Земјата во своите пазува чува неброени грди тајни што ќе се обелоденат
Земјата тажи и офка, стенка и брефта под товарот на силното беззаконие на луѓето и не може и не сака веќе ниту да го носи ниту да го поднесува тој товар. Во нејзините архиви се забележани премногу грди и гнасни работи што само таа ги видела! Тие се преполни со записи за ужасни сцени и во нив нема место веќе да се бележат нови грозомори! Неброени тони пролеана крв со векови ја натопувале нејзината почва! Огромно мноштво невини луѓе, жртви на свирепи војни, на безмилосни колежи и на безочни терори, таа предвреме примила во своите пазуви.
Други безброј милиони, од сите раси и структури, обесправени, немоќни пред своите тирани, угнетувани и третирани како животни од страна на моќниците, јадосани, без да видат бел ден, со загубена личност и без човечко достоинство, заминале во своите гробови. Земјата тоа го регистрирала во своето паметење. Страшни премрежиња поминале преку нејзината глава и таа видела што ниедно око не видело и чула што ниту едно уво не чуло.
Како што рековме, кога земјата би можела да проговори, таа би ни изнела на виделина страшни сцени од историјата што се забележани само во нејзините архиви од кои би се стаписале од ужасните ѕверства што ги вршеле и ги вршат луѓето над луѓе; при здрави очи би го загубиле видот посматрајќи милиони луѓе како пијат чемерен бигор и водат гламна-живот, слично на илјадници жени во Камбоџа, чиишто наполно здрави очи се побуниле и, без да се затворат, откажале да ги посматраат грозните сцени на свирепите насилства што ги спроведувал диктаторот Пол Пот, не врз туѓ, ами врз својот сопствен народ. – Да, нивниот вид згаснал, пресушил, секнал пред грозоморите што ги посматрале нивните очи, зашто гледале нешто премногу страшно, премногу жално и тажно што не можат дури и очите да го поднесат, при што и духот снеможува и срцето откажува.
Тука се и многубројни други диктатори – Хитлер, Сталин, Мао Ѕедунг, на пример – кои убиле милиони невини луѓе, претежно од својот сопствен народ, завиткале во црнина исто толку милиони мајки со нејаки деца, водени од налудничави идеи за некаква супер нација или, задоени од дарвинизмот, се обиделе во практиката да ја спроведат теоријата за природна селекција.
На земјата ѝ се гади од сето тоа, ѝ се повраќа од гадостите што ги гледала и што ги гледа, утробата ѝ е восколебана и блуе, плаче, рони дробни солзи, но жешки, усвитени солзи кои спалуваат; повраќа од својата утроба вжештена жолчка, усвитен бигор. Вулканите се нејзини солзи, нејзина жолчка, нејзин бигор. Таа се буни против силното беззаконие на луѓето кои ја газат нејзината почва, против гревот кој е во силен подем и кој прераснува во џиновски бран во кој се дави светот. Поради тоа, земјата, како што рековме веќе, ги става во движење сите свои потенцијални можности и механизми со кои располага конечно да ги прибере еднаш за секогаш грешниците во своите пазуви.
„Земјата е онечистена под своите жители, зашто го престапија законот, ја изгазија одредбата, го нарушија вечниот завет“; „земјата ќе ја открие сета крв што е пролеана на неа и нема да ги крие оние што се поклани на неа“; на „земјата толку ќе ѝ стежне нејзиното беззаконие, што ќе падне и веќе не ќе стане“ (Исаија 24,5.20; 26,21).
Ете, почитувани, тоа е библиски одговор на прашањето што го поставивме некаде на почетните страници од книгава кога прашавме: Зошто вулкани? Зошто земјотреси? Зошто страшни поплави и џиновски морски бранови, цунами и мега цунами ќе ги преминуваат своите вековно утврдени граници во освојување на копното? Зошто безмилосни урагани, циклони, тајфуни, торнада, суши, пожари? Зошто незапирлив бран на тешки болести кои му задаваат страв на човештвото? Зошто глад? Зошто жед? Зошто „луѓето ќе умираат од страв, очекувајќи го она што ќе ја снајде земјата?“ Зошто толку силен подем на криминал и тероризам со кои не може да се справи светот? Зошто? Зошто? Зошто?
Зар Бог не го гледа сето ова? – Да, Бог го гледа ова. Сто и дваесет години Бог го гледал неподносливото беззаконие на претпотопната цивилизација, нивните гревови во кои потонале, и ги повикувал на покајание за да го одбегнат потопот, но…, но…, но…!
Бог долго ги посматрал обезличените и обесчовечени жители на Содом и Гомор и ги повикувал на покајание за да ја одбегнат свирепата казна, но…, но…, но…!
Бог го гледа и денешното ноево поколение, жителите на денешниот Содом, и ги повикува на покајание за да ја одбегнат казната, но…, но…, но…!
Во продолжение следат поднасловите од поглавјето „Мракобесието на гревот“. Кога ќе кликнете врз поднасловите, ќе ви се отворат нивните текстови.
МРАКОБЕСИЕТО НА ГРЕВОТ
Грев - грд и одвратен, најгрд и најодвратен збор, феномен со колосално разорно дејство, извор на сите опишани и неопишани, познати и непознати зла, неволји, катастрофи и катаклизми, причина за најстрашните грозомори и за најцрните мракобесија низ кои поминувала и ќе...
Библијата за сексуалните изопачености
Имаме друг случај, сличен со претпотопниот, со ист епилог. Се работи за два познати библиски града, за Содом и Гомор и за околните градови. Господ пратил во Содом и Гомор двајца ангели да направат извештај за нивните гревови. Кога тие пристигнале во Содом, ним им...
Убавината на вистинскиот, од Бога даден секс
Сите претходни перверзни настраности и активности што ги споменавме го банализираат и вулгаризираат вистинскиот, природниот и од Бога даден секс и ја девалвираат неговата вредност, го обезвредуваат највредното во животот на човекот, она што може да му пружи вистинско...
Во продолжение следи содржината на книгата „Времето и знаците“. Кога ќе кликнете врз насловите и поднасловите, ќе ви се отворат нивните текстови.