Во мигот кога Христос издивнал на крстот, земното свештенство, земната свештеничка служба и земното Светилиште засекогаш заминале во архивите на старозаветната историја
Тој ден, тој петок, кога Христос е распнат на крст, во Ерусалим и во цел Израел се празнувал големиот еврејски празник „Пасха“ како спомен на излегувањето на израелскиот народ од Египет, од неговото повеќевековно ропство поминато во таа земја.
Во миговите кога Христос издивнувал на крстот, свештеникот во храмот се приготвувал да ја принесе вековната, редовна вечерна жртва – јагне, овојпат наречено пасхално јагне. Но, кога го дигнал ножот да ја заколе жртвата, земјата се затресла. Исплашен, тој го испуштил ножот, а јагнето побегнало, бидејќи во тој миг на крстот е заклано вистинското Јагне, Христос: „Зашто и… нашето пасхално јагне“, „Христос, како невино и чисто јагне“, „беше жртвувано за нас“ (1. Коринќаните 5,7; 1. Петрово 1,19).
Јагнето побегнало! Не се веќе потребни животински жртви! Симболот и сенката со векови верно и предано ја извршувале својата задача и се потврдиле на Голгота, ракувајќи и збогувајќи се со стварноста на крстот и, како што кажавме, со крената глава заминале од сцената на натамошните настани, отстапувајќи му го местото на Христа како вистинско јагне: „Еве го Јагнето Божје, кое ги зема гревовите на светот на себе“ (Јован 1,29).
Да ѝ дадеме можност на Божјата реч да ни проговори за овој предмет: „Бидејќи Законот (обредниот закон) е само сенка на идните добра, а не и суштина на стварноста, не може никогаш со истите жртви, што се принесуваат постојано секоја година, да ги направи совршени оние кои пристапуваат (кон Бога)… Невозможно е крвта на биковите и јарците да отстранува (да чисти) гревови. Затоа, кога Христос влезе во светот, рече: ‘Жртви и приноси, сепаленици и жртви за грев не посака, ниту ти се (Оче) по волја, иако се принесуваат според Законот (според законот за жртвите).’ Потоа изјавува (Христос): ‘Еве, доаѓам, како што е напишано за мене во свитокот (во книгата), да ја исполнам твојата волја, о Боже.’ Така, го отстранува првото, за да го воспостави второто“ (Евреите 10,1-9). – Христос „го отстранува првото, за да го воспостави второто“ – со својата жртва ги „отстранува“ и ги укинува животинските жртви, а на нивното место ја воспоставува својата жртва која станува активна и доминантна на сцената на новозаветната историја како извор на спасение за секој грешник.
Да се задржиме уште малку на настаните на Голгота, на тој најголем и најславен ден за човештвото кога Христос му овозможил спасение секому што сака да се спаси, изговарајќи ги славните зборови на крстот: „Се сврши!“ и завршувајќи ја со тоа првата фаза од планот на спасението.
Во тоа предвечерие на свештеникот му побегнало јагнето за жртва. Така велат историските податоци од тоа време. Но Библијата кажува дека свештеникот, и покрај силните татнежи на земјотресот што настанал кога Христос издивнал на крстот, чул звук на кинење, цепење на платно. Невидлива рака ја искинала завесата во храмот надве од горе до долу. Тоа била тешка, прекрасна, уметнички изработена завеса од најквалитетно платно што ја изработиле највешти уметници. Била поставена во Светилиштето, во храмот, да ги дели двете одделенија, за кои веќе кажавме нешто – првото одделение, наречено светиња, во која свештеникот секој ден внесувал дел од крвта на жртвите што биле жртвувани на жртвеникот во дворот, тремот, и во која принесувал темјан и вршел секојдневна служба според прописите што ги дал Бог за Светилиштето, и второто одделение, кое се викало светиња над светињите (или најсвето место) каде што бил сместен ковчегот со Десетте Божји заповеди и во кое еднаш годишно, на „денот на чистење“, смеел да влезе и да врши служба само првосвештеникот.
