Источен грев и крштавање на мали деца

„Според нашата света вера, во Светата тајна на крштението новокрстениот се чисти од наследниот прародителски грев и духовно се раѓа за Бога, за живот вечен.“2

Пред 13-тиот век Црквата учела дека сите некрстени деца, вклучувајќи ги и новороденчињата кои умреле при породувањето, поради „источниот грев“ (источен грев – адамов или прародителски грев) заминуваат во пекол, зашто не поминале низ сакраментот (обредот) крштавање. Но во 1905 г. папата Пие X рекол: „Децата, кои умираат пред да бидат крстени, заминуваат во ‘лимб’ (состојба меѓу рајот и пеколот) каде што не уживаат во блажена визија да го гледаат Бога, но тоа не значи дека тие страдаат. Поради источниот грев што го наследиле од Адама, тие не заслужуваат рај, но ниту пекол или чистилиште.“ Папата Бенедикт XVI настојуваше да го укине детскиот лимб (лимб инфантиум).

Според учењето на традиционалната Црква ние се раѓаме како грешници со наследени гревови. Значи, виновни сме  уште пред сами свесно да згрешиме. Обичајот крштавање на бебиња е тесно поврзан со ова верување. Затоа се смета дека новороденчето, ако умре некрстено, засекогаш е загубено, зашто и тоа е грешник, и ако нешто не се преземе во врска со неговата грешност, детето автоматски губи вечен живот. Од таа причина Православната и Католичката црква крштаваат мали бебиња зашто, според нив, крштавањето ги чисти децата од источниот грев што го наследиле од Адама.

Библиска вистина е дека сите ние од Адама сме наследиле грешност, грешна природа која произведува грев, дека сме сите грешници и како грешници сите умираме, „зашто плата за гревот е смрт“. „Гревот влезе во светот преку еден човек (преку Адама), а преку гревот – смртта – така смртта премина на сите луѓе, бидејќи сите згрешија… и сите умираат во Адама“ (Римјаните 6,23; 5,12; 1. Коринќаните 15,22).

Во Библијата не постои тн. „источен грев“ од кој ние треба да се исчистиме. Постои Адамов грев за Адама, а за нас постојат нашите лични гревови што самите ние ги правиме во текот на нашиот живот во нашата грешна човечка природа што сме ја наследиле од Адама. Она што ние го добиваме од Адама е физичка и духовна смрт како последица на неговиот грев, а не неговиот грев, во кој ние не сме учествувале. Факт е дека Адам во наследство ни оставил смрт, како плата за гревот што произлегува од нашата грешна природа што сме ја наследиле од него, што ни ја оставил тој во наследство. За ова опширно зборуваме во насловот „За Божјата благодат“, во поднасловот „Прв и втор Адам.

Смртта, во која заминуваат сите Адамови потомци, како последица на адамовиот грев, во Библијата е позната како прва или привремена смрт, зашто по неа следи прво воскресение и вечен живот за оние кои ќе воскреснат во него, за разлика од „втората смрт“, која е последица на нашите лични гревови што сме ги направиле во нашиот живот и која е конечна и вечна. За сите што ќе заминат во втората смрт, нема воскресение, ниту  спасение, ниту живот вечен. Адамовиот или источниот грев целото човештво, без никаков исклучок, го води во првата смрт, од која нема куртул, а нашите лични гревови поединечно секого од нас го водат во втората смрт, од која постои куртул. (За првата и втората смрт опширно зборуваме во насловот „Две смрти и две воскресенија“).

Во Библијата поимот спасение се однесува на спасение не од првата, туку од втората смрт. Библиско спасение значи вечен живот, влез во Божјето царство. Ние спасението, односно вечниот живот можеме да го загубиме не поради источниот или адамовиот грев, туку исклучиво поради нашите гревови. Бог ни порачува: Оној што ќе згреши, тој ќе загуби спасение. Синот нема да загине поради гревот на таткото, ниту таткото поради гревот на својот син. Секој ќе загуби вечен живот поради својот грев (Езекил 18,20). И целта на крштавањето е токму таа – да нè исчисти не од туѓ, не од адамовиот грев, туку од нашите гревови кои ни ја затвораат небесната врата за вечен живот.

Затоа Господ го повикува апостол Павле да се крсти и да се исчисти не од гревот на Адама, туку од своите гревови: „Што се двоумиш сега? Стани, крсти се и измиј се од своите гревови, повикувајќи го Господовото име“ (Дела 22,16). Извонредно убаво тоа го објаснува и пророк Исаија: „Не, не е прекратка Господовата рака за да спаси, ниту увото му заглувна за да не чуе, туку вашите беззаконија ве разделија вас од вашиот Бог. Вашите гревови го скрија неговото лице и Тој веќе не ве слуша… Ме мачеше со своите гревови, ми здодеваше со своето беззаконие“ (Исаија 59,1-2; 43,24). – Не „источниот“, не „адамовиот грев“, туку „вашите безаконија“ и „вашите гревови“ „ве разделија вас од вашиот Бог“, и вие ќе умрете како грешници не поради туѓи, туку поради своите гревови, кажува Исаија. И „Христос умре за нашите гревови… Тој е жртва за помирување на нашите гревови…“, и кажува: „Јас, заради себе ги бришам твоите престапи, и не си спомнувам за твоите гревови.“ (Исаија 43,24.25; 1. Коринќаните 15,3; 1. Јованово 2,2).

Господ Исус Христос со својата жртва и со својата крв адамовиот грев му го брише на Адама за Адамово спасение, а нашите гревови ни ги брише нам за наше спасение.

Библијата не ги повикува децата, тук нас, возрасните грешници, да се покаеме за нашиот грев и да се крстиме и исчистиме од нашите гревови. Ниеден грешник нема да загине затоа што не се покајал и не се крстил поради некаков „источен“ грев, туку затоа што не се покајал, не се крстил и не се исчистил од своите гревови. Тоа е библиска наука за крштавањето.

