Традиционалната Црква за култот на Исусовата мајка Марија, Дева Марија или Света Богородица 7
„Според Православната црква, Дева Марија ужива поголема ‘чест од херувимите и неспоредливо е пославна од серафимите.’ Таа ги надминува сите созданија. Црквата во неа гледа Божја мајка и молителка пред Синот за целиот човечки род и непосредно ѝ се моли за застапништво. Љубовта и почитувањето кон Богородица е душа на православната побожност, нејзино срце кое го грее и го оживува целото тело (…) Кој не ја почитува Марија, тој не го познава ниту Исуса, а верата во Христа, која не ја вклучува во себе почитта кон Богородица, е поинаква вера, поинакво христијанство во споредба со црковното.“8
„Канонските евангелија даваат малку податоци за Исусовата мајка Марија, така што поцелосна слика за нејзината митско-божествена личност може да се добие од големата апокрифна и хагиографска литература, од народните легенди и од средновековната иконографија. Пред сè, тука треба да се издели апокрифната ‘Книга за раѓањето на Марија’ (подоцна наречена ‘Протоевангелие на Јакова’) од вториот век, ‘Книгата за смртта на Богородица’ од третиот век и ‘Арапското евангелие за Исусовото детство’ од шестиот век. Некои од тие легенди во средниот век се собрани во цели томови и циклуси во кои многу подробно се опишуваат безброј настани од животот на Марија. Според тие мечтовити неканонски описи Марија Богородица уште како тригодишно дете се воспитувала во храмот во Ерусалим, се занимавала со рачна работа и примала храна од раџете на ангели. Веќе на дванаесет години се заветувала на вечна девственост.“9
Од приведените два текста на православната теологија произлегува следниот заклучок: На вретената и разбоите на апокрифните евангелија и книги преданието на традиционалната Црква за Марија испрело безброј тони предиво и исткало илјадници метри платно во неверојатно живописни бои и шари привлечни за чувствениот живот на верниците на споменатата Црква. Од таа причина Булгаков има право кога тврди дека „љубовта и почитувањето кон Богородица е душа на православната побожност“ и „нејзино срце го грее и го оживува целото тело“. Но, во својот преголем занес и восхит кон Марија Булгаков, односно православието, отишло премногу далеку во погрешна насока, наполно спротивна од библиска насока кога тврди: „Кој не ја почитува Марија, тој не го познава ниту Исуса, а верата во Христа, која не ја вклучува во себе почитта кон Богородица, е поинаква вера, поинакво христијанство во споредба со црковното.“ – Токму така! Библиската „вера во Христа“ е без Богородица, и затоа таа е поинаква од православната вера. И библиското христијанство е без Богородица и затоа тоа е поинакво од православното христијанство. Според тоа, православната вера во Христа со Богородица не е библиска вера, и православното христијанство со Богородица не е библиско христијанство.
Душата на „православната побожност“ (Богородица) со која дише вселенското православие, во текот на вековите станала онечистена со многу идеи кои не можат да најдат свој темел во светата книга на христијанството, во Библијата. Срцето (Богородица) кое со својата духовна енергија залива секое катче од православното тело, веќе со векови отчукува во ритамот на многубожечките верувања за божица-мајка и за нејзиното божествено дете.
Сепак, православието добро ќе стори ако ги послуша токму зборовите на „душата“ и „срцето“ „на својата побожност“, токму зборовите на Исусовата мајка Марија (Богородица): „Сè што ќе ви рече, направете!“ (Јован 2,5). Тие нејзини зборови се наполно еднакви со зборовите на нејзиниот син, Христос, кој кажува: „Кој верува во мене како што рече Писмото“ (Јован 7,38). Да, како што кажува Писмото, а не како кажуваат и што кажуваат за Марија споменатите апокрифни евангелија и преданието на традиционалната Црква.
Христос однапред видел што сè луѓето ќе испредат низ вековите за неговата мајка Марија, и затоа Тој кон неа за сето време од својот земен живот се однесувал, не посебно, туку сосем реално и коректно, внимавајќи да не даде никаков повод подоцна нејзе да ѝ се припишат такви атрибути што, за жал, ѝ се припишани, и да не им даде на луѓето никаква основа да ја издигнат во ранг на митско-божествено суштество, односно во ранг на митско- божествена личност, како што сторила традиционалната Црква.
Чувме од црковното учење на православието дека Марија на небото е повозвишена од херувимите и пославна од серафимите, дека е повисока и поширока од вселената. Меѓутоа, во Стариот завет таа е најавена само како девојка која ќе затрудни и ќе роди син, на кого ќе му даде име Емануел (Исаија 7,14), а во Новиот завет Марија е само жена на Јосифа (Матеј 1,20) и Исусова мајка. Освен таа улога, Исус не ѝ придава никакво поголемо значење ниту пак некое друго повисоко звање од онаа лепеза на звања што ѝ ги доделила Црквата. Уште повеќе, Тој своја мајка, свои браќа и сестри ги нарекува само оние што ја извршуваат неговата волја (Матеј 12,46-50; Марко 3,31-35). А кога ѝ се обраќа нејзе, Исус едноставно ја нарекува „жена“. Дури и од крстот ја ословува на ист начин: „А Исус, штом ја виде својата мајка, и покрај неа ученикот кого го љубеше, ѝ рече на мајка си: ‘Жено, ете ти син!’ Потоа му рече на ученикот: ‘Ете ти мајка!’ И од тој час ученикот ја зеде кај себе“ (Јован 19,26.27). Ученикот што ја презел грижата за Марија бил најомилениот Христов ученик, евангелистот Јован.
