Небесен истражен суд
Неколку општи напомени. Небесниот суд во Библијата се одвива во три фази:
- „Предмилениумски суд“, или „истражен суд“, кој уште се нарекува и „предадвентен суд“,
- „Милениумски суд“, и
- „Извршен суд“.
За првата фаза од небесниот суд, наречен предмилениумски, истражен или предадвентен небесен суд, да ги приведеме следните библиски текстови:
- Христос им дава ветување на своите следбеници за својот втор адвент, или за своето второ доаѓање: „Одам да ви приготвам место… и пак ќе дојдам и ќе ве земам вас кај себе за да бидете и вие каде што сум јас.“ (Јован 14,1-3)
Според тоа, Христос доаѓа повторно (втор адвент) на нашата земја, не по грешниците, туку по своите верни следбенци за да ги поведе со себе на небото. Вториот Христов адвент или второто Христово доаѓање се случува пред да почне милениумот, или илјадагодишното царство на небото. Оттаму и првата фаза од небесниот суд се вика предмилениумски или предадвентен суд, зашто заседава и завршува пред да дојде Христос и пред да почне милениумот.
- „Зашто време е да почне судот од Божјиот дом, а ако почне најнапред од нас, тогаш каков ли ќе им биде крајот на оние кои не му се покоруваат на Божјето евангелие?“ (1. Петрово 4,17)
Апостол Петар е јасен: Судот ќе почне од Божјит дом, или од верните Христови следбеници, за да се види и утврди дали тие навистина биле верни и подготвени да заминат со Христа на небото.
- „Народите се разгневија, но дојде и твојот гнев и настапи време да им се суди на мртвите и да се наградат твоите слуги, пророците и светите, и оние кои се бојат од твоето име, малите и големите.“ (Откровение 11,18)
Овој библиски текст ги набројува „твоите (Божјите) слуги, пророците и светите, и оние кои се бојат од твоето име, малите и големите“ како членови на Божјиот дом, или на Божјето семејство, како верни Божји слуги кои изумреле со вера во Христа дека ќе воскреснат во првото воскресение и како награда за својата верност, заедно со живите праведни, сите преобразени и облечени во бесмртност, ќе заминат со Христа во вечен живот на небото.
Истиот текст најавува „суд на мртвите“, а апостол Петар ни кажа дека „судот ќе почне од Божјиот дом“. Според тоа, во својата прва фаза „небесниот истражен суд“, кој заседава на небото пред вториот Христов адвент, не им суди на грешниците (зашто тоа ќе биде предмет на „милениумскиот суд“), туку на Божјиот народ, на мртвите и живите Божји следбеници. Задача на тој суд е да утврди и да потврди пред целата вселена дека Божјите слуги на оваа земја, кои верно и предано му служеле на Бога, заслужиле и добиле право да заминат со Христа на небото и со него да ја делат вечноста во неговото царство.
Оправдание значи проштавање на гревот кое зад себе има покајание и оставање на истиот. Секој грешник, кој искрено ќе се покае пред Бога за својот грев и истиот ќе го остави, му дава право на Христа, во име на својата жртва од Голгота да излезе пред сите безгрешни небесни светови и да покаже дека тој грешник правилно постапил и дека заслужил да биде оправдан, односно залужил да му биде простен гревот и да добие вечен живот, со што конечно станува полноправен член на вселенското Божје семејство.
Кој сè го сочинува Божјиот дом, Божјето семејство или Божјиот народ кој е предмет на предадвентниот истражен суд?
Бог секогаш и насекаде имал и има свои искрени следбеници, припадници на „Божјиот дом“, кои се предмет на предадвентниот истражен суд. Во претпотопниот свет, во старозаветната и во новозаветната црква, во христијанството, во исламскиот свет и во сите други нехристијански религии во минатото и денес, Божјето око видело безброј илјади свои искрени слуги, кои ќе бидат оправдани на истражниот суд и кои ќе го сочинуваат Божјиот народ кој наскоро ќе појде со Христа на небото.
Сите човечки суштества припаѓаат на една од следните три групи: (1) грешници кои го отфрлаат Божјиот авторитет; (2) вистински верници, кои со вера ги прифаќаат Христовите заслуги и живеат послушни кон Божјиот закон; и (3) оние кои навидум (на изглед) се вистински верници, но всушност не се.
