од кои Христос никогаш не цитирал ништо.
Овој канон е и конечно потврден кон крајот на првиот век (околу 90-та година) по Христа од страна на угледни еврејски рабини, на собор одржан во метото Јавне, недалеку од Ерусалим (латински Jamnia). Значајно е да се нагласи дека соборот во Јавне не донел нови заклучоци и решенија, туку само го потврдил канонот кој веќе со векови бил општоприфатен меѓу Евреите како еврејска Библија и како „потесен“ еврејски или палестински канон, кој Христос и апостолите го признавале како единствен старозаветен канон. Овој канон го прифаќаат и протестантите.
Римокатоличката црква во 16 век (1546 г.) на соборот во Трент донела одлука за проширување на оваа збирка книги, одлука за проширување на еврејската Библија, прифаќајќи го „поширокиот“, односно, александрискиот канон, или грчкиот превод на Стариот завет, наречен Септуагинта. Еве ја таа одлука од Трент:
„Секој кој овие книги не ги прими во целост како свети и канонизирани, онака како што често се читаат во Католичката црква, и кои се наоѓаат во старото издание на Vulgata Latina, или намерно и свесно ги презира споменатите традиции, нека биде проклет“1
Поради тоа, во римокатоличките преводи на Библијата, во Стариот завет, наместо 39, наоѓаме 46 книги (39 канонски и 7 неканонски), како и дополнителни глави во книгата на пророк Даниел и Естира, и 27 книги во Новиот завет – вкупно 73 книги.
Православната црква, и по „две илјади години“ од своето постоење, уште дефинитивно не прифатила и не прогласила званичен канон на Стариот завет. Во нејзината средина се водат дискусии дали православието да го прифати „потесниот“ (еврејскиот, палестинскиот), или „поширокиот“ (александрискиот) канон. Бидејќи меѓу православните цркви не постои јасен библиски канон, тие на сеправославната конференција, одржана во 1961 г. на Родос во Грција, решиле да се свика голем собор на кој треба да се разгледа авторитетот на второканонските (неканонските) книги кои се читаат во православните цркви. Од овој собор (иден Осми вселенски собор, н.з.) се очекува конечно да го одреди канонот на Стариот завет за православните цркви.
Во сегашниве библиски преводи на Православната црква Стариот завет содржи 50 книги, 39 канонски и 11 неканонски книги. Според тоа, за разлика од Римокатоличката црква, која го прифатила александрискиот канон, Православната црква уште повеќе го проширила со нови неканонски книги и „поширокиот“, односно александрискиот канон или Септуагинтата.
Православните теолози веруваат дека измените (проширувањето) во Септуагинтата се направени под вдахновение на Светиот Дух, според оној прочуен православен слоган кој потекнува од православните црковни отци: „Светиот Дух и ние одлучивме“ (Дела 15,28). За нив тоа е дел на Божје продолжено откровение или продолжена рака на апостоилите од првиот апостолски црковен собор во Ерусалим одржан во 51. г. по Христа, воден од Светиот Дух. Со тоа проширување на александриската Септуагинта, Православната црква добила своја Септуагинта која одговара на „Септуагинта плус“. Меѓутоа, како што кажавме, ситуацијата денес меѓу православните цркви во врска со библискиот канон не е толку јасна.
Септуагинта и Вулгата не се Божји библиски канони зашто содржат во себе апокрифи. Тие се само црковни канони, канони на Православната и Католичката црква.
Во продолжение следат поднасловите од поглавјето „Свето писмо или Библија“. Кога ќе кликнете врз поднасловите, ќе ви се отворат нивните текстови.
СВЕТО ПИСМО ИЛИ БИБЛИЈА
Светото писмо или Библијата е Божја книга или Божја реч. Тоа е писмо што му е дадено на човештвото од Бога преку одбрани луѓе, пророци и апостоли. Во Светото писмо се поместени Божјите пораки што ги добивале овие свети Божји луѓе директно од Бога и ги запишале со...
Повеќе за апокрифите
Малку повеќе за историските неканонски книги или апокрифи од Стариот завет кои традиционалната Црква ги прибрала меѓу кориците на пророчките канонски книги на Библијата. Зборот „апокриф“ (грчки apokrypto - крие, таи, закопува) содржи во себе мисла за нешто нејасно,...
Канонот на Новиот завет
Книгите на Новиот завет ни ги напишале апостолите и нивните најблиски соработници по Христовата смрт. Тука се четирите евангелија, Делата на апостолите, посланијата на апостолите и Откровението што ни го напишал апостол Јован, вкупно 27 на број. Тие се веродостојни...
Традиционалната црква: Црквата го составила канонот на Светото писмо и затоа само таа има право и само таа знае исправно да го толкува!?
„Усното Свето предание што го сочувала Православната црква во чистота сè до денес го изразува животот на Светиот Дух во Црквата и на исправен начин нè оспособува во целост, и како што треба, да ја сфатиме Библијата. Без сомнение, тоа е постаро од Светото писмо зашто,...
Христос и Божјата реч
На различни места и во различни преводи Новиот завет за Библијата користи повеќе различни зборови со наполно исто значење: „Божја реч“, “Пророчка реч“, „Реч“, „Божје слово“, „Слово“, „Писмо“, „Писма“, „Свети Писма“, „Духовен меч“, „Вистина“, „апостолско учење“,...
Апостолите и Божјата реч
Главен предмет на сите проповеди на апостол Павле во текот на целокупната негова апостолска служба била Божјата реч, што се гледа од многу извештаи кои се запишани на страниците на Библијата. Тој и Варнава на Кипар, „во Саламис, го навестуваа Божјето слово во...
Во продолжение следи содржината на книгата „Времето и знаците“. Кога ќе кликнете врз насловите и поднасловите, ќе ви се отворат нивните текстови.