Христовата жртва на Голгота и неговото посредување во небесното Светилиште
Христовата жртва помирница на крстот, со која светот има можност да се помири со Бога, е принесена. Во одредено време Исус објавил: „Се сврши!“, и умрел. Тој доброволно му го предал својот живот на Отецот. Судирот бил завршен – Тој однел победа. Христовата жртва е прекрасно живо платно на кое се насликани откупот, проштавањето и измирувањето кои секој треба да ги види. Спасоносната сила на таа жртва ги вклучува неговото слегување в гроб, неговото воскресение и вознесение и неговото посредување пред Отецот. Откупителската делотворност на Христовата смрт ни е достапна единствено преку Христовото посредничко дело.
Христос го завршил делото, задачата што била поставена пред него овде на земјава, и по воскресението се вознел до Божјиот престол – во небесното Светилиште. Неговото посредување на ниту еден начин не ја засенчува ниту ја дополнува неговата жртвена помирителска смрт на крстот. Тој го завршил своето жртвено дело на крстот, но сè уште дејствува како Цар и Свештеник во небесното Светилиште. Дури би можело да се тврди дека воскресението не би било доволно да ја објасни Христовата функција како Спасител на светот.
Беше објаснето дека луѓето, прифаќајќи го гревот и паѓајќи во неговата бездна, станале негови робови, робови на гревот, оковани во такви ропски прангии и врзани во такви ропски синџири кои никој не можел да ги скрши и раскине за да ги ослободи од најцрното ропство во кое ги струполил најсвирепиот тиран во вселената, сатаната, со кого не можело да се справи ниту едно човечко суштество, ниту еден грешник и роб на гревот и сам да се ослободи од него. Исто така не постоело ниту едно друго суштество во вселената кое можело да ги откупи и ослободи робовите, луѓето, грешниците од ропството на гревот.
Единствено Христос на крстот платил огромна цена за да го откупи грешниот човечки род од тоа ропство на гревот. Големината на Христовата жртва многукратно ја надминува големината на цената што ја барал гревот за откуп и ослободување на неговите робови и за повторно воспоставување на нормални семејни односи меѓу човештвото и Бога кои биле тешко оштетени и нарушени со гревот.
Во однос на немерливото значење што ја има Христовата смрт и за нас и за целата вселена, вечноста како вечност се прекршува во смртта на Исуса Христа на Голгота и се дели на два дела – на вечност пред и на вечност по Голгота. Придобивките и благодетите што произлегуваат од Голгота им стојат на располагање на сите суштества во вселената, особено на жителите на нашата планета на која царува грев и смрт. Голгота е извор на хармонија за целиот космос што била нарушена со гревот. Таа повторно ја враќа нашата загубена планета со нејзините жители во огромното Божје вселенско семејство од безброј безгрешни светови кои со душа и срце и со раширени раце одвај чекаат да ги прегрнат и да им посакаат искрено и топло добредојде во нивниот круг на поранешните грешници од оваа наша загубена планета. Наскоро Христос, со своето скорашно доаѓање на нашиот свет, повторно ќе ја воспостави таа екстремно тешко оштетена и нарушена вселенска хармонија.
Да, благодетите што произлегуваат од Христовата смрт на крстот на Голгота сега Христос во небесното Светилиште ги промовира и им ги става на располагање на сите, апсолутно на сите грешници на нашиот свет, и истите ги изнесува на показ пред сите безгрешни жители на сите светови во вселената. Така Голгота станува вселенски центар и стожер на кој се фокусираат сите Божји активности во рамките на планот на спасението на грешниот човечки род, план создаден во небесното Тројство уште од вечноста, според кој Христос, како Јагне Божје, однапред е одреден и заклан или жртвуван уште од вечни времиња (Откровение 13,8; 1. Петрово 1,19.20). Исто така, сите активности што ги извршува Христос по своето воскресение и што ќе ги извршува низ сета вечност, се навраќаат и се фокусираат на Голгота за да ги верификуваат и промовираат благодетите што произлегуваат од Христовата смрт на голготскиот крст. Христовиот крст засекогаш вселената ќе ја стори безбедна и ќе оневозможи повторно да се појави грев. Силата на помирувачката смрт нема да слабее додека ќе поминуваат вечните векови, туку ќе продолжи да се засилува, откривајќи нови димензии на недосегливата длабина на Божјата љубов кон своите созданија.
