Саботата не е еврејска
Многу чест случај кога разговарате со христијаните во врска со саботата е тие да ви кажат: саботата е еврејска, еврејски празник, кој важел само за Евреите, и како доказ го наведуваат текстот од 5. Мојсеева 5,15: „Спомни си дека и ти беше роб во египетската земја и дека оттаму те избави Господ, твојот Бог, со силна рака и со подадена мишка. Затоа ти заповеда Господ, твојот Бог, да го пазиш саботниот ден.“
Ете, велат тие, Бог ги избавил Евреите од египетско ропство, разделувајќи го Црвеното море пред нив, и затоа им наредил да празнуваат сабота како спомен кој ќе ги потсетува на тој грандиозен настан. И бидејќи саботата е поврзана со нивното избавување од нивното ропство, таа е еврејски празник, заповед што важела и важи само за Евреите.
Но, ве молам, почекајте малку! Ако ја следиме таа логика, тогаш и првата Божја заповед важи само за Евреите, бидејќи и таа е поврзана со нивното избавување од египетско ропство: „Јас сум Господ, твој Бог, кој те изведе од египетската земја, од куќата на ропството. Немој да имаш други богови освен мене“ (2. Мојсеева 20,2.3). – Логично, зар не!
Од истата логика на христијаните, кои тврдат дека саботата е еврејска, произлегува дека и петтата Божја заповед, која бара од децата да ги почитуваат родителите, важи само за Евреите. Еве ја нејзината содржина: „Почитувај ги својот татко и својата мајка, како што ти заповеда твојот Господ Бог, за да живееш долго и да ти биде добро во онаа земја што ти ја дава твојот Господ Бог“ (5. Мојсеева 5,16). Значи, Бог од еврејските деца бара да ги почитуваат своите родители затоа што ќе им даде ветена земја, Палестина, и долг живот и благосостојба во неа. Според тоа, еврејските деца се привилегирани пред Бога, зашто Бог на нашите деца, за разлика од нив, не им дава ниту ветена земја, ниту долг живот ниту благосостојба. Апсурд, зар не!
Заклучок: Ако саботата е еврејска, тогаш и првата и петтата заповед се еврејски – но во тој случај и тој Бог, кој ги дал тие заповеди, е еврејски, а не христијански Бог.
Всушност, така е и напишано на многу места во Библијата: „Оди при фараонот и речи му: ‘Господ Бог на Евреите (еврејскиот Бог) порачува вака: ‘Пушти го мојот народ да замине и да ми искаже почит’“ (2. Мојсеева 9,1; в. 3,18; 5,3; 7,16; 9,13; 10,3). На стотици други места во Библијата читаме, не за христијански, туку само за „Израелов Господ Бог“ – односно, само за еврејски Бог.
И ако тие три заповеди, првата, четвртата и петтата, се еврејски заповеди, и ако важат само за Евреите, тогаш, логично, и другите седум, односно сите Десет заповеди се еврејски заповеди и важат само за Евреите, зашто ги дал истиот еврејски Бог, кој се разликува од христијанскиот Бог. И што ако кажеме дека седмата заповед, која кажува: „Не врши прељуба!“, е еврејска заповед и важи само за Евреите? Дали тогаш христијаните можат слободно да вршат прељуба?
Да се вратиме на првата Божја заповед: „Јас сум Господ, твој Бог, кој те изведе од египетската земја, од куќата на ропството. Немој да имаш други богови освен мене!“ Ако ја поврземе оваа заповед со излегувањето од египетско ропство и ако ја прогласиме за спомен на тој настан, тогаш е логично да заклучиме дека Евреите не смееле да имаат други богови само затоа што Бог ги извел од тоа ропство, што воопшто не одговара на вистината. А логиката на христијаните, кои празнуваат недела, е токму таква – наводно, затоа што Бог го извел еврејскиот народ од Египет, му заповедал да празнува сабота како спомен на неговото излегување од Египет, а не како спомен на создавањето на светот, па оттаму, велат тие, и саботата е нивна, еврејска, и важи само за Евреите.
Применувајќи го истиот аршин за мерење на работите, произлегува дека христијаните се ослободени од обврските на првата заповед затоа што Бог нив не ги извел од египетско ропство, и според тоа, тие можат покрај Бога да имаат и „други богови“ – што е своевиден апсурд. Апсурд затоа што во тој случај со право би можеле да се прашаме кој Бог прифаќаат христијаните, семоќниот Господ Бог Израелов (еврејски), или некој друг, христијански Бог, различен од еврејскиот? „Зар Бог е Бог само на Евреите, а не и на незнабошците? Се разбира, и на незнабошците“ (Римјаните 3,29) – кажува апостол Павле. Според тоа, ако е Господ и незнабожечки, Тој е и христијански, а ако е христијански, Тој е и православен, но и католички и протестантски; па и саботата, ако е еврејска, таа едновремено е и православна, и католичка и протестантска, и сесветска, сечовечка.
Ако еврејскиот Бог е ист со христијанскиот Бог, а би требало да биде ист, зар тогаш е потребно Тој повторно да слезе, сега на некоја христијанска планина, и на христијаните да им даде други десет заповеди, различни од оние што ги изговорил пред еврејскиот народ на Синај и ги напишал на две камени плочи? Дали тогаш на христијаните би им дал нови плочи со десет или само со две заповеди? Дали во тој случај Бог би ја искорнал саботата од нејзиното место среде Десетте заповеди и на нејзиното место би напишал недела? Ако би го сторил тоа, би се прашале зошто би го сторил? Зошто на еврејскиот народ во старо време би му кажал сабота, а на христијаните недела, кога саботата не е никаков симбол или сенка на некаква новозаветна реалност?
