Стариот завет не е укинат
Кажавме дека во христијанскиот свет владее голем кошмар и смут кога ќе се каже „стар завет“. За мнозинството христијани стар завет е само збирката книги напишани пред Христа, без да водат сметка за стариот завет како договор или сојуз меѓу Бога и израелскиот народ, ниту пак прават разлика меѓу Божјиот закон, Десетте Божји заповеди, дадени директно од Бога, и другите привремени закони што му ги дал Бог на израелскиот народ посредно преку Мојсеја.
Според нив, таа збирка книги е наречена „стар завет“ и него Христос го укинал кога умрел на крстот. За нас, христијаните, велат тие, сега важи само канонот на новиот завет. Затоа огромен број христијани денес „стариот завет“ или збирката канонски книги напишана пред Христа ја сметаат за музејски експонат кој ја одиграл својата улога, ја завршил својата задача, се истрошил и заминал во архивите на христијанската историја, така што тој за нив има само историска и музејска вредност.
Грешка! Огромна грешка прават христијаните кои мислат така за стариот завет, повикувајќи се првенствено на текстот од 2. Коринќан. 3,13-16:
„Не како Мојсеј, кој ставаше превез на своето лице за да не го гледаат Израеловите синови крајот на поминливото. Но нивните умови беа закоравени, зашто до ден денешен останува истиот превез несимнат при читањето на стариот завет, кога не им се открива дека тој во Христа престанува. И така, сè до денес, кога го читаат Мојсеја, превез ги прекрива нивните срца. Но, кога (Израел) ќе се обрати кон Господа, превезот се отстранува.“
Јасно е и неспорно дека „тој (стариот завет) во Христа престанува.“ Но што престанува, а што останува во сила и понатаму, сè до денешен ден, и уште подалеку – во вечноста?
Очигледно е дека овде не станува збор за укинување на збирката книги на Стариот завет, туку на стариот завет како договор или сојуз меѓу Бога и израелскиот народ кој воопшто не заживеал. Еве краток инсерт од она што веќе беше кажано за тоа:
Изразите во 2. Коринќаните 3,6-11 и во Римјаните 7,6: „Словото убива“, „служба на законот кој убива, врежана во камења со букви“, „гревот, кој нè држеше во ропство“, „се ослободивме од законот“ и „старото слово“ – очигледно се однесуваат на времето кога сме живееле „под законот“, кога камените плочи со Десетте заповеди сме ги носеле на грб како неподнослив товар, на времето кога законот нè гонел да нè убие заради нашиот грев, да нè убие додека сме биле грешни и грешници. Тоа е оној период кога апостол Павле живееше „под законот“ и кога жално редеше: „Беден човек сум јас! Кој ќе ме спаси од ова смртно тело.“
А изразите: „слуги на новиот завет; не на словото, туку на Духот“, „Духот оживува“, „откако умревме за гревот“, „се ослободивме од законот“, „да служиме на нов, духовен начин“ – се однесуваат на времето кога Христос го отстранил гревот од нас и кога сме почнале да уживаме нов статус – да живееме „под благодатта“, со законот не на камените плочи, туку во срцето.
Очигледно е дека канонот на Стариот завет не може да биде укинат, зашто тој, заедно со канонот на Новиот завет, претставуваат интегрална реч Божја, Библија, која е извор на Божји пораки за нас луѓето и непогрешлив пат кој води во спасение.
Да се потсетиме на Исусовите зборови: „Кој верува во мене како што е кажано во Писмото, од неговата внатрешност ќе потечат реки жива вода“ (Јован 7,38).
Кога Исус ги кажал овие зборови, Новиот завет уште не бил напишан. Било напишано само „Писмото“, односно само книгите на Стариот завет, и кога кажува „кој верува во мене како што е кажано во Писмото“, Тој нашето внимание го насочува кон старозаветниот канон, кон збирката на старозаветните книги – во нив да најдеме „реки на жива вода“ што ќе „потечат“ од нашата „внатрешност“.
Подоцна се напишани и книгите на Новиот завет и тој, заедно со Стариот, како што рековме, претставуваат неделива Божја реч, интегрална Библија или Свето писмо, за кое се кажува: „Сето Писмо е дадено од Бога“ (2. Тимотеј 3,16).