Можеме да заклучиме дека помирувањето на грешниците со Бога како жртвен чин на крстот е завршено, но дека помирувањето како процес кој води кон чистење на грешниците од гревот и на целата вселена од нечистотијата на гревот и понатаму продолжува.
Улога на еден помирител е да посредува меѓу две страни, чиишто нарушени односи ги оддалечиле една од друга и да ги помири. Тој тоа го прави така што ги отстранува пречките што постојат меѓу нив, ги урива ѕидовите што ги делат и прави мост со кој повторно ги поврзува, обновувајќи го нивното поранешно пријателство. Во нашиов случај гревот е таа огромна пречка, таа планина што се испречила меѓу Бога и грешното човештво. Нашиот Помирител со Бога, Христос, го сторил токму тоа – го урнал ѕидот што го подигнал сатаната меѓу нас и Бога за да не можеме да го гледаме неговото лице, ја отстранил пречката, гревот, со што ни овозможил слободно и во секое време, без никакво притеснување да излегуваме пред Бога и да разговараме со него во молитва како со наш најверен пријател. „Еве го Јагнето Божје кое ги зеде гревовите на светот на себе“, кажува Божјата реч (Јован 1,29); и понатаму: „Бог го помири светот со себе во Христа, не земајќи го предвид неговиот грев“ (2. Коринќаните 5,19).
За Христа нема ниедно поглавје во нашето искуство што за него би било премногу мрачно да го чита. Изнесете му ги на Бога своите потреби, своите радости, своите таги, своите грижи и своите стравувања. Вие не можете да го преоптоварите; вие не можете да го заморите. Оној што ги изброил влакната на вашата глава не е рамнодушен кон потребите на своите деца. „Зашто Господ е полн со милост и со сочувство“ (Јаков 5,11). Неговото срце, полно со љубов, е трогнато со нашите жалости дури и кога само зборуваме за нив. Изнесете му го сè она што го збунува вашиот ум. На Оној, кој во својата рака ги држи световите и управува со сите работи во вселената, ништо не му е премногу тешко да го носи. Сè што е поврзано со нашиот мир, за него ништо не е премногу незначително за да го забележи.
Нема проблем кој за него би бил премногу тежок да го реши. Нема несреќа што би го снашла најмалечкото негово дете, нема грижа што би ја мачела душата, нема радост што би разгалила, нема искрена молитва што би полетала од усните, а нашиот небесен Отец да не ја види, веднаш да не се заинтересира. „Тој ги исцелува ранетите души и ги преврзува нивните рани“ (Псалм 147,3). Односот меѓу Бога и секоја душа е толку личен и целосен, што се чини дека нема ниту една друга душа на земјата да го дели со неа неговото грижливо внимание, ниту една друга душа за која би го дал својот сакан Син. Да, таков Помирител со Бога имаме.
Буквално кажано, Христовото посредување како помирител на грешното човештво со Бога почнало во мигот на неговото воплотување. Во својата сопствена личност Тој го обединил човечкото и божественото, со што станал мост меѓу земјата и небото, меѓу луѓато и Бога, мост кој ги поврзува грешниците со Бога. Со едната рака Тој го допира небото, а со другата нас долу, за да нè врати во првобитната состојба, да нè помири со Бога. Христос е единствен по тоа што како единствен посредник бил обединет со Бога, бил едно со Бога.
Неговото посредување во небесното Светилиште не може да се издели од неговото жртвено посредување на крстот. Христовото посредување значи дека постои само еден единствен начин за пристап кон Бога. Постои „еден Бог и еден Посредник меѓу Бога и луѓето – човекот Христос Исус, кој се даде себеси како откуп за сите“ (1. Тимотеј 2,5.6).
Неговото постојано посредување пред Отецот ни кажува дека „нема друго име под небото… со кое ние би можеле да се спасиме“ (Дела 4,12). Неговата единственост му дава право да биде наш исклучителен посредник.