Меѓутоа, како и секоја друга темелна библиска вистина, така и теологијата за крштавањето традиционалната Црква ја искривоколчила и ја поставила наопаку.

„Крштението како света тајна е капија за влез во Христовата црква, или операција на калемење на дива маслина на питома. (…) Според тоа, светата тајна ‘крштение’ е услов за духовно соединување со Бога и со спасението. Без крштение нема спасение. Во светата тајна крштение духовно умира и се погребува стариот грешен човек, а се раѓа нов, безгрешен.“3  Веднаш да кажеме дека ова тврдење на православието оти грешникот откако ќе се крсти автоматски станува „безгрешен“ е далеку од вистината. Во таа теологија за таква безгрешност нема ништо библиско. Тоа го објаснивме кога зборувавме за безгрешноста на Марија.

„Со текот на времето, кога верните почнале да ги крштаваат своите деца како бебиња, престанал катихуменатот (катехеза – поучување на оние кои сакаат да преминат во христијанство; утврдување во верата), а се родило кумство. Децата се крштавале, и сега се крштаваат по верата на кумот, кој во Светата тајна на крштението станува духовен татко на детето – на кумчето, зашто духовно го ‘раѓа за Бога, за вечноста’. (…) Светата тајна на крштението е најважна света тајна во Христовата Црква. (…) Нејзиното значење произлегува и од фактот што името на новокрстениот, што му го дава кумот за време на обредот Света тајна на крштението, се запишува во ‘Книгата на родените и крстените на Христовата Црква’ и во ‘Книгата на вечниот живот’, во вечната книга на Јагнето, кое е заклано од создавањето на светот.“4

Овде се истакнуваат две премногу големи невистини на православието, кои во себе немаат ниту мрвка библиска вистина и преку кои не може да премине ниту еден искрен христијанин без да ги осуди. Зборуваме за христијанин кој ја познава библиската вистина. Овие две сушти невстини на православната теологија паѓаат под силен удар на Библијата која го крева својот глас против нив до небото. Теологијата за „кумство“ и за „децата кои се крштаваат по верата на кумот“ е измислица на „црковните отци“ на традиционалната Црква. Кумот не може да верува во име на кумчето, во име на детето што го крштава. Неговата вера не може да му се засмета на бебето кое се крштава. Видовме дека верата и спасението се нешто лично, нешто што е поврзано со секој човек. Верата е лична и непренослива. Не можам јас да верувам за друг, нити друг да верува за мене. Веќе објаснивме дека не може да верува таткото за синот ниту синот за таткото. Во врска со спасението пред Бога стои секој сам.

Другата ноторна невистина дека името на бебето „што му го дава кумот за време на крштението се запишува во Книгата на вечниот живот“ на небото воопшто не може да се голтне. Премногу мачна и трагична е невистината дека кумот за време на крштението бебето „духовно го ‘раѓа за Бога, за вечноста’“. Ако е тоа вистина, тогаш кумовите се големи чудотворци кои имаат моќ имињата на своите кумчиња за време на крштението да ги запишат во небесната „Книга на вечниот живот“ и духовно да ги родат за Бога, за вечноста. Таа чудотворна моќ на кумовите е еднаква со чудотворната моќ на свештениците на традиционалната Црква лебот и виното при Вечерата Господова да ги претвораат во вистинско тело и во вистинска крв на нашиот Спасител Исус Христос. Значи, при крштението кумот на бебето однапред му обезбедува спасение и вечен живот. Според тоа, на сите бебиња кои се крстени во традиционалната Црква однапред им е депонирано спасението кога Црквата со својата моќ нивните имиња ги запишала во „Книга на вечниот живот“ на небото. – Тоа се големи апсурди. Не е кумот тој што при крштението бебето „духовно го раѓа за Бога, за вечноста“. Тоа е огромна бесмислица и хула против Светиот Дух, зашто единствено Тој, Светиот Дух, луѓето духовно ги преобразува и духовно ги раѓа за вечен живот. Таа задача на Светиот Дух не може никој да ја презема од него и да си ја припишува себеси.

Веќе беше кажано дека православието постојано ја истакнува дефиницијата за нивното свето предание: „Тоа се сите оние духовни богатства што сме ги наследиле од нашите свети предци, а кои се во совршена хармонија со Светото писмо и кои ни помагаат правилно да го разбереме Светото писмо.“5

Каква „совршена хармонија“ постои меѓу споменатата теологија за крштавање на мали деца и Светото писмо, кога таа теологија е целосно „светоотечка“, без трунка библиско во себе? Во што ни помага таа теологија за крштавањето на бебиња „правилно да го разбереме Светото писмо“, кое не познава „кумство“ ниту крштавање „по вера на кумот“, ниту пак познава такво нешто дека името на бебето „што му го дава кумот за време на крштението се запишува во Книгата на вечниот живот“ на небото? Кој дел од Светото писмо ние не можеме „правилно да го разбереме“ без таа теологија која библиското крштавање го испревртила и го поставила главечкум?

„Во постапостолскиот период Тертулијан (155-220) станува против крштавањето на мали деца, но Ориген (184-254) обичајот крштавање на мали деца го поврзува со апостолите.“6 Очигледно е дека црковниот отец од 2 век, Тертулијан од Картагена, бил против крштавањето на мали деца, кое како обичај уште тогаш почнало полека да се воведува во Црквата. Во врска со тоа тој кажува:

„И така, според околностите, наклоностите, склоностите и возраста на секој поединец, се препорачува одложување на крштението на малите деца… Господ навистина за децата кажува: ‘Не бранете им да дојдат кај мене!’ (Марко 10,13.14). Нека дојдат додека растат, нека дојдат додека се учат; и нека станат христијани кога ќе бидат во состојба да го запознаат Христа.“7

„Лицата што се крштавале нормално биле возрасни луѓе, а не деца; и затоа мора да се признае дека нема никакви вистински докази во Новиот завет за крштавање на деца.“8

Значењето на крштението ги исклучува децата како легитимни кандидати затоа што библиското крштение бара вера и темелно покајание на учесникот, а покајанието мора да биде поврзано со темелно библиско и духовно поучување на основните библиски вистини, и со лична одлука да го прифати Христа како Спасител, што за децата тоа е невозможно.

