Улогата на Божјиот закон во нашето спасение
Законот бара праведност – праведен живот, совршен карактер, а човекот не може тоа да го постигне. Тој не може да ги исполни неговите барања, барањата на Божјиот свет закон.
Бог не создал закон кој може да ни даде праведност, светост и спасение, да ни даде живот вечен. Кога тоа би било можно, Тој би создал таков закон, и тогаш Христос не би морал да умре за нашите гревови за да нè спаси. Значи, таков закон не постои. Бог ни дал друг закон, закон од десет заповеди, но со друга цел – не како средство за спасение, туку со него да ни ја открие нашата грешна состојба, да ни покаже дека Тој е праведен, а ние сме грешни и грешници. Значи, Божјиот закон има две цели. Прво, да ни покаже дека Бог е праведен, и второ, да ни открие дека ние сме грешни и грешници.
Во Новиот завет се појавуваат и Божјиот морален закон и евангелието. Законот покажува што е тоа грев, а евангелието укажува на лекот против гревот – на смртта и воскресението на Исуса Христа. Ако нема закон, нема ниту грев, и според тоа, од што сме спасени? Евангелито како радосна вест за спасение од гревот има смисла само во рамките на законот кој кажува и открива што е тоа грев.
„Навистина, законот служи само за точно спознание на гревот.“ „Каде што нема закон, нема ниту престап (грев).“ „Грев не се припишува кога нема закон“ (Римјаните 3,20; 4,15; 5,13).
Значи, Божјиот закон ни кажува што е тоа грев. „Секој што прави грев, прави и беззаконие, а гревот е беззаконие“ (1. Јованово 3,4). – Кршењето на Божјиот закон е грев, беззаконие.
Уште нешто. Божјиот закон не само што го обелоденува гревот и го изнесува на показ, туку и го осудува. Апостол Павле сфатил дека е грешен и грешник кога Светиот Дух го соочил со вистинската цел на законот.
„Што ќе кажеме? Дали законот е грев? Во никој случај! Напротив, ако не беше законот, јас немаше да знам дека сум грешен. Ако законот не кажеше: ‘Не посакувај туѓо’, јас не ќе знаев дека е грев да се посакува туѓото. Така гревот, преку таа заповед, кај мене предизвика најразлични грешни желби. Значи, без законот гревот не е делотворен (мртов е). А јас порано живеев без законот, но кога дојде заповедта, гревот оживе, а јас умрев, и се покажа дека заповедта, што беше дадена за живот, ме водела во смрт. Имено, гревот, откако доби можност во заповедта, ме измами и ме уби преку неа. Законот е свет и заповедта е света, праведна и добра. Дали тоа значи дека мојата смрт ја предизвика она што е добро (законот)? Никако! Туку гревот, за да се покаже како грев, се послужи со доброто (односно со законот) и ме уби. Па така гревот, преку заповедта (која е праведна и добра), стана прекумерно грешен…
Вистина, се сложувам со мојот внатрешен човек дека наоѓам наслада во Божјиот закон, но гледам друг закон во моите органи, кој војува против законот на мојот ум и ме заробува под законот на гревот што е во моите органи. Беден човек сум јас! Кој ќе ме спаси од ова смртно тело?“ (Римјаните 7,7-13.22-24).
Божјиот закон на апостол Павле му открил, му покажал, му обелоденил, дека е голем грешник – дека се наоѓа во очајна грешна состојба. „Така гревот, преку заповедта (преку законот), стана прекумерно грешен.“ И тој во својот очај се фаќа за глава и се прашува: „Кој ќе ме спаси од ова смртно (грешно) тело?“
Каде да бара спас? Во законот? Во никој случај. Законот е огледало кое само му покажа дека е валкан, нечист, грешен, но огледалото не може да го исчисти. Законот е топломер, кој му покажа на Павле дека има температура, дека е заболен од смртоносна болест, од гревот, но топломерот не може да го лекува од болеста. На Павле му е потребен лекар да го лекува, итно му е потребен ефикасен лек, инаку ќе ѝ подлегне на смртоносната болест и ќе загуби спасение. Каде е лекот, кој е лекарот?
Павле го газел Божјиот закон, со што станал грешник, па погазената законска правда се дига против него и бара да биде задоволена, бара смрт за грешникот, смрт за него, зашто „плата за гревот е смрт“. Тоа е стварност и законитост со вселенски димензии која не може да се измени.
Божјиот закон е меч со две острици кој станува против грешникот кој греши и го гони да го убие. Законот не знае за милост, и кај него нема милост, туку само крута, строга и свирепа правда која мора да биде задоволена и исполнета. Законот и милоста се исто така два непомирливи антипода меѓу кои не постои никакво соодветство, никаков еквивалент, ниту пак некаква комплементарност. Нивните насоки се паралелни и наполно спротивни, со свои различни неприкосновени барања; тие не се вкрстуваат и не се сечат, зашто, ако се сечат, меѓу нив настанува судир, летаат искри. Острицата на погазената законска правда бара одмазда, бара казна за гревот; таа мора да биде окрвавена со крвта на грешникот кој ја погазил.
