Божјата благодат визави нашите добри дела
Господ за царот Давид кажува: „Го најдов Давида, синот Есеев, човек според моето срце, кој ќе ја исполни сета моја волја“ (Дела 13,22). Но тој Божји човек, Давид, го изневерил Бога, направил мошне тежок грев. За што се работи? Ќе споменеме само неколку подробности кои ќе помогнат подобро да се осветли одвратноста на Давидовиот грев и длабината на Божјата благодат.
Иако имал шест свои законити жени и голем број конкубини со кои изродил многу деца, Давид, со безочност на човек кој од ништо не се плаши, завел туѓа жена, омажена за еден од неговите предани војсководители. Таа несреќна жена, која со него останала бремена, ја струполил во голема неволја. Витсавеја морала да прифати сè што царот барал од неа. Давид го упатил нејзиниот маж да војува на место на кое бил сигурен дека ќе загине, а потоа и неговата сопруга ја одвел во својот харем.
Веројатно уште од времето кога Адам и Ева живееле во рајот, каде што сите благослови им биле на располагање, немало толку тежок прекршок на принципите на правдата. Кога Давид сфатил што сторил, паднал во очај. Стрелите на страшниот грев што го сторил го сечеле неговото срце и молњите на беззаконието во кое заглибил ја раскинувале неговата совест. Тој гнасен грев екстремно грдо ја извалкал неговата душа, го фрлил во прав неговото царско и човечко достоинство и наполно го обезвредил него и неговата личност, исфрлајќи го на ѓубриште неговото сјајно минато и затемнувајќи ја неговата иднина. Се понижил и себеси и своето семејство, во кое настанале две убиства и кое се распаднало, а со тоа го разнишал и своето царство. Гревот што го направил бил толку голем, што се претворил во монструм, заканувајќи се да го голтне. Во таква бедна и безнадежна состојба, длабоко свесен за тежината на злосторството, крајно понизно и со скршено срце и дух, проникнат со голема и длабока жалост, Давид излегува пред Бога во длабоко покајание – покајание длабоко колку и неговиот грев:
„Смилувај ми се Боже, според твоето милосрдие, според големите помилувања избриши го моето беззаконие! Измиј ме целиот од мојата вина, очисти ме од мојот грев. Зашто го признавам своето беззаконие, мојот грев е постојано пред мене. Пред твои очи згрешив и пред тебе направив зло “ (Псалм 51).
Давид доаѓа пред Бога и што носи? Ништо! Тој нема што да покаже, освен својот срамен извештај за лажење, за прељуба и убиство. Нема и не може да му понуди на Бога ништо во замена за проштавање на гревот; нема ништо со што би се откупил пред Бога од својот грев. Што би му дал тој на Бога Бог да ја симне од него вината која како олово му натежнала и му ги притискала душата и совеста?
Можеби Бога ќе го смилоса со некое добро дело? Но со кое и со какво добро дело? Сè што можел да прикаже пред Бога – било неговото грдо дело – неговиот грев: лага, прељуба и убиство. Давид го погазил Божјиот закон, погазил четири Божји заповеди: посакал туѓо, лажел, направил прељуба и убил човек, значи, направил тежок грев, тешко беззаконие, а „гревот е беззаконие“ (газење на Божјите заповеди). Според тоа, тој заслужил сигурна смрт, зашто „плата за гревот е смрт“ (1. Јованово 3,4: Римјаните 6,23).
Значи, во погазениот Божји закон Давид за себе видел не спасение, туку осуда и смрт. Затоа тој сапасение бара, не во законот, туку по друга основа, и всушност Бог него го спасил не по законот, туку по таа друга и единствено можна основа: во рамките на својата благодат со својата милост, по која тој пека: „Смилувај ми се, Боже!“
„Зашто она што не можеше да го стори законот… Го изврши Бог, испраќајќи го својот Син“ (Римјаните 8,3). „Зашто законот беше даден преку Мојсеја, а преку Исуса Христа дојдоа благодатта и вистината“ (Јован 1,17).
Тој Давидов грев, несфатлив според својата злоќудност, Божјата благодат ја прави тешко сфатлива. Ако требало да му се прости, тоа не можело да се стори поради некакви заслуги или добри дела, туку единствено преку благодатта. „Зашто по благодат сте спасени, преку вера, и тоа не е од вас самите, тоа е Божји дар! Не од делата, за да не се фали некој“ (Ефесц. 2,8.9).
Но, да нема забуна! Всушност Давид имал и заслуги и дела со кои излегол пред Бога, но тоа биле мошне грди заслуги и многу грешни дела (лага, прељуба, убиство), и тој во својата покајничка молитва токму тоа му го понудил и му го дал на Бога во замена за прошка на своите гревови и за своето спасение. А Бог токму тоа го прифатил – ги прифатил неговите грди заслуги и неговите грешни дела; го прифатил неговото искрено и длабоко покајание и му одговорил со проштавање и со спасение.
Случајот на Давида е идентичен со случајот на разбојникот на крстот. Примерот на разбојникот на крстот непобитно докажува дека спасението на никаков начин не може да се заработи ниту да се добие со некакви наши заслуги или добри дела, зашто лицето за кое се зборува не живеело доволно долго за да може само да стори нешто за своето спасение. Рацете и нозете на тој човек биле приковани на крст на кој набргу и умрел, па немал можност да направи никакво добро дело, дури и да имал таква намера.
Зборуваме за еден од двајцата разбојници распнати покрај Христа на Голгота, за еден од нив кој својот грев го признал во последен час, што би се рекло – „на претсмртна постела“. Тоа докажува дека Божјата благодат достигнува и до претсмртниот одар, до човековите последни мисли и знаци на свесно постоење и живеење.