Апостол Петар одржал силна проповед пред огромно мноштво народ во Ерусалим собран на празникот Духовден или Педесетница: „Кога го слушнаа тоа, им се растреперија срцата и им рекоа на Петар и на другите апостоли: ‘Луѓе, браќа, што да правиме?’ А Петар им рече: ‘Покајте се! И секој од вас нека се крсти во името на Исуса Христа за проштавање на гревовите; така ќе го примите дарот – Светиот Дух!’… Во тој ден околу три илјади души со радост ги прифатија неговите зборови, па се крстија и се придружија кон Црквата.“ „Што се двоумиш сега? Стани, крсти се и измиј се од своите гревови, повикувајќи го Господовото име“ (Дела 2,37-41; 22,16).

Од приложениот текст се гледа дека Библијата од кандидатот за крштавање бара да се покае („Покајте се!“) и да се крсти „за проштавање на гревовите“ и за исчистување од нив, повикувајќи го името Господово. Секако, овие услови не може да ги исполни дете, уште помалку бебе. Според тоа, текстовите што ги приведовме не оставаат никаков простор ниту пак ни даваат некакво право да мислиме и да тврдиме дека меѓу оние три илјади души во Ерусалим имало и крстени деца, зашто пред сè, децата не можат да се поучат на основните библиски вистини; и второ, тие не се свесни дека се грешни и дека им е потребно да се исчистат (да се „измијат“) од своите гревови и затоа од нив не се бара покајание, ниту пак им е потребно покајание и крштение. Детето не може, како возрасниот грешник, со крштавање да воспостави новозаветен однос, да склучи договор и да стапи во сојуз со Христа. Од тие причини малечки деца не можат да се крштаваат.

Во текстот читаме дека на возрасните „им се растреперија срцата“. На бебињата не можат да им се растреперат срцата. Возрасните прашуваат: „Луѓе, браќа, што да правиме?“ Малечките деца и бебињата не можат да прашуваат. Возрасните „три илјади души со радост ги прифатија неговите зборови“. Малечките деца и бебињата не можеле да се радуваат за радосната вест што ја слушале возрасните, и уште помалку можеле да ги прифатат зборовите на апостол Петар. Возрасните сами одлучиле да се крстат и да ѝ се придружат на Црквата, а малечките деца и бебињата не можеле сами да одлучат да се крстат и да ѝ се придружат на Црквата.

Според тоа, голема илузија е да мислиме и да тврдиме дека меѓу оние три илјади души што се крстиле на денот Педесетница имало крстени и малечки деца и доенчиња.

Крштавањето на мали деца Православната црква го правда со уште неколку случаи што се запишани во Новиот завет:

„Секако, и деца се крштавани, зашто се знае дека Петар го крстил Корнелија и неговиот дом во Ќесарија; исто така Павле го крстил стражарот на затворот во Филипа со целиот дом, и Лидија и нејзините домашни, исто во Филипа, и домот на Стефанин во Коринт. Кога се кажува со ‘целиот дом’, значи и со децата“9 – ќе каже православниот историчар Јевсевие Поповиќ.

„Секако, и деца се крштавани“, но не и новороденчиња и доенчиња, туку се крштавани повозрасни деца и возрсни мажи и жени – сите што ја слушале проповедта, што ја разбрале, што поверувале и што решиле својот живот да му го предадат на Христа. Да ги разгледаме тие случаи кои православието ги користи како доказ дека апостолите крштавале и малечки деца.

Во домот на римскиот капетан Корнелиј: „Додека Петар уште ги зборуваше тие зборови, Духот Свети слезе над сите што го слушаа словото. А обрезаните верници што беа дојдени заедно со Петар, се изненадија што дарот, Светиот Дух, се излеа и над незнабошците, зашто ги слушаа како зборуваат на разни јазици и го возвеличуваат Бога. Тогаш Петар рече: ‘Може ли некој да ја забрани водата за да не бидат крстени оние кои го примија Светиот Дух како и ние?’ И им заповеда да бидат крстени во име на Исуса Христа.“ (Дела 10,44-48)

Да го разгледаме и овој случај! „Духот Свети слезе над сите што го слушаа словото.“ Светиот Дух слегол врз возрасните кои можеле да го слушаат и да го разберат словото, односно Речта Божја. Малечките деца и бебињата (доколку имало такви во домот на Корнелиј) не можеле да ја слушаат Речта Божја, односно тие ја слушале, само ништо не разбрале, ниту пак имале некаква свест дека тоа е Божја реч. Понатаму, возрасните „зборуваа на разни јазици и го возвеличуваа Бога.“ Малечките деца и бебињата не можеле да зборуваат на разни јазици, ниту да „го возвеличуваат Бога“. Очигледно е дека и во домот на Корнелиј немаме крштавање на мали деца и доенчиња

Апостол Павле и Сила во домот на стражарот на затворот во Филипа: „Господари“, им се обраќа стражарот на апостолите, „што треба да направам за да се спасам? А тие му одговорија: ‘Поверувај во Господа Исуса Христа и ќе се спасиш ти и целиот твој дом!’ И му го проповедаа словото Господово нему и на сите што беа со него во неговата куќа. Во истиот час, таа ноќ, тој ги прими дома и им ги изми раните. Потоа веднаш беше крстен тој и сите негови домашни. Тогаш ги одведе горе во својата куќа, постави трпеза и се зарадува со целиот свој дом, зашто поверува во Бога“ (Дела 16,30-33)

