Што ќе му помогне на библискиот тандем да успее во своите потфати?
Јован Павле не сакаше да оствари контрола над идната светска влада со вооружена сила, зашто Ватикан нема оружје. Сообразно со ова, Малахи Мартин истакнува дека Јован Павле, или некој од неговите наследници, ќе очекува политичката контрола над светот да падне во негови раце по пат на натприродни знаци и чуда што ќе ги опфатат и небото и земјата, особено небото, а и по пат на природни катастрофи што ќе се нижат со голема брзина на сите страни на светот.
Преку приказанијата на католичката светица Дева Марија ѓаволот ја промовира и ја издигнува Католичката црква пред светот како вистинска христијанска црква која има моќ да прави и чуда, и демоните низ цел свет праќаат пораки за такви чуда кои се слеваат во центарот во Ватикан. Мартин тврди дека папата ги чека тие мигови како свои мигови и шанса да истапи пред светот и да се појави на светската сцена.
Беше кажано и објаснето дека Божјата реч кажува оти во последните денови на небото – на сонцето, на месечината, на ѕвездите и воопшто во воздушните и небесните простори – ќе се појават силни знаци, чудни натприродни знаменија, појави и неодгатливи феномени од кои човештвото ќе го опфати силна паника која ќе го фрли во длабок очај. Ѓаволот се појавува и во сè поголеми размери ќе се појавува на небото како жена облечена во сонце, или на друг начин, во некои други, за нас непознати знаменија и активности; дури и оган ќе пушта од небото пред луѓето, не само на локално подрачје, туку и пошироко, за да ги заведе на погрешен пат. Овој вид знаци и чуда ѓаволот ги преткажува преку „Блажена Дева Марија“ (во православието преку Света Богородица) во нејзините „претказанија“ низ цел свет.
Ѓаволот одлично и во подробности го познава Светото писмо, сите негови пророштва, многу повеќе од сите теолози на овој свет, и затоа тој преку приказанијата и претказанијата на Марија (зад кои самиот стои) низ цел свет преткажува страшни природни несреќи во блиска иднина, токму онака како што кажува Писмото, сè со цел, како што кажавме, да ѝ даде легитимитет на Католичката црква како вистинска црква, која, како што објаснивме порано, ќе ги прибере во своите прегратки своите заталкани ќерки.
За да ја постигнат својата цел и да приграбат сеопшта власт, ламјата и двата ѕвера користат чуда кои ги изведуваат со помош на демоните кои одат по светот за да го обединат против Бога и неговиот народ (Откровение 16,13.14). Посебно се истакнува чудото на вториот ѕвер кој ќе стори оган да падне од небото.
Во книгата Откровение огнот е симбол на Божјиот суд (Откровение 8,5; 14,10) и на Божјето присуство. Духот е претставен со седум огнени светила (4,5), а Христос има „очи… како огнен пламен (1,14) и нозе како „огнени столбови“ (10,1). Јовановата слика потсетува на сторијата за Илија и Валовите пророци на гората Кармил. Таму вистинскиот Бог се открил на тој начин што сторил оган да падне од небото (1. Царевите 18,20-39). Само Господ, а не Вал, можел да го направи тоа. Меѓутоа, сега ламјата (користејќи го вториот ѕвер), ќе може да стори нешто доволно слично на ова за да ги прелаже невнимателните.
Во Новиот завет оган слегол од небото во врска со два настана. Првиот бил денот Педесетница, кога Духот во вид на оган се спуштил врз учениците (Дела 2,1-4). Откровение 13,13 може да се однесува и на лажно излевање на Духот кое ќе доведе до лажно будење со светски размери, до силен подем на најразлични харизматични движења проникнати со сатански дух, предводени од демоните, а не од Светиот Дух.
Вториот случај на оган кој слегува од небото е запишан во 2. Солуњаните 1,7.8: „Кога ќе се јави Господ Исус од небото со своите силни ангели во пламенен оган.“ Огнот од небото е симбол на Христовото враќање.
Дали е можно Откровението да предвидува имитирање на Христовото враќање од страна на демонските сили? Уште како! Иако и за ова веќе зборувавме, контекстот и на сегашнава тема бара пак да се навратиме на таа вистина. Христос најавува: „Ќе се појават лажни христоси и лажни пророци, и ќе прават големи знаци и чуда“ (Матеј 24,24). Според тоа, во последните денови сатаната ќе застане зад Христовиот лик и како величествено суштество со натприроден блескотен сјај и со невидени огнени манифестации ќе се прикаже пред луѓето како Христос од евангелијата и Откровението кој ќе тврди дека веќе дошол на земјата. Лажниот христос ќе биде толку сличен на вистинскиот, што луѓето кои не се упатени во Светото писмо тешко ќе направат разлика меѓу нив и ќе бидат страшно прелагани – поклонувајќи се пред Христовиот сурогат, пред лажниот христос.