Марија изјавува дека е блажена: „Ете, отсега сите поколенија ќе ме сметаат за блажена“ (Лука 1,48). И нејзината роднина, Елисавета, Марија ја нарекува „блажена“: „Благословена си ти меѓу жените… и блажена е таа која поверува!“ (Лука 1,42.45).
Сепак, во рамките на израелскиот народ во библиските времиња изразот „благословена меѓу жените“ не бил толку невообичаен. Со изразот „блажена“ се изразувал восхит поради некое значјано дело во кое би учествувала некоја од израелските жени. Тој израз го наоѓаме на многу места во Библијата: „Нека е благословена меѓу жените Јаел, жената на Кениецот Хевер, меѓу жените во шаторите нека е благословена!“ (Судии 5,24). Речиси истите зборови што ги кажала Марија за себе, во Библијата ги кажала и друга жена која добила син. Тоа е слугинката на Јакова: „А Лија рече: ‘Блазе мене, зашто блажена ќе ме нарекуваат жените!’“ (1. Мојсеева 30,13).
Значи, тоа било нешто вообичаено за жените во тоа време, зашто сите жени во Библијата кои раѓале деца самите себеси се сметале за блажени, а и средината ги сметала за блажени, за разлика од неротките кои носеле тежок товар на срце затоа што биле неротки (1. Самоилова 1,1-28; 2,1-10).
Господ Исус Христос овој израз во голема мера го „приземнил“, укажувајќи на вистината кој всушност ужива благослов и кој е блажен пред небесниот Бог. Имено, во Евангелието на Лука е опишана Христова средба со една од израелските жени во тоа време. Откако ислушала низа вдахновени Исусови говори, сета восхитена таа ја изразила токму таа мисла: „Благословена е меѓу жените Марија, мајката Исусова“, искажана малку со поинакви зборови: „И додека го зборуваше тоа, една жена извика од народот и му рече: ‘Блажена е утробата што те носела, и градите од кои си се хранел!’ А Тој рече: ‘Повеќе се блажени оние што ја слушаат Речта Божја и ја извршуваат’“ (Лука 11,27.28).
Со овој одговор што ѝ го дал Исус на жената која одушевено изјавила дека Марија ужива посебно блаженство и дека е посебно благословена затоа што го родила Исуса, Исус го сече коренот на православната и католичката теологија и во прав ја фрла нивната гломазна духовна архитектура која од Марија создала митско-божествена личност затоа што таа го родила Исуса Христа, Спасителот на светот.
Христос е јасен кога кажува: Повеќе од Марија „се блажени оние што ја слушаат Речта Божја и ја извршуваат“. Според тоа, Марија не е повеќе блажена и благословена и не ужива посебно и поголемо предимство од другите жени родилки и неротки затоа што таа го родила Исуса. Во никој случај и во ништо Марија не е поголема и повеќе блажена од, на пример, Јохаведа, која го родила и го одгледала Мојсеја во екстремно тешки, опасни и страшни околности, потешки од оние во кои Марија го родила и го одгледала Исуса. Марија во никој случај не ужива предимство пред Ана која го родила и го одгледала за Бога Божјиот великан, Самоил, кого од малечки нозе го изделила од својот скут и го предала како слугинче кај свештеникот Илија. Марија не е поголема, не ужива поголемо предимство и не е повеќе благословена и блажена од илјадници други жени кои изродиле синови и ќерки и кои макотрпно ги одгледале за Бога, чиишто имиња се или не се запишани на светите страници на Библијата како херои на верата.
Во сите четири евангелија Иусус е во преден план, а Марија целосно во заднината. Исус редовно не ѝ го спомнува името и ѝ се обраќа со зборот „Жено!“ Тврдиот збор „што бараш ти од мене, ЖЕНО?“ (Јован 2,4) е најсилен израз на Исусово свесно дистанцирање од Марија. Исус отворено ѝ кажува: Жено, иако си ти моја мајка, иако јас сум твој син, ти не можеш да командуваш со мене, зашто јас сум и Божји Син и Бог. Јас сам знам што треба да сторам и како тоа да го сторам. Мене не ми се потребни човечки асистенти ниту на оваа земја, а уште помалку „на небото“ за да ме смилосаат и да ми кажат што треба да правам.
Тоа што Марија го родила Христа на Црквата не ѝ дава право нејзе да ѝ припише и да ја награди со такви атрибути и да ја закити со толку блескотни ордени и небесни одличија, за кои ќе стане збор подолу, да ја издигне над херувимите и серафимите, да ја постави погоре од секое Божје создание и да прогласи дека таа е поширока и од вселената.
Христос кажува дека се блажени само оние „што ја слушаат Речта Божја и ја извршуваат“. Жените не се блажени затоа што раѓаат синови и ќерки, туку се блажени, како и неротките и мажите, затоа „што ја слушаат Речта Божја и ја извршуваат“. Според тоа, и Марија не е блажена затоа што го родила Христа, туку е блажена, како и секоја друга жена, затоа „што ја слушала Речта Божја и ја извршувала“. Од таа причина православието треба и мора да има очи да ја види и уши да ја чуе оваа Христова вистина што Христос ја дава токму за неговата мајка Марија.