Земното Светилиште, во пустината подвижен шатор, заменет со прекрасен, брилијантен храм во Ерусалим во времето на Соломона, со векови играло многу значајна улога при одржувањето на израелскиот народ како нација. Во тие славни времиња на Израел, тоа било гордост за нив. Такво Светилиште, со таква улога, цел и задача во планот на спасението на грешното човештво, со такво устројство на служби во него и со такво свештенство, навистина можел да замисли само еден генијален ум, каков што е Божјиот. Со векови тоа било светско чудо, светски духовен центар каде што видливо бил присутен семоќниот Бог со својата шекина и каде што доаѓале луѓе од сите страни на светот да се запознаат со него, со вистинскиот Бог, и тие сознанија да ги пренесуваат и разнесуваат низ сите краишта на земјината топка.
Но, колку и да било славно и преславно, сепак, и земното Светилиште, заедно со неговото свештенство и со импозантната служба што се вршела во него, било само симбол и сенка, во овој случај симбол и сенка на небесното Светилиште за кое, за жал, многу малку знае христијанскиот свет.
Земното Светилиште како симбол и сенка е укинато и престанало да постои во активна служба оној миг кога Христос издивнал на крстот и кога Бог ја искинал завесата во храмот.
„Исус извика со силен глас („Се сврши) и издивна. А завесата во Светилиштето се расцепи надве, озгора до долу“ (Марко 15,37.38).
Морничави биле тие мигови за мноштвото народ собран од сите страни на светот во Ерусалим на празникот Пасха, особено за свештениците во храмот кои претчувствувале тешко зло и страшна иднина. Громови, молскавици, земјотрес, јагнето предвидено за жртва побегнало, во храмот настанала јурија бидејќи завесата е расцепена надве! Второто одделение, односно светињата над светињите, во која не смеел никој ни да ѕирне, а камоли да влезе во неа, освен првосвештеникот еднаш годишно, сега ја загубила таа светост, станала оголена и изложена на срам. Во мигот кога Христос издивнал на крстот, Бог го повлекол своето присуство од земното Светилиште, од храмот. Комплетно ја укинал неговата служба и Ароновото свештенство.
Спасителот ја завршил својата служба на помирување на грешниците со Бога на крстот и во таа пригода симболот згаснал, се слеал, потонал и исчезнал во својот оригинал; со други зборови, обредите, жртвите и сите служби што укажувале на Христовата жртва згаснале, се слеале, потонале и исчезнале во својот небесен оригинал. Оттаму имаме: искината завеса во храмот, испаднат нож од раката на свештеникот и побегнато јагне!
Меѓутоа, традиционалната христијанска Црква, православната и католичката, иако е укинат, тие го задржале моделот на старозаветното Светилиште во модификуван облик. Во нивните цркви можат да се забележат две одделенија – прво, во кое влегуваат верниците, и второ, само за свештениците. Во тие цркви се врши служба и се принесува темјан, односно се кади, слично како во старозаветното Светилиште. Нивното свештенство носи култна облека слична на облеката на старозаветното свештенство. Но, свештенството на традиционалната Црква служи во храм со искината завеса, принесува жртва со испуштен нож од раката и на жртва принесува побегнато јагне.
Тоа е очигледен расчекор меѓу библиското учење и практиката на Православната и Католичката црква. Прифаќаат нешто што е укинато и отфрлено, нешто што сам Бог го кине и го пречкртува како симбол и сенка и го става надвор од сила и употреба, а го отфрлаат и не го прифаќаат небесниот оригинал, небесното Светилиште со небесната служба и со небесното свештенство онака како што се опишани во Божјата реч.
Исусовото воскресение и вознесение нашето внимание го насочуваат кон небесното Светилиште во кое Тој служи не веќе како Јагне, туку како Свештеник. Жртвата е принесена еднаш за сите (Евреите 9,28). Сега Тој на сите им препушта да ја искористат оваа Жртва на помирување. Нема веќе ни крвна ни бескрвна жртва. Таа е принесена на Голгота еднаш за сите и за секогаш!
Во продолжение следат поднасловите од поглавјето „Библијата за земното светилиште“. Кога ќе кликнете врз поднасловите, ќе ви се отворат нивните текстови.
БИБЛИЈАТА ЗА ЗЕМНОТО СВЕТИЛИШТЕ
Централна вистина и теологија на Стариот завет: Бог слегува од небото на планината Синај, го изговара својот закон, Десетте заповеди, истите ги пишува на две камени плочи и заповеда тие да се сместат во посебен ковчег и да се чуваат во земното Светилиште како доказ...
Во продолжение следи содржината на книгата „Времето и знаците“. Кога ќе кликнете врз насловите и поднасловите, ќе ви се отворат нивните текстови.