Предмет на небесниот истражен суд се неспорните или вистинските Божји следбеници. Право да земат учество во симболичната служба на денот на чистење на Светилиштето во Стариот завет имале само оние кои ги признале своите гревови пред Бога и се покајале, и чиишто гревови со крвта на жртвата биле пренесени во светињата. Така и на големиот ден на конечното чистење и на истражниот суд земени се предвид само случаите на оние кои му припаѓаат на Божјиот народ. Судот над безбожниците е посебно и одвоено дело кое ќе се изврши подоцна, како што рековме, за време на неговата милениумска фаза. Сега е „време да почне судот од Божјиот дом“.
Предадвентниот суд ќе ги просее или ќе ги изрешети и ќе ги отфрли сите верници од третата група, кои само навидум или само на изглед биле верници, а нивното срце не било цело пред Бога.
Првата фаза од небесниот суд ќе заврши наскоро кога Христос во небесното Светилиште повторно ќе ги изговори зборовите што ги изговорил на крстот на Голгота „Се сврши!“
Втората фаза од небесниот суд, наречена „милениумски суд“, ќе ја објасниме при крајот од книгава, во поднасловот „Библијата за милениумот“, и третата фаза, наречена „извршен суд“, исто така ќе ја објасниме при крајот од книгава во поднасловот „Конечен крај на гревот и грешниците“.
А сега да преминеме на процесот што се одвива на предадвентниот истражен суд.
Во Стариот завет книгата на пророк Даниел на посебен начин ја развива темата за космичкиот судир и неговата разрешница. Опишувајќи го решението на проблемот на гревот, Даниел читателот го води до небесниот суд (Даниел 7,9.10.26.27) и до денот на помирување во небесниот храм (Даниел 8,13.14). Двата овие предмети се тесно поврзани по тоа што и храмот бил место на судење (судница). Повикувањето на судот и законот укажува дека разрешувањето на космичкиот судир ќе се одигра на небесен легален и јавен форум и дека донесените одлуки (решенија) ќе бидат легално одбранети и одбранливи, во никој случај не произволни. Правдата ќе превагне. Во небесниот храм се одвива процес за отстранување на нечистотијата од областа на Божјето создавање и обновување на хармонијата во вселената. Двата елемента се неразделни затоа што последниот не може да се постигне без првиот. Всушност, како што е веќе кажано, денот на помирување во службите на израелското Светилиште претставувал време на судење.
Изразот „истражен суд“ во Библијата не го наоѓаме. Но мисла и идеја, како и јасни сцени за „истаржен суд“ во Библијата наоѓаме на многу места. На пример, кога Адам и Ева згрешиле, Бог не им изрекол веднаш проклетство и пресуда, односно, не ги казнил веднаш, пред да се испита нивниот случај и пред да ги соочи со нивниот грев. Затоа Бог доаѓа од небото и ги прашува: „‘Адаме, каде си?… Да не си јал од она дрво, од кое ти забранив да јадеш?’ … Господ Бог ја праша жената: ‘Зошто го направи тоа?’“ (1. Мојсеева 2,9-13). Истражната постапка била потребна не заради Бога, туку заради Адама и Ева – ним да им биде јасно зошто ќе мора да ги сносат последиците на гревот, односно зошто ќе мора да се соочат со казна.
Да, пред да изрече казна, Господ испитува, спроведува истражна постапка: „Господ погледна од небесата со внимание кон синовите човечки за да види (да утврди) има ли некој разумен, кој го бара Бога. Сите застранија, сите станаа лоши, нема кој да прави добро, нема ниту еден.“ (Псалм 14,2.3)
Пророк Езекил ни бележи жалосен случај: „Барав меѓу нив некого (човек) кој ќе ги обнови ѕидините, да застане пред мене во одбрана на оваа земја да не ја сотрам, но не најдов никого.“ (Езекил 22,30)
Пред да излее казна врз израелскиот народ за неговиот грев, Бог е во потрага по човек, бара човек да го повика народот на покајание за да ја избегне казната. За жал, во тоа време Бог не нашол никого, ниту еден праведник да се заземе пред Бога за својот народ. Затоа Ерусалим го снашла тешка казна.
Пред да пушти потоп и да го казни претпотопниот свет за неговите тешки беззаконија и грев, Бог испитувал и барал праведници да ги спаси од потопот. Но, меѓу тоа силно мноштво на претпотопните жители, Бог го пронашол само Ное и неговото семејство кои заслужиле да бидат поштедени од потопот (1. Мојсеева 7,1).
Случајот со Содом и Гомор. Пред да пушти оган од небото и целосно да ги уништи Содом и Гомор поради нивните гнасни гревови, Бог праќа од небото двајца ангели да направат извештај за нивните тешки беззаконија, односно да спроведат истражна постапка.