Во Светото писмо на безброј места и во различни контексти го наоѓаме истиот збор „блажен“. На пример, Христос никаде Марија не ја нарекува блажена, а за блажени ги прогласува: „Блажени се бедните по дух“, „блажени се жалосните“, „блажени се кротките“, „блажени се гладните“, „блажени се милостивите“, „блажени се чистите по срце“, „блажени се миротворците“, „блажени се прогонуваните“, „блажени се навредуваните“, „блажени се оние кои не видоа, а поверуваа“ итн., итн., да не наведуваме уште текстови (Матеј 5. глава; Јован 20,27-29). Во Откровение 14,13 читаме за едно многу необично блаженство: „Блажени се мртвите кои отсега умираат во Господа!“
Според тоа, Исусовата мајка Марија, како и Лија, самата себеси се нарекува „блажена“, и таа е блажена во иста мера во која се блажени сите што се наречени „блажени“ во Божјата реч и заедно со нив чека иста блажена награда при второто Христово доаѓање.
Во преводот на Вук Караџиќ и во македонскиот превод на Новиот завет злонамерно погешно е преведен текстот во Лука 1,28: „И кога влезе ангелот кај неа (кај Марија), рече: ‘Радувај се благодатна! Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените!’“ Други преводи тој текст го преведуваат поинаку: „Кога ангелот влезе кај неа, ѝ рече: ‘Радувај се ти, која доби милост, Господ е со тебе!’“
Тој злонамерно погрешен превод на споменатиот текст Православната црква го направила врз основа на следната своја, исто така злонамерна погрешна теологија: „Нема сомнение, Пресвета Богородица е исто што и нејзиниот Божествен Син, и бидејќи таа ни ја родила Благодатта, и самата станала ‘Благодатна’… Небесно име на Пресвета Богородица е ‘Благодатна’. Тоа име од Трисветото Божество ни го донел светиот Архистратинг на Небесните Сили, Гаврил. Тоа е нејзино Евангелско име.“10
Од овој текст јасно произлегува дека затоа што „Пресвета Богородица (Марија) е исто што и нејзиниот Божествен Син“ и затоа што „таа ни ја родила Благодатта“, односно Христа, и самата станала „Благодатна“ од која произлегува благодат како средство за спасение на грешниците.
Според тоа, јазичната кованица „благодатна“ е кованица на Православната црква со која Марија ја става рамо до рамо со Христа, и заедно со него ја прогласува за извор на благодат за спасение на грешниците: „Зашто по благодат сте спасени преку вера; и тоа не е од вас, туку е дар Божји.“ (Ефесците 2,8)
Меѓутоа, како што видовме, ангелот Гаврил не ја поздравил Марија со зборовите: „Радувај се благодатна! … Благословена си ти меѓу жените’“, туку ја поздравил поинаку: „Радувај се ти, која доби милост, Господ е со тебе!“ – Од овој исправен превод произлегува дека Марија не дели милост ниту благодат, туку таа добила милост и благодат од Бога.
Да приведеме дел од небесните ордени и одличија со кои Православната и Католичката црква ја украсиле Исусовата мајка Света Дева Марија или Света Богородица:
„Црквата не може ниту да се замисли ниту да постои без Сесветата Мајка на Спасот Христос. Пресвета Богородица е Црквата, и Црквата е Пресвета Богородица. Кога ќе се каже ‘Богородица’, со тоа се опфаќа сета идеја на Црквата, зашто со името Богородица во личноста на Приснодева Марија се изразува сета божествена тајна на личноста на Исуса Христа. Да, да, да: без Пресвета Богородица нема Богочовек = нема Спасител = нема Црква = нема спасение = нема обогочовечување = нема отроичување. И сиот свет се претвора во најбесмислен ужас, а човекот – во најстрашен пекол, пекол, пекол. Пресвета Богородица е Мајка на Бога, Мајка на Богочовекот, и со тоа Мајка на Црквата, зашто е Мајка на телото на Богочовекот. А телото на Богочовекот е Црквата. Според бесмртната благовест на Кирил Александриски: Со Пресвета Богородица се ‘утврдени црквите по сета вселена’. Покрај тоа уште доаѓа и оваа вистина: Со Богородица се остварува спасението, зашто таа е ‘работилница на нашето спасение’.“11
„Пресвета, пречиста, преблагословена, славна Владичица, Богородица и Приснодева Марија. (…) Таа го родила Спасителот, и со тоа и самата станала спасение на светот. (…) Таа станала мост преку кој се преминува од смрт во живот. (…) Таа не само што го умртвила пеколот, туку ја отворила и портата на рајот. (…) Но не само тоа, туку таа и рај станала, во кој дрво на животот е Господ Исус. (…) Кој ќе влезе низ неа, ќе се спаси. (…) Таа е цврст столб на Црквата. (…) Единствено таа го родила Безгрешниот, затоа и станала безгрешна. (…) Раѓајќи го семилостивиот Бог и Господ Христос, Пресветата Богомајка и самата станала семилостива. (…) Таа може сè, зашто го родила силниот и моќен Христос. (…) Станувајќи Мајка на милостивиот Господ, таа и самата станала ‘извор на милост’, ‘бездна на милосрдие’. Нејзината милостивост е неизмерна. (…) Раѓајќи го Бога и нашиот Спасител Исус Христос, света Богородица и самата станала ‘спасение на христијанскиот род’. (…) За православните таа е единствена помош, единствена надеж, единствена похвала. (…) Преблагословената Богородица е небо на земјата. (…) Во најважниот дел од литургијата, по осветувањето на светите Дарови, ние најпрво ѝ се молиме нејзе и ја величаме што ни го родила Бога. (…) Таа е мајка на Бога, и оттаму мајка на сè што е божествено, на сè што е свето, на сè што е небесно, на сè што е убаво. Од сè што е добро, таа е најдобра; од сè што е свето, таа е најсвета; од сè што е чисто, таа е најчиста; од сè што е красно, таа е најпрекрасна. Таа е најцелосен образец на сè што е најдобро. Зашто, кога Бог во светот влегол низ неа, како низ неа да не влезе во човекот сè што е Божје, сè што е небесно, сè што е бесмртно, сè што е вечно, сè што е блажено?“12
Коментирајќи го римокатоличкото учење за безгрешно зачнување на Пресвета Богородица, кое Православната црква го смета за погрешно, и давајќи на него „правоверен“ одговор, Јустин Поповиќ додава дека и православните веруваат во безгрешност на Марија, само на поинаков начин:
„Верна на богооткриената вистина за сеопшта наследност на првородниот (првиот, прародителскиот, адамовиот, источниот, н. з.) грев, апостолската Православна Црква го осудува и го отфрла римокатоличкото учење за непорочно зачнување на света Дева Марија, и исповеда дека таа се зачнала и се родила по природен пат од свети Јоаким и света Ана, што значи нејзиното зачнување е подложно на првородниот грев. (…) Навистина, Православната Црква уште од најстари времиња во своите богослужбени книги света Богородица ја нарекува: пресвета, пречиста, преблагословена, преславна, пренепорочна, и во суперлатив ѝ припишува сè што е најдобро, најчисто, најсвето, најдоблесно. Но Православната Црква учи дека сето тоа не се однесува на отсуство на првородниот грев во света Дева, туку на отсуство на лични гревови во неа од мигот кога врз неа слегол Светиот Дух и од мигот кога се зачнал Господ Исус. Поради слегувањето на Светиот Дух врз света Дева и поради зачнувањето на Спасителот, и од мигот на зачнувањето, таа станала слободна од лични гревови. Затоа што го родила Едино Безгрешниот, таа во извесна смисла и сама станала безгрешна, односно без лични гревови, а не била безгрешна во таа смисла што била родена без првородниот грев.“13
Напомена: Библијата е многу јасна: „Нема човек кој не греши.“ „Нема праведен ниту еден… сите се отклонија, заедно станаа развратни; нема кој да прави добро, нема ниту еден.“ „Господ внимателно ги погледна од небото синовите човечки за да види има ли некој разумен, кој го бара Бога. Сите застранија, сите станаа лоши, нема кој да прави добро, нема ниту еден.“ (1. Царевите 8,46; Римјаните 3,10-12; Псалм 14,2.3 ). Ако е точно тврдењето на православието дека Марија „станала безгрешна“, тогаш Соломон ќе кажеше „Нема човек кој не греши“, освен Марија која „станала безгрешна“, или апостол Павле, кој живеел во времето на Марија, ќе кажеше „Нема праведен ниту еден“, освен Исусовата мајка Марија која стана безгрешна од мигот кога во нејзината утроба се зачна Спасителот, или Бог ќе ни кажеше во псалмот „нема ниту еден да прави добро“, освен Марија која ќе стане „безгрешна“.
Според тоа, Марија била грешна и останала грешна сè до својата смрт, како и Јохаведа, и Ана и сите други примерни жени во Библијата и надвор од неа, како и секој друг човек, грешник, на оваа земја, на кого му бил потребен спасител од гервот, Спасителот Исус Христос.
„Едина безгрешна во човечкиот род после Едино Безгрешниот. Иако родена со првородниот грев, Таа била слободна од секој личен грев со својот доблесен живот и со својата слободна волја. Тоа го постигнала со својата надхерувимска чистота, со својата светост и безгрешност. Затоа, после Бога Таа е најбожествено, најчисто, најсвето, најмилостиво, најсовршено суштество. (…) Пресвета Богородица е единствено сесовршено човечко суштество после Богочовекот Господ Христос.“14
„Светопреданиската богочовечка вистина на Црквата за Пресвета Богородица накратко е оваа: ‘Како Адамов потомок, родена со првородниот грев, Таа била подложна на законот на смртта, но како безгрешна и Пресвета Богомајка е воскресната со Нејзиниот Божествен воскреснат Син и вознесена во слава над херувимите и серафимите и посадена на престол над Светите небесни Сили. (…) Свештеното Успение на Пресвета Богородица не го викаме смрт туку преселба кај Господа. Умреното тело на Пресвета Богомајка се предава на гробот, а по три дена се вознесува на небото.’ Свети Дамаскин благовестува: ‘Пресветото тело на Богомајката се положува во преславен гроб, а по три дена од него воскреснува и се вознесува на небото’.“15
Да приведеме уште некои тврди текстови кои ја сочинуваат јатката и суштината на теологијата на традиционалната Црква.
