Неделен закон и жиг на ѕверот
Во рамките на есхатолошките библиски настани, кои го најавуваат скорашниот крај на светот, слободата на совеста и верата и во Америка и во цел свет ќе стане историско минато. Таа слобода Библијата ја заменува со најголема светска диктатура која ќе ги засенчи сите диктатури од минатото, па и оние, најголемите, што ги познава човештвото.
Да се потсетиме: За време на посветувањето на неговиот златен кип, светот беше собран пред Навуходоносора и на коленици му оддаде почест нему како на Бог. Цел свет (преку свои делегации), сите, паднаа пред него ничкум и му се поклонија. Но, дали навистина сите? Среде тоа огромно мноштво овци кои немоќно блеат затоа што се загубени, тројца млади луѓе, Евреи, не ги превиткаа своите колена и останаа простум; се осмелија на најсилниот тиран и деспот, пред кој светот се тресел и коленичел, да му кажат НЕ, со што му го кренале притисокот до двесте, а можеби и повеќе! Неговата јарост пламнала како молња, а неговиот бес бликнал како вулкан кој исфрлил усвитена лава која печката во која ќе бидат фрлени овие храбри момчиња ја усвитила до максимум. Ги прашува: „Кој е тој Бог што ќе ве избави од моите раце?“ Во својата ароганција, „Кој е тој Бог“, Навуходоносор се пставува над Бога, излегува над него, и погоре од него, како и Луцифер во свое време кој си велел во себе: „Ќе излезам над Бога, ќе си поставам свој престол над Божјиот престол и ќе се изедначам со Севишниот.“ Со своите дрски изјави и Навуходоносор и Луцифер ја пречекориле црвената линија пред Бога којашто не смееле да ја пречекорат, со што го предизвикале Севишниот да стапи во акција и да се пресмета со нив; познато ни е тоа.
Според библиските пророштва, наскоро на светската сцена ќе се појави и ќе настапи новиот бог, „кој ќе се претстави себеси дека тој е бог“ (2. Солуњаните 3,3-8). Всушност, тој не е нов бог, туку оној средновековен бог кој светот 1260 години го држел окован во железни стеги. Во блиска иднина тој треба да се појави во нова димензија. Еве го тој бог:
Папата Бонифацие VIII: „Бог и јас, Божјиот намесник, имаме една намера … Тогаш за што можете да ме сметате мене, освен за Бог?“ Папата Пие XI: „Вие знаете дека јас сум Свети Отец, Божји претставник на Земјата, Христов намесник (викар), што значи, јас сум Бог на Земјата.“
Овој бог е уште посилен од Навуходоносора, и за него пророштвото ги кажува следните и страшни и жални зборови: „Му се поклонија сите кои живеат на земјата“ – цел свет, географски! Но, дали баш сите? НЕ, зашто пророштвото завршува среќно: „Му се поклонија сите… чиишто имиња не се запишани во животната книга ја Јагнето“ (Откровение 13,8). Значи, постојат луѓе, чиишто имиња се запишани во небесната книга за вечен живот. Тие, кажува пророштвото, нема да му се поклонат на ѕверот, односно на тој бог. Цел свет му се поклонува, сите коленичат пред него, а овие стојат простум, како и оние тројца храбри луѓе пред усвитената печка на Навуходоносора. И нему, како и на Навуходоносора, оние што нема да му се поклонат, ќе му го дигнат притисокот. И се издава општа наредба, заповед „да се убијат сите (на планетата Земја) кои не се поклонија пред иконата на ѕверот“, односно пред ѕверот како „бог на земјата“ (Откровение 13,15). „Кој е тој Бог што ќе ве избави од моите раце?“„Јас сум бог на земјата!“, им се заканува гневно на оние што не сакаат да ги превиткаат своите колена пред него и да му се поклонат. Неговата наредба гласи: „Да се убијат!“ Тоа е најголемата библиска светска диктатура на сите времиња со која, како што кажавме, наскоро ќе се соочи светот. Зошто? Затоа што „вистинската (Римокатоличка) црква не може да толерира ниту една друга црква покрај себе.“
Забрзаната динамика со која се исполнуваат знаците поврзани со последните денови го најавуваат и настапот на библиската диктатура на светската сцена. Знаците се Божји мегафон со кој Бог го буди овој заспан свет за да му укаже на близината на скорашното второ Христово доаѓање и ги повикува луѓето да се приготват за тој најголем настан во историјата на вселената.