„Господ рече: ‘Голема е викотницата против Содом и Гомор, бидејќи нивниот грев е претежок. Ќе слезам долу да видам дали навистина прават така, како што вели тужбата што стигна до мене. Сакам да разгледам.’“ (1. Мојсеева 18,20.21).
Она што се случило со двајцата ангели кога влегле во Содом навистина потврдило дека тужбата, подигната против тие два града, била вистинита и оправдана, и затоа оправдано уследила и таква свирепа казна.
Заклучок: Според Божјата реч, секој грешник неминовно ќе се соочи со смрт како плата за неговиот грев. Но, пред да се соочи со конечната казна за своето беззаконие, на небесниот суд за секој грешник поединечно се отвора истражна постапка за да се утврди дали тој грешник се покајал за својот грев или до крај останал грешник, со непокајани и неоставени гревови, поради кои ќе замине во вечна смрт.
Пророк Даниел го гледал небесниот истражен суд: „Гледав: беа поставени престоли и Прадревниот (Отецот) седна. Облеката му беше како снег, косата како чиста волна, а неговиот престол како огнени пламења и тркалата како вжарен оган. Огнена река извираше и течеше пред него. Илјада илјади му служеа, десет илјади по десет илјади стоеја пред него. Судот седна и книгите се отворија… Гледав во ноќните виденија и ете, на небесни облаци доаѓаше некој како Син човечки. Тој му се приближи на Прадревниот и го доведоа кај него. Нему му беше предадена власта, честа и царството за да му служат сите народи, племиња и јазици. Неговата власт е вечна власт и никогаш нема да помине, неговото царство нема да пропадне“ (Даниел 7,9.10.13.14).
Величествена, но едновремено и страшна е глетката, односно сцената на небесниот суд! Божјиот престол во „огнени пламења“ со „тркала како вжарен оган“. На престолот седи Отецот со облека бела „како снег“ и со коса „како чиста волна“, што симболизира апсолутна чистота, безмерна мудрост и неприкосновена правда и праведност. Од Божјиот престол „извира и тече огнена река пред него“- што значи, на Божјиот суд е застапена неодминлива, непоткуплива, апсолутна правда и вистина со вселенски димензии за кои пеат небесните жители: „Праведни и вистинити се твоите патишта, Цару на народите!“ (Откровение 15,3). На Божјиот суд не може да опстане и да се провлече ништо грешно, „зашто нашиот Бог е оган што спалува“ (Евреите 12,29). На судот гледаме небесни книги: „Судот седна и книгите се отворија“, и илјадници и милиони ангели (Евреите 12,22) како сведоци кои го следеле нашиот живот и запишале сè во небесните книги во кои се води извештај за човечките гревови.
„Зашто сите скриени дела Бог ќе ги изнесе на судот и секоја тајна, било добра или лоша“ (Проповедник 12,14). Спасителот рекол: „А јас ви велам дека за секој празен збор што ќе го изговорат луѓето ќе одговараат на судниот ден; зашто по вашите зборови ќе бидете оправдани и по вашите зборови ќе бидете осудени!“ (Матеј 12,36.37). – Леле, за секој празен збор ќе бидеме судени! Смилувај ни се Господе и помогни ни да внимаваме на нашите зборови!
Нашите тајни намери и побуди се наоѓаат во тој непогрешен извештај, зашто Бог „ќе го изнесе на виделина она што е скриено во темнина и ќе ги обелодени намерите на нашите срца“ (1. Коринќаните 4,5). „Еве, сè е напишано пред мене… вашите беззаконија и беззаконијата на вашите татковци – сите заедно – вели Господ“ (Исаија 65,6.7).
Секое човечко дело е подложено на испитување пред Бога и е забележано како верност или неверност. Покрај сечие име во небесните книги со вчудовидена точност е запишан секој лош збор, секоја себична постапка, секоја неисполнета должност, секој таен грев, секое лицемерство, нашето влијание на добро или зло, со своите далекусежни последици – сето тоа верно го запишал ангелот записничар.
Примерот на Мојсеја нека нè поучи за апсолутната праведност и непристрасност на небесниот суд! Освен во случајот на жртвувањето на Христа, Божјата љубов и правда никогаш не се покажале толку комплетно како во неговото постапување со Мојсеја. Бог го исклучил Мојсеја од Ханан за да даде поука што никогаш не треба да се заборави – дека Тој бара строга послушност и дека луѓето мора да пазат да не си ја припишат себеси честа што му припаѓа на нивниот Творец. Бог не можел да ја прими молитвата на Мојсеја во која Мојсеј барал од Бога да му дозволи да влезе во Ветената земја, зашто му згрешил на Господа.
