Духовната димензија на саботниот ден
Бог има замисла и желба саботата, како негов свет ден, да биде негов семеен празник кога Тој, како небесен татко, го собира своето земно семејство на свет семеен собир, на семејно советување, на свето богослужение, на кое сака да помине време во света заедница со своите деца – можност да разговара со нив, да ги слушне нивните воздишки, радосни и жални, да ги растовари од бремето на секојдневните грижи, да ги закрепне и физички и духовно, да им го подигне духот, да ја засили нивната вера и надеж и да ги охрабри и оспособи успешно да се соочат со животните проблеми во следната седмица.
Според Библијата, празнувањето на саботата мора да биде пријатно искуство. Бог преку својот пророк Исаија ни кажа дека саботата треба да ни биде милина. Зборот милина е превод на еврејскиот збор „онег“ кој има мошне богато значење. Онег значи „нежно“, „убаво“, „пријатно“, „радосно“, „извонредно“. Бог сака да уживаме во сабота. Таа треба да биде зенит во седмицата. Неа ја карактеризираат најдобро дружење, најдобра облека, најдобро однесување, најдобро од сè!
Сабота е свет и благословен ден, изделен од другите денови со посебна цел и намена – за интимен контакт меѓу нас и Бога преку неговата Реч, мигови кога можеме да здивнеме од секојдневните шокови на споулавеното време и од удирите со кои постојано нè мава и шиба мачното секојдневје. Сабота ни нуди духовна, а преку неа и физичка заветрина, заштита и сигурност пред налетите на страотните виулици и фортуни, пред бесот на гигантските животни урагани што ги подига гревот и сатаната во светот – слично на Ноевиот ковчег во кој се засолнил и нашол спасение Ное со семејството за време на ужасната катаклизма што го погодила нашиот свет, катаклизма наречена потоп.
Христос е наше засолниште каде што можеме да се засолниме, наше прибежиште каде што можеме да побегнеме од гревот кој нè прогонува, а саботата е алка што нè поврзува со Христа и темел на нашата заедница со него – семеен ден, семеен празник кога Бог, како што кажавме, на посебен начин го почестува своето семејство, своите деца, со своето присуство меѓу нив.
Прекрасна и многу убава, мила и посакувана е таа саботна заедница во друштво со Бога и со неговите свети ангели, тие свети мигови поминати во пријатна небесна атмосфера во неговиот дом. Тогаш ние на посебен начин го чувствуваме Божјето присуство во нашата средина, неговата близина и непосредност.
За време на саботните богослуженија, на кои ја проучуваме неговата света Реч или Библијата, на кои се молиме и му ја искажуваме нашата благодарност на Бога, Светиот Дух го пренасочува нашиот поглед од овој поминлив грешен свет кон небесниот живот со вечни вредности. Саботните мигови, поминати во света заедница со Бога и со неговиот народ, нè издигнуваат високо над овој земен свет, и на крилјата на верата нè приближуваат до прагот на небесното царство од каде што уште сега со духовни очи го гледаме новиот живот и, обземени и проникнати со неискажливите убавини на Божјето царство, ние се радуваме со неискажлива радост, и нашето срце игра, блика и пее од среќа за скорашната средба со нашиот Спасител кој доаѓа по нас да нè земе со себе, за да бидеме и ние таму каде што е Тој (Јован 14,1-3), да ја делиме вечноста со него, да го гледаме и да го уживаме она „што око не видело, што уво не чуло и што во човечко срце не дошло“ (1. Коринќаните 2,9).
Ние, христијаните, кои празнуваме сабота, сме благословени, задоволни и среќни луѓе, полни со Божја љубов и со длабок мир во срцето среде ова зајазлено време и овој вознемирен свет. Живееме со крената глава и чело и со чиста совест одиме напред, зашто му служиме на Бога не поинаку, не според преданијата и традицијата, не според историските христијански категории, туку онака „како што кажува Писмото“ (Јован 7,38). Го следиме Христа, одејќи по неговиот пат и следејќи ги неговите стапки што ги наоѓаме во евангелијата. Ги држиме сите Десет Божји заповеди, меѓу нив и четвртата заповед која кажува дека сабота е свет Господов ден.