„Севистинита и боговдахновена е благовеста на нашиот свет Отец Григорие Паламе: ‘Никој не доаѓа кај Бога освен преку Пресвета Богородица и од неа родениот Посредник, и ниту еден од Божјите дарови не им се дава ниту на ангелите ниту на луѓето освен преку Неа.’ (…) Боговодената мисла на Свети Златоуст, величејќи ја Пресвета Богородица, благовестува: (…) ‘Таа е Мајка на спасението, зашто го родила Спасителот.’ (…) Богомисловниот поет, Свети Ефрем Сирин во молитвената распеаност на својата христокопнежлива душа ни кажува прекрасни вистини, вечни вистини за Пресвета Богомајка: (…) ’Ти, како Мајка Божја, можеш сè и за тебе нема ништо неможно, само ако ти посакаш. (…) Подигни ја мојата душа и кажи ѝ: Јас сум твое спасение. (…) О Семилостива и сечудна Царице на умната светлост; бездна на милоста која го растура облакот на гневот Божји; вистинска чуварке на сите христијани, и сигурно спасение на цел свет. (…) О милостива и семилостива Царице на небото и земјата, Богородице Приснодево, помилувај ги сите православни христијани. (…) Ти си наша надеж и заштитница на сите кои доаѓаат кај тебе и бараат твоја света помош. Ти си сесрдна молитвеница пред твојот Син и нашиот Бог. Твојата мајчинска молитва може многу да влијае врз Него.“16
Црквата тврди дека три дена по својата смрт, Марија воскреснала и со телото се вознела на небо. Пред да умре, кај неа се јавила силна желба „уште еднаш во овој живот да ги види сите Христови апостоли. Господ ѝ ја исполни таа желба, и сите апостоли, носени со ангели и на облаци, наеднаш се собраа во домот на апостол Јован на Сион (каде што Марија го поминала последниот период од својот живот). Со голема радост таа ги виде светите апостоли, ги охрабри, ги посоветува и утеши; потоа мирно го предаде својот дух на Бога без никаква мака и телесна болест.“ Апостолите со почит ја закопале во Гетсиманија. Третата „вечер таа им се јави на апостолите опкружена со мноштво ангели и им рече: ‘Радувајте се, јас ќе бидам со вас за навек!’“17 – Ова е светогрдие на Марија да ѝ се припише истата моќ на сеприсутност која му припаѓа единствено на Божеството. Такво ветување Христос им дава на апостолите: „Јас сум со вас во сите дни до крајот на светот“ (Матеј 28,20). Со овој атрибут на сеприсутност Црквата Марија ја изедначува со Христа, што е големо зло.
Според верувањето на традиционалната Црква, Марија на небото навистина има голема моќ и достоинство:
„Трон на Царица која седи на херувими; небесна врата низ која ние влегуваме на небото; (…) непреодоливо посредништво (…) По Тројството, општа Владетелка на сите; по Утешителот, општа Утешителка на сите; по Посредникот, општа Посредница на сите, за цел свет; колесница на мисловно Сонце – на вистинската светлина која го осветлува секој човек што доаѓа на светот; носителка на Оној кој во својата реч носи сè; (…) бдеење и молитвено посредување за светот пред Божјето лице. (…) Бидејќи Господ Христос прв се родил во Светиот Дух од Пресвета Богородица, а од него сите Свети, и Мајката Божја е Мајка на сите Свети, Госпоѓа, Царица и Владетелка, а сите Свети се слуги, слуги на Божјата Мајка.“18
Почитувани, за глава се фаќаме и се прашуваме како беше можно да се испреде ваква теологија за Марија каква што ни ја прикажа православието во приложените текстови! Болно вистинито! Несфатливо е како едно грешно Божје создание, едно грешно човечко суштество, зборуваме за Марија, традиционалната христијанска Црква ја обоготвори, ја прогласи за безгрешна, ја издигна во вселенските височини и ѝ постави трон над сите Божји созданија. Но, најзначајно, а едновремено и најжално и најтрагично од сè е тоа што Црквата Марија ја уфрлила директно во вечната хиерархија на небесното Тројство, со што Тројството го проширила со уште еден член, припишувајќи ѝ ги на Марија истите божествени атрибути и прерогативи што му припаѓаат на Христа и на другите членови на Божеството. Така, во посочените текстови, заедно со Христа и рамо до рамо со Христа, ние Марија ја гледаме како истите атрибути рамноправно ги дели со него.
На пример, заедно со Христа, Марија е: „вознесена во слава над херувимите и серафимите… посадена на престол над Светите небесни Сили…. на трон како Царица која седи на херувими… Марија ужива поголема чест од херувимите и неспоредливо е пославна од серафимите… таа ги надминува сите созданија… Марија е семилостива, извор на милост, бездна на милосрдие… семилостива Царица на небото и земјата… станала безгрешна…. небесна врата низ која ние влегуваме на небото… кој ќе влезе низ неа, ќе се спаси… никој не доаѓа кај Бога освен преку Пресвета Богородица и од неа родениот Посредник… таа станала мост преку кој се преминува од смрт во живот… непреодоливо посредништво… човечкиот род непосредно ѝ се моли нејзе за застапништво… општа Владетелка на сите; општа Утешителка на сите; општа Посредница на сите, за цел свет… посредување за светот пред Божјето лице…. Мајка на сите Свети, Госпоѓа, Царица и Владетелка… сите Свети се слуги, слуги на Божјата Мајка… таа го умртвила пеколот, ја отворила портата на рајот и рај станала… таа е Мајка на спасението… со Богородица се остварува спасението… таа е работилница на нашето спасение… спасение на христијанскиот род… спасение на светот… сигурно спасение на цел свет… низ неа во човекот влегува сè што е Божје, сè што е небесно, сè што е бесмртно, сè што е вечно, сè што е блажено… таа може сè… Преблагословена Богородица е небо на земјата… таа е цврст столб на Црквата… ниту еден од Божјите дарови не им се дава ниту на ангелите ниту на луѓето освен преку неа…“
Духот ни снеможува кога ги читаме овие извештаи како традиционалната Црква ја обоготворува Марија, издигнувајќи во вселенските височини едно создадено човечко суштество на кое му доделила премногу значајна улога од која зависи спасението на грешниците – Марија е фактор без кој нема спасение.
