Настаните за време на позниот дожд
Во тие кризни денови за Божјиот народ настапува пресвртница во општата ситуација на светската сцена и Господ ги презема уздите на светот, кормилото на бродот, во свои раце и Тој го диктира натамошниот ток на настаните во полза на својот народ.
Во тие денови Господ ќе го излее Светиот Дух врз својот народ во вид на позен дожд. Тоа ќе биде втора Педесетница, втор Духовден, кога Бог ќе го запали светот со вистински духовен оган кој ќе се шири како пожар кога ќе зафати стрниште и ќе ја опфати сета земја. Пророштвото кажува: „Потоа видов друг ангел како слегува од небото; тој имаше голема власт, и земјата се осветли од неговата слава“ (Откровение 18,1). – Земјата „се осветли од неговата слава“, Божјиот верен народ, тој остаток, кој во тие бурни времиња остана под Божјето знаме, се запали од Светиот Дух, се исполни со него во неспоредливо поголема мера отколку апостолите за време на првиот Духовден, кога апостол Петар одржал една проповед пред насобрано мноштво народ и се крстиле наеднаш три илјади души само во еден ден во еден град, во Ерусалим, и првите христијани го запалиле тогашниот свет со евангелието.
За време на позниот дожд ќе се случи истото тоа само во многу поголеми размери. Бог со Светиот Дух ќе ја „осветли сета земја“, што значи ќе ги запали сите народи со евангелието – со чистото, изворно библиско евангелие, необременето со преданија и суеверија, и во иладници градови и села, од едниот до другиот крај на светот, како во Ерусалим во времето на апостолите, ќе се крштаваат илјадници души во еден ден. Божјиот остаток, неговиот верен народ, поткрепен од Светиот Дух, како и апостолите во свое време, кристално јасно и убедливо ќе ги изнесе пред светот, пред сите народи кои се под знамето на сатаната, изворните библиски вистини, исчистени од сите историски баласти и пагански троскоти – ќе ги изнесе силните библиски вистини пред чијшто авторитет ќе мора да се поклони сета планета Земја, авторитет кој не поднесува противење.
Во тоа кратко, но за секого пресудно време, секој жител на земјата, поттикнат од силата на Божјето библиско евангелие што ќе го проповедаат Божјите верници со посебна сила од Светиот Дух, а и осведочен директно од Светиот Дух, повторуваме – секој жител на земјата – ќе има доволно докази свесно да направи разлика меѓу лагата и вистината; ќе има можност да сфати дека вистински Божји народ е оној народ кој ги држи Десетте Божји заповеди и празнува сабота, а сите други, кои газат која било од Десетте заповеди, и сите што празнуваат недела наместо сабота, се наоѓаат во таборот на сатаната.
Прашањето на саботата и неделата во тие пресудни денови Бог ќе го издигне на највисоко можно рамниште и пред цел свет ќе докаже дека Тој (Бог) не ја заменил саботата со недела, ниту пак некому му дал право и дозвола да изврши таква замена. И токму тогаш секој ќе биде повикан да одлучи и да се определи за вистината или за лагата, за Бога или за сатаната; и сите што свесно се определуваат во тие мигови за неделата и неа ја прифаќаат како ден за одмор, тогаш, не порано, конечно добиваат жиг на ѕверот, а сите кои ја прифаќаат саботата како Божји ден за одмор и се придружуваат кон Божјиот остаток, добиваат Божји печат на своите чела.
Ете така, драги мои, саботата ќе стане главен предмет во завршниот жесток судир во кој ќе учествува цел свет, сите народи, и тоа навистина ќе го протресе целото човештво и крајот е близу.
Кога ќе направи јасна и видлива разлика меѓу лагата и вистината, кога ќе ја обелодени лагата како лага, а вистината високо ќе ја издигне и ќе ја прикаже како вистина, кога секому тоа ќе му стане јасно, и пред да почне да ги излева своите судови врз непокајаните грешници, Бог ќе му упати последен повик на светот, секому ќе му даде последна шанса за спасение. Но, за да ни станат јасни околностите во кои Бог ќе му го упати на светот тој повик, да се потсетиме уште еднаш на жената блудница.