Христос е наш спасител кој ни ги простил гревовите, нè исчистил од нив и ни дал право да се „наречеме Божји деца“, највозвишено предимство, повозвишено и од она што го уживаат и ангелите – да бидеме негови синови и ќерки, негово семејство – сега на земјава, а наскоро и на небото. Уживаме негова заштита, водство и помош и, здружени со него и водени од Светиот Дух преку Божјата реч, ние храбро чекориме напред, успешно совладувајќи и уривајќи ги сите препреки и пречки што ги поставува сатаната преку своите орудија на нашиот животен пат за да нè сопне и обори. Во нашите гради пламти силна вера и надеж кои ги туркаат настрана небиднината, неизвесноста, песимизмот, апатијата, бесперспективноста, безнадежноста и силниот и отровен страв и очај со кои е зафатено и длабоко проникнато нашето поколение и во кои тоне нашиот свет.
Не постои, почитувани, на овој свет, поубава од нашата саботна заедница со Христа, од чиешто присуство во нас треперат струните на нашата душа, произведувајќи најпријатни звуци на милна музика што воопшто може да се почувствува и да се доживее; ненадминат внатрешен мир и слатка слобода од секаква внатрешна тиранија – од гнев, лутина, завист, себичност, омраза… во чиишто стеги сме биле оковани пред да се сретнеме и да оствариме нераскинливо пријателство со нашиот брилијантен Пријател, Исус Христос.
Убава е и благословена брачната заедница, мила е и семејната заедница во која посебна радост и незаборавни мигови за родителите претставуваат децата и обратно. Многу убаво и врвно доживување е и мајчинството и татковството, но неискажливо и ненадминливо е чувството на заедница со Христа што ја уживаме особено за време на саботните часови. Од тие причини, првенствено христијаните, а и човештвото во целост, поднесува ненадоместливи загуби затоа што не празнува сабота, што се лишува од нејзините благослови.
Од кажаното произлегува дека духовната димензија на саботата како ден за одмор е многу подлабока и позначајна од онаа, физичката, која на човекот му овозможува само гола физичка починка. Човекот не е товарно животно, па ни саботата не е дадена заради зголемување на неговата работна способност.
Саботниот одмор во никој случај не е ист со кој и да е друг слободен ден во седмицата што го зема човекот кога е преморен за да се одмори. Тој не е никаков неискористен временски меѓупростор што ќе му овозможи на уморниот човек да здивне од преголемите физички напори. Не! Саботниот одмор не е обичен одмор лишен од секаков дух, одмор кој станува извор на изопаченост. Саботната починка е сосем нешто друго. Во рамките на создавањето таа е посебно создадена категорија. Шесте денови на создавањето не се празни. Нив Бог ги наполнил со своите дела што ги создал. Третиот ден го наполнил со прекрасни разновидни растенија, петтиот и шестиот ги наполнил со многубројни видови животни, а и со човекот како свое ремек-дело. Но и седмиот ден не е празен вакуум.
При создавањето на нашиот свет за шест дена Бог за седмиот ден создал и посебна, нематеријална, духовна категорија, која на еврејски се вика „менуха“, и значи одмор, мирување, починка, мир, радост, спокојство, среќа, блаженство, милина за душата и милина за телото – и таа духовна категорија, „менуха“, Бог ја сместил во седмиот, во саботниот ден, во сабота, која е надарена со нежност којашто ја разгалува душата и ги милува нашите мисли. Тоа е ден во кој часовите не се потиснуваат еден со друг, ден кој може да ублажи секоја жалост. Саботниот дух нè обвива како пролетта што се шири на земјата без наша помош.
Во бурниот океан на времето и во макотрпната и сурова човекова борба за опстанок, постојат острови на мир каде што човекот може да здивне и на посебен начин да се грижи за семето на вечноста посеано во неговата душа. Саботата е оаза на оваа грешна и пуста земја на нашиот пат кон нашата небесната вечна татковина.
Бог видел дека нам ни е потребна таква духовна категорија, таква сабота, и ни создал токму таква сабота, отворен прозорец низ кој ни пирка пријатно ветре од идниот свет и живот и ни го разладува испотеното чело.
Да, почитувани, саботата навистина е отворен прозорец кон небото, прозорец низ кој ја гледаме вселената што ќе ни ја стави наскоро на располагање нашиот Спасител Исус Христос со своето скорашно славно доаѓање.
Адам својот прв ден од животот во рајот го почнал токму со ваква сабота. Со ваква сабота е гарниран и нашиот живот – животот на сите што празнуваат сабота. Така и Христос кажува: „Саботата е создадена заради човекот“ (Марко 2,27); Бог на човекот му создал „менуха“ за да го поврзе и да му овозможи да живее во заедница со својот Творец, постојано да го потсетува дека е Божје дете, да се гордее што е Божји син и Божја ќерка, припадник на Божјето семејство, претворајќи го неговото срце во вруток на тивка, пријатна, слатка, непрекратна, природна, спонтана радост и песна.