Значи, можно е огнот кој ќе слезе од небото за време на последните настани да биде излевање на лажен, демонски свети дух , зашто Божјата реч кажува дека „сатаната се претвора во светлосен ангел“ (2. Коринќаните 11,14) , кој како светлосно суштество ќе се појави на небото со блескотна светлина која ќе ги заслепи и зашемети луѓето, или на некој друг начин ќе фрли од небесните височини големи огнени топки со силна експлозија и светлина што ќе се видат и почувствуваат на големи пространства. Во секој случај, тоа ќе биде не Божји, туку вистински спиритистички оган.
Бидејќи тој лажен свети дух веќе ги обединува римокатолиците и протестантите (првиот и вториот ѕвер), харизматичното движење во нивната средина прави чуда.
Пророштвото кажува дека вториот ѕвер „прави големи чудотворни знаци, така што прави и оган да паѓа од небото на земјата пред луѓето“ (Откровение 13,13). Не е чудо ако тој спиритистички оган почне да паѓа од небото на земјата најпрво на територијата на вториот ѕвер, на територијата на протестантска Америка, бидејќи амриканскиот протестантизам до гуша е потонат во матните води на спиритизмот. Секако, тие видливи манифестации на спиритистичката сила ќе го опфатат цел свет. Мрачните демонски сили, со својот лажен свети дух, односно со спиритистичкиот оган, ќе го запалат светот со лажни знаци и чуда.
Секако, светот ќе биде прелаган, зашто не е подготвен да се соочи со тие величествени спиритистички манифестации и правилно да ги толкува.
Од друга страна, светот е исплашен и силно притиснат од она што се случува во природата, бидејќи се соочува со библиските знаци што се исполнуваат во физичкиот свет.
Затоа, почитувани, сериозноста на последниот наслов и поднаслов бараат пак да се навратиме и да повториме некои работи што веќе беа кажани и опишани во друга пригода во книгава.
Сите чувствуваме дека светот се наоѓа на праг на криза на вековите. Да се потсетиме на зборовите од уводот:
„Стравотија, јама и стапица се пред тебе, жителу на земјата!… Ќе се растресат темелите на земјата. Земјата ќе се разбие грозно, земјата ќе се распука страшно, земјата ќе се стресе силно, земјата ќе се залула како пијан човек, ќе се затетерави како колиба, толку ќе ѝ стежне нејзиното беззаконие, што ќе падне и веќе не ќе стане.“ „Тоа ќе биде време на страдање какво што немало откако постојат луѓе па сè до тогаш“ (Исаија 24,1-20; Даниел 12,1). „На земјата народите ќе бидат опфатени од страв и збунетост од бучењето и од морските бранови“ (Лука 21,25). – Да, тие (морето и брановите) ќе ги преминат своите граници и зад себе ќе остават пустош. Во краток временски период ќе настанат џиновски неволји на земјата од кои луѓето не ќе можат да здивнат.
Нашиот свет ќе го пустат силни пожари, поплави, суши, глад, епидемии, земјотреси, вулкани, меѓучовечки судири, војни… Наскоро со заслепувачка жестокост ќе се нижат едноподруго најстрашни и најмалку очекувани несреќи и катастрофи со планетарни димензии од редот на големините еднаш во петстотини и во илјада и повеќе години, кои ќе ја поделат човечката историја, изделувајќи го историското минато од иднината што настапува. Таа низа од елементарни непогоди и катастрофи длабоко ќе ги растресе луѓето во светот и светското стопанство и ќе уништи значителен дел од неговите системи важни за животот.
Крајот е близу и секој голем град во секој поглед ќе биде свртен наопаку (главечкум). Во секој голем град ќе настанат огромни немири. Ќе биде растресено сè што може да се растресе, и никој не знае што ќе се случи потоа. Божјите судови ќе бидат сразмерни со расипаноста на градовите и со степенот на сознанијата на нивните жители за гревот и за правдата.
Безнадежните околности ќе ги поттикнат и атеистите да побараат духовни, верски одговори. Луѓето насекаде ќе признаат дека Бог се обидува да им соопшти нешто, па политичките процеси за разрешување на многу проблеми, кои нормално би барале неколку децении, лесно би можеле да се згуснат во ист број месеци, а можеби и седмици.
