Нашата планета – зафатена од пожарот на гревот
Ние, како човечки род, како луѓе, наоѓаме свое потекло во активноста на божествениот ум – сме почнале како Божја мисла. Во еден определен миг на вечноста Бог решил да создаде луѓе според својата лика, еден нов род во вселената. Не препуштајќи ништо на случај, Бог испланирал секоја подробност кај тие сложени созданија. За нив прво создал чудесно убава животна средина, прекрасна планета со чудесно убава флора и фауна. Библискиот текст потеклото на човекот го поврзува директно со Бога. „Бог рече: ‘Да создадеме човек според нашиот лик, според нашата сличност’… Господ Бог го обликува (го создаде) човекот од земниот прав и му дувна животен здив во носалките. Така човекот стана жива душа. И Господ Бог насади градина на исток (рај), во Едем, и таму го смести човекот, кого го обликува… Господ Бог рече: ‘Не е добро човекот да биде сам; ќе му создадам другар, соодветен нему.’ … Тогаш Господ Бог му нанесе длабок сон на човекот и тој заспа, па му извади едно од неговите ребра, а местото го пополни со месо. Од реброто што го зеде од човекот Господ Бог обликува (создаде) жена и ја доведе при човекот. Тогаш човекот рече: ‘Тоа е коска од моите коски и месо од моето месо! Нека биде наречена жена, зашто е земена од мажот’… Така Бог го создаде човекот според својот лик, според Божјиот лик; ги создаде машко и женско“ (1. Мојсеева 26,26.27; 2,7.8.18.21-23).
Сознанието дека нас нè создал Бог значи дека ние не сме само случај – дека не сме само краен производ на некаков несвесен природен закон. Ние сме резултат на божествено размислување, анализа и израз на божествената слобода, на неговата сила и љубов. Таа божествена намера му дава висока вредност на човечкиот род и нераскинливо нè поврзува со Бога, ставајќи нè во однос Создател-создание. Тоа значи дека ние можеме да имаме заедница со него.
Како што ќе биде објаснето подоцна кога ќе зборуваме за небесното Тројство, плуралноста на личноста внатре во Божеството ни открива дека Бог е друштвено суштество, па оттаму заедништвото претставува дел на неговата суштина. Тоа што се создадени според Божјата лика луѓето ги дефинира како друштвени суштества кои постојат во заедница со други. Прв друштвен однос што го воспоставил Адам бил односот со Бога. Творецот вдахнал животен здив во неговите ноздри и првиот човек станал живо суштество. Тука не станува збор за божествен живот, туку за создаден живот. Кога Адам ги отворил своите очи, неговиот мозок ја регистрирал првата слика, сликата на Бога. Двете личности долго се посматрале една со друга меѓу себе во Едемската градина (во рајот), и се соединиле во најсјајна заедница на која човечките суштества кога било ѝ пристапиле.
И првиот друштвен однос на Ева не бил остварен со Адама, туку со Бога. Творецот го успал Адама не зато што не сакал тој да почувствува болка при „операцијата“, туку Ева да го ужива истото предимство како и тој, имено најпрво да искуси заедница со Бога, па дури потоа со Адама. Радоста што произлегува од постојаната и непречена заедница со Бога човечките суштества ги изделува од останатиот создаден свет. Бог планирал таа заедница со луѓето што ги создал и таа радост што произлегува од неа за нив да траат вечно. Меѓутоа, откако нашле упориште на нашата планета Земја, сатаната и неговите демони на неа го пренеле гревот со сите негови страшни последици, претворајќи го на тој начин нашиот свет во пеколно место за живеење. Поаѓајќи им од рака да го инфицираат умот на Адама и Ева и да го всадат гревот во нивното срце, тие успеале преку нив да го заразат целото човештво со оваа смртоносна болест, од која нема друг лек освен крвта на нашиот Спасител Исус Христос.
