Ѕверовите во книгата на пророк Даниел
Во Библијата наидуваме на повеќе ѕверови како симболи на историски реалности што покриваат определени историски периоди полни со библиски настани концизно опишани на овој начин. Зад нив се кријат одредени личности и структури кои навистина се однесувале како ѕверови, кои зад себе оставиле многу грдо минато. Всушност, истата историја, во претходните два наслова прикажана со кип или статуа (Даниел 2. глава), сега, со некои додатни специфики, е прикажана преку ѕверови.
Во книгата на пророк Даниел, во седмата глава, се среќаваме со четири ѕвера кои излегуваат од море, именувано како Големо Море, денешно Средоземно Море. Морето или водите од кои излегуваат ѕверовите „луѓето, народите, племињата и јазиците“ (Откровение 17,15).
Му даваме збор на пророк Даниел да ни даде појаснение во врска со ѕверовите што ги видел: „Видов ноќе во видение: Четири небесни ветра го разбранија Големото Море. Од морето излегоа четири големи ѕвера, секој поинаков. Првиот беше како лав, со орловски крилја. Додека го посматрав, крилјата му се искубаа, се дигна од земјата и се исправи на нозете како човек, и му се даде човечко срце. По него излезе втор ѕвер, сосем поинаков, како мечка, подисправена од едната страна, со три ребра во устата, меѓу забите. И му беше кажано: ‘Стани и јади многу месо!’ Гледајќи понатаму, видов трет ѕвер, како леопард, на грбот со четири крилја како на птица; имаше четири глави, и му беше дадена сила. Потоа, во ноќните виденија видов четврти ѕвер, страшен, ужасен, извонредно силен; имаше големи железни заби; тој ненаситно јадеше и дробеше, а остатоците ги газеше со нозете. Тој ѕвер се разликуваше од претходните ѕверови и имаше десет рогови. Ги посматрав роговите, и видов како меѓу нив израсна еден мал рог; и пред тој рог се искорнаа три претходни рога. На тој рог видов очи како човечки очи, и уста која зборуваше големи богохулства“ (Даниел 7,1-28).
– Првиот ѕвер е лав со крилја. Тоа е Вавилон, Вавилонското царство (златната глава од кипот), на чело со најсилниот цар Навуходоносор, потоа Валтасар и др.
– Вториот ѕвер е мечка со три ребра во устата (сребрените гради од кипот). Тоа е Медо-Персија, Медо-Персиското царство, со царевите Дариј Медијанецот, Кир Велики, Ксеркс или Асвир и др.
– Третиот ѕвер е леопард со четири глави и со четири крилја (на кипот: стомакот и бедрата од бронза). Тоа е царството на Александар Македонски. Крилјата ја претставуваат брзината со која Александар Македонски го освоил светот. По неговата смрт, неговото царство се распаднало на четири дела – тоа се четирите глави на леопардот. Царството на Александар е претставено и со јарец со огромен рог меѓу очите, кој се скршил и на негово место израснале други четири помалечки рогови – по неговата смрт, неговите четири генерали го поделиле неговото царство на четири дела. Медо-Персиското царство е претставено и со тромав овен со два рога, кој немал сила да му се противстави на јарецот (Даниел 8. глава).
– Четвртиот ѕвер е безимен, мошне силен и страшен ѕвер, со големи железни заби, со јаки канџи и со десет рогови на главата (на кипот: нозете од железо). Тоа е Рим, Римското царство, на чело со римските цезари. Римското царство се распаднало на десет држави, на десет монархии, кои прераснале во денешните европски држави (десетте рогови и десетте прсти на стапалата од кипот).
Четвртиот ѕвер, на кој му е посветен голем простор и внимание во книгата на пророк Даниел, а подоцна и во Откровението на апостол Јован, и во другите новозаветни книги, за нас, и за светот во целост, има огромна теолошка вредност, но не само теолошка. Неговиот страшаен изглед и неговата огромна сила речито зборуваат за неговата страшна и свирепа улога што ја играл и одиграл на светската сцена уште од неговата појава, и понатаму низ историјата, кога „ќе ја згази, ќе ја изеде и ќа ја сотре сета земја“ (Даниел 7,23). Но, неговата улога не е само историско минато; таа не е завршена некаде во историјата. Таа своја хорорна улога четвртиот ѕвер ја играл, но не ја доиграл до крај. Библиското пророштво кажува дека крајот на неговата улога се совпаѓа со крајот на светот, кога тој на светската сцена за последен пат ќе истапи како најголем диктатор, чијашто диктатура ќе ги засенчи сите свои и други диктатури од минатото, кога, како и Навуходоносор, ќе го собере пред себе сиот свет – сите народи, племиња, јазици и колена, и ќе им нареди да му се поклонат нему, кога на секој жител на планетата Земја ќе му каже: „Кој е тој бог што ќе те спаси и избави од моите раце!?“
Од таа причина, на четвртиот ѕвер, односно на Римското царство, како персонификација на четвртиот ѕвер, ние ќе му посветиме големо внимание веднаш во следниот наслов со неговите повеќебројни поднаслови од книгава. Со него пак ќе се сретнеме при крајот од книгава, кога ќе зборуваме за ѕверовите во Откровението и за Вавилонската блудница.
Во продолжение следат поднасловите од поглавјето „Историјата на светот во Библијата прикажана со ѕверови“. Кога ќе кликнете врз поднасловите, ќе ви се отворат нивните текстови.
ИСТОРИЈАТА НА СВЕТОТ ВО БИБЛИЈАТА ПРИКАЖАНА СО ЅВЕРОВИ
Во продолжение следат поднасловите од поглавјето „Историјата на светот во Библијата прикажана со ѕверови“. Кога ќе кликнете врз поднасловите, ќе ви се отворат нивните текстови. ...
Во продолжение следи содржината на книгата „Времето и знаците“. Кога ќе кликнете врз насловите и поднасловите, ќе ви се отворат нивните текстови.