Стариот завет и Божјиот закон, Десетте заповеди
Често во Библијата ги среќаваме изразите „стар“ и „нов завет“. Што значи тоа?
Кога ќе кажеме „стар завет“, ние мислиме и на збирката старозаветни пророчки канонски книги што се напишани пред Христа – 39 на број. Во нив се напишани старозаветните закони кои ги делиме на пет групи: Морален закон (Десетте Божји заповеди), обреден закон (тука спаѓа законот за жртвите), граѓански закони, здравствени закони и уредби и правила. Сите овие закони, освен моралниот Божји закон, имаат привремен карактер. Тие често меѓусебно се поврзани.
Обредниот или церемонијалниот закон е збирка на прописи за обредите во старозаветната служба. Тој ги одредува видовите на жртвите и начинот на нивно принесување како и одговорноста на секој верник во таа служба. Со него се одредуваат и годишните празници и начинот на нивното празнување. Овој закон, како што кажува Божјата реч, Христос го укинал кога умрел на крстот, во мигот кога невидлива рака ја искинала завесата во храмот (Марко 15,37.38).
Граѓански закони: Бидејќи израелскиот народ имал и држава, тој преку Мојсеја добил и граѓански закони: „Кој ќе удри човек па го усмрти, нека се казни со смрт… Кој ќе го удри својот татко или својата мајка, нека се казни со смрт… Око за око, заб за заб, рака за рака, нога за нога, изгореница за изгореница, рана за рана, синило за синило… Кога вол ќе убоде маж или жена па ги усмрти, волот нека се каменува со камења…“ итн. (2. Мојсеева 21. глава).
Кога израелскиот народ ја загубил својата независност, важноста на нивните граѓански закони престанала, зашто биле присилени да ги почитуваат римските закони. Секоја земја има свои граѓански закони, а за нив не води грижа црквата, туку државата. Светото писмо ги учи христијаните да ги почитуваат државните закони сè додека тие не му се противат на Божјиот закон.
Здравствените закони во Библијата ги запознаваат луѓето со здравствените и хигиенските начела. Меѓутоа, Бог сака луѓето во сите времиња да ги почитуваат природните, здравствените и хигиенските закони, зашто од тоа зависи здравјето на телото и духот. Затоа Бог дал закон за чиста и нечиста храна со цел човекот да биде здрав. На пример, тоа е законска одредба за чисти и нечисти животни (3. Мојсеева 11,1-23). Овој закон не е укинат.
За уредбите и правилата – подоцна, кога ќе стане збор за саботата.
Заедно петте книги Мојсееви се именуваат со зборот Закон, еврејски Тора, или Мојсеев закон и, за разлика од него, Десетте Божји заповеди никогаш не се наречени Мојсееви заповеди или Мојсеев закон. Со поимот Мојсеев закон се именуваат и законите со привремен карактер.
Трето и најзначајно од сè што кажавме во врска со ова прашање: Уште од вечноста небесното Тројство направило план за спасение на грешното човештво на нашата планета. Отецот, Синот и Светиот Дух се заветувале дека ќе ги откупат од ропството на гревот и ќе им подарат вечен живот на сите грешници што ќе стапат во заветен однос со Бога и што ќе ги исполнат условите на тој вечен Божји завет. Тој завет е верификуван или потврден на крстот на Голгота. Значи, станува збор за вечен Божји завет за вечен живот на грешниците. Ваков вечен завет за вечен живот првпат Бог склучил со Адама кога Адам паднал во грев, а подоцна со Аврама (1. Мојсеева 17,7). Истиот вечен завет, или завет на милоста, Бог го обновил со израелскиот народ на Синај, и најпосле, таков вечен завет за вечно спасение Христос од крстот на Голгота му понудил на целото човештво, а се реализира со секого поединечно.
Според тоа, кога ќе кажеме „стар завет“, ние буквално мислиме на заветот, на договорот или на сојузот што го склучил Бог со својот старозаветен народ Израел кога го прифатил како свој одбран народ во претхристијанскиот период на старозаветните пророци.
Значи, две страни – Бог и неговиот старозаветен народ Израел – свечено си даваат завет и ветување еден на друг за меѓусебна взаемност и припадност, склучуваат стратешки договор или стапуваат во сојуз во кој се удрени темелите на нивната заедница, дадени се правилата и регулирани се уделот, правата, обврските и одговорностите на двете страни при исполнувањето на заедничките задачи и цели. Уште еднаш – двете страни воспоставуваат заветен однос, склучуваат договор и стапуваат во сојуз во кој израелскиот народ ќе ужива Божје водство, помош и заштита, материјален и духовен благослов – вечен живот. Според Божјиот план и замисла, тој сојуз, тој завет, наречен „стар завет“, на израелскиот народ ќе му овозможи доминантно место во светот, создавајќи од него духовен центар, во чијашто средина ќе се роди Христос, кој ќе стане извор на спасение што ќе се шири и ќе го опфати цел свет, сите народи на светот. Посебност на стариот завет: Израелскиот народ колективно, како нација, го прифаќа Бога и колективно стапува во заветен однос со него.