Павле како грешник бега пред извлечениот меч на погазената законска правда кој го гони да го убие и бара милост, но каде да ја најде и кој да му укаже милост? Во својот очај тој бега на Голгота, плаче и се кае за својот грев и таму бара спас. Христос од крстот му подава рака, го прифаќа неговото покајание, му го проштава гревот и товарот на неговото грешно минато го презема на себе. Неговите гревови ги изнесува на крст и, наместо Павле, Тој умира за нив. Како што веќе беше кажано, на Голгота, наместо Павле, Христос е грешен, грешник и „грев“; наместо Павле, таму Тој е проклет, проклетник и „проклетство“, и Божјите молњи и громови што молскале и татнеле на Голгота против гревот и проклетството, наместо Павле, го гаѓале и го убиле Христа како грешник и проклетник.
Величествено и неискажливо! Бог нашол решение: гревот е казнет, со што правдата е задоволена, и грешникот е ослободен од смртната казна што ја заслужил како грешник. Најдена е замена! Барањата на погазениот закон за смрт на грешникот се задоволени. Сега мечот се враќа во својата футрола. Тој ја заврши својата задача, се одмазди, го уби гревот и грешникот во Христовата смрт на Голгота и сега мирува. Со тоа „се исполни законската правда во нас“ (Римјаните 8,4) и ние сме пријатели со законот. Тој не нè осудува повеќе, зашто кај нас нема грев и „јас го носам законот длабоко во срцето“ (Псалм 40,8) и во умот, и сега знаеме дека „неговите заповеди не се тешки“, и „наоѓаме наслада во Божјиот закон“.
Порано, додека бев грешник, законот беше мој прогонувач, агресор и убиец. Сега, кога Христос ме ослободи од гревот, јас станав пријател со законот, зашто тој нема веќе што да осудува кај мене. Сега тој, како мој пријател, стана моја ограда која ме заштитува од поранешниот натрапник, од гревот, кој се обидува повторно да завладее со мене.
„Христос е целта и завршокот (крајниот дострел) на законот за да се оправда секој што верува.“ „Законот ни беше воспитувач да нè води кон Христа за да се оправдаме со вера“ (Римјаните 10,4; Галатите 3,24).
Моралниот закон (десетте заповеди) ни укажува на нашите гревови со што кај нас буди свест дека ни е потребен Спасител, дека ни е потребно проштавање и праведност, а сето тоа можеме да го најдеме единствено, и единствено во Исуса Христа. Во таа смисла Христос е конечна „цел (краен дострел) на законот“, што тој нè води и нè тера кон Христа, кон Голгота, каде што Христос со својата смрт ја платил цената за неговата погазена законска правда. Во таа смисла „Законот ни беше воспитувач да нè води кон Христа за да се оправдаме со вера“
Законот ја постигнал својата крајна цел кога го убил Христа на крстот како грешник и проклетник наместо нас, односно, кога го казнил гревот со тоа што ја окрвавил острицата на својата погазена законска правда со крвта на Христа на Голгота.
Но Христос на крстот ги исплатил само нашите сметки и ги исполнил свирепите барања на погазениот закон, а не го укинал законот. Со својата смрт Тој уште повеќе го подигнал неговиот авторитет како темел на правдата врз која почива целата вселена. „Го возвеличи и го прослави својот закон“ (Исаија 42,21).
Кога ни укажа брилијантна милост од крстот, кога нè ослободи од смртната казна што сме ја заслужиле, Христос со тоа не нè ослободи од обврската да го почитуваме неговиот закон, туку ни порачува: „Ете си здрав“, јас те ослободив од гревот и од смртта, и „не греши веќе, за да не ти биде уште полошо“ (Јован 5,14). Немој пак да го газиш законот, зашто, ако го газиш, ти пак ќе грешиш и пак ќе станеш грешник, и законот пак ќе те гони и ќе те убие како грешник.
Значи, лекарот е Христос, а лекот за нашата смртоносна болест, за гревот, е Христовата крв: „Крвта на Христа, кој се принесе себеси на Бога како жртва без недостаток, ќе ја исчисти нашата совест од мртвите дела (од гревот).“ „На Христа, кој нè откупи од нашите гревови со својата крв, слава и власт во вечни векови.“ „Не сте откупени со ништо распадливо – со сребро или злато – од својот суетен живот што сте го наследиле од своите предци, туку со скапоцената крв на Христа како невино и чисто јагне“ (Евреите 9,14; Откровение 1,5; 1. Петрово 1,18).
