За Христовите страдања*
Повеќе за Христовите понижувања, за неговите искушенија и страдања низ кои поминал на оваа земја, и за заедничките патеки по кои, заедно со него, поминуваат и безброј милиони невини кои страдале и страдаат од истите причини како и Тој:
„Беше презрен, отфрлен од луѓето, човек на болката, свикнат на страдањата, од кого секој ја врти главата, беше презрен, и за ништо го сметавме. А Тој ги понесе нашите болести, ги зеде врз себе нашите болки, додека ние сметавме дека Бог го бие и го понижува. За нашите престапи беше прободен, сотрен за нашите беззаконија. Казната за нашиот мир падна врз него и преку неговите рани ние се исцеливме. Сите ние талкавме како овци, и секој одеше по свој пат. А Господ ги натовари врз него беззаконијата на сите нас. Го измачуваа, а Тој не се бранеше, и не ја отвори својата уста. Го одведоа како јагне на клање; како овца, нема пред оние што ја стрижат, не ја отвори својата уста“ (Исаија 53,3-7).
Тоа се Христовите маки, неговите неискажливи страдања што ги поднел на оваа земја како најголем грешник, но не за свои гревови, зашто тој бил праведен, туку натоварен со нашите гревови, со беззаконијата на целото човештво.
Го измачуваа него, невин – како и милиони други невини – беше презрен, отфрлен, прободен, сотрен, го одведоа како јагне на клање, но Тој не ја отвори својата уста, не се жалеше, не праша: Господе, каде си, зар не гледаш што прават со мене?
Невините што страдаат своите страдања треба да ги сообразат со Христовите страдања, а и самите да се сообразат со Христа.
Во Гетсиманија (градина во подножјето на Маслинската гора спроти Ерусалим), кога Христос ја пиел жолчката што ја пијат сите кои страдаат, кога се прелевала чашата на беззаконието и кога над него се надвиснал гревот на цел свет како темен облак, како огромен планински масив, заканувајќи се да го смачка и него и целото човештво што го создал, Христос очајно извикнал: „Оче мој, ако е можно, нека ме одмине оваа чаша, но не како што сакам јас, туку како што сакаш ти! … И повторно отиде и се помоли, велејќи: ‘Оче мој, ако не е можно да ме одмине оваа чаша, да не ја пијам, нека биде твојата волја’“ (Матеј 26,38-42).
Оче мој, чашава што ми ја даваш да ја пијам премногу е горчлива, премногу е бигорна, вели Исус. Може ли таа да ме одмине, да ме заобиколи, да не ја пијам? – За жестокоста на битката што се водела во неговата душа во Гетсиманија, каде што донел конечна одлука да оди на крст и докрај да расчисти со гревот и конечно на грешниците да им овозможи спасение и живот вечен во неговото царство, сведочат и дробните капки крвава пот што избивале од неговото чело и се тркалале низ неговото лице. „А кога се најде во претсмртни маки, се молеше уште поусрдно, а потта му прилегаше на капки крв што паѓаа на земјата“ (Лука 22,44).
Утредента Христос е распнат на крст. – Срамна и грозна смрт со неискажливи болки, пострашна од смрт во гасна комора, погрозоморна од смрт на ломача и гилотина. Срамна бидејќи на крст биле распнувани најголемите злосторници во тоа време наполно голи, изложени на погледите на јавноста и на нивните најблиски роднини – мајка, татко, браќа, сестри, тетки, комшии, познати и непознати… Христос – претходно неправедно осуден и од духовните и од световните власти, од највисоките свештеници и од Пилата, до крајни можни граници понижен, плукан, тепан, предмет на подигравки на највулгарниот џган, со трнов венец на главата, со тежок крст на плеќите, се тетерави кон Голгота; со срамна глетка за околината и со одземено човечко достоинство – е распнат меѓу двајца злосторници. Праведник, невин, виси меѓу двајца закоравени грешници, убијци, криминалци, терористи…
Господе, каде си, срцето ми го гламноса, животот ми го запусти, ме забради во црнина – очајно и немоќно викаат илјадници мајки до дното на душата ожалостени за своите деца, жртви на најразлични несреќи, пекајќи пред Бога за одговор – а одговор нема!
Господе, зар не гледаш што прават со нас? – жално прашуваат милиони невини луѓе, жртви на најразлични одмазди, измачувања, на најодвратни колежи, војни, при што нивните обезличени мртви тела со булдожери ги запретуваат во заеднички гробници или пак ги кремираат. Прашуваат – а одговор нема.