Но меѓу знаците како силни мегафони, постои еден што се изделува во последните денови од сите знаци, како најсилен мегафон кој, не само што ќе може да се чуе, туку и навистина ќе се чуе од северниот до јужниот пол и од најдалечниот исток до најдалечниот запад – во сите катчиња на земјината топка. И, ако постои некој настан што се наоѓа над сите други настани, кој внимателните христијани го сметаат за највидлив, најмаркантен од сите знаци дека е близу крајот, дека повторното Христово доаѓање е на прагот, крајот од кој нè делат само чекори, тогаш тоа е таканаречениот универзален сесветски неделен закон кој, повторуваме, е најсилен од сите знаци и мегафони што ќе допре до увото на сите луѓе на земјата и кој ќе го присили секој жител на планетата Земја да празнува недела.
Да, почитувани, во рамките на светската глобализација, на повидок е универзален сесветски неделен закон, чиишто темели веќе се поставуваат во Америка, од каде што и ќе произлезе, и ќе му се наметне како јарем на цел свет. Тоа е последен видлив пророчки знак кој кажува дека од второто Христово доаѓање нè делат само чекори.
На 7 март 321 г. царот Константин Велики го издал првиот закон за празнување на неделата како ден за одмор. Значи, првиот неделен закон е издаден и изгласан во Рим.
Вториот неделен закон наскоро ќе биде изгласан во Америка и него ќе го прифати цел свет.
Неделниот закон адвентистите го најавуваат повеќе од 150 години како последен видлив знак за крајот на светот, уште кога неговите габарити имплицитно беа длабоко скриени во библиското пророштво и кога немаше никакви реални изгледи и можности за еден таков закон и беше ирационално не само да се зборува, туку и да се размислува за таа тема. Меѓутоа, денес не само што се насетуваат неговите контури, туку се гледа веќе и неговиот скелет. Пред 150 години беше ерес кога адвентистите тврдеа врз основа на библиското пророштво дека Америка, од бастион на верска и граѓанска слобода, ќе се откаже од тие две фундаментални човечки слободи, ќе се претвори во светски диктатор, кој на светот сосила ќе му ја наметне неделата како задолжителен ден за одмор, ставајќи го под нозе најскапоценото право на секој човек да живее и да верува според својата совест.
Да го аргументираме ова со библиско пророштво: Ѕверот со два рога како кај јагне, Америка, „им вели на жителите на земјата да му направат икона на ѕверот (односно на папството), кој имаше рана од меч и оживе. И му беше дадено да вдахне дух во иконата на ѕверот (Америка ѝ вдахна дух на иконата), и иконата на ѕверот прозборува и направи (Америка) да бидат убиени оние кои нема да се поклонат пред иконата на ѕверот. И тој (Америка) направи на сите – мали и големи – да им се даде жиг на десната рака или на челото, и никој да не може ниту да купи ниту да продаде, освен оној што има жиг, името на ѕверот или бројот на неговото име“ (Откр. 13,14-17).
Порано пророштвото кажа дека Америка „направи земјата и нејзините жители да му се поклонат на првиот ѕвер (на папството) чијашто смртоносна рана се исцели“ (13,12), а овде кажува дека сите ќе се „поклонат пред иконата на ѕверот“. Во секој случај, светот треба и мора да се поклони пред тандемот на папството и „иконата на ѕверот“ (отпаднатиот протестантизам), или пред современиот тандем на мајката и нејзините ќерки. Овој тандем ќе „ги напои сите народи со страсното вино (со лажна, небиблиска наука) на своето блудство“ (14,8). Пророштвото ја гледа Америка со извлечен меч за да ги убие сите што одбиваат да се поклонат пред тандемот.
Понатаму, читавме дека „Тој (Америка) направи на сите – мали и големи – да им се даде жиг на десната рака или на челото.“ Што претставува овој жиг кој, под притисок на Америка, се удира на челото или на раката на секој жител на земјата?