Божјиот закон, Десетте заповеди, се мерило според кое на судот ќе се мери животот и карактерот на секој човек, мерило според кое суди небесниот суд: „Бој се од Бога, ни кажува Божјата реч, и држи ги неговите заповеди, зашто тоа е суштината за човекот, бидејќи сите скриени дела Бог ќе ги изнесе на судот и секоја тајна, било добра или лоша“ (Проповедник 12,13.14).
Апостол Јаков ги предупредува своите браќа: „Така зборувајте и така постапувајте како луѓе кои ќе бидат судени според законот на слободата“, и појаснува: „Оној што го пази целиот закон, а згреши само во едно, виновен е за сè. Зашто Оној кој рекол: ‘Не врши прељуба!’ рекол и: ‘Не убивај!’ Ако не вршиш прељуба, а убиеш, стануваш престапник на законот“ и „законот ве осудува како престапници“ (Јаков 2,9-12).
Страшно, зар не? И тешко нам! Кој може да опстане пред еден таков суд кој става сè на огнена проверка, кој навлегува и во нашите најстрого чувани тајни во кои не може да проникне ниту едно човечко око, длабоко скриени во нашиот ум и срце, и ги изнесува на виделина, ставајќи ги на показ пред очите на целата вселена.
Судот ги вади од заборавените архиви и со неверојатна прецизност, својствена само на сезнајниот и семоќниот Бог, ги претресува и обелоденува сите крвави злодела на најголемите злосторници, чиишто злосторства забрадиле во црнина милиони невини луѓе. На барање на судот, земјата ги исфрла од својата утроба безбројните тони невина крв што е пролеана на неа, крв која бара да биде одмаздена. Пред Божјиот суд излегуваат сите големци и моќници, сите земни „богови“, пред кои земјата се тресела од страв, за да им се одмери соодветна казна според која ќе паѓаат ничкум и во полна мера ќе ја чувствуваат болката, јадот и чемерот, ќе го пијат истиот бигор на оние што коленичеле пред нивната немилост и деспотизам.
Пред Божјиот суд излегуваат сите земни судови и судии – неправедни, авторитарни, пристрасни, поткупливи, корумпирани, сите „пилат судови“, „пилат судии“ и „пилатовци“, кои ја извртувале правдата и вистината, како што кажува Божјата реч: „Правосудството е истиснато, и правдата стои далеку. Вистината падна на улица и правдата не може да помине“ (Исаија 59,14).
Пред небесниот суд мора да излезат и мора да се соголат злобата, зависта, гневот, омразата, себичноста, лицемерството, подлоста, алчноста, похотливоста, горделивоста…, мора да излезе и да се расчисти секој, и најмалечкок грев, мора да се соголи гревот како феномен, како гнасна појава, како ѓубре и одвратна смрдеа, и да му се изрече праведна и конечна пресуда и нему и на грешниците, и на тоа мракобесие да му се стави крај. Во спротивно, ако не постои таква, неодминлива, строга и апсолутна вселенска Божја правда, врз која почива вселената, и ако таа не биде обелоденета и задоволена на Божјиот истражен суд, вселената не може да опстане, ќе се распадне. Од друга страна, кој од нас, како грешник, може да помине низ иглените уши на небесниот суд на кој многу, многу тенко се преде? Од човечка гледна точка, никој! Но Бог нашол решение. Христос прв поминал низ иглените уши на небесниот суд, со својата смрт на крстот ја задоволил погазената законска правда чијашто острица се дигнала против грешниците кои го погазиле Божјиот закон, и патот го направил прооден и за нас.
„И така, браќа, бидејќи со помош на силата на Исусовата крв ние слободно можеме да влеземе во светињата над светињите – тој нов и животодавен пат Тој ни го отвори низ завесата, односно низ своето тело – и бидејќи имаме Првосвештеник кој е поставен над Божјиот дом, да пристапуваме кон него со искрено срце и наполно уверени откако сме ги исчистиле срцата од зла совест и сме го измиле телото со чиста вода“ (Евреите 10,19-22).
