Повеќе за Луцифера!
„Ти беше примерок на совршенство, полн со мудрост и чудесно убав. Живееше во Божјата градина, во Едем. Твојата облека беше украсена со скапоцености: со сард, топаз и дијамант, хрисолит, оникс и јаспис, сафир, смарагд и злато. На денот на твоето раѓање беа направени и подготвени тапани и кавали. Те поставив како раскрилен херувим, заштитник: беше на светата Божја гора, одеше сред огнено камење. Совршен беше на своите патишта“ (Езекил 28,12-14).
Со врвна интелигенција, „чудесно убав“, моќен и мудар, со прониклив дух и со толку високи предимства со кои го почестил Бог, Луцифер бил омилен и сакан водач на небесните ангели, безброј милиони, и ги предводел небесните хорови кои непрекратно го славеле Бога со своите музички дарби, чиишто чудесни песни и милна музика се разлевале како пријатна бучава на силни води низ целата вселена. Тој, како композитор, надарен да компонира сè нова и нова, неповторливо убава и пријатна музика и сè почудесни песни на слава на Бога, и како диригент, давал интонација и ја отпевал првата нота што ја прифаќале хоровите од чиишто песни и музика трепереле од радост струните на душите на жителите на целиот космос и вселената ја претворале во восхитувачки убаво и пријатно место за живеење. Да, тоа бил Луцифер, светлоносец, ѕвезда Деница.
Но еден ден, среде таа вековна вселенска хармонија се слушнала нехармонична нота којашто ја нарушила небесната хармонија и ја вознемирила вселената, и тоа токму од оној кој бил најнадарен од Бога да создава и кој создавал хармонија – од Луцифера.
Во неговото срце се јавило незадоволство со положбата што ја заземал. Иако уживал статус на најповластено создадено суштество и бил поставен на највозвишено место, веднаш до Бога, кај него се родила мисла и желба за уште повисоко место, мисла и желба и тој да има свој престол, да се изедначи со Бога, да стане Бог. Така во неговото срце неоправдано и, од за нас несфатливи причини, се зачнало беззаконие. Тоа е тајна за сите созданија, зашто гревот во Библијата се нарекува „тајна на беззаконието“ (2. Солуњаните 2,7). Но, да ѝ дадеме место на Божјата реч:
„Совршен беше на своите патишта од денот кога беше создаден додека не ти се зачна беззаконие во срцето… се наполни со насилство и згреши. Така те отфрлив од Божјата гора, те истргав, херувиме, заштитнику, од средината на огнените камења. Срцето ти се возгордеа заради твојата убавина, ја занемари својата мудрост заради своето богатство“ (Езек. 28,15-17).
„Како падна од небесата, светлоносецу, сине на зората? Како си кутнат на земјата ти, владетелу на народите? Во срцето свое си велеше: ‘Ќе се искачам на небесата, ќе подигнам свој престол над Божјите ѕвезди… Ќе бидам еднаков со Севишниот.’ А се урна во подземјето, во длабините на бездната. Оние што те гледаат, те следат, и за тебе размислуваат: ‘Тоа ли е оној што ја тресеше земјата и ги нишаше царствата, кој светот го претвораше во пустина и со земјата ги срамнуваше градовите, кој своите робови никогаш не ги пушташе дома’“ (Исаија 14,12-17).
Иако од почеток длабоко скриени и недосегливи за ангелите, Божјето око ги забележало уште првите никулци на незадоволство, првите зачетоци на гревот во срцето на Луцифера кои прераснале во силна неконтролирана желба и алчност по секоја цена да се добере до нешто што не му припаѓа на ниту едно создадено суштество – да се добере до власт и до свој престол. „Во срцето свое си велеше“, си планираше, „ќе се искачам на небесата, ќе подигнам свој престол над Божјите ѕвезди… Ќе бидам еднаков со Севишниот!“
Бог однапред ги видел страшните последици на гревот, грозоморите низ кои ќе поминува нашата планета и, пред да избувне тој пожар, кој ќе ја зафати целата вселена и ќе ја наруши нејзината монолитност, повеќе пати му обрнал внимание на Луцифера. Но, сите силни Божји желби и совети со кои Бог копнежливо настојувал да го одврати од тој пеколен пат што ќе го упропасти и него и милиони суштества и ќе им нанесе неискажливи болки, не наишле кај него на одѕив.