Значи, во својот бунт против Бога ги вовлекле и нашите први родители, прародителите, ставајќи ги и нив под своето крваво знаме против Бога. За таа цел сатаната се послужил со змијата која најверојатно од почеток била најубаво и најпривлечно животно за Ева, можеби нејзино омилено галениче со крилја со кое се дружела. И токму затоа сатаната влегол во неа и неа ја одбрал како медиум или посредник од кој ѝ се обратил на Ева, односно на жената:
„Змијата беше полукава од сите полски животни што ги создаде Господ Бог. Таа ѝ рече на жената: ‘Вистина ли Бог ви рекол дека не смеете да јадете од ниту едно дрво во градината?’ Жената ѝ одговори на змијата: ‘Ние смееме да јадеме плодови од дрвјата во градината. Само за плодот на дрвото што е среде градината Бог рече: Не јадете од него! И не допирајте го, за да не умрете!’“
Идејата за слобода или за слободен избор меѓу доброто и злото, меѓу смртта и вечниот живот, испловила на површина во сета своја сила и убавина кога Бог им заповедал на Адама и Ева да не јадат од едно дрво во градината. Таа заповед им дала можност слободно да одберат или вечен живот, или вечна смрт.
Како што е познато од библискиот извештај, Адам и Ева дошле во постоење без да им се даде слобода да одберат дали да бидат создадени или не. Тоа била логична неможност. Нивната слобода се појавила дури откако биле создадени, и тоа во вид на избор. Адам и Ева на располагање имале само два избора, не повеќе: само живот и смрт. Но Творецот навистина им дал можност слободно да изберат постоење или непостоење, што значи слободно да го прифатат дарот на животот или да се вратат во ништожност или во непостоење. Бог сакал тие да одберат живот, па оттаму колку што можел посилно нагласил дека Тој, доколку се одлучат за смртта, ќе го прифати нивниот избор и дека тие „сигурно ќе умрат“.
Очигледно е дека, ако го отфрлат Божјиот дар, тоа ќе значи дека ќе го презрат Бога, и тоа би било бунт, но Тој бил подготвен да ја прифати нивната одлука. Во спротивно, Бог би ги натерал вечно да живеат на нашата планета како робови, без нивна согласност. Ова нè води до змијата:
„А змијата (сатаната преку змијата) ѝ рече на жената: ‘Не, вие нема да умрете! Туку Бог знае дека, во оној ден кога ќе јадете од него, ќе ви се отворат очите и вие ќе бидете како Бога, распознавајќи го доброто и злото.’ Жената виде дека дрвото е добро за јадење, пријатно за очите и посакувано заради мудрост, скина од плодот и го изеде, па му даде и на својот маж и тој го изеде. Тогаш им се отворија очите и видоа дека се голи … и се скрија, мажот и жената, пред Господа Бога, меѓу дрвјата во градината“ (1. Мојсеева 3,1-8).
Падот на Луцифера е зачнат со неговата желба да биде Бог. Сега иста желба успеал да разгори и кај Ева: „И вие ќе бидете како Бога!“ И успеал во тоа. Ева ја прифатила неговата лага и згрешила, а со неа и Адам, станувајќи на тој начин грешници и внесувајќи го во светот гревот како грев со неговите страшни разорни последици со вселенски димензии.
Змијата која, по падот во грев, од најомилено станала најодвратно животно, всадила во човечкиот ум мисла дека Творецот го спречува човечкиот развој, ограничувајќи ги човечките суштества и сведувајќи го нивниот живот само на живот како созданија и ништо повеќе. Затоа Адам и Ева го отфрлиле господарството на Творецот и како слободни суштества направиле погрешен избор, залудно барајќи независност, со што станале робови на изопачената сатанска сила која дејствувала противставувајќи му се на Бога, сила која ги турнала во најцрно ропство – во грев. Првата брачна двојка носела во себе срам поради поразот. Во Стариот завет поимот „гол“, „голи“, и срамот, имаат посебно значење во контекстот на поразот. Голотата го симболизирала ропството. Во стариот свет постоела вообичаена практика поразените војски – воените заробеници – да се присилат голи и осрамотени да одат до градот на победничкиот цар (Исаија 20,4).
За Адама и Ева читаме: „Тогаш (кога згрешиле) на двајцата им се отворија очите и видоа дека се голи“ (1. Мојсеева 3,7). Нивната голота упатува на фактот дека тие биле поразени од непријателот (сатаната) и станале воени заробеници, со што на своето потомство, на човештвото, во наследство му ја предале и пренеле својата голота – грев, ропство на гревот, заробеници на сатаната.