Извонредно! Во Адама сите стоиме осудени како грешници, а во Христа сите стоиме оправдани. Исусовата крв има сила да ги задоволи, и ги задоволила строгите критериуми на небесниот суд, и ние слободно, без никаков страв од осуда, излегуваме пред небесниот суд кога ќе биде прозвано нашето име, бидејќи таму е нашиот милостив Првосвештеник, Христос, кој ни подава рака и нè става под своја закрила, кој „сочувствува со нашите слабости“ и „посредува“, и кој „се зазема за нас“ „пред Божјето лице“. Нашите гревови се простени и симнати од нас и ние сме разрешени од нив. Христос со својата крв ги внел во небесното Светилиште и таму ги одложил, ги ставил во „ад акта“ како простени гревови. Сега ние на небесниот суд, пред лицето на правдата и пред очите на целата вселена, стоиме како бивши грешници и бивши робови на гревот од чиешто ропство нè откупил Христос, плаќајќи за нас висока цена, висејќи полни шест часа на крст на Голгота на којашто ја пролеал својата крв како единствено средство дадено на луѓето под небото со кое ние грешниците можеме да се спасиме, зашто, како што е веќе кажано, „без пролевање на крв, нема проштавање“, нема бришење и чистење „на гревот“.
Со тоа ние нашата валкана, грешна облека, нашиот грешен живот, сме го испрале и сме го исчистиле во Христовата крв, и сега стоиме под негова закрила како праведници. Или, кажано поинаку, Христос ја слекол од нас нашата валкана грешна облека, нашата нечиста, грешна човечка праведност, го отстранил од нас нашиот стар грешен живот, и нè облекол во нова, чиста и света облека на својата божествена праведност, ни дал наполно нов живот со нов карактер и со нова животна ориентација, со нови мисли и желби, зашто „оној што е во Христа, е ново создание; старото помина и, ете, сè ново настана“. „Затоа, сега нема осуда“ на небеснит суд „за оние кои се во Исуса Христа“ – нив Христос ги разрешил од нивните гревови (2. Коринќаните 5,17; Римјаните 8,1).
Сето ова го добиваме со вера како наполно незаслужен подарок од Христа. Нашето спасение, вечниот живот, е апсолутно комплетно дело на Исуса Христа во кое ние немаме никаква заслуга и никаков удел.
Во продолжение следат поднасловите од поглавјето „Библијата за небесниот истражен суд“. Кога ќе кликнете врз поднасловите, ќе ви се отворат нивните текстови.
БИБЛИЈАТА ЗА НЕБЕСНИОТ ИСТРАЖЕН СУД
Во продолжение следат поднасловите од поглавјето „Библијата за небесниот истражен суд“. Кога ќе кликнете врз поднасловите, ќе ви се отворат нивните текстови. Во продолжение следи содржината на...
Засметана и подарена Христова праведност и процесот наречен „посветување“
Денес протестантскиот свет е заплиснат со нова погубна либерална теологија која се шири како пожар и го опфаќа целиот религиозен свет. Таа теологија широко му ја отвора вратата на гревот кој сè повеќе го проникнува и го расипува светот. Според таа теологија, сè што...
Христовата жртва на Голгота и неговото посредување во небесното Светилиште
Христовата жртва помирница на крстот, со која светот има можност да се помири со Бога, е принесена. Во одредено време Исус објавил: „Се сврши!“, и умрел. Тој доброволно му го предал својот живот на Отецот. Судирот бил завршен - Тој однел победа. Христовата жртва е...
Повеќе за Христовата посредничка улога на небесниот суд
„Дечиња мои, ова ви го пишувам за да не грешите, а ако некој згреши, имаме Застапник кај Отецот - праведникот Исус Христос. Тој е помирителна жртва што се принесе за нашите гревови, и не само за нашите, туку и за гревовите на цел свет“ (1. Јованово 2,1.2). „Покајте се...
На Божјиот суд вселената му суди на Бога – ја проверува Божјата правда и исправноста на неговата благодат!
Давид со ништо не можел да го оправда злосторството што го направил. Тој западнал во тешко ропство на гревот кој како свиреп господар и тиран го оковал во тешки прангии од кои немало друг спас освен да пека пред Бога за откуп од тоа ропство; тоа е пекање за сигурност...
Наближува крајот на небесниот истражен суд
Се ближи крајот и на денешната, втора фаза од планот на спасението врзана за небесното Светилиште, крајот на Христовата првосвештеничка служба и на небесниот истражен суд, кога Христос, во улога на посредник и застапник, ќе го означи крајот на времето на милоста како...
Во продолжение следи содржината на книгата „Времето и знаците“. Кога ќе кликнете врз насловите и поднасловите, ќе ви се отворат нивните текстови.