Меѓутоа, за еден непристрасен проучувач на Библијата не е прифатлива митско-божествената Марија онака како што ни е прикажана во посочените текстови на споменатата Црква со сите нејзини натприродни доблести, небесни ордени и одличија, безмалку како „божица“ и дел на небесното Тројство или, во најмала рака, како придружен член на небесното Тројство и иден кандидат во некоја иднина да стане негов полноправен член, со што, како што кажавме, Црквата небесното Тројство го проширува со уште еден член. Според тоа, со оваа теологија за Марија што ја гледаме и што ја читаме овде, традиционалната Црква не само што ја префигурирала вечната хиерархија на небесното Тројство, воведувајќи во него уште еден член, туку го нарушила и го префигурирала и целокупниот небесен поредок што го воспоставил Бог. Тоа е неприфатливо.
Ако е вистина дека Марија е поставена над херувимите и серафимите, посадена на престол над Светите небесни Сили и со својата слава ги надминува сите созданија, тогаш мора да е вистина дека таа е поставена погоре и над сите други светови во вселената; и над оние „деведесет и девет овци“ или светови од Христовата парабола што не се загубиле, односно што не паднале во грев како нашата планета (Лука 15,3-7; Книг. за Јов 38,7; 1,6; 2,1).
Какво значење има Марија за другите безгрешни светови над кои е таа поставена? Од библиските стихови што ги посочивме се гледа дека на небото постојат „синови Божји“, луѓе, други светови кои не паднале во грев, како ние. Тие се безгрешни и ним не им е потребна Марија да се зазема и да посредува за нив пред Бога, да го моли и да го смилоса својот син, Христа, да им ги прости гревовите и да ги спаси, зашто, како што нагласивме, жителите на другите светови се безгрешни и ним не им е потребно ниту покајание ниту спасение од гревот и смртта, зашто тие се бесмртни и уживаат вечен живот, што не е случај со нас, кои сме жители на оваа грешна планета. Тогаш зошто Бог би им ја наметнал Марија и ним како некаква спасителка со посебна обврска и нивните жители да ѝ бидат „слуги, слуги на Божјата Мајка“? Тоа повеќе ни наликува на некакво каприциозно самоволие и тиранија отколку на Божја љубов и Божја правда – сосила и тие безгрешни светови да ги потчини на едно грешно созадние од нашата грешна планета кое подоцна добило наводна безгрешност, и кое Бог го поставил над сите живи суштества во вселената да го почитуваат и да му се потчинуваат, можеби повеќе од сртав отколку од љубов.
А ако е вистина дека Марија е поставена над херувимите и серафимите, тогаш апсурдот е уште поголем. Да се потсетиме! Над нив беше поставен најмудриот, најмоќниот и најубавиот херувим, Луцифер, кој ја злоупотреби својата висока положба и моќ, велејќи си во своето срце: „Ќе подигнам свој престол и ќе се изедначам со Бога“ (Исаија 14,13.14), со што ја предизвика најголемата катастрофа во вселената – подигна бунт против Бога и одведе една третина од небесните ангели во пропаст. Во бунтот против Бога тој ја вовлече и нашата планета, која и ден денес гори во неговиот пеколен изум, наречен грев со сите негови страшни последици. Воопшто не е јасно зошто Бог сега Марија би ја издигнал и би ѝ поставил трон над херувимите и серафимите, зошто неа би ја „посадил на престол над Светите небесни Сили“ и би ја венчал со таква слава со која ќе „ги надминува сите созданија“; зошто Бог на Марија би ѝ ги доделил истите атрибути што му припаѓаат на Христа и неа би ја изедначил со Христа, кога истите атрибути ги бараше и Луцифер за сбе, а Бог не му ги даде нему. Зошто? И Луцифер бараше трон, престол „над Светите небесни Сили“ и таква слава со која ќе ги „надминува сите созданија“ и бараше да се изедначи со Бога, со Христа. Но тоа не му беше дадено нему, а ѝ е дадено на Марија. Зошто?
Зар е можно, се прашуваме и себеси и теолозите на традиционалната Црква, за сета оваа толку значајна, односно есенцијална теологија за Марија, врз која почива традиционалната Црква, апостолите да ги затворат очите и да не ни напишат ниту еден збор во своите списи? Зар навистина е можно таа базична православна и католичка теологија, што ни ја опишаа споменатите црковни отци, мариолози, во претходните текстови, да ја изговорил лично Христос, а апостолите, без да запишат ниту еден нејзин збор, усно да им ја пренесат на своите наследници и истата до нас да стигне по устен пат како веродостојно усно предание и како вистинска Божја и библиска наука? – Искрено кажано, се сомневаме во тоа. Се сомневаме во вистинитоста на тврдењето на православието дека „тоа што усно го примила Црквата од апостолите, тоа е Свето предание. Тоа се чувало во Црквата, и тоа морало да се чува.“ Се сомневаме дека оваа теологија Црквата усно ја примила од апостолите, зашто во неа се изнесени премногу невистини и грубости со кои се заменети есенцијалните библиски вистини што ни ги напишале токму апостолите во своите списи.