„Дојди да ти ја покажам пресудата на големата блудница која седи на многу води, со која блудствуваа земните цареви, а жителите на земјата се опија од виното на нејзиното блудствување. И ме одведе во духот во пустина каде што видов жена како седи на црвен ѕвер кој беше полн со богохулни имиња и имаше седум глави и десет рогови. А жената беше облечена во пурпурно и во црвено, и украсена со злато, со скапоцени камења и со бисери, и држеше во својата рака златна чаша полна со гнасотијата и нечистотијата од нејзиното блудство, а на челото, пак, ѝ беше напишано, тајна: ‘Големиот Вавилон, мајка на блудниците и на земните гнасотии.’ Ја видов жената пијана од крвта на светите и од крвта на Исусовите сведоци, и се зачудив многу кога ја видов“ (Откровение 17,1-6). – Главно, овој текст веќе го коментиравме.
„Жената, пак, што ја виде, е големиот град кој владее над земните цареви. Потоа видов друг ангел како слегува од небото; Тој имаше голема власт, и земјата се осветли од неговата слава. И извика со силен глас, велејќи: ‘Падна, падна големиот Вавилон, и стана демонско живеалиште и засолниште на сите нечисти духови… зашто сите народи пиеја од виното на нејзиното распалено блудство, земните цареви блудствуваа со неа, а земните трговци се збогатија од нејзиниот изобилен раскош“ (Откровение 17,18; 18,1-3).
Беше кажано дека денешниот духовен или современ Вавилон го опфаќа општиот верски и политички хаос и метеж во светот и скорашната идна светска конфедерација меѓу духовните и световните сили предводени од Вавилонската блудница.
Последната светска вавилонска конфедерација ќе се состои од три значајни фактори: ламјата или сатаната преку спиритизмот, првиот ѕвер или папството и вториот ѕвер или Америка, во Откровението именувана и како лажен пророк (Откровение 16,13; 19,20). Библијата предупредува против ваквиот троен сојуз меѓу ламјата, ѕверот и лажниот пророк. Лажниот пророк е вавилонска состојка која ќе предизвика лажни знаци и чуда поради кои луѓето ќе бидат прелагани да го следат првиот ѕвер и да го примат неговиот жиг.
Обединувањето на протестантизмот и папството во Библијата симболички се опишува на повеќе начина: како ѕвер и лажен пророк заедно; како тандем меѓу првиот и вториот ѕвер кој му овозможува на вториот ѕвер да му направи икона на првиот ѕвер; потоа, тој тандем на вториот ѕвер му дава можност светот да го присили да се поклони пред првиот ѕвер и пред неговата икона за да добие негов жиг.
Значи, лажниот пророк е истата протестантска сила (вториот ѕвер или Америка) којашто го поддржува папството и се обединува со него, но сега под друго симболичко име, под името „лажен пророк“. Зошто „лажен пророк“? Затоа што, покрај другото, наместо саботата како вистински Божји ден за одмор, протестантска Америка со закон ќе го воведе лажниот ден за одмор, лажната папска установа – неделата.
Во поширока смисла, заедно со Америка, и „десетте рогови“, или западните сили, играат улога на „лажен пророк“, зашто пророштвото кажува: „Тие се истомисленици (со првиот ѕвер од кого и произлегле), и ќе му ја предадат својата сила и власт на ѕверот“, односно на папството, а заедно со него и на Америка, која е во коалиција со папството (Откровение 17,13).
Повеќе пати беше кажано дека жената блудница во последното време седи (јава) на ѕвер, на државата, и „владее над земните цареви“. Таа е оној „голем Вавилон“, „демонско живеалиште и засолниште на сите нечисти духови“, која ги опила сите народи со својата лажна, паганска наука.