Да се потсетиме! Јудаизмот (еврејството) е единствен по тоа што Бог му се обратил на Синај на цел еден народ кој го видел и чул со свои сопствени очи и уши, повеќе милиони едновремено присутни, кога го изговорил и го напишал својот закон. Израелскиот народ, како Божји народ, е единствен и по тоа што Господ полни четириесет години го хранел во пустината со небесна храна, наречена „мана“, единствен случај во историјата на овој свет Бог да приготвува секој ден, освен во сабота, свежа храна за милиони луѓе во пустина. Во петок им приготвувал двојно количество храна, и за сабота (2. Мојсеева 16,14-26). Замислете, четириесет години Бог ја изделува саботата од другите денови како посебен свет ден! Зар тоа не им кажува ништо за нејзината светост на христијаните кои празнуваат лажна сабота, наречена недела?
Драги мои, во старо време еврејскиот народ бил Божји народ, а денес христијанскиот народ е, или би требало да е, Божји народ. Според тоа, еврејскиот Бог е, или би требало да е, и христијански Бог. Оттаму и Десетте заповеди, колку се еврејски, толку се и христијански, но тие не се ниту еврејски ниту христијански, туку Божји.
Ние Библијата ја преземаме од Евреите не како еврејска Библија, тука како Божја реч. Заедно со Светото писмо, што ни го напишале и ни го предале еврејски пророци и апостоли, ние од нив ги преземаме и Десетте заповеди не како еврејски, туку како Божји заповеди. Исто така и саботата ја преземаме од нив не како еврејска, туку како „Господова сабота“, како „Господов ден“, како „Господов свет ден“. Значи, сите заповеди, па и четвртата, имаат општочовечки карактер, зашто Бог е Бог на целото човештво (Римјаните 3,29; 10,12.13).
Да не заборавиме дека ние христијаните сме само гранка од дива маслина накалемена на питомата маслина која нè снабдува со неопходните животни сокови. Според тоа, коренот и стеблото не се наши. Израелскиот народ е таа питома маслина што ја засадил Бог, од чијшто плод се добива квалитетно маслиново масло – вистинска, изворна Божја наука за спасение на цел свет, на целото човештво. Значи, дивата гранка опстанува благодарение на благословите што произлегуваат од коренот и стеблото на питомата маслина, врз кои таа нема никакво можно влијание (Римјаните 11. глава).
Во продолжение следат поднасловите од поглавјето „Библијата за саботата“. Кога ќе кликнете врз поднасловите, ќе ви се отворат нивните текстови.
БИБЛИЈАТА ЗА САБОТАТА
Да почнеме од почеток, од корењата на саботата: „Така беа довршени небото и земјата со сето свое воинство. И ги заврши Бог до седмиот ден своите дела што ги создаде. И се одмори во седмиот ден од сите свои дела што ги создаде. И Бог го благослови седмиот ден и го...
За теистичката еволуција на христијанството
Како што рековме пред малку, христијаните тврдат дека седмиот ден, посветен при создавањето, не е ист со седмиот ден од четвртата Божја заповед, ниту пак седмицата на создавањето е иста со нашава денешна седмица. Оваа сатанска, ѓаволска заблуда и лага, што ја...
Саботата – споменик на создавањето и стожер на еврејската нација
Како што видовме од четвртата Божја заповед, седмиот ден е од Бога одреден и именуван со зборот сабота, еврејски „шабат“, со значење „одмор“, ден од 24 часа, и ние не смееме тој ден да го замениме ниту да го преименуваме со недела, ниту со кој и да е друг ден во...
Сабота е благословен ден
„Господ го благослови ... саботниот ден!“ - Да запомнеме: Сабота е блгословен ден, што не е случај со ниту еден друг ден во седмицата. Зборот „благослов“ има ист јазичен корен со зборот „благодат“, на кој му посветивме цел еден наслов во книгава. Благословен значи:...
Сабота е свет ден
„Господ го ... посвети саботниот ден!“ - Да запомнеме: Сабота е и посветен и свет ден, што не е случај со ниту еден друг ден во седмицата. „А седми ден е сабота, одмор посветен на твојот Господ Бог.“ Во Десетте заповеди зборот „свет“ се однесува само на еден збор, на...
Господ: Сабота е „мој свет ден“, „Господов ден“
„Ако ја задржиш својата нога да не ја погазиш саботата, и ако не работиш во мојот свет ден; ако ја наречеш саботата милина, Господов ден; ако ја празнуваш и ако ја почитуваш со тоа што не ќе се занимаваш со обични работи, да им угодуваш на своите грешни желби - тогаш...
Духовната димензија на саботниот ден
Бог има замисла и желба саботата, како негов свет ден, да биде негов семеен празник кога Тој, како небесен татко, го собира своето земно семејство на свет семеен собир, на семејно советување, на свето богослужение, на кое сака да помине време во света заедница со...
Сабота е Божји знак и Божји печат
Среде верскиот хаос што постои денес во светот, среде многубројните верски заедници, чијшто број постојано се зголемува, човек со право се прашува која од нив е вистинска Божја црква на која треба да ѝ припаѓа како верник. Постои ли некаква можност, нешто или некој...
Во продолжение следи содржината на книгата „Времето и знаците“. Кога ќе кликнете врз насловите и поднасловите, ќе ви се отворат нивните текстови.