Суштина на тој сојуз: Бог постојано ќе биде присутен среде својот народ на овој свет и неговата рака, преку неговиот народ, ќе му биде подадена на човештвото потонато во беззаконие за да го избави од бездната на гревот и да му подари спасение, вечен живот.
Стариот завет, договор или сојуз, меѓу Бога и неговиот народ, е склучен на планината Синај откако Бог го изговорил и го напишал својот закон, Десетте заповеди, на две камени плочи:
„Оној ден, кога стоеше на Хорив (Синај) пред својот Господ Бог, Господ ми рече: ‘Собери ми го народот! Сакам да ги чујат моите зборови за да се научат да се бојат од мене за сето време додека ќе живеат на земјата, па да ги поучат за нив и своите деца.’ Тогаш вие се приближивте и застанавте под гората. А гората гореше, и пламенот се креваше до среде небото, замрачено со темен облак. Господ ви зборуваше вам од среде огнот; вие го чувте гласот на зборовите, но не видовте образ, а само глас. Ви го објави својот завет и ви наложи да ги држите Десетте заповеди, што ги напиша на две камени плочи. А мене Господ ми нареди да ве поучам на законите и уредбите што ќе ги вршите во земјата во која одите да ја наследите“ (5. Мојсеева 4,10-13).
„Мојсеј дојде и му ги кажа на народот сите Господови зборови и одредби, а сиот народ одговори едногласно: ‘Ќе ги извршуваме сите зборови што ги кажа Господ.’ Тогаш Мојсеј ги запиша сите Господови зборови… Потоа ја зеде книгата на заветот, па му ја прочита гласно на народот, а народот одговори: ‘Ќе вршиме и ќе послушаме сè што рече Господ.’ Потоа Мојсеј ја зеде крвта (животинска) и го попрска народот, говорејќи: ‘Ова е крвта на заветот што го воспоставува Господ сега со вас врз основа на сите овие зборови’“ (2. Мојсеева. 24,3.4.7-9).
Според договорот, Бог бара од својот народ да ги прифати и да ги држи Десетте заповеди: „Ви го објави својот завет и ви наложи да ги држите Десетте заповеди, што ги напиша на две камени плочи.“ Народот позитивно одговара на Божјето барање и ветува послушност: „Сè што кажал Господ ќе слушаме и ќе извршуваме.“ Заветот е воспоставен, договорот е склучен и запишан во заветна книга запечатена со животинска крв. Бог стапува во сојуз со својот народ! Предмет на стариот завет, на договорот или на сојузот, е Божјиот закон, Десетте заповеди, напишани на две камени плочи.
Но, трагедија! Не поминале ниту четириесет дена, а израелскиот народ го погазил заветот. Божјиот народ не го одржал ветувањето што му го дал на Бога дека ќе ги држи неговите заповеди. Прекршиле две заповеди од Божјиот закон, првата и втората Божја заповед. Направиле теле од злато и му се поклониле.
„А народот, гледајќи дека Мојсеј не слегува долго од гората, се собра околу Арона и му рече: ‘Стани и направи ни бог, па нека оди тој пред нас! Не знаеме што се случи со тој човек Мојсеј, кој нè изведе од египетската земја.’“
„Побрзај долу! – му рече Господ на Мојсеја. Твојот народ што го изведе од египетската земја тргна наопаку. Бргу скршнаа од патот што им го одредив. Си направија теле од излиен метал, па паднаа ничкум пред него и му принесоа жртви, велејќи: ‘Ова е твојот бог, Израеле, кој те изведе од египетската земја’“ (2. Мојсеева 32,1.2.7.8).
Жална констатација: Господ сè уште е на висовите на Синајската гора каде што разговара со Мојсеја и му дава и други закони, правила и прописи за израелскиот народ, што исто така мора да ги почитува и држи; Синај сè уште чури и покажува застрашувачки знаци на Божје присуство; Божјиот народ, Израел, долу во долината, кој треперел пред Божјето величество, слушајќи со свои уши и гледајќи со свои очи како Бог ги изговара и ги пишува Десетте заповеди на две камени плочи, и кој пред кратко време му вети послушност и верна и предана служба на Бога, сега го гази заветот. Трагично! Стариот завет, договор или сојуз, е раскинат еднострано. „Тие (Израелците) го раскинаа“, „не му останаа верни на мојот завет, па јас ги занемарив – вели Господ “ (Еремија 31,31.32; Евр. 8,9).
