Икона на ѕверот
Последните грозоморни настани што ќе ги растресат и темелите на нашиот стар изнамачен и изветвен свет ќе го урнат и вековниот принцип на одвоеност на црквата од државата, со што ќе се обедини световното и духовното, државата и црквата. Во поранешните векови, кога црквата и државата биле обединети и кога црквата ја контролирала државата, не постоел никаков заштитен механизам од нејзиното самоволие и таа со одврзани раце прогонувала, убивала, измачувала, черечела и пролевала илјадници тони крв на невини, слободоумни луѓе, чијшто единствен грев бил тој што тие се осмелиле да мислат со своја глава, поинаку од неа.
Сегашниот висок ѕид што ја изделува црквата од државата може да го заштити светот од огромната верска сила што се приготвува да ја преземе власта, да го заштити од нејзиното ново мракобесие во кое таа ќе ги турне народите.
Поучени од трагичната крвава историја на своите предци на стариот континент и со желба да го спречат нејзиното повторување на новиот континент, каде што нашле прибежиште бегајќи пред извлечениот меч на католичката инквизиција, за да ја избегнат религиозната пресија од минатото, за да се ослободат од прогонствата и да се решат од пламенот на тиранијата, протестантите на Америка овој заштитен механизам – изделувањето на верското од световното, на црквата од државата – го вградиле во својот устав како светиња, како принцип и правило, кое на граѓаните на Америка долго време им обезбедувале две наполно одделни, паралелни и неприкосновени слободи – граѓанска и верска слобода. Тоа се оние два рога како кај јагне кај вториот ѕвер, кај американскиот бизон.
Во 1791 г. во Уставот на САД е вграден амандман: „Конгресот нема да се меша во слободата на религијата, говорот, собирањето и петициите. Конгресот нема да издаде закон во врска со воспоставување на религија или за нејзино слободно вршење.“1
Во 1789 година Џорџ Вашингтон ќе рече: „Секој човек, кој се однесува како добар граѓанин и кој самиот пред Бога е одговорен за своите религиозни убедувања, треба да биде заштитен кога му служи на Бога онака како што му налага неговата сопствена совест.“
А Бен Франклин тоа ќе го каже на следниот начин: „Кога религијата е добра, сметам дека таа самата себе си се поддржува. А кога таа не може сама да опстане, а Бог не се труди да ја поддржи, туку оние што ја исповедаат мораат да ја бранат со помош на цивилната власт, мислам дека тоа е знак оти таа религија е лоша.“
Една третина од вкупното светско население, или околу две милијарди, се христијани, од кои 1,2 милијарди се католици, околу 300 милиони источно православни и околу 500 милиони протестанти. Исламот во светот е застапен со речиси една милијарда верници, приближно колку и католиците.
Во 1776 година во Соединетите Држави имало само 30.000 католици, или 1,4 проценти, а денес во Америка живеат околу 70 милиони католици или 26 проценти од вкупното нејзино население, со два милиона свои ученици во 7.189 основни училишта, 623.000 ученици во 1.271 средни училишта и 660.000 студенти на 226 колеџи и универзитети.
Како што гледаме, односот на силите протестанти-католици во Америка значително се изменил во полза на католиците кои се инфилтрирале и во највисоките законодавни структури на власта и вршат силно влијание во севкупниот живот на Америка. Се гледа крупно приближување меѓу протестантите и католиците кои со векови беа крвни непријатели поради нивното мрачно историско минато. Направени се крупни исчекори кон екуменизам, кон соработка и обединување на протестантите од Соединетите Држави со Католичката црква.
Беше кажано дека на 29 март 1994 г. предводните американски евангелистички протестанти и католиците стапија во коалиција и потпишаа заедничка декларација којашто ја нарекоа „Евангелиците (евангелистичките протестанти) и католиците заедно – христијанска мисија во третиот милениум“. Покрај другото, во тој документ стои: „Како Христос што е едно, и христијанската мисија е една… Заеднички потврдуваме дека сите што го прифаќаат Христа како свој Господ и Спасител, се браќа и сестри во Христа. Евангелиците и католиците се браќа и сестри во Христа.“
Во врска со тоа, католичкиот правник Фурие кажува: „Ка-
толиците, протестантите и православните можат да се обединат, мораат да се обединат и тие се обединуваат. Ѕидот на поделбите пука, и некои негови делови почнуваат да отпаѓаат. Христијаните се будат и едни со други почнуваат да се гледаат како семејство.“2
За таа коалиција и за нивниот документ, евангелскиот писател Дејв Хант ќе каже: „Таа декларација, потпишана меѓу протестантите и католиците на 29 март 1994 г. е најзначаен настан во последните 500 години од црковната историја… Документот практично ја разруши Реформацијата и без сомнение ќе има далекусежни последици во целиот христијански свет во годините што настапуваат.“ Потоа Хант продолжува: „Клучен фактор што стои зад таа историска декларација претставува прифаќањето на идејата од страна на предводните евангелици дека активното учество во животот на Католичката црква некого го прави христијанин – што до тогаш не можело ниту да се замисли. Ако е тоа навистина така, тогаш Реформацијата била трагична грешка. Милиони кои умреле со маченичка смрт затоа што го отфрлиле католицизмот како лажно евангелие, залудно умреле. Меѓутоа, ако реформаторите имале право, тогаш таа нова спогодба меѓу католиците и евангелиците би можела да биде најлукав и најкобен удар за евангелието во целокупната историја на црквата. Ова или она, последиците зашеметуваат.“3
Кога Мартин Лутер би станал од мртвите за да види што сториле неговите следбеници, протестантите, и до каде го одвеле протестантизмот, кога би видел како тие се враќаат во крилото на католицизмот, од каде што тој ги извел, веднаш би умрел, но овојпат од срам и јад.