„И така гревот влезе во светот преку еден човек (преку Адама), а преку гревот смртта“, а „плата за гревот е смрт“, „така смртта премина на сите луѓе бидејќи сите згрешија“ (Римјаните 5,12; 6,23).
Така сатаната ја узурпирал нашата планета, на која се вее неговото знаме, и ја претворил во крвав полигон каде што го развива и усовршува своето убиствено оружје, гревот, подигајќи на неа свое царство – како што тврдел – многу, многу „поубаво“, „поправедно“ и „посреќно“ од Божјето; воспоставувајќи свој престол на нашата земја и прогласувајќи се себеси за „владетел на овој свет“ (Јован 12,31), „бог на овој свет“ (2. Коринќаните 4,4); сите царства на светот, „сета власт и сета нивна слава, мене ми се предадени – вели сатаната – и јас ги давам кому што сакам“ (Лука 4,5).
Но, колку „поубаво“, „поправедно“ и „посреќно“ е царството на сатаната од Божјето царство гледаме ние жителите на оваа планета а, заедно со нас, и целата вселена. Гледаме и слушаме невидени и нечуени стравотии, несреќи од секаков вид, страшни и најстрашни, гледаме војни, крвопролевање, смрт…
Затоа што не послуша, „земјата ќе биде проклета поради тебе“, му вели Бог на Адама. „Со мака ќе се храниш од неа сè до крајот на својот живот! Таа ќе ти раѓа трње и троскот, а ти ќе јадеш полски растенија. Со пот на своето чело ќе јадеш леб додека не се вратиш во земјата од која си земен, зашто си прав и во прав ќе се вратиш“ (1. Мојсеева 3,17-19).
Ете, тоа и такво е царството на сатаната, на кого Бог му даде право да бира – и избра – и не го запре во неговите подмолни походи да ги зарази и другите созданија со гревот, туку му даде можност да ги реализира своите тврдења, со што го соголи, целосно го обелодени и го прикажа во вистинска светлина пред сите жители на вселената.
Наместо ветената „слобода“, сатаната своите приврзаници ги струполил во тешко ропство, претворајќи ги во робови на гревот, „кои заради стравот од смртта, цел живот беа во ропство“, зашто „секој што прави грев – што греши – роб му е на гревот“ (Евреите 2,15; Јован 8,34; Римја ите 6,17).
Во продолжение следат поднасловите од поглавјето „Генезата и подемот на гревот“. Кога ќе кликнете врз поднасловите, ќе ви се отворат нивните текстови.
ГЕНЕЗАТА И ПОДЕМОТ НА ГРЕВОТ
Како што кажавме, зборот грев покрива најгрди, најмачни и најмрачни, најодвратни и најгрозоморни, екстремно зли и најпеколни појави што воопшто можат да се замислат, пред кои човекот стои стаписан и нем и од кои духот му снеможува. За суштината на овие појави ние веќе...
Повеќе за Луцифера
„Ти беше примерок на совршенство, полн со мудрост и чудесно убав. Живееше во Божјата градина, во Едем. Твојата облека беше украсена со скапоцености: со сард, топаз и дијамант, хрисолит, оникс и јаспис, сафир, смарагд и злато. На денот на твоето раѓање беа направени и...
Зошто Бог не го уништил веднаш Луцифера?
Сепак, најчесто прашање во врска со гревот е: Зошто Бог не го пресекол гревот во коренот, не го уништил неговиот зародиш и неговите никулци во срцето на Луцифера, туку дозволил тој да ескалира во невидени размери и да ја зарази и вознемири целата вселена и на сите...
Војна на небото
Кога гревот фатил длабоки корења и ескалирал во големи размери, Бог бил присилен да го оддалечи Луцифера од својот престол, да го отстрани од своја близина. Тогаш тој со своите ангели, кои му искажале лојалност и преминале на негова страна и под негово знаме, дигнал...
Гревот како категорија
Во Библијата се користат различни зборови и изрази за да се објасни поимот грев. Ќе ги наведеме оние кои најчесто се употребуваат во двата завета, ќе го објасниме нивното значење и ќе наброиме неколку стихови во кои тие се спомнуваат. 1. Неправда (adikia): „Секоја...
Во продолжение следи содржината на книгата „Времето и знаците“. Кога ќе кликнете врз насловите и поднасловите, ќе ви се отворат нивните текстови.