И овде имаме неколку работи кои ги исклучуваат малечките деца и доенчињата од обредот крштавање. Павле и Сила им „го проповедаа словото Господово нему и на сите што беа со него во неговата куќа“. Свесен дека му е потребно спасение, стражарот прашува: „Што треба да направам за да се спасам?“ Малечките деца и бебињата не се свесни за тоа дека им е потребно спасение, и уште помалку можат да прашаат „Што треба да направам за да се спасам?“ Понатаму, Павле и Сила на стражарот му велат: „Поверувај во Господа Исуса Христа и ќе се спасиш ти и целиот твој дом!“ Малечките деца и доенчињата (доколку имало такви и во домот на стражарот) не можеле да поверуваат во Господа Исуса Христа за да се спасат. На крај стражарот, заедно „со целиот свој дом“, се израдувале за спасението што дошло и во нивниот дом. Секако, во таа радост не можеле активно да учествуваат и малечките деца и доенчињата.

Немаме податоци за тоа што проповедал апостол Павле во домот на Стефанин во Коринт. За тоа само кратко нè известува: „Навистина, го крстив и Стефаниновиот дом…“ (1. Коринќаните 1,16)

Крштавањето на Лидија и на нејзините домашни православните теолози исто така го користат како доказ дека во тој дом се крстиле и мали деца, да не речеме и доенчиња. Да го разгледаме библискиот запис за тој настан: „А во саботата излеговме надвор од градот покрај една река, каде што имаа обичај да се молат; и кога седнавме, им зборувавме на собраните жени. И една богобојазлива жена од градот Тијатир, по име Лидија, која продаваше црвени ткаенини, слушаше; и Господ ѝ го отвори срцето да внимава на она што го зборуваше Павле. И кога беше крстена таа и нејзините домашни, нè замоли и рече: ‘Ако сте ме признале за верна на Господа, тогаш влезете во мојата куќа и престојувајте во неа!’ И нè принуди“ (Дела 16,13-15).

Овде ќе истакнеме само една многу значајна вистина која прави разлика меѓу возрасните и малите деца: „Господ ѝ го отвори срцето (на Лидија) да внимава на она што го зборуваше Павле.“ Лидија се крстила врз основа на својата лична вера што се родила кај неа од сознанијта што ги добила од проповедта на апостол Павле (Римјаните 10,17). Претходно Светиот Дух го подготвил и го отворил нејзиното срце за слушање и за прифаќање на евангелието што го проповедал Павле, и така подготвена се крстила. Господ не го отвора срцето на доенчињата и тие не можат да ја слушаат неговата Реч која кај нив би создала лична вера за крштавање и за спасение.

А сега заедничко прашање во врска со сите библиски текстови што ги приведовме по барање на Православната црква во кои таа трескавично бара и „наоѓа“ доказ дека апостолите крштавале и мали деца, доенчиња! Ако е така, тогаш прашуваме: Кога Лидија и стражарот во Филипа го организираа кумството на своите деца и кога најдоа кумови за своите доенчиња кои се крстија во нивните домови заедно со возрасните? Кој ги крсти и кој им беше кум на доенчињата? Дали апостол Павле? Или можеби апостол Петар ги крсти и им стана кум и духовен татко на доенчињата што ги крсти во домот на Корнелиј? Таму немаше претходно крстени христијани за да им бидат кумови на доенчињата – немало крстени кумови. По крштението на доенчињата, кој ја изврши над нив „светата тајна миропомазание“, кој ги помачка со свето миро нивното чело, очите, носот, устата, ушите, градите, рацете и нозете? Ако навистина имаште такво нешто, најверојатно Павле и Петар ќе ни кажеа нешто за тоа.

Ако навистина меѓу оние три илјади души што се крстија во Ерусалим на денот Педесетница имаше и крстени мали деца и доенчиња, тогаш кога нивните родители успеаја да го организираат кумството на своите деца и кога најдоа кумови за своите доенчиња кои се крстија заедно со она мноштво од три илјади души? Дали на родителите пред тоа им објасни некој од апостолите дека пред да се крстат нивните деца, тие треба да им организираат кумство и да им најдат кумови? Кого родителите зедоа за кумови на своите деца? Дали можеби некрстени Евреи, или можеби некрстени пагани? Има ли некаков запис за сето тоа во Библијата? – Не, за тоа нема никаков запис во Библијата.

Како стојат работите со оние три илјади души што се крстија на денот Педесетница? Дали покрај нив застанаа и три илјади нивни кумови? Ако е така, тогш нивни кумови беа некрстени Евреи или некрстени пагани, зашто пред тоа немаше толку голем број крстени христијани за да им бидат кумови на толкаво мноштво крстеници. И по крштението на тие три илјади души, кој ја изврши над нив „светата тајна миропомазание“,  кој ги помачка со свето миро нивното чело, очите, носот, устата, ушите, градите, рацете и нозете?

На православието очајно му е потребен библиски доказ за веродостојноста на крштението на мали деца. Очајно му е потребен библиски доказ и за веродостојноста на категоријата кумство и кумови што самото ги измислило и ги поставило во својата теологија, а таков доказ во Библијата нема. Православниот теолог, Лазар Милин, трескавично се обидува на сите можни начини да најде каков-таков доказ за тоа со комбинација на несоодветни библиски текстови кои имааат сосем друга намена и порака, присилувајќи ги да ја поддржат неговата цел – на крштението на мали деца и на кумството и кумовите да им дадат библиска основа.

