Божјата љубов најсилен поттик за грешникот да се врати во прегратките на својот небесен Татко
Станува збор за загубениот син кој, откако го прокоцкал својот дел од имотот што го добил од својот татко, живеејќи блудно во далечна земја, и откако западнал во екстремно тешка и бедна положба како селски свињар, постигнувајќи го на тој начин апсолутното дно на понижувањето, тој решил да се врати дома. Поттик за таква идеја и желба да се врати му дала љубовта на неговиот татко што ја понел со себе во своето срце кога го напуштил неговиот дом и заминал во далечна земја за да живее слободно и блудно. Таа љубов на неговиот татко што ја носел во себе постојано му зборувала да се врати дома. И, не можејќи веќе да ѝ преодолее на нејзината убавина и привлечност, тој навистина се вратил.
Но, како и Давид и разбојникот на крстот, и загубениот син немал ништо добро да му понуди на својот татко за откуп од својот грев, освен искрено покајание. Со наведната глава и извалкан, осрамотен и ожалостен, сиот во партали и понижен, обезвреден и со голем товар од своето грешно минато, тој се враќа кај својот татко како блудник и како голем грешник. Свесен дека пред него не може да излезе со ништо добро, тој ја користи последната можност што му стои на располагање – покајанието!
„А кога дојде на себеси, рече: ‘Колку слуги кај татко ми имаат леб во изобилство, а јас овде умирам од глад! Ќе станам и ќе си појдам кај татко ми, па ќе му речам: Татко, згрешив спрема Небото и пред тебе; не сум веќе достоен да се нарекувам твој син. Прими ме како еден од твоите слуги.’ И стана и тргна кај татка си. И уште кога беше далеку, неговиот татко го здогледа и се сожали, па се страча (полета) кон него, му се фрли на вратот и го целиваше. А синот му рече: ‘Татко, згрешив спрема Небото и пред тебе. Не сум веќе достоен да се нарекувам твој син!’ Но таткото им рече на своите слуги: ‘Бргу донесете ја најубавата облека, облечете го, и ставете му прстен на раката и обувки на нозете. Дотерајте го згоеното теле и заколете го, да јадеме и да се веселиме, зашто овој мој син беше мртов и оживе, беше загубен и се најде.’ И почнаа да се веселат“ (Лука 15,17-24).
Таткото од својот син не бара никава сметка ниту извештај за неговото грешно минато за да го осуди затоа што му го растурил имотот и да го оддалечи од себе. Напротив, наместо осуда, тој со својата силна љубов го привлекува кон себе таков каков што е: „Уште кога беше далеку, го здогледа и се сожали, па се страча (полета) кон него, му се фрли на вратот и го целиваше!“ Каков величествен и неповторлив пречек! Таткото му проштава, го прима и го прифаќа својот блуден син како ништо лошо да не направил! Додека синот бил далеку од него и живеел блудно, срцето на таткото крвавело и копнеело синот пак да му се врати дома. Секој ден излегувал и гледал во далечината небаре ќе го здогледа како се враќа во својот дом. Синот знаел за тоа. И, како што кажавме, таа голема љубов на таткото поттикнала желба и идеја кај него да му се врати – и се вратил! И – трогателна средба! Солзи радоснички! Загубениот син, кој бил „мртов“ во гревот, „оживеал“ и се вратил во домот на својот татко! Таткото веднаш го облекува во „најубавата облека“, му става „прстен на раката и обувки на нозете“, со што му го враќа достоинството што го загубил во гревот, му дава право да се нарече негов син и повторно да стане рамноправен член на неговото семејство.
Почитувани, таткото од оваа сторија е нашиот Бог, а загубениот син е секој од нас поединечно – секој грешник.
Во парталите на својата грешност, загубениот син се враќа кај Бога и скока во бескрајното море на Божјата благодат која го капе и го чисти од секоја нечистотија на гревот и која го спасува, благодат која произлегува од Божјето срце пространо како океан во кое има место за сите грешници на светот. Ниту од Давида, ниту од разбојникот на крстот, а ниту од загубениот син, Божјата благодат не бара за возврат никаков надомест, никакви заслуги ниту какви било добри дела за да ги спаси, освен искрено и длабоко покајание и оставање на гревот, што е очигледно кај сите нив.
Бог им упатува повик на сите луѓе: „Дојдете кај мене сите“ (Матеј 11,28.29), и неговото око најмногу сака и ужива да гледа како неговите загубени синови и ќерки од сите страни на светот се враќаат кај него. При тоа Тој им излегува во пресрет и со раширени раце ги пречекува, ги прифаќа во своите татковски прегратки, им ги проштава гревовите и им подарува вечен живот. Почитувани, така нашиот библиски Бог постапува со секого од нас, зашто секој од нас е негов загубен син и негова загубена ќерка.
Во продолжение следат поднасловите од поглавјето „Спасението е плод на нашата вера, а не на нашите дела“. Кога ќе кликнете врз поднасловите, ќе ви се отворат нивните текстови.
СПАСЕНИЕТО Е ПЛОД НА НАШАТА ВЕРА, А НЕ НА НАШИТЕ ДЕЛА
Сфаќањето на некои грчки филозофи на стариот век дека душата може да живее и надвор од телото влијаело врз учењето на одделни теолози во христијанската ера, па традиционалната Црква развила пракса врзана за грижа на душата којашто го напушта човекот во мигот на смртта...
Божјата благодат визави нашите добри дела
Господ за царот Давид кажува: „Го најдов Давида, синот Есеев, човек според моето срце, кој ќе ја исполни сета моја волја“ (Дела 13,22). Но тој Божји човек, Давид, го изневерил Бога, направил мошне тежок грев. За што се работи? Ќе споменеме само неколку подробности кои...
Спасението на никој начин не може да се заработи како плата
Ако на кој било начин ние би можеле спасението да го заработиме со нашите заслуги и со нашите добри дела како плата, во извесна смисла тоа би значело дека Бог е должнен да нè спаси. Тоа значи дека Бог нешто ни должи и негова обврска е да ни го исплати тој свој долг...
За вредноста на добрите дела
Но, откако сме го прифатиле спасението со вера како милосен дар од Бога, откако сме расчистиле со нашето грешно минато и сме станале Божи деца, Божји синови и ќерки, ситуацијата од темел се менува. Како резултат на спасението што сме го добиле од Бога, Бог сега од нас...
Верата не е извор на спасение ниту е спасител
„Зашто по благодат сте спасени, преку вера, и тоа не е од вас самите - тоа е Божји дар! Не од делата, за да не се фали некој“ (Ефесците 2,8.9). - „Сола Грација“ - спасение само и единствено со Божјата благодат. Ако нашето спасение е апсолутно продукт на Божјата...
Покајание
За спасение ни се потребни вера и покајание. Но без помош од Светиот Дух ние не можеме дури ни да се покаеме. Светото писмо кажува за Христа: „Него Бог го издигна со својата десница за поглавар и Спасител, да му даде на Израел покајание и проштавање на гревот“ (Дела...
Во продолжение следи содржината на книгата „Времето и знаците“. Кога ќе кликнете врз насловите и поднасловите, ќе ви се отворат нивните текстови.