Во Стариот завет Вавилон претставувал непријател на Бога и на неговиот народ (Еремија 50,24.28.29); тој ја има истата улога и во Откровението. Овој непријател е прикажан како град за да се нагласи неговата политичка сила, а и како блудница (Откровение 17. гл.) за да се нагласи неговата верска моќ. Вавилон настанал како плод на човечката ароганција и побуна против Бога (1. Мојсеева 11,1-9). Библијата кажува дека името Вавилон означува бркотија која настанала поради злото и измамата, голема мистерија, нејаснотии, паганизам, пркос, бунт против Бога.
Со духовниот Вавилон, или со блудницата, се во сојуз „земните цареви“, и од „нејзиниот изобилен раскош“ се збогатиле „земните трговци“. Врз ватиканскиот капитал во голема мера се потпира светскиот економски скелет кој ќе се урне со падот на Ватикан, со падот на блудницата.
За неа, почитувани, Бог кажува: „Падна, падна големиот Вавилон!“
И сега да го чуеме Божјиот повик што го спомнавме:
„И чув друг глас од небото како вели: ‘Излези од неа, народе мој, за да не бидеш соучесник во нејзините гревови и да не ги примиш нејзините зла; зашто нејзините гревови се натрупаа до небото и Бог си спомна за нејзините беззаконија’“ (Откровение 18,4.5).
Очигледно е дека и среде тој толку расипан град, денешен Вавилон, Бог има свој народ кој го повикува да излезе од него и да се приклучи кон Божјиот остаток кој ги држи Божјите заповеди, да ја напушти неделата и да ја прифати саботата како вистински Божји ден за одмор.
Милиони верници на Католичката, и на другите цркви, првпат ќе слушнат и ќе сфатат и разберат дека нивната некогашна црква, на која слепо и ропски ѝ биле послушни, е Вавилон од кој треба да излезат, да го напуштат и да преминат на Божја страна.
Тој силен Божји повик што ќе му го упати Бог на светот преку својот верен народ ќе предизвика прегрупирање и престројување кај народите, зашто Светиот Дух ќе им ги отвори очите и ќе ги растрезни од пијанството со кое ги опијанила жената блудница сите кои искрено го сакаат Бога и ја бараат чистата библиска вистина, и големо мноштво народ од цел свет ќе го напушти знамето на сатаната и ќе се приклучи кон верниот Божји остаток, преминувајќи на Христова страна и под Христово знаме, и заедно со него ќе замине во неговото царство.
„Потоа видов, и ете, големо мноштво кое никој не можеше да го изброи, од сите родови, племиња, народи и јазици, како стојат пред престолот“ во Божјето царство на небото (Откровение 7,9).
Почитувани, наша желба и наш копнеж нека биде и ние да бидеме дел на тоа силно мноштво спасени пред Божјиот престол на небото! Ни се дава можност да бидеме таму. Зошто да не ја искористиме таа можност? Бог бара од нас сега да се определиме и да застанеме на Христова страна, да станеме дел на неговиот народ кој ги држи неговите заповеди – Десетте Божји заповеди овде, за наскоро да станеме дел и на небесното мноштво спасени!
Во продолжение следат поднасловите од поглавјето „Саботата – главен предмет во завршниот жесток судир во кој ќе учествува цел свет – и крајот е пред врата!“. Кога ќе кликнете врз поднасловите, ќе ви се отворат нивните текстови.
САБОТАТА – ГЛАВЕН ПРЕДМЕТ ВО ЗАВРШНИОТ ЖЕСТОК СУДИР ВО КОЈ ЌЕ УЧЕСТВУВА ЦЕЛ СВЕТ – И КРАЈОТ Е ПРЕД ВРАТА!
Видовме дека во последните денови Америка, како протестантска и републиканска држава, ќе се откаже од долгогодишните неприкосновени принципи на својот устав кој на своите граѓани им гарантира граѓанска и верска слобода - две фундаментални слободи - што треба да ги...
Во продолжение следи содржината на книгата „Времето и знаците“. Кога ќе кликнете врз насловите и поднасловите, ќе ви се отворат нивните текстови.