Интересна е метафората на Милина во врска со Адамовиот, односно со „источниот грев“:

„Гревот на Адама е негов личен грев и нас никој не нè обвинува за тоа. Туку, ако е тој (Адам, н.з.) изворот на човештвото, а од затруениот извор тече отровен поток, тогаш сите ние сме заразени со гревољубието и пред законот на правдата Божја сме ‘чеда на гневот’, и тоа ‘според природата’, односно такви се раѓаме, а не го стекнуваме тој статус подоцна, кога ќе пораснеме и кога ќе се натовариме со лични гревови што извираат од таа гревољубива и со гревовност заразена природа…“10

Токму така! Адам е извор или татко на човештвото. Од почеток тој извор бил бистар и чист (кога Адам бил без грев) и од него течел бистар, чист поток. Адам згрешил и со гревот како отров го затрул изворот, и од тој затруен и отровен извор почнал да тече отровен поток. Отровниот поток, кој извира од отровниот извор, е нашата грешна природа што сме ја наследиле од Адама кога згрешил. Од отровниот извор, преку отровниот поток, целото човештво, сите ние, сме заразени со „гревољубие“ и со „гревовност“, како што кажува Милин. Прашање е како го решава овој проблем традиционалната Црква, а како го решава Бог. Црквата тој проблем го решава како и сите други теолошки проблеми на свој, црковен начин, а Бог, и овој и сите други теолошки проблеми, ги решава на свој, Божји начин, наполно различен од начините на кои истите проблеми ги решава Црквата.

Во книгава на повеќе места објаснуваме дека многу прерогативи што му припаѓаат исклучиво на Бога, традиционалната Црква самата си ги припишува себеси, но попусто се обидува нивната моќ да ја потврди низ активностите на своите „свети црковни тајни/сакраменти“ (види го поднасловот: „За светите тајни и сакраменти…“).

Беше кажано дека, според учењето на традиционалната Црква, Господ предвидел и осмислил спасението на грешниците да го оствари со помош на одреден број „свети тајни“ или „сакраменти“ кон кои тие треба да се придржуваат и да ги извршуваат. Според тоа генерално црковно учење токму тие свети тајни или сакраменти претставуваат единствен начин да се добие спасение и вечен живот, зашто истите се чин на некоја невидлива внатрешна сила и се натприроден настан кој на душата ѝ носи благодат и спасение. Единствена должност на верниците е да учествуваат во тие свети тајни, а сè друго да ѝ препуштат на Црквата.

Во дадениов случај зборуваме за светата тајна односно за сакраментот „крштение“ во кое Црквата сместила огромна црковна моќ со која „таа“ (Црквата) ги спасува грешниците од гревот и им обезбедува вечен живот. На пример:

Со крштението Црквата името на новокрстениот го  запишува „во Книгата на вечниот живот, во вечната книга на Јагнето“.

Со крштението Црквата го „погребува стариот грешен човек“, и раѓа нов, „безгрешен.“

Со крштението Црквата новокрстениот го „чисти од наследниот прародителски грев и духовно го раѓа за Бога, за живот вечен.“

Ако е вистина сето ова што го тврди традиционалната Црква за себе, тогаш крштението навистина во нејзините раце е волшебно стапче со кое таа прави вистински чуда: грешниците ги „чисти од прародителскиот (источниот или Адамовиот) грев“, од грешни ги прави „безгрешни“, и нивните имиња ги запишува „во небесната Книга на вечниот живот!“

Сепак, дали е тоа вистина? Дали е тоа можно? Дали навистина Црквата има таква моќ и ако има, од кого ја добила таа моќ? Дали можеби од Бога!?

Колку вистина има во тврдењето на традиционалната Црква дека со крштението таа грешниците ги чисти од Адамовиот грев? Од кој Адамов грев ги чисти?

Прво, да повториме дека ние од Адама не го наследуваме Адамовиот грев, туку од него сме наследиле грешна природа која е извор на нашите лични гревови и дека нам не ни се суди и ние нема да бидеме осудени поради Адамовиот грев, туку поради нашите лични гревови. Тоа веќе го објаснивме, со јасна напомена дека не навлегуваме подлабоко во расчленување и во подробно објаснување и дефинирање што е тоа Адамов грев, а што е тоа наша грешна природа или, каде завршува Адамовиот грев и каде почнува нашата грешна природа, каков е нивниот меѓусебен однос и каде е границата меѓу нив. Тоа прашање е премногу растегливо.

Сепак, генерално прашуваме: Дали Црквата со крштенито го чисти отровниот извор од отровот (од гревот) со кој го затру Адам, или го чисти отровниот поток што излегува од отровниот извор на Адама и кој го зафати и го отру целото човештво? Што всушност чисти Црквата со крштението? Ако го чисти само отровниот поток од отровот со кој Адам го затрул изворот, а не и загадениот извор, тогаш Црквата врши сизифовска работа – го чисти отровот од отровниот поток, но во него постојано дотекуваат нови количества отров од отровниот извор на Адама! Праксата покажува дека Црквата постапува токму така.

Ако Црквата е толку моќна, како што ни се претставува, и како што тврди и нè убедува во приведените текстови, тогаш нека повели и проблемот на гревот нека го реши генерално и радикално – нека отиде директно на загадениот извор на Адама и таму, директно во изворот нека го пресече неговиот корен, нека го исчисти и нека го отстрани отровот или Адамовиот грев од изворот, и така од него пак ќе почне да тече чиста вода, како и порано, пред Адам да падне во грев. Само така од исчистениот извор нема да тече повеќе отровен поток кој ќе ги труе нејзините верници. Во спротивно, овие нејзини силни тврдења за таква наводна нејзина моќ, се само декларативни тврдења. Тоа произлегува оттаму што традиционалната Црква навистина немала моќ своите верници со крштението да ги исчисти ниту од наследниот грев на Адама, ниту од нивните лични гревови; со божемната моќ на крштенито таа не им обезбедила „безгрешност“, ниту пак нивните имиња ги запишала „во небесната Книга на вечниот живот!“  Тоа го докажува фактот што и верниците на традиционалната Црква и по крштенито се исти грешници како и верниците на протестантските цркви кои на крштението не му придаваат никаква волшебна моќ со која тоа грешниците ги чисти од нивните гревови, туку со крштението тие (протестантите) ја потврдуваат својата вера во моќта на Христовата крв како единствено средство за бришење и чистење на нивните гревови. Верниците на традиционалната Црква се исти грешници како и другите пет милијарди луѓе на светот кои воопшто не знаат што е тоа крштение.