Бог има свој печат со кој ги запечатува своите слуги на нивните чела: „Видов друг ангел кој се издигаше од исток и кој имаше печат на живиот Бог… ‘да им ставиме печат на челата на слугите на нашиот Бог’“ (7,2.3), а сатаната му парира на Бога со жиг со кој ги жигосува своите слуги на нивните чела или на нивната десна рака. Како што видовме порано, Божји печат е сабота, која е знак на Божјата моќ и на неговиот авторитет, нешто што му припаѓа на Творецот на светот. Спротивно на саботата, неделата е жиг на ѕверот, нешто што му припаѓа на папството, папска установа, нешто што кажува дека тоа имало моќ да го менува Божјиот закон и библиската наука, за што опширно зборувавме. Значи, неделата сатаната ја поставува како пандан на саботата.
Божјиот печат и жигот на ѕверот не се некои видливи знаци за човечкото око. Божји печат им се дава на Божјите слуги само на челата, што значи тие така веруваат – свесно, доброволно и предано, со умот и со срцето му служат на Бога според неговата Реч. А кога станува збор за неделниот закон и за жигот на ѕверот, луѓето можат да се определат во него да веруваат дека тоа е вистина и да го поддржат – тоа е жиг на челото; или, без ниту малку расудување, по инерција и без отпор да му се приклонат на мнозинството за да можат да купуваат и да продаваат, да не ја загубат својата работа и да го спасат животот – тоа е жиг на раката.
Рековме дека неделата како ден за одмор зборува за неприкосновената сила и власт на папството, на „човекот на беззаконието, на синот на погибелта… кој ќе седне во Божјата црква и ќе се претставува себеси дека тој е Бог“ (2. Солуњаните 2,3.4), кој се дрзнал да гиба во Божјиот закон и да го измени. Католичката црква и понатаму тврди дека може да го менува Божјиот закон.
Јасно е дека неделата е папска установа што наскоро ќе му биде наметната на светот со закон, наречен „Неделен закон“. Папскиот ден за одмор ќе биде наметнат со здружени сили на Црквата и државата. Неделата е жиг на ѕверот, на папството, со кој ќе бидат жигосани сите што ќе ја прифатат неа како ден за одмор, наместо Божјата света сабота како седми ден.
Во продолжение следат поднасловите од поглавјето „Нов светски поредок! Кој, кога, како и зошто ќе го воспостави?“. Кога ќе кликнете врз поднасловите, ќе ви се отворат нивните текстови.
НОВ СВЕТСКИ ПОРЕДОК! КОЈ, КОГА, КАКО И ЗОШТО ЌЕ ГО ВОСПОСТАВИ?
Без и најмала сенка на сомневање можеме да тврдиме дека напредуваме кон создавање на некаков облик сесветска, заедничка влада, кон една светска конфедерација или светска супер-држава. Католичкиот писател, Малахи Мартин ((Malachi Martin)), огнен католик и некогашен...
Што ќе му помогне на библискиот тандем да успее во своите потфати?
Јован Павле не сакаше да оствари контрола над идната светска влада со вооружена сила, зашто Ватикан нема оружје. Сообразно со ова, Малахи Мартин истакнува дека Јован Павле, или некој од неговите наследници, ќе очекува политичката контрола над светот да падне во негови...
Икона на ѕверот
Последните грозоморни настани што ќе ги растресат и темелите на нашиот стар изнамачен и изветвен свет ќе го урнат и вековниот принцип на одвоеност на црквата од државата, со што ќе се обедини световното и духовното, државата и црквата. Во поранешните векови, кога...
Повеќе за жигот на ѕверот
Книгата Откровение го опишува последниот голем судир меѓу Христа и сатаната и го означува како судир на два авторитета. Во Откровението во 12. глава видовме дека ламјата ќе завојува против оние кои ги држат Божјите заповеди и имаат сведоштво на Исуса Христа...
Лажните христоси ќе помогнат неделниот закон да се прифати во цел свет
Како што видовме, пророштвото кажува оти со неделниот закон, што ќе го скрои и ќе го спроведува протестантска Америка, таа ќе го принуди цел свет да ја прифати неделата како ден за одмор. Од друга страна, неделниот закон за католиците, протестантите и православните...
Во продолжение следи содржината на книгата „Времето и знаците“. Кога ќе кликнете врз насловите и поднасловите, ќе ви се отворат нивните текстови.