Таа (саботата) е создадена за нас како алка да нè поврзува не само со загубениот, ами и со обновениот рај, да нè потсетува дека ние се приготвуваме за нов свет каде што сè ќе биде сабота, кога Бог и човекот ќе живеат во потполна хармонија. Секоја сабота ние имаме можност да вкусиме дел од убавините на идниот свет, дел од мирот и хармонијата на Божјето царство што со копнеж го очекуваме.
Еден од вообичаените поздрави за сабота во старо време бил поздравот „Шабат шалом!“, што значи „нека владее мир во сабота“, зашто главна идеја и суштина на саботата е мир, не само мир меѓу човекот и неговите ближни, туку и мир меѓу човекот и сè што е создадено, мир во целата Божја вселена.
Еднаш седмично, во многу поголема мера отколку во другите денови, ние поминуваме еден ден, светиот и благословен саботен ден, во посебна заедница со Христа, засилувајќи ја својата вера во Бога, при што нашиот духовен живот, нашето христијанство, прераснува во силна духовна карпа која не може ништо да ја поколеба. Така ние стануваме непреземлива тврдина за сатаната и за сите негови пеколни сили со кои сака да нè уништи. Со таква нескршлива вера и надеж ние, кои празнуваме сабота, не само што преживуваме и опстануваме, туку и цветаме.
Во продолжение следат поднасловите од поглавјето „Библијата за саботата“. Кога ќе кликнете врз поднасловите, ќе ви се отворат нивните текстови.
БИБЛИЈАТА ЗА САБОТАТА
Да почнеме од почеток, од корењата на саботата: „Така беа довршени небото и земјата со сето свое воинство. И ги заврши Бог до седмиот ден своите дела што ги создаде. И се одмори во седмиот ден од сите свои дела што ги создаде. И Бог го благослови седмиот ден и го...
За теистичката еволуција на христијанството
Како што рековме пред малку, христијаните тврдат дека седмиот ден, посветен при создавањето, не е ист со седмиот ден од четвртата Божја заповед, ниту пак седмицата на создавањето е иста со нашава денешна седмица. Оваа сатанска, ѓаволска заблуда и лага, што ја...
Саботата – споменик на создавањето и стожер на еврејската нација
Како што видовме од четвртата Божја заповед, седмиот ден е од Бога одреден и именуван со зборот сабота, еврејски „шабат“, со значење „одмор“, ден од 24 часа, и ние не смееме тој ден да го замениме ниту да го преименуваме со недела, ниту со кој и да е друг ден во...
Сабота е благословен ден
„Господ го благослови ... саботниот ден!“ - Да запомнеме: Сабота е блгословен ден, што не е случај со ниту еден друг ден во седмицата. Зборот „благослов“ има ист јазичен корен со зборот „благодат“, на кој му посветивме цел еден наслов во книгава. Благословен значи:...
Сабота е свет ден
„Господ го ... посвети саботниот ден!“ - Да запомнеме: Сабота е и посветен и свет ден, што не е случај со ниту еден друг ден во седмицата. „А седми ден е сабота, одмор посветен на твојот Господ Бог.“ Во Десетте заповеди зборот „свет“ се однесува само на еден збор, на...
Господ: Сабота е „мој свет ден“, „Господов ден“
„Ако ја задржиш својата нога да не ја погазиш саботата, и ако не работиш во мојот свет ден; ако ја наречеш саботата милина, Господов ден; ако ја празнуваш и ако ја почитуваш со тоа што не ќе се занимаваш со обични работи, да им угодуваш на своите грешни желби - тогаш...
Саботата не е еврејска
Многу чест случај кога разговарате со христијаните во врска со саботата е тие да ви кажат: саботата е еврејска, еврејски празник, кој важел само за Евреите, и како доказ го наведуваат текстот од 5. Мојсеева 5,15: „Спомни си дека и ти беше роб во египетската земја и...
Сабота е Божји знак и Божји печат
Среде верскиот хаос што постои денес во светот, среде многубројните верски заедници, чијшто број постојано се зголемува, човек со право се прашува која од нив е вистинска Божја црква на која треба да ѝ припаѓа како верник. Постои ли некаква можност, нешто или некој...
Во продолжение следи содржината на книгата „Времето и знаците“. Кога ќе кликнете врз насловите и поднасловите, ќе ви се отворат нивните текстови.