Уште полошо! Најголеми злосторници што направиле најголеми злосторства во историјата на оваа планета се токму христијаните, верници на традиционалната Црква кои поминале низ црковната „света тајна“ или низ црковниот „сакрамент“ наречена/наречен крштение кое би требало да ги исчисти од гревовите, да ги направи безгрешни за да бидат далеку и од помислата да направат такви злосторства.

Почитувани, сето ова го кажавме без никаква намера некого да го навредиме или нечии чувства да повредиме. Ова го кажавме во име на библиската вистина која не е ничиј монопол, во име на библиската вистина која има општочовечки вредности.

Од таа причина традиционалната Црква мора да се соочи со овие факти и да сфати дека нејзините напори на крштавањето на мали деца и доенчиња да му обезбеди библиска основа се јалови напори, зашто таква основа во Библијата нема. Библијата не познава и не прифаќа крштавање на мали деца и доенчиња, ниту крштавање на возрасни на тој начин како што го врши споменатата Црква.

На новороденчето на 40-тиот ден (при кршатавањето) други му наметнуваат вера. Бебињата не можат да донесуваат свесни одлуки и нивното крштавање не е исправно, зашто е споротивно на основното учење на Библијата.

Доктрината за крштавање на бебиња има паганско потекло и тоа е воведено во Црквата. Како и повеќето доктрини на традиционалната Црква, крштавањето на бебиња потекува од вавилонските тајни. Во Вавилон новото раѓање наводно го постигнувале со крштавање на бебето. Европските пагани своите новороденчиња ги прскале или ги вронувале во вода, и сè до денешен ден таа „света вода“, која е потребна за крштавање, во некои заедници сè уште се приготвува според паганскиот обичај – во водата се става жар од олтарот. Бидејќи вовела крштавање на бебиња, Католичката црква огнено се противела на крштавањето на возрасни, па дури издала и декрет:

„Нека биде проклет оној кој тврди дека возрасните мора да се крштаваат.“11

„Еден од најлошите ереси во очите на Рим било одбивањето да се крштаваат мали деца. Наводно, тој ритуал ја отстранувал дамката на оригиналниот (источниот) грев, бебето го правел Божје дете и член на Црквата, со што почнувал процесот на спасение кој се состоел од послушност кон одредбите на Рим и од учествување во сакраментите.“12

Кога еден римокатолик при крштавањето е попрскан со вода, тој верува дека е „наново роден“, иако е уште дете.

Исус е крстен кога имал 30 години, кога ја почнал својата служба (Лука 3,23). Обичајот крштавање на возрасни со вронување постоел во ранохристијанската црква. Дури и католичките  извори го признаваат овој факт, како што може да се види во списите на кардиналот Гибонс. Во својата книга „Верата на нашите татковци“ тој пишува:

„Неколку векови откако христијанството се зтврдило, крштавањето обично се вршело со вронување; но од дванаесеттиот век во Католичката црква преовладува обичајот крштавање со прскање, зашто овој начин бил помалку неугоден од крштавањето со вронување.“13

Дури на заседанието во Равена во 1311 година Католичката црква прскањето го објавила како службен вид краштавање. Тогаш Грчката православна црква била разделена од Католичката, па можела да продолжи со вронување да ги крштава бебињата, што останало обичај до денешен ден.

Крстилниците или крстеничките капели во најстарите католички цркви се натамошен доказ дека со векови целата црква крштавала возрасни лица и крштавањето го вршела со вронување. Тие имаат големи базени за крштавање (со скалила за слегување), и често како додаток и просторија за преслекување на крстениците.

Другите начини на крштавање, како што е прскањето  или полевањето со вода, му го одземаат значењето  на овој обред. Само крштавањето на возрасни со вронување може исправно да ги претстави смртта, закопот и воскресението на Исуса Христа.

 

Во продолжение следат поднасловите од поглавјето „Божјиот закон и двата завета“. Кога ќе кликнете врз поднасловите, ќе ви се отворат нивните текстови.

 

БОЖЈИОТ ЗАКОН И ДВАТА ЗАВЕТА

        Во продолжение следат поднасловите од поглавјето „Божјиот закон и двата завета“. Кога ќе кликнете врз поднасловите, ќе ви се отворат нивните текстови.   Во продолжение следи содржината на книгата...

Стариот завет и Божјиот закон, Десетте заповеди

Често во Библијата ги среќаваме изразите „стар“ и „нов завет“. Што значи тоа? Кога ќе кажеме „стар завет“, ние мислиме и на збирката старозаветни пророчки канонски книги што се напишани пред Христа - 39 на број. Во нив се напишани старозаветните закони кои ги делиме...

Новиот завет и Божјиот закон, Десетте заповеди

„Еве, доаѓаат денови - говори Господ - кога ќе склучам нов завет со домот на Израел и со домот на Јуда. Не завет каков што склучив со нивните татковци ... завет што тие го раскинаа“, „не му останаа верни на мојот завет, па јас ги занемарив - вели Господ “ (Еремија...