Одговор нема и за Христа. Во Гетсиманија Тој пека пред Бога да го одмине, да го заобиколи премногу горчливата чаша, ако е можно да не ја пие. Одговор и олеснение нема. Мора до последна капка да ја пие чашата на гревот и беззаконијата на грешниците, инаку спасение за нив нема. Некој мора да го преземе гревот од нив и да умре за нивното беззаконие, инаку тие, грешниците, ќе умрат за вечни времиња. Бремето на гревот што е натоварено врз неговиот грб е премногу тешко за него и Тој бара помош, бара поддршка, поткрепа, а помош и поддршка нема од никаде. Неговите најблиски, учениците, го напуштиле и се разбегале.
На крстот му се обраќа на Отецот, надевајќи се дека од него ќе добие помош и поддршка, но, наместо помош – апсолутна осаменост. Наместо одговор на очајното прашање „Боже мој, Боже мој, зошто ме напушти?“ – молскавици и силни громови и татнежи; наместо одговор – тежок, неподнослив молк. Наместо светлина и зрачок на надеж за некаква помош – густа непробивна темнина, мрак: „А од шестиот час се стемни над целата земја до деветтиот час“ (Матеј 27,45).
И сонцето го засолнило својот поглед од оваа страшна сцена. Неговите сјајни зраци ја осветлувале земјата на пладне, а наеднаш како да исчезнале. Крстот го обвила потполна темнина како мртовечки покрив. Ниедно око не можело да се пробие низ црната завеса што го обвивала крстот, и никој не можел да проникне низ уште подлабоката темнина што ги покривала страдањата на Христовата душа. Острите молњи што молскале во тие мигови како да биле насочени кон него додека висел на крстот. Небото како да му се одмаздувало нему. Громовите на Божјиот гнев што татнеле тоа попладне како да го гаѓале него. И навистина го гаѓале него.
Во продолжение следат поднасловите од поглавјето „Каде е Бог кога невини страдаат?“. Кога ќе кликнете врз поднасловите, ќе ви се отворат нивните текстови.
КАДЕ Е БОГ КОГА НЕВИНИ СТРАДААТ?
Во Библијата читаме прекрасни ветувања што им ги дава Бог на праведните дека ќе уживаат негова висока заштита и помош кога светот го погаѓаат тешки зла и кога грешните гинат. Меѓутоа, факт е дека секогаш не е така. Суровата животна стварност покажува дека често и...
Во Гетсиманија и на Голгота Исус дава одговор на сите мачни прашања што збунуваат
Да, точно е дека „Господ седи на висок и возвишен престол“. Но истиот тој Господ Исус Христос - гледајќи ги страдањата и патилата на своите човечки суштества зафатени од виорот на гревот, решил да го напушти небото и доброволно да се лиши од сите привилегии и...
Христос за нас стана грешен, грешник и „грев“; проклет, проклетник и „проклетство“
Прво, уште еднаш да го потврдиме она што повеќепати го кажавме - Христос бил безгрешен, немал никаков свој грев: „Тој не направи грев и не се најде измама во неговата уста“ (1. Петрово 2,22). Но, од друга страна, во Божјата реч ги читаме и оние силни надежни зборови...
Христос е Јагне Божје, лав и змија отровница
Христос е „Јагне Божје кое ги зема гревовите на светот на себе“; него „го одведоа како јагне на клање“ „за да се откупиме (од гревот) со скапоцената крв на Христа како невино и чисто јагне“; пред „престолот (Божји) стоеше Јагне како заклано“ (Јован 1,29; Исаија 53,7;...
Христовите страдања не престанале на Голгота
Христовите страдања, болки и патила не престанале во Гетсиманија и на Голгота! Не! Христос и понатаму сочувствува и силно страда и пати заедно со своите деца кои страдаат. Тој Гетсиманија и Голгота секојдневно повторно ги доживува во нивниот живот, рамо до рамо...
Што го присилува Бога да дозволи да страдаат невини луѓе?
Зошто Бог толку високо ги цени оние што соучествуваат во Христовите страдања, што страдаат на правдина, што пијат од бигорната чаша од која пиел Исус? Зошто е тоа толку голема чест и предимство за нас и ние, слично на Христа, да имаме своја Гетсиманија и своја...
За невините страдалници не е трагедија што страдаат за Бога
Се поставува прашање дали е трагедија што страдаат тие верни и предани Божји слуги, тие невини луѓе? Од човечка гледна точка да, но од Божја перспектива не! Гледано со Божјите очи, тоа е тешко, мачно, жално, но не и трагично. Бог многукратно ќе им го надомести она што...
Во продолжение следи содржината на книгата „Времето и знаците“. Кога ќе кликнете врз насловите и поднасловите, ќе ви се отворат нивните текстови.