Факт е дека се развил нов вид протестантизам, мошне либерален, секуларизиран, кој отстапил од темелните вредности и принципи на изворниот протестантизам, го напуштил славното протестантско начело „сола скриптура“, скршнал од патот што го трасирале реформаторите, отпаднал и се враќа назад во прегратките на својата некогашна мајка, Католичката црква, а таа, „мајката на блудниците и на земните гнасотии“ (Откровение 17,5), копнежливо и радосно, со раширени раце ги пречекува своите „заблудени“ ќерки кои се враќаат – протестантизмот и православието – кои се каат што ја напуштиле и што ѝ задале толку силни јадови и болки. Но мајката им проштава на ќерките за нивните грешки, ги прегрнува и пак ги облекува во истата облека што ја носеле додека сè уште биле нејзини послушни ќерки, враќајќи им го со тоа загубеното достоинство и загубениот статус на принцези. – Ете ја супер органската црква на светската сцена, мега христијанската црква, мајката со своите ќерки, која го обединува светот и го става под своја палка.
Отпаднатиот протестантизам, како ќерка „блудница“, има исти цели со својата „мајка блудница“ со која наполно во сè ќе се изедначи. Ќерката блудница, потпомогната од своите „браќа и сестри“ католици, ќе го урне заштитниот механизам во Америка, високиот ѕид на одвоеност на црквата од државата, со што ќе ѝ се отвори патот насила да им ја наметне својата наука на сите, па и на непослушните „еретици“.
Во тој вид отпаднат протестантизам што ќе се развие кога протестантските цркви во Америка ќе бараат помош од државата принудно да им ја наметнат својата наука на сите, ја препознаваме „иконата на ѕверот“. Всушност, тој вид отпаднат протестантизам е „икона на ѕверот“ што се создава кога ќе се урне тој ѕид, кога ќе се отстрани таа законска пречка од патот, тоа начело на одвоеност на црквата и државата, и кога тие ќе се обединат. Во тој вид отпаднат протестантизам го препознаваме и оној „лажен пророк“ од Откровение 16,13. Тоа уривање на заштитниот механизам и обединувањето на црквата и државата во Америка ќе го следат сите земји на светот. Всушност Католичката црква жали за таа одвоеност на Црквата од државата и одвај чека тој ѕид на разделба да се урне, и повторно Црквата и државата да се обединат.
