Светиот Дух е Бог, трето лице на Божеството
Нашите браќа, сведоците на Јехова, тврдат дека Светиот Дух е некаква активна енергија, некаква недефинирана делотворна, но безлична сила која доаѓа од Бога. Тоа сфаќање Светиот Дух го сведува на слепа сила, слична на водопадите на Нијагара, на силата на ветерот или на некоја експлозија на атомска бомба.
Веднаш да кажеме. Светот Дух не е никаква активна или делотворна енергија ниту безлична слепа сила, туку Тој е Бог, еден од трите лица кои го сочинуваат Божеството во христијанската вера, личност која располага со безмерна контролирана делотворна сила или енергија што може да му ја стави на располагање на секој човек и на целото човештво за безболно да ги реши сите напластени проблеми што го мачат. Тој е вистински Бог, трето лице на Тројството, на Божеството.
Кога Ананија и Сафира задржале дел од парите што му ги ветиле на Бога, апостол Петар им кажува: „Ананија, зошто сатаната го опседна твоето срце така за да го измамиш Светиот Дух и да задржиш дел од парите од продадената нива?… Ти не ги измами луѓето, туку Бога“ (Дела 5,3.4). – Да, Ананија го измамил Светиот Дух, кој во овој библиски текст се појавува како Бог. Значи, Светиот Дух е Бог.
На првата страница од Светото писмо се споменува Светиот Дух кој имал активна улога при создавањето: „И Божјиот Дух беше над водите“ (1. Мојсеева 1,2).
Кога зборува за „Божјиот Дух“, Светото писмо зборува за „Светиот Дух“, за третото лице на Божеството. Оттаму и низ целото Свето писмо Божјиот Дух има божествена улога во сите творечки активности на земјата, во природата, во црквата и во новиот живот или во преродбата на грешниот човек.
Во Стариот завет Светиот Дух се споменува на 88 места како личност. Еве уште некои од тие места:
– „Господ им праќаше пораки преку древните пророци со својот Дух“ (Захарија 7,12).
– „Господ, Господ ме праќа со својот Дух“ (Исаија 48,16).
– „Им го даде својот добар Дух за да ги научи на мудрост“ (Немија 9,20).
– „Мене Божјиот Дух ме создаде“ (За Јов 33,4).
– „Ќе го излеам Мојот Дух на секое тело и вашите синови и ќерки ќе пророкуваат… вашите момчиња ќе гледаат виденија“ (Јоил 2,28).
– Ние можеме да го повикуваме Светиот Дух (Езекил 37,9).
– Не можеме да побегнеме и да се скриеме од него (Псалм 139,7.8).
– Не можеме со своја сила, туку со Божјиот Дух (Зах. 4,6).
Во Новиот завет Светиот Дух се споменува на 262 места.
– Светиот Дух им зборува на луѓето (Дела 8,29; 10,19.20; 11,12; 13,2).
– Тој зборува јасно (1. Тимотеј 4,1).
– Им дава дарови на луѓето (1. Коринќаните 12,3-11).
– Праќа луѓе на задача (Дела 10,19.20).
– Повикува и посветува проповедници да го проповедаат евангелието (Дела 13,2).
– Тој знае да мисли, да расудува, да решава (Дела 15,28).
– Светиот Дух поседува љубов (Римјаните 15,30).
– Чувствува жалост. Ние го жалостиме Светиот Дух кога велиме дека Тој не е личност, дека е безлична, недефинирана слепа сила, го жалостиме кога не го слушаме неговиот глас, кога грешиме (Ефесците 4,30).
– Кога го жалостиме Светиот Дух, кога упорно ги одбиваме неговите повица за покајание, кога не го оставаме гревот, ние него го хулиме и со тоа правиме непростлив, смртен грев (Матеј 12,31).
– Светиот Дух ја знае и ја преткажува иднината (Дела 1,16; 1. Тимотеј 4,1).
– Тој знае сè. Ги испитува и длабините Божји (1. Коринќаните 2,10.11).
– Поседува разум – теши, учи, напоменува (Јован 14,26; 15,26; Римјаните 8,16).
– Поставува старешини во црквата (Дела 20,28).
– Одредува верници за служба во црквата (Дела 13,2).
– Заповеда, упатува (Дела 11,12).
– Ни забранува да одиме таму каде што ни се заканува опасност (Дела 16,6.7).
– Светиот Дух има своја волја (1. Коринќаните 12,11).
– „Крштавајте ги луѓето во име на Отецот, Синот и Светиот Дух“ (Матеј 28,19)! – Ако Отецот и Синот се личности, тогаш и Светиот Дух е личност . Апсурд е да се крштаваме во име на некоја безлична, недефинирана слепа сила.
– Ние не смееме Светиот Дух да го ставаме на проверка (Дела 5,9).
– Светиот Дух не можеме да го измамиме (Дела 5,3).
– Луѓето нему му се противат на своја пропаст (Дела 7,51).
– Луѓето него често го навредуваат, и поради тоа страшно е да се падне во Божјите раце (Евреите 10,29.31).
– Светиот Дух ги оживува мртвите (1. Петрово 3,18).
– Тој кара за гревот, ја објавува Божјата правда, го објавува Божјиот суд, упатува на секоја вистина, упатува на Божјата реч (Јован 16,8-13).
– Влијае врз совеста на човекот: „Ја зборувам вистината… не лажам, мојата совест ми сведочи заедно со Светиот Дух“ (Римјаните 9,1).
– „А сите оние кои ги води Божјиот Дух се Божји синови“ (Римјаните 8,14).
– Ние уживаме водство и заедница со Светиот Дух (2. Коринќаните 13,13).
– Светиот Дух „се моли за нас со неискажливи воздишки“ (Римјаните 8,26.27). Може ли слепа сила да се моли за нас?
Почитувани, сите овие, а и многу други библиски текстови, силно и без поговор потврдуваат дека Светиот Дух е интелигентно лице, а не некаква бесвесна и безлична делотворна сила и енергија. Тој е личност, Бог, како и Бог Отецот и Бог Синот? Како што рековме, на никејскиот собор во 325 г. Арие за првпат го нападнал учењето за Тројството и со тоа дал идеја дека Светиот Дух не е личност.
Неверниците отфрлаат секое божество, харизматиците Светиот Дух го прикажуваат на погрешен начин, сведоците на Јехова го одрекуваат не само неговото божество, туку и неговото постоење како личност. Што уште би можел сатаната да измисли луѓето да ги одврати од Светиот Дух? Затоа Библијата нека биде мерило и одговор на секое верско прашање.
Во продолжение следат поднасловите од поглавјето „Библијата за Светиот Дух“. Кога ќе кликнете врз поднасловите, ќе ви се отворат нивните текстови.
БИБЛИЈАТА ЗА СВЕТИОТ ДУХ
Двајца луѓе седат крај водопадите на Нијагара и разговараат. Едниот му вели на другиот: „Ги гледаш ли овие џиновски водопади? Овие огромни количества вода што се уриваат во овој амбис се најголема сила на светот што е неискористена!“ „О не!“ му возвраќа другиот....
Во продолжение следи содржината на книгата „Времето и знаците“. Кога ќе кликнете врз насловите и поднасловите, ќе ви се отворат нивните текстови.