Погрешни теолошки претстави за стариот и новиот завет

Во теолошките кругови постои стар теолошки проблем кој за многу христијани претставува вистинска загатка. Имено, некои теолози тврдат дека постојат суштински теолошки разлики меѓу „стариот“ и „новиот“ завет во Светото писмо, зашто тие, наводно, означуваат два различни...

Стариот завет не е укинат

Кажавме дека во христијанскиот свет владее голем кошмар и смут кога ќе се каже „стар завет“. За мнозинството христијани стар завет е само збирката книги напишани пред Христа, без да водат сметка за стариот завет како договор или сојуз меѓу Бога и израелскиот народ,...

Библиското крштавање – заветен однос меѓу грешникот и Христа

Откако грешникот ќе биде поучен на основните вистини на Светото писмо и својот живот ќе го сообрази со нив, и откако ќе се покае за своите гревови и истите ќе ги остави, може да пристапи кон библиско крштавање со кое станува верник на Божјата црква. Значи, библиското...

Тврдењето дека „покајанието и крштавањето се еднакви на воскресение“ и дека „првото воскресение, тоа е всушност крштавањето“, е чист волунтеризам на православието!

„Во Светото писмо грешникот се смета и се нарекува духовно мртов (Лука 15,32), зашто ‘платата што ја дава гревот е смрт’ (Римјаните 6,23). Според тоа, покајанието и крштавањето се еднакви на воскресение. ‘Сите што се крстивте во Христа, во Христа се облековте’...

Света тајна миропомазание

„Преку светата тајна миропомазание христијанинот добива посебни дарови од Светиот Дух, потребни за растеж во моралниот живот, во светоста. Оваа света тајна ја воспоставил Господ Исус Христос, а апостолите ја применуваа врз верниците по нивното крштавање. Денес оваа...

Во продолжение следи содржината на книгата „Времето и знаците“. Кога ќе кликнете врз насловите и поднасловите, ќе ви се отворат нивните текстови.

УВОД
ЗНАЦИТЕ НА ПОСЛЕДНОТО ВРЕМЕ
ЗНАЦИТЕ НА ПОСЛЕДНОТО ВРЕМЕ

Силни земјотреси!

Оган, вулкани!

„Ќе покажам знаменија горе на небото и знаци долу на земјата: крв и оган и шикање на дим … столбови од дим. Сонцето ќе се претвори во темнина, а Месечината во крв, пред да дојде големиот и страшен Господов ден“

Бог има своја богата ризница во која го чува своето оружје за бој во „големиот и страшен Господов ден“ со кое праведно ќе се пресмета со гревот и грешниците

И водите во сојуз и спрега со земјотресите и вулканите против човештвото!

„Ќе има знаци на сонцето, на месечината и на ѕвездите… небесните сили ќе се разнишаат!“

„На земјата тага кај народите и неизвесност поради бучавата на морските бранови!“

Астероид од шест милји

Други знаци кои го најавуваат крајот

Војни

„Ајде сега, вие богати, плачете и липајте… своето богатство го натрупавте во последните денови!“

Се распаѓа јатката на општеството – семејството

Ќе има глад

Помори

БИБЛИЈАТА И ПРЕДАНИЕТО
БИБЛИЈАТА И ПРЕДАНИЕТО

Католичката црква и преданието

Православната црква и преданието

Православни теолози и други автори со поинакви сфаќања за „светоста“ на православното „свето предание“

Василие Велики и светото предание на православието

Вистината за православните вселенски собори

Христијанство по инерција

Светото предание е постаро од Светото писмо! – Во никој случај!

Вистината со Јован 21,25

Дали навистина Светото писмо не можеме правилно да го разбереме без Светото предание?

За светите тајни и сакраменти во традиционалната Црква

Категоријата „свештенство“ и „свештеници“ во традиционалната Црква мерена на кантарот на Новиот завет

Апостолите не биле свештеници, туку проповедници на евангелието

Универзално свештенство на верниците во Новиот завет

Еврејското предание и преданието на Православната и Католичката црква се еднојајчени близнаци зачнати, родени и одгледани надвор од библиската почва

Светото писмо и Светото предание

Преданието на традиционалната Црква е друго, наполно поинакво евангелие од она што ни е напишано во Библијата

За светите реликвии и мошти и за другите суеверија на традиционалната Црква

Христијанската црква е виновна за појавата на исламот

Кој стои зад чудесата на чудотворните икони, слики и кипови и зад чудесата на светите реликвии и мошти на светителите/светците?

Христос и преданијата

Зошто традицијата или преданието над Светото писмо?

Протестантскиот лозунг

За христијанските празници и за христијанскиот политеизам

БИБЛИЈАТА ЗА НЕБЕСНОТО ТРОЈСТВО
БОЖЈАТА БЛАГОДАТ
БОЖЈАТА БЛАГОДАТ

Гревот во вселената ниту го збунил, ниту го поразил Бога! Бог не бил затечен со неговата појава!

Библиска употреба на зборот благодат

Голема експлозија на Божјата благодат

Спасоносната Божја благодат ни е ставена на располагање во Исуса Христа

1. Христовото воплотување

2. Христовата човечка природа

3. Безгрешен Исус

4. Единството на двете Христови природи

5. Повеќе за единството на двете Христови природи

6. Гетсиманија

7. Голгота

8. Теологија на замена – врз Исуса на крстот е извршена пресудата изречена над целото грешно човештво

9. Исус се судрува со силите на злото

10. Божјата патема/страдање

11. Христос во својот гроб

12. Божјата благодат покажана во совршениот Христов живот и на Христовиот крст

13. Не постои грев за кој Христос не умрел и кој не може да биде простен

14. Изобилие на благодат

15. Универзална и индивидуална благодат

16. Прв и втор Адам

17. Божјата благодат е сила која преобразува

СИНАЈ И ГОЛГОТА СЕ ДВА СТОЛБА ВРЗ КОИ ПОЧИВА ПЛАНОТ НА СПАСЕНИЕТО
ПРЕДЕСТИНАЦИЈАТА НА БИБЛИСКИОТ КАНТАР
ИСТОРИЈАТА НА СВЕТОТ ВО БИБЛИЈАТА ПРИКАЖАНА СО КИП
ПАПСКИОТ РИМ Е КОНТИНУИТЕТ НА ИМПЕРИЈАЛНИОТ ИЛИ МНОГУБОЖЕЧКИОТ (ПАГАНСКИОТ) РИМ
САБОТАТА НЕ Е ЗАМЕНЕТА СО НЕДЕЛА
САБОТАТА НЕ Е ЗАМЕНЕТА СО НЕДЕЛА

Крупна теолошка грешка на христијаните кои празнуваат недела

Зошто Исус не воскреснал во саботата?