Се тркалаат мамутски лавини од тероризам, криминал, дрога, проституција – да споменеме само некои од нив, како и што ги споменувавме… и се закануваат да го затрупаат светот, и кој може да им подметне грб и да ги сопре. Светот е во очајна состојба, без перспектива, се лизга во амбис и е во опасност да исчезне од вселенската заедница на живите суштества. Во потрага е по решение. Народите се откажуваат од своите тесногради национални, економски и политички стратегии, се обединуваат и бараат заеднички водач, личност со силен авторитет и способен да го преземе кормилото на светот во свои раце, кој ќе го стивне гневот на споулавените природни стихии, кој ќе ги смири зовриените страсти на луѓето, кој ќе го „смилостиви“ навредениот Бог и планетата ќе ја воведе во помирни води.
Во тие судбоносни денови за нашата планета, почитувани, пророштвото кажува дека „сета земја се восхити и тргна по ѕверот… и му се поклонија на ѕверот, велејќи: ‘Кој е како ѕверот, и кој може да војува против него?’ … И му се даде власт над секое племе, народ, јазик и род“ (Откровение 13,3-5). Повеќе пати беше кажано дека ова пророштво се однесува на папството во последното време, дека „сета земја“, сите народи, му се восхитуваат и папата го прифаќаат како единствен лидер и водач, како единствена фигура и авторитет со планетарни димензии, му се поклонуваат, застануваат зад него и се препуштаат во негови раце. Така папата пак станува кормилар на нашата планета Земја, со што му се исполнува вековниот сон за повторна супрематија над светот.
Малахи Мартин: „Веднаш по преземањето на уздите на светот во свои раце, тој ќе ги поништи сите големи планови што ги прават народите и ќе воведе свој ‘величествен’ план за решение на кризата. Таа служба што произлегува непосредно од авторитетот на апостол Петар му е доверена само нему… Тој авторитет, таа моќ, е симболизирана со клучевите на Петар испрани во човечката крв на Богочовекот Исус Христос. Папата е и ќе биде единствен сопственик на клучевите на оваа крв тој ден“, и единствен господар на светот, исполнувајќи го библиското пророштво на апостол Павле дека „ќе седне во Божјиот храм (во Божјата црква) и ќе се претстави себесеи дека тој е Бог“ (2. Солуњаните 2,3.4).
Сатаната решил да го обедини светот под знамето на папството, и под плаштот на лажните христоси тој папата ќе го претстави како Божји намесник, како Христов заменик на земјата, пред кого треба да се поклони сета земја, да му се восхити и да тргне по него. Сите настани на светската сцена, заедно со целокупното население на планетата Земја папството ќе ги стави под своја контрола.
Во продолжение следат поднасловите од поглавјето „Нов светски поредок! Кој, кога, како и зошто ќе го воспостави?“. Кога ќе кликнете врз поднасловите, ќе ви се отворат нивните текстови.
НОВ СВЕТСКИ ПОРЕДОК! КОЈ, КОГА, КАКО И ЗОШТО ЌЕ ГО ВОСПОСТАВИ?
Без и најмала сенка на сомневање можеме да тврдиме дека напредуваме кон создавање на некаков облик сесветска, заедничка влада, кон една светска конфедерација или светска супер-држава. Католичкиот писател, Малахи Мартин ((Malachi Martin)), огнен католик и некогашен...
Икона на ѕверот
Последните грозоморни настани што ќе ги растресат и темелите на нашиот стар изнамачен и изветвен свет ќе го урнат и вековниот принцип на одвоеност на црквата од државата, со што ќе се обедини световното и духовното, државата и црквата. Во поранешните векови, кога...
Неделен закон и жиг на ѕверот
Во рамките на есхатолошките библиски настани, кои го најавуваат скорашниот крај на светот, слободата на совеста и верата и во Америка и во цел свет ќе стане историско минато. Таа слобода Библијата ја заменува со најголема светска диктатура која ќе ги засенчи сите...
Повеќе за жигот на ѕверот
Книгата Откровение го опишува последниот голем судир меѓу Христа и сатаната и го означува како судир на два авторитета. Во Откровението во 12. глава видовме дека ламјата ќе завојува против оние кои ги држат Божјите заповеди и имаат сведоштво на Исуса Христа...
Лажните христоси ќе помогнат неделниот закон да се прифати во цел свет
Како што видовме, пророштвото кажува оти со неделниот закон, што ќе го скрои и ќе го спроведува протестантска Америка, таа ќе го принуди цел свет да ја прифати неделата како ден за одмор. Од друга страна, неделниот закон за католиците, протестантите и православните...
Во продолжение следи содржината на книгата „Времето и знаците“. Кога ќе кликнете врз насловите и поднасловите, ќе ви се отворат нивните текстови.