Од каде тврдењето дека „ниту еден од Божјите дарови не им се дава ниту на ангелите ниту на луѓето освен преку Марија“, кога Светото писмо јасно ни кажува дека сите Божји дарови на луѓето им ги дели лично Светиот Дух (1. Коринќаните 12,1-11)? Каде читаме во Библијата дека на Светиот Дух му е потребна асистентка, во случајов Марија, за да им ги подели даровите, не само на луѓето, туку и на ангелите? Од каде таа и толкава слава и возвишеност на Марија? Божјата реч е јасна кога кажува:
„Исус ги подигна своите очи кон небото и рече: ‘Оче, настапи часот; прослави го својот Син, за да те прослави и тебе твојот Син… Јас те прославив тебе на земјата… И сега, прослави ме ти мене, Оче, во тебе самиот, со славата што ја имав во тебе уште пред да настане светот.“ (Јован 17,1.4.5)
Многу јасно! Исус кажува дека сета слава му припаѓа нему и на Отецот. Нема никаква најава дека треба Марија да се венча со таква слава со која ќе ги надмине дури и херувимите и серафимите.
Колку вистина има во тврдењето на ахиепископот Аверкие кој кажува: „Нашата православно-христијанска вера не е само апостолска, онаа што ја проповедале светите апостоли, учениците на Господа Исуса Христа, туку и Отечка, бидејќи неа ја протолкувале и ја објасниле светите отци, како законити благодатни преемници на светите апостоли?“
Оваа теологија на православието што ни ја приопштува неговиот гласноговорник, Аверкие, ќе ја просееме на Божјето сито, односно на Божјата реч, и ќе видиме што ќе остане од неа! Во приведените текстови што ги разгледавме нема ниту малку вистина во тврдењето на православието дека „православно-христијанската вера“ е и „библиска“ и „Отечка“. Во нив „православно-христијанската вера“ е стопроцентно „Отечка“, без ниту мрвка библиска вера и вистина. Дали верата што ја проповедале светите апостоли правилно ја „протолкувале и ја објасниле светите отци“: Кирил Александриски, Свети Дамаскин, Свети Отец Григорие Паламе, Свети Златоуст, Свети Ефрем Сирин… (кои се автори на споменатите текстови), „како законити благодатни преемници на светите апостоли?“ – Во никој случај! Што останало библиско во нивното толкување на библиската вера за Марија? Со други зборови, што останало библиско во нивната фамозна теологија што ја создале тие за Марија? Апсолутно ништо, ниту трошка библиско и библиска вистина и вера! Таа е, да повториме, стопроцентно „Отечка“ вера и наука, без ниту мрвка библиска вера и вистина!
Да се повикаме пак на некои од текстовите на теологијата на традиционалната Црква што ги проучувавме порано:
„Што е тоа Свето предание? Тоа се сите оние духовни богатства што сме ги наследиле од нашите свети предци, а кои се во совршена хармонија со Светото писмо и кои ни помагаат правилно да го разбереме Светото писмо.“19
„Светото предание“ и Светото писмо – „во совршена хармонија!“ – Огромна заблуда и хула! Каква хармонија постои меѓу теологијата на споменатите црковни отци за митско-божествената личност на Марија и Светото писмо? Апсолутно никаква, апсолутно ништо заедничко. Меѓу нив постои стопроцентна дисхармонија и огромна непремостлива бездна.
Според тоа, трагикомични се и најобична фарса тврдењата на православната теологија кои веќе беа предмет на наше исцрпно проучување: „Во светлината на Светото предание ние правилно го разбираме Светото писмо“ … „Светото писмо не може правилно да се разбере без светото предание“ … „Кога Светото писмо би се изделило од потокот на светото предание, не би можело правилно да се разбере со никакви научни истражувања“ … „Светото предание нè оспособува на исправен начин во целост и како што треба да ја сфатиме Библијата“ … „Светото писмо се смета за изданок на Светото предание, и како такво тоа се толкува само во неговите рамки“ … „Зашто таа (Библијата) сама по себе не може да даде одговор на ниту едно прашање“ … „Црквата поседува благодатен дар непогрешно да ја објаснува Божјата реч или вистините на Светото писмо“ и сл.
Силни зборови, силна реторика без ниту малку вистина во себе! Како ни помага оваа теологија за Марија правилно да го разбереме Светото писмо? Не ни е јасно за кого православието ги измисли овие „силни“ аргументи со кои толку немоќно и бегло ја брани вистинитоста на своето „свето предание“. Од кого го брани и од кого ќе го одбрани „светото предание, без кое, како самото што тврди: „Без светото предание Црквата би престанала да биде тоа што е!“ Можеби од протестантите!? Во никој случај! Тие „силни“ аргументи се силни за верниците на Православната и Католичката црква, зашто, ако ги прашате нив (нивните верници) „Зошто верувате така како што верувате?“, во најголем број случаи тие ќе одгворат: „Така останало од старите, од дедо, од прадедо…“ Или: „Ние веруваме така како што веруваме затоа што Црквата учи така!“ Со тоа традиционалната Црква своите верници ги учи да живеат не според она „Така кажува Господ Бог“ во Божјата реч, туку според она „Така кажува Православната црква“, или „Така кажува Католичката црква“, без да ја проверат исправноста на теологијата на својата Црква и исправноста на својата вера. Тоа значи дека верниците на традиционалната Црква не живеат според Божјата реч, туку по инерција, според изјавите:
„Православната црква е единствена правоверна Црква која верува и Го слави Бога на прав начин и која постои од самиот ден на Педесетница“, или „Затоа православните христијани, сакајќи да ја запазат чистата вера, се придржуваат кон толкувањата на Светите Отци, на кои од Бога им е дадено да ги знаат духовните тајни.“ Од теологијата за богосоздадената Марија на споменатите црковни отци, мариолози – Кирил Александриски, Свети Дамаскин, Свети Отец Григорие Паламе, Свети Златоуст и Свети Ефрем Сирин – видовме колку „од Бога им било дадено да ги знаат духовните тајни“, и дали тие, „како законити благодатни преемници на светите апостоли“, навистина таа теологија ја презеле од апостолите и истата ни ја протолкувале и ни ја објасниле исправно!?