Затоа, да не бараме спасение во законот, во мечот кој нè гони да нè убие, чијашто единствена задача е да нè доведе кај Христа, кој ќе ни укаже милост и ќе нè спаси од гревот. „Од Христа се одвоивте (се оддалечивте) вие кои сакате да се оправдате со законот и отпаднавте од благодатта“ (Галатите 5,4). – Бог никогаш не го дал законот како средство за спасение. Христос е наш Спасител, а не законот; неговата благодат е извор на нашето спасение, а не законот; Христовата крв е единствено средство и лек за нашата смртоносна болест, за гревот. Гревот е ’рѓа која ништо не може да ја исчисти, освен Христовата крв од Голгота.
Во продолжение следат поднасловите од поглавјето „Божјиот закон, Десетте заповеди, не се укинати“. Кога ќе кликнете врз поднасловите, ќе ви се отворат нивните текстови.
БОЖЈИОТ ЗАКОН, ДЕСЕТТЕ ЗАПОВЕДИ, НЕ СЕ УКИНАТИ
Бог и неговиот народ на Синајската гора склучиле договор или стапиле во сојуз за заемна меѓусебна припадност, наречен стар завет, синајски договор или синајски сојуз. Не е исправно наместо зборовите договор и сојуз да се користи зборот „завет“ кој, по грешка на...
Синај не може да се прескокне со стап
На христијаните им пречи и тешко ги притиска Синај, зашто Божјиот закон, даден на таа гора, тие го парчосале. Затоа, врашки упорно се обидуваат со илјадници најразлични наводни „докази“ и од Библијата и од историјата да го избришат или, најблаго кажано, да го...
Крстот на Голгота е најголем доказ дека Божјиот закон не може да се менува
Крстот на Голгота е доказ дека законот е непроменлив. Ако можеше тој да се менува, или да се укине, тогаш Христос ќе го променеше или ќе го укинеше и не ќе мораше да доаѓа на оваа земја за да виси и да умре на крст токму поради престапот на тој закон. Многу нелогично...
Божјиот закон не е ниту укинат ниту променет
Во Библијата има многу текстови кои зборуваат за Божјиот закон: „Законот е свет и заповедта е света, праведна и добра“ (Римјаните 7,12). Законот ги носи обележјата на Законодавецот. „Законот Господов е совршен, ја крепи душата...“ (Псалм 19,7). На совршениот никогаш...
Заблуда на христијаните: наместо десет, ние сега имаме само две заповеди
Христијаните често велат: Ние во Новиот завет имаме, наместо десет, само две заповеди. Христос кажува: „Љуби го својот Господ Бог со сето свое срце, со сета своја душа и со сиот свој разум! Тоа е прва и најголема заповед. А втората е слична: ‘Љуби го својот ближен...
Христијанството на христијаните без Божјиот закон е разградена јурија
Нешто многу убаво и значајно! Псалмистот кажува: „Неговата (Божјата) вистина е штит и ограда (закрила)“ и „сите негови заповеди се вистина“ (Псалм 91,4; 119,86). Според тоа, Божјите заповеди, Божјиот закон, како наш пријател, сега е „наш штит и ограда“. Неоградена...
Словото и духот на Божјиот закон
Кога станува збор за словото и духот на Божјиот закон, христијаните го изделуваат едното од другото и велат дека словото, врежано на камени плочи, е укинато, што ќе рече, Божјиот закон, даден на Синај и напишан на две камени плочи, е укинат. За нас, велат тие, важен е...
Ослободени сме од проклетството на законот, а не од законот
Во Библијата имаме пример - жена прељубница која згрешила и паднала под проклетство или под осуда на законот кој го прекршила и како грешница заслужила смрт. Христос ја откупил од проклетството и ја ослободил од смртната казна. Таа сега е ослободена (Галатите 3,13),...
Правдата и милоста се сретнале, се прегрнале и се бакнале на Голгота
Синај, како симбол на правдата, и Голгота, како симбол на милоста (милоста е компонента на благодатта), како двајца смртни непријатели, се измириле, се прегрнале и се бакнале на крстот кога Христос кажал „Се сврши!“ Всушност, Синај го убил Христа на крст на Голгота,...
Законот и благодатта
„По благодат сте спасени, преку вера, и тоа не е од вас самите - тоа е Божји дар! Не од делата, за да не се фали некој“ (Ефесците 2,8.9). Зборувавме за улогата на Божјиот закон кој нè гонеше да нè убие поради нашиот грев, а ние побегнавме на Голгота и баравме спас од...
Под законот или под благодатта?
Човек убиец издржал казна затвор за убиство. Кога го пуштиле на слобода, властите му обрнале внимание: Сега се пушташ на слобода. Внимавај, немој пак да убиваш, зашто, ако пак убиеш некого, ти пак ќе дојдеш овде, зад овие решетки, осуден од законот како убиец....
Во продолжение следи содржината на книгата „Времето и знаците“. Кога ќе кликнете врз насловите и поднасловите, ќе ви се отворат нивните текстови.