„Ти одеше (halak) сред огнено камење“, читавме за Луцифера. Глаголот halak значи „оди наоколу“ (наваму-натаму) и ја изразува неговата слобода, особено неговата надзорна улога. Херувимот слободно се движел наоколу, посматрајќи што се случува околу него. Тој слободно патувал низ „Божјата света гора“, која претходно се спомнува како „Божја градина“ или Едем. „Божјата Гора“ е место на небото каде што небесниот совет се состанува со Господа. Исаија ја спомнува како „Гора Зборна“.
„Тргувајќи изобилно, се наполни со насилство и згреши“ (Езекил 28,16). Овде Езекил го прикажува херувимот вплеткан во трговија која го исполнила со насилство и предизвикала грев. Текстот го прикажува како трговец кој во тој контекст тргува (шири или продава) дух на бунт, а други го слушаат. Тоа означува лице кое оди ноколку како трговец кој патува од место до место за да ја продаде својата стока – торбарење.
Мислејќи дека Бог не гледа и не знае, Луцифер многу вешто почнал меѓу ангелите да шири идеи за некаква поголема слобода, мисла дека Бог своите созданија ги ставил во рамки на строги ропски закони, правила и прописи, ги ограничува, не им дава слобода и право да бираат и можност да напредуваат и да се потврдат како слободни суштества. Почнал да шири идеја како Бог е неправеден, не им дава право на избор, дека е себичен, само бара ропска послушност, обожавање, чест и слава; само бара, а ништо не дава, бара од нас жртва, а самиот не се жртвува – Бог е диктатор, и секој што мисли поинаку, Тој ќе го убие!
Јас, им велел Луцифер на ангелите, би подигнал царство многу поубаво и поправедно од Божјето. Секому од вас би му дал правдина и апсолутна слобода со неограничени можности да ужива, да напредува и да се потврдува себеси како суштество слободно од секакви ограничувања и стеги; моето царство би било праведно и совршено и во него би цутела безмерна среќа и вистинска, немерлива радост…
И така, со текот на времето со своите идеи, лаги и грешни желби, со својот грев, Луцифер успеал да го инфицира умот на една третина од вкупниот број на Божјите ангели, да ги повлече на своја страна и да ги стави под своја контрола, претворувајќи ги со тоа од добри ангели во демони и ѓаволи. Патем кажано, бројот на небесните ангели е огромен: „Илјада илјади му служеа (на Бога), и десет илјади по десет илјади стоеја пред него“ (Даниел 10,7).
Во продолжение следат поднасловите од поглавјето „Генезата и подемот на гревот“. Кога ќе кликнете врз поднасловите, ќе ви се отворат нивните текстови.
ГЕНЕЗАТА И ПОДЕМОТ НА ГРЕВОТ
Како што кажавме, зборот грев покрива најгрди, најмачни и најмрачни, најодвратни и најгрозоморни, екстремно зли и најпеколни појави што воопшто можат да се замислат, пред кои човекот стои стаписан и нем и од кои духот му снеможува. За суштината на овие појави ние веќе...
Зошто Бог не го уништил веднаш Луцифера?
Сепак, најчесто прашање во врска со гревот е: Зошто Бог не го пресекол гревот во коренот, не го уништил неговиот зародиш и неговите никулци во срцето на Луцифера, туку дозволил тој да ескалира во невидени размери и да ја зарази и вознемири целата вселена и на сите...
Војна на небото
Кога гревот фатил длабоки корења и ескалирал во големи размери, Бог бил присилен да го оддалечи Луцифера од својот престол, да го отстрани од своја близина. Тогаш тој со своите ангели, кои му искажале лојалност и преминале на негова страна и под негово знаме, дигнал...
Нашата планета – зафатена од пожарот на гревот
Ние, како човечки род, како луѓе, наоѓаме свое потекло во активноста на божествениот ум - сме почнале како Божја мисла. Во еден определен миг на вечноста Бог решил да создаде луѓе според својата лика, еден нов род во вселената. Не препуштајќи ништо на случај, Бог...
Гревот како категорија
Во Библијата се користат различни зборови и изрази за да се објасни поимот грев. Ќе ги наведеме оние кои најчесто се употребуваат во двата завета, ќе го објасниме нивното значење и ќе наброиме неколку стихови во кои тие се спомнуваат. 1. Неправда (adikia): „Секоја...
Во продолжение следи содржината на книгата „Времето и знаците“. Кога ќе кликнете врз насловите и поднасловите, ќе ви се отворат нивните текстови.