„А еден од разбојниците кој висеше таму го хулеше: ‘Зар не си ти Христос? Спаси се себеси и нас!’ А другиот одговори и го прекори: ‘Зар немаш страв од Бога, кога и ти си исто така осуден. Ние сме праведно осудени, зашто го примаме заслуженото за тоа што сме го сториле. Но овој не сторил никакво зло.’ И рече: ‘Исусе, сети се на мене кога ќе дојдеш во твоето царство!’ А Тој му рече: ‘Вистина ти кажувам денес, ќе бидеш со мене во рајот!’“
Разбојниците на крст не биле само обични грешници, како мнозинството од нас, туку криминалци и арамии, кои веројатно правеле големи злодела кога требало да бидат распнати. Ако имаме на ум дека злосторникот немал добри дела и дека постојат податоци само за неговите злодела, тој можел да биде спасен само на еден единствен начин, на начин кој важи за сите нас – само со благодатта! Нема посилен доказ од овој дека спасението не може да се постигне ниту да се добие со дела!
Разбојникот немал никакви дела. Всушност, тој, како и Давид, имал дела, но грешни дела, и сè што можел да стори – било да ги признае своите гревови, што е доказ за вистинско покајание, и со вера да го прифати ветувањето што му го дал Христос: „Ќе бидеш со мене во рајот!“ Тоа е сè што го сторил; а да стори нешто друго, не било ни време ниту пак било потребно.
Така е и со нас. На крај ќе бидеме спасени на ист начин како и разбојникот – со благодатта како незаслужена наклоност и милост.
Дали би можело да биде поинаку? Злосторникот да биде спасен и да влезе во Божјето царство според Божјата благодат, а сите други да го издејствуваат, или да го заработат своето влегување? Не може да се поверува во тоа. Христовите зборови што му ги упатил на разбојникот на крстот можат да му бидат упатени на секој друг кој со вера ќе му се предаде на Исуса: „Ќе бидеш со мене во рајот!“ Ова ветување Исус му го дал на човек за кого знаел дека нема да му го сврти грбот во она малку време што му преостанало.
Очигледно, неговото спасение било незаслужено; сè што имал да изнесе пред Господа била неговата животна сторија извалкана со грев, како и ние што немаме ништо друго да изнесеме пред него, освен нашиот, помалку или повеќе, извалкан животопис.
За многу луѓе ова изгледа премногу добро за да биде вистинито – дека можеме да се спасиме со нешто надвор од нас, наместо со нешто што се наоѓа во самите нас, да се спасиме со помош на Христовите, а не со некакви наши заслуги; со помош на Христовите, а не со нашите дела; со помош на нешто што е комплетно туѓо, а не наше – со помош на Божјата благодат! Во врска со нашето спасение наше е само признавањето, покајанието и оставањето на гревот – сè друго е Божје.
Веќе е кажано дека искреното и длабоко покајание на секој грешник е најубава и најпријатна музика во Божјите уши која Бог најмногу и со задоволство сака да ја чује и да ја слуша, и најмногу ужива на такво покајание да одговори со проштавање. Тоа е суштина на богатството на Божјата благодат, која пред крстот не им била откриена и позната ниту на ангелите ниту на другите безгрешни созданија во вселената.
Во продолжение следат поднасловите од поглавјето „Спасението е плод на нашата вера, а не на нашите дела“. Кога ќе кликнете врз поднасловите, ќе ви се отворат нивните текстови.
СПАСЕНИЕТО Е ПЛОД НА НАШАТА ВЕРА, А НЕ НА НАШИТЕ ДЕЛА
Сфаќањето на некои грчки филозофи на стариот век дека душата може да живее и надвор од телото влијаело врз учењето на одделни теолози во христијанската ера, па традиционалната Црква развила пракса врзана за грижа на душата којашто го напушта човекот во мигот на смртта...
Спасението на никој начин не може да се заработи како плата
Ако на кој било начин ние би можеле спасението да го заработиме со нашите заслуги и со нашите добри дела како плата, во извесна смисла тоа би значело дека Бог е должнен да нè спаси. Тоа значи дека Бог нешто ни должи и негова обврска е да ни го исплати тој свој долг...
За вредноста на добрите дела
Но, откако сме го прифатиле спасението со вера како милосен дар од Бога, откако сме расчистиле со нашето грешно минато и сме станале Божи деца, Божји синови и ќерки, ситуацијата од темел се менува. Како резултат на спасението што сме го добиле од Бога, Бог сега од нас...
Верата не е извор на спасение ниту е спасител
„Зашто по благодат сте спасени, преку вера, и тоа не е од вас самите - тоа е Божји дар! Не од делата, за да не се фали некој“ (Ефесците 2,8.9). - „Сола Грација“ - спасение само и единствено со Божјата благодат. Ако нашето спасение е апсолутно продукт на Божјата...
Покајание
За спасение ни се потребни вера и покајание. Но без помош од Светиот Дух ние не можеме дури ни да се покаеме. Светото писмо кажува за Христа: „Него Бог го издигна со својата десница за поглавар и Спасител, да му даде на Израел покајание и проштавање на гревот“ (Дела...
Божјата љубов најсилен поттик за грешникот да се врати во прегратките на својот небесен Татко
Станува збор за загубениот син кој, откако го прокоцкал својот дел од имотот што го добил од својот татко, живеејќи блудно во далечна земја, и откако западнал во екстремно тешка и бедна положба како селски свињар, постигнувајќи го на тој начин апсолутното дно на...
Во продолжение следи содржината на книгата „Времето и знаците“. Кога ќе кликнете врз насловите и поднасловите, ќе ви се отворат нивните текстови.