Каде е причината за падот на израелскиот народ? Зошто не го одржале ветувањето за послушност што му го дале на Бога? Причината е едноставна! Во своето заветно ветување тие испуштиле да стават зачин кој се вика „вера“. Верата ја прифаќа Божјата подадена рака помошничка што би им помогнала да го одржат ветувањето за послушност. Ја испуштиле Божјата рака помошничка и се потпреле врз себе, врз своја сила, и – паднале! Народот не ја сфатил грешноста на своето срце; не сфатиле дека без Христа не е можно да се држи и да го држат Божјиот закон и неподготвени стапиле во заветен однос со Бога. Уверени дека сами можат да постигнат праведност, тие изјавиле: „Сè што кажал Господ ќе слушаме и ќе извршуваме“ (2. Мојсеева 24,7). Но тука промашиле. Гревот бил посилен од нивната желба и ветување за послушност. Израелците сметале дека можат сè сами, па дури и со своја сила и со свои дела да заработат спасение, вечен живот, што апсолутно не е можно. Тоа е назнабожечка претстава и темел на сите незнабожечки религии – заработување на спасението со дела, што никогаш не била Божја намера.
Излез: Господ ќе склучи со својот народ „нов завет“, зашто стариот завет „тие го раскинаа“.
Договорот не е реализиран, раскинат е – нивата му остана на сопственикот, а парите на купувачот!
Израелците ги загубиле сите предимства што им ги овозможувал стариот завет.
Бог приготвува пат за нов завет и бара нов партнер со кој ќе склучи нов договор, со кој ќе стапи во нов сојуз.
Во продолжение следат поднасловите од поглавјето „Божјиот закон и двата завета“. Кога ќе кликнете врз поднасловите, ќе ви се отворат нивните текстови.
БОЖЈИОТ ЗАКОН И ДВАТА ЗАВЕТА
Во продолжение следат поднасловите од поглавјето „Божјиот закон и двата завета“. Кога ќе кликнете врз поднасловите, ќе ви се отворат нивните текстови. Во продолжение следи содржината на книгата...
Новиот завет и Божјиот закон, Десетте заповеди
„Еве, доаѓаат денови - говори Господ - кога ќе склучам нов завет со домот на Израел и со домот на Јуда. Не завет каков што склучив со нивните татковци ... завет што тие го раскинаа“, „не му останаа верни на мојот завет, па јас ги занемарив - вели Господ “ (Еремија...
Погрешни теолошки претстави за стариот и новиот завет
Во теолошките кругови постои стар теолошки проблем кој за многу христијани претставува вистинска загатка. Имено, некои теолози тврдат дека постојат суштински теолошки разлики меѓу „стариот“ и „новиот“ завет во Светото писмо, зашто тие, наводно, означуваат два различни...
Стариот завет не е укинат
Кажавме дека во христијанскиот свет владее голем кошмар и смут кога ќе се каже „стар завет“. За мнозинството христијани стар завет е само збирката книги напишани пред Христа, без да водат сметка за стариот завет како договор или сојуз меѓу Бога и израелскиот народ,...
Библиското крштавање – заветен однос меѓу грешникот и Христа
Откако грешникот ќе биде поучен на основните вистини на Светото писмо и својот живот ќе го сообрази со нив, и откако ќе се покае за своите гревови и истите ќе ги остави, може да пристапи кон библиско крштавање со кое станува верник на Божјата црква. Значи, библиското...
Источен грев и крштавање на мали деца
„Според нашата света вера, во Светата тајна на крштението новокрстениот се чисти од наследниот прародителски грев и духовно се раѓа за Бога, за живот вечен.“2 Пред 13-тиот век Црквата учела дека сите некрстени деца, вклучувајќи ги и новороденчињата кои умреле при...
Тврдењето дека „покајанието и крштавањето се еднакви на воскресение“ и дека „првото воскресение, тоа е всушност крштавањето“, е чист волунтеризам на православието!
„Во Светото писмо грешникот се смета и се нарекува духовно мртов (Лука 15,32), зашто ‘платата што ја дава гревот е смрт’ (Римјаните 6,23). Според тоа, покајанието и крштавањето се еднакви на воскресение. ‘Сите што се крстивте во Христа, во Христа се облековте’...
Света тајна миропомазание
„Преку светата тајна миропомазание христијанинот добива посебни дарови од Светиот Дух, потребни за растеж во моралниот живот, во светоста. Оваа света тајна ја воспоставил Господ Исус Христос, а апостолите ја применуваа врз верниците по нивното крштавање. Денес оваа...
Во продолжение следи содржината на книгата „Времето и знаците“. Кога ќе кликнете врз насловите и поднасловите, ќе ви се отворат нивните текстови.