„Во деветнаесеттиот век политиката во Европа длабоко се променила, но не и католичкото учење. Црквата и државата, рекол папата, биле неразделно поврзани, како во христијански брак кој се конзумира. Слободата била нехристијанска… Едноподруго папите жестоко ја напаѓале слободата… Гргур XVI во Mirari vos од август 1832 г. слободата на совеста ја опишал како лудо мислење. За слободата на религијата е кажано дека тече од ‘најсмрдливиот извор на рамнодушноста’. Тој ја осудил слободата на богослужението, слободата на печатот, на собирањето и на образованието како нечист одводен канал полн со ‘еретичка блујавица’.“4
„Ниту еден католик не може потврдно и безусловно да одобри одвојување на црквата од државата.“5
Папата Пие XII во 1951.: „Индивидуалната слобода всушност е смртоносна анархија.“6
„Рим сè уште ја следи политиката што ја истакнал францускиот римокатолички писател, Louis Veuillot,, кој на група протестанти им рекол: ‘Кога вие сте во мнозинство, ние бараме слобода на религијата во име на вашите принципи. Кога сме ние во мнозинство, ние ви ја одбиваме (слободата на религијата) вам во име на нашите (принципи).’“7
„Вистинската (Римокатоличка) црква не може да толерира ниту една друга црква покрај себе.“8
„Светата Римска црква… признава, цврсто верува и објавува дека надвор од Католичката црква ниту паганин, ниту Евреин, ниту неверник или некој кој е изделен од единството, нема да има дел во вечниот живот, туку ќе замине во вечен оган кој е приготвен за ѓаволот и за неговите ангели, ако пред својата смрт не ѝ се придружи на Црквата.“9
Зборовите на американскиот римокатолички теолог, Francis J.Conell,, потврдени со имприматур од кардиналот Spellmana, на другите цркви им го одземаат дури и правото да постојат: „Католичката црква е единствена организација авторизирана од Бога да учи на религиските вистини и да врши јавно религиско богослужение. Според тоа, тие (римокатолиците) сметаат дека кој било кредо што се разликува од Католичката црква, е погрешен и дека секоја религиска организација, која е одвоена од Католичката црква, нема одобрение и Божја авторизација. Самото постоење на која било друга црква е спротивно на Христовата заповед која бара сите луѓе да се придружат кон неговата единствена Црква. Од ова произлегува дека, во врска со Божјиот закон, никој нема право да прифати која било друга религија освен религијата на Католичката црква.“10
Како можат овие званични изјави и документи на Католичката црква, според кои таа „не може да толерира ниту една друга црква покрај себе“, да се сообразат со одлуката на Врховниот суд на САД дека ниту една сојузна држава ниту федералната влада: „Не може да прогласи закони кои одат на рака на една религија… или да ѝ се даде предност на една религија над друга.“11
Да, според библиските пророшта, Католичката црква во блиска иднина ќе ги реализира сите тие свои документи, и навистина таа нема повеќе „да толерира ниту една друга црква покрај себе“. Со обновената поранешна сила и позиција, сите други цркви ќе ги стави под своја капа, освен една, која, наместо заедно со другите да ја стави под свој чадор, ќе ја стави под нож, под мечот на средновековната инквизиција.
Изјава од 1962: „Денес знаеме дека Рим користи секоја можност што му стои при рака Америка да ја престори во католичка земја. Тоа е негов мото – да ја елиминира светската тврдина на протестантизмот.“12
Washington (CNS), Catholic News Service,, на 31 октомври 2005 г. објави: „Ако се потврди Samuel Alito Jr.. како судија на Врховниот суд на САД, тогаш првпат во историјата на САД католиците ќе претставуваат мнозинство судии на највисокиот национален суд.“ – Сегашниот состав на Врховниот суд на САД: Од девет судии, пет судии се католици, двајца Евреи, еден протестант и еден судија верник на Епископалната црква.
Врховниот судија на САД, Вилијам Ренквист, најважниот човек на американското правосудство, изјавил: „Ѕидот на разделбата меѓу црквата и државата претставува метафора заснована на лоша историја, метафора која се покажала бесполезна како водич при расудувањето. Таа треба отворено и изрично да се напушти.“13
Во рамките на силното протестантско движење за промена на американскиот устав, овој судија, заедно со мноштво други свои истомисленици, не гледаат дека со тоа удираат директно во верската слобода на граѓаните. Тие постапуваат слепо. Не гледаат дека, ако протестантското движење ги жртвува принципите што ги ослободиле протестантите во свое време од холокаустите на злогласната католичка инквизиција и ако преку легализација воведат во уставот принципи кои ја пропагираат папската лага и папската измама, тие упаѓаат во римските ужаси на мрачниот век
Па тогаш, што ќе се случи? Наскоро ќе настапи период за кој сите живи ќе бидат мошне заинтересирани. Ќе се обноват судирите од минатото, а ќе настанат и нови. За сцените што ќе се одиграат во нашиот свет уште не можеме ниту да сонуваме. Сатаната вешто ги спроведува своите планови. Оние што се трудат да го променат уставот и да обезбедат закон кој присилува да се обожава неделата, малку сфаќаат каков ќе биде резултатот.
Првиот ѕвер ја претставува црквата обединета со државата која во текот на многу векови владеела со христијанскиот свет и која апостол Павле ја нарекува „син на погибелта“ што ќе го убие Христос со своето второ доаѓање, а пророк Даниел „малечок рог“. Иконата на ѕверот го претставува обликот на отпаднатата религија што ќе се развие кога црквите, што го загубиле вистинскиот дух на реформацијата, ќе се обединат со државата за да им ги наметнат своите учења на другите. Обединувањето на црквата и државата ќе ни даде комплетна слика за ѕверот.