Адам и Ева својот живот го почнале со сабота. И новозаветниот живот почнал со сабота!

Апостолите воопшто ништо не слушнале од Христа за некаква замена на саботата со недела

Стожер на нашето спасение е Голгота, а не воскресението

Апостолите се собрале таа недела на богослужение – и ете доказ дека саботата е заменета со недела!?

Никаде во Библијата саботните прерогативи не ѝ се припишуваат на неделата

Христос транспарентно најавил други промени, но саботата не ја гибнал

Други божемни силни библиски докази дека саботата е заменета со недела

Светиот Дух се излеал врз апостолите в недела и затоа, наместо сабота, сега недела е свет ден!?

Можеби Светиот Дух направил грешка што ја прескокнал првата, па врз апостолите се излеал во втората недела по Христовото вознесение!?

Наводни библиски „докази“ дека првите христијани празнувале недела

Саботата и ерусалимскиот собор

Вистината во врска со текстовите во Колошаните 2,16.17. и Ефесците 2,15.16.

НОВИОТ ЗАВЕТ – ЗА НЕПРОМЕНЛИВОСТА НА САБОТАТА
ПРОТЕСТАНТИТЕ ЗА НЕПРОМЕНЛИВОСТА НА САБОТНИОТ ДЕН
КАТОЛИЧКАТА ЦРКВА ЗА ЗАМЕНАТА НА САБОТАТА СО НЕДЕЛА
ЦРКВАТА ИЛИ БИБЛИЈАТА?
ЦРКВАТА ИЛИ БИБЛИЈАТА?

Православната црква за себе и за Библијата

Католичката црква за себе и за Библијата

Заедно со Библијата Црквата ги спалувала и нејзините читатели

Традиционалната Црква е силна институција со силни инструменти во рацете за да ги покрива кардиналните грешки од минатото и да го држи верништвото во покорност

Традиционалната црква за „сектите“, за „еретиците“

Адвентистичката црква не е секта, туку христијанска црква која силно го осветлува светот со библиското Христово евангелие

Активностите на Адвентистичката црква низ бројки

Христос бил секташ, а првата апостолска Црква секта

Адвентистите и протестантскиот лозунг „Сола скриптура“, компромис не е можен

Католичката црква: Само Христијанската адвентистичка црква живее според Светото писмо

Како еден современ православен теолог ја толкува четвртата Божја заповед?

Како еден исламист ја толкува Библијата?

БИБЛИЈАТА ЗА СМРТТА
БИБЛИЈАТА ЗА СМРТТА

Библијата: Душата не е бесмртна!

Бесмртна душа или бесмртен дух и смртно тело!?

„Господ му дувна животен здив во носалките на човекот и човекот стана душа жива“

Животниот здив што го дувнал Бог во носалките на Адама не е никаков бесмртен и свесен ентитет

Кога Христос умрел, неговиот дух слегол во пеколот да им го проповеда евангелието на жителите на претпотопниот свет! – Голем апсурд!

Што се случува со човекот кога ќе умре, каде заминува?

Што прават мртвите во гробот?

Значењето на зборовите „засекогаш“, „вечно“ и „довека“ во Библијата

Пеколот во Стариот завет

Христос и библискиот пекол

Вечен оган и вечна мака

Вечна пропаст за грешниците

„Плач и крцкање со забите“

Пеколот во сторијата за богатиот човек и сиромавиот Лазар

„Безумниче, оваа ноќ ќе ти ја побараат твојата душа!“

Душите и небесниот суд

Библискиот монизам или холизам и Платоновиот дуализам на традиционалната Црква

Животните како „живи души“

Душата и крвта

Душата-нефеш во Стариот завет

Душата-психа во Новиот завет

На крстот умрела Христовата душа

Исус на разбојникот на крстот: „Денес ќе бидеш со мене во рајот“!?

Трите мртви момчиња и нивната душа

Апостол Јован: „Бев во духот“

Апсурдите на црковната догма за привремен Божји суд

Православието за православните митарства

Православието за пеколот

Католичката црква за чистилиштето

Католичката црква за пеколот

Протестантите за пеколот

Зар навистина Бог е таков свиреп и крволочен ѕвер?

Библиски текстови што ги користат христијаните за да ја потврдат науката за вродена бесмртна душа или за вроден бесмртен дух

Не разговарај со мртвите!

САБОТАТА – ГЛАВЕН ПРЕДМЕТ ВО ЗАВРШНИОТ ЖЕСТОК СУДИР ВО КОЈ ЌЕ УЧЕСТВУВА ЦЕЛ СВЕТ – И КРАЈОТ Е ПРЕД ВРАТА!
„ГОЛЕМИОТ И СЛАВЕН ГОСПОДОВ ДЕН … ГОЛЕМИОТ И СТРАШЕН ГОСПОДОВ ДЕН … ВЕЛИКИОТ ДЕН НА СЕМОЌНИОТ БОГ“

БЕСПЛАТЕН ПРИМЕРОК во PDF формат