Но неговото посредување пред Отецот не значи дека Тој мора да го убедува Отецот за да нè прифати. Посредувањето претпоставува дека Отецот секогаш е полн со љубов и постојано е подготвен да нè врати, да нè прими во својата заедница преку Синот. Од небесна перспектива тоа значи дека решение за проблемот на гревот уште не е постигнато. Дури и христијаните сè уште живеат извалкани со гревот па, според тоа, имаат постојана потреба од посветувачката Божја благодат која до нас допира преку Христа. Таа благодат слободно тече од Отецот, но до нас доаѓа преку Христа. Ниту во еден миг не ќе можеме да бараме независен пристап кон Отецот без Хриството посредување. Благодарение токму на неговото посредување гревот не претставува веќе пречка за наш пристап до Бога.
Христовото посредување пред Отецот е неопходно затоа што космичкиот судир уште не е завршен. Силите на злото често се обидуваат да го ограничат нашиот пристап кон предностите и благодетите на Христовата жртва.
Исус ги известил учениците дека по вознесението, штом ќе почне со своето посредување, негово прво барање изнесено пред Отецот ќе биде да им го прати Светиот Дух (Јован 14,16.17). На денот Педесетница или Духовден, учениците го примиле Духот кој се излеал врз нив во вид на „пламени јазици“ (Дела 2,2-4). Тоа било видлив знак дека Исус го почнал своето посредување за грешниците пред Отецот во небесното Светилиште.
Затоа никогаш не треба помирувањето да го ограничиме само на жртвениот чин на Голгота, туку мораме да го посматраме како процес. Христос го решавал проблемот на гревот на крстот како наша жртва, и го решава во небесното Светилиште како наш посредник. Сега помирувачката сила на Христовата жртва им се доделува на верниците по пат на посредување на Божјиот Син. Благодарение на таа служба тие милостиво добиваат проштавање за гревовите направени по крштавањето, продолжуваат да растат во благодатта и добиваат поддршка додека се соочуваат со искушенија на христијанскиот пат.
Во продолжение следат поднасловите од поглавјето „Библијата за небесниот истражен суд“. Кога ќе кликнете врз поднасловите, ќе ви се отворат нивните текстови.
БИБЛИЈАТА ЗА НЕБЕСНИОТ ИСТРАЖЕН СУД
Во продолжение следат поднасловите од поглавјето „Библијата за небесниот истражен суд“. Кога ќе кликнете врз поднасловите, ќе ви се отворат нивните текстови. Во продолжение следи содржината на...
Небесен истражен суд
Неколку општи напомени. Небесниот суд во Библијата се одвива во три фази: „Предмилениумски суд“, или „истражен суд“, кој уште се нарекува и „предадвентен суд“, „Милениумски суд“, и „Извршен суд“. За првата фаза од небесниот суд, наречен предмилениумски, истражен или...
Засметана и подарена Христова праведност и процесот наречен „посветување“
Денес протестантскиот свет е заплиснат со нова погубна либерална теологија која се шири како пожар и го опфаќа целиот религиозен свет. Таа теологија широко му ја отвора вратата на гревот кој сè повеќе го проникнува и го расипува светот. Според таа теологија, сè што...
Повеќе за Христовата посредничка улога на небесниот суд
„Дечиња мои, ова ви го пишувам за да не грешите, а ако некој згреши, имаме Застапник кај Отецот - праведникот Исус Христос. Тој е помирителна жртва што се принесе за нашите гревови, и не само за нашите, туку и за гревовите на цел свет“ (1. Јованово 2,1.2). „Покајте се...
На Божјиот суд вселената му суди на Бога – ја проверува Божјата правда и исправноста на неговата благодат!
Давид со ништо не можел да го оправда злосторството што го направил. Тој западнал во тешко ропство на гревот кој како свиреп господар и тиран го оковал во тешки прангии од кои немало друг спас освен да пека пред Бога за откуп од тоа ропство; тоа е пекање за сигурност...
Наближува крајот на небесниот истражен суд
Се ближи крајот и на денешната, втора фаза од планот на спасението врзана за небесното Светилиште, крајот на Христовата првосвештеничка служба и на небесниот истражен суд, кога Христос, во улога на посредник и застапник, ќе го означи крајот на времето на милоста како...
Во продолжение следи содржината на книгата „Времето и знаците“. Кога ќе кликнете врз насловите и поднасловите, ќе ви се отворат нивните текстови.