За вториот ѕвер, за ѕверот со два рога како кај јагне, или за Америка, пророштвото кажува дека тој/таа ќе ја поддржува и ќе ја „спроведува власта на првиот ѕвер“, на папството, и дека ќе ја „присили сета земја и нејзините жители да му се поклонат на првиот ѕвер (на папството)“. Отпаднатиот протестантизам во Америка, како „лажен пророк“ од Откровението 16,13, „им вели на жителите на земјата да му направат икона на ѕверот (на папството) кој имаше рана од меч и оживе“ (Откровение 13,11-14).
Значи, со обединувањето на црквата и државата, Америка ќе му создаде „икона на ѕверот“, ќе му донесе слава и ќе стори сè светот да му се поклони на Ватикан. Тие две сили, папството и Америка, ќе имаат предводна улога во последниот чин на драмата на вековите.
Иконата на ѕверот е икона која му припаѓа на папството, која ѝ припаѓа на „мајката блудница“. Кога мајката се гледа на огледало, таа таму го гледа ликот на својата ќерка, но и својот сопствен лик, зашто тие два лика се наполно еднакви. Кога ја гледа иконата или сликата на својата „заблудена“ и „заталкана“ ќерка која се вратила, таа се гледа себеси, зашто тие се наполно идентични – еднакви – бидејќи се мајка и ќерка.
Иконата или сликата е нешто што има карактеристики на оригиналот, како сликата во огледало. Првиот ѕвер од Откровение 13. глава, папството со својот систем, било сила која ги применила државните можности за да ја спроведе својата доктрина дури и тогаш кога таа е спротивна на Божјата реч. Според Откровението 13. глава, иконата настанува во сферата на вториот ѕвер, во сферата на Америка. Соединетите Држави, како светска супер сила, ќе бидат наклонети да ја применат државната сила при спроведувањето на верската доктрина дури и кога таа е спротивна на Светото писмо.
Ако Соединетите Држави треба да го применат сиот оној авторитет што го имало и што го има папството за да ги присили сите да му се поклонат на папството сега, тоа значи дека тие ќе се изедначат со Рим во периодот од оние 1260 години, кога тој своите доктрини ги наметнувал со обврски и со прогонство. Сепак, Соединетите Држави ќе ги спроведуваат папските закони и ќе присилуваат на нивно почитување во меѓународна смисла. Така Соединетите Држави, станувајќи слични на папскиот Рим, формирајќи унија меѓу црквите и државите и користејќи ја силата на државите да ги спроведуваат таквите закони, ќе му создадат икона на ѕверот, систем ист со оригиналот, или одраз на оригиналот. Потоа овој верско-политички џин ќе го става жигот на првиот ѕвер.
Во продолжение следат поднасловите од поглавјето „Нов светски поредок! Кој, кога, како и зошто ќе го воспостави?“. Кога ќе кликнете врз поднасловите, ќе ви се отворат нивните текстови.
НОВ СВЕТСКИ ПОРЕДОК! КОЈ, КОГА, КАКО И ЗОШТО ЌЕ ГО ВОСПОСТАВИ?
Без и најмала сенка на сомневање можеме да тврдиме дека напредуваме кон создавање на некаков облик сесветска, заедничка влада, кон една светска конфедерација или светска супер-држава. Католичкиот писател, Малахи Мартин ((Malachi Martin)), огнен католик и некогашен...
Што ќе му помогне на библискиот тандем да успее во своите потфати?
Јован Павле не сакаше да оствари контрола над идната светска влада со вооружена сила, зашто Ватикан нема оружје. Сообразно со ова, Малахи Мартин истакнува дека Јован Павле, или некој од неговите наследници, ќе очекува политичката контрола над светот да падне во негови...
Неделен закон и жиг на ѕверот
Во рамките на есхатолошките библиски настани, кои го најавуваат скорашниот крај на светот, слободата на совеста и верата и во Америка и во цел свет ќе стане историско минато. Таа слобода Библијата ја заменува со најголема светска диктатура која ќе ги засенчи сите...
Повеќе за жигот на ѕверот
Книгата Откровение го опишува последниот голем судир меѓу Христа и сатаната и го означува како судир на два авторитета. Во Откровението во 12. глава видовме дека ламјата ќе завојува против оние кои ги држат Божјите заповеди и имаат сведоштво на Исуса Христа...
Лажните христоси ќе помогнат неделниот закон да се прифати во цел свет
Како што видовме, пророштвото кажува оти со неделниот закон, што ќе го скрои и ќе го спроведува протестантска Америка, таа ќе го принуди цел свет да ја прифати неделата како ден за одмор. Од друга страна, неделниот закон за католиците, протестантите и православните...
Во продолжение следи содржината на книгата „Времето и знаците“. Кога ќе кликнете врз насловите и поднасловите, ќе ви се отворат нивните текстови.