Според тоа, канонот на Стариот завет не е музејски експонат, истрошен, укинат и повлечен во пасива или во некакви архиви. Напротив, тој е во активна служба и, заедно со канонот на Новиот завет, рамо до рамо, и со полна пареа, како неделива целост, како интегрална Божја реч, силно сведочат за својот Автор чиишто пораки се запишани на нивните свети страници.
Канонот на Стариот завет не им е даден на Евреите во сопственост и изолација и тој не е еврејски. Навистина, „ним (на Евреите) им се доверени Божјите зборови“ (Римјаните 3,2), но на чување и со задача истите да ги промовираат пред светот и да им ги објават на сите народи. Значи, и канонот на Стариот и канонот на Новиот завет, не се ничија лична сопственост ниту монопол, туку му се предадени на целото човештво и истите имаат заеднички карактер и општочовечки вредности.
Што се однесува до законите со привремен карактер: обредниот закон (законот за жртвите, за свештенството и за Светилиштето, за обредното чистење и посветување), граѓанските и здравствените закони, што му ги дал Бог на својот народ Израел посредно преку Мојсеја – навистина тие ја завршиле својата улога и задача што ја поставил Бог пред нив и заслужено заминале во архивите на библиската историја и не се веќе во активна служба, укинати се. Но во никој случај не се укинати Десетте Божји заповеди како темел на стариот сојуз (завет) склучен меѓу Бога и израелскиот народ.
Во продолжение следат поднасловите од поглавјето „Божјиот закон и двата завета“. Кога ќе кликнете врз поднасловите, ќе ви се отворат нивните текстови.
БОЖЈИОТ ЗАКОН И ДВАТА ЗАВЕТА
Во продолжение следат поднасловите од поглавјето „Божјиот закон и двата завета“. Кога ќе кликнете врз поднасловите, ќе ви се отворат нивните текстови. Во продолжение следи содржината на книгата...
Стариот завет и Божјиот закон, Десетте заповеди
Често во Библијата ги среќаваме изразите „стар“ и „нов завет“. Што значи тоа? Кога ќе кажеме „стар завет“, ние мислиме и на збирката старозаветни пророчки канонски книги што се напишани пред Христа - 39 на број. Во нив се напишани старозаветните закони кои ги делиме...
Новиот завет и Божјиот закон, Десетте заповеди
„Еве, доаѓаат денови - говори Господ - кога ќе склучам нов завет со домот на Израел и со домот на Јуда. Не завет каков што склучив со нивните татковци ... завет што тие го раскинаа“, „не му останаа верни на мојот завет, па јас ги занемарив - вели Господ “ (Еремија...
Погрешни теолошки претстави за стариот и новиот завет
Во теолошките кругови постои стар теолошки проблем кој за многу христијани претставува вистинска загатка. Имено, некои теолози тврдат дека постојат суштински теолошки разлики меѓу „стариот“ и „новиот“ завет во Светото писмо, зашто тие, наводно, означуваат два различни...
Библиското крштавање – заветен однос меѓу грешникот и Христа
Откако грешникот ќе биде поучен на основните вистини на Светото писмо и својот живот ќе го сообрази со нив, и откако ќе се покае за своите гревови и истите ќе ги остави, може да пристапи кон библиско крштавање со кое станува верник на Божјата црква. Значи, библиското...
Источен грев и крштавање на мали деца
„Според нашата света вера, во Светата тајна на крштението новокрстениот се чисти од наследниот прародителски грев и духовно се раѓа за Бога, за живот вечен.“2 Пред 13-тиот век Црквата учела дека сите некрстени деца, вклучувајќи ги и новороденчињата кои умреле при...
Тврдењето дека „покајанието и крштавањето се еднакви на воскресение“ и дека „првото воскресение, тоа е всушност крштавањето“, е чист волунтеризам на православието!
„Во Светото писмо грешникот се смета и се нарекува духовно мртов (Лука 15,32), зашто ‘платата што ја дава гревот е смрт’ (Римјаните 6,23). Според тоа, покајанието и крштавањето се еднакви на воскресение. ‘Сите што се крстивте во Христа, во Христа се облековте’...
Света тајна миропомазание
„Преку светата тајна миропомазание христијанинот добива посебни дарови од Светиот Дух, потребни за растеж во моралниот живот, во светоста. Оваа света тајна ја воспоставил Господ Исус Христос, а апостолите ја применуваа врз верниците по нивното крштавање. Денес оваа...
Во продолжение следи содржината на книгата „Времето и знаците“. Кога ќе кликнете врз насловите и поднасловите, ќе ви се отворат нивните текстови.