Да се потсетиме уште еднаш што значи вера и живот по инерција! Апостол Петар кажува: „Знаејќи дека со пропадливо сребро или злато не се искупивте од својот суетен живот што сте го наследиле од вашите татковци“ (1. Петрово 1,18). Според тоа, вера и живот по инерција значи суетниот живот и вера што сме ги наследиле од нашите татковци – нешто што сме наследиле, а не сме провериле дали е исправно. Тоа многу убаво го објаснува Јован Златоуст, токму еден од најголемите црковни отци и авторитети на православието и еден од авторите на приложените текстови за митско-божествената личност на Марија, кој им рекол на своите парохијани: „Кога примате пари, дали вие сами ги броите парите? Да, сами ги броите! А кога станува збор за вечните вредности, вие со затворени очи примате мислење на други!“ – Тоа е вера и живот по инерција. За жал, овие зборови на Јован Златоуст првенствено се однесуваат на него, па дури потоа на неговите парохијани. Со теологијата за Марија тој со затворени очи „вечните вредности“ на Божјата реч ни ги прикажал со најобични суеверија и празноверија.
Како да се извлечат православието и верниците на Католичката црква од животот по инерција? Ако го прифатат советот на Свети Августин, еден од најголемите црковни отци од Запад, ако не и најголем, кој на своите следбеници им оставил аманет: „Читајте го Писмото! Читајте го за да не бидете слепи и водачи на слепи!“
Бидејќи Марија е стожер околу кој се врти или темел врз кој почива целокупната теологија на традиционалната Црква, и нејзина комплетна светоотечка вера, без ниту минимум на библиска подлога, ние сме присилени до крај да го расчистиме овој проблем.
На 1 ноември 1950 година папата Пие XII во својата „ ex cathedra “ објавил догма според која „безгрешната Божја мајка и вечна девица Марија три дена по смртта воскреснала и во прославено тело се вознела на небото со телото и душата“.
Коментирајќи го ова, авторот Дејв Хант кажува: „Всушност, папата тврдел дека догмата за вознесение на Марија еднодушно била прифатена во првата црква уште од почеток и дека таа има потврда во Библијата. Но таква догма првата црква не познавала и таа нема поддршка во Библијата. Таквите папски изјави едноставно биле соодветни и комплементарни со широко распространетото мислење на католиците и придонесувале за растот на култот на Марија.“20
Според споменатата догма, по своето вознесение Марија седнала од десната страна на својот Син и се моли на Синот за нас. Вакви тврдења Библијата не познава. Таа кажува дека само Исус седи од десната страна на Отецот (Евреите 1,3) и дека Тој се моли за нас (Евреите 7,25). Апостол Павле наполно е јасен кога тврди: „Кој е тој што ќе ги осуди Божјите избраници? Дали Христос Исус, кој умре, и згора на тоа воскресна, кој е од десната страна на Бога и кој се зазема (се моли) за нас?“ (Римјаните 8,34). Значи, единствено Христос се застапува, се зазема и се моли за нас пред Бога. И, освен Христа, ние немаме друг застапник и друг молител пред Бога.
Според тоа, на Исусовата мајка Марија, Дева Марија или Света Богородица, кон која ние имаме особена почит, не ѝ е местото крај Христа на небото каде што ја пратила Црквата. Таа не е на небото, зашто Бог не ѝ определил улога на посредничка меѓу грешниците и нејзиниот син Исус Христос како негова мајка со своето мајчинство да го смекне, да го разнежи и да го смилоса Христовото срце за да им биде милостив на грешниците. Христос е доволно милостив без да го смилосува кој и да е друг. Навреда е за него и девалвација на неговата улога како Спасител кога меѓу него и грешникот се испречуваат смртници како посредници кои неговата безмерна блгодат ја изедначуваат по големина со човечката милост на која ѝ е потребно засилување со надворешна интервенција. Него го смилосува грешникот кога се кае за своите гревови. Кажавме дека тоа покајание на грешникот е најубава и најпосакувана музика во неговите уши, нешто што му е најмило да го слушне и со најголемо задоволство да одговари со проштавање.
Да проследиме неколку податоци и од одделни римокатолички молитвеници за таканаречени „стреловити молитви“ или „побожни воздишки“ за кои на грешниците им се даваат бесплатни папски индулгенции или опросници, со податок кој папа колку дена дава прошка за една таква изговорена молитва. Податоците21 се наоѓаат во „Католички старац“ (Упуте, разматранја и молитве за старце католике), Ријека, 1911. Тиск. Умјет. Завод „Мириам“. Имприматур. Роцхус Вучиќ еппус. Ценсор П. Бернардинус Пров. Цап., стр. 177-178.
„1. У име Оца и Сина и Духа Светога. Амен. – 50 дана опроста, а покропивши се благословеном водом 100 дана опроста. Пио ИЏ 1863.“
„5. Благословено буди свето и безгрешно Зачеќе Блажене Дјевице Марије Мајке Божје. 300 дана опроста. Лео ЏИИИ 1898.“
„20. Спасителју свијета, смилуј нам се! – 50 дана опроста. Лео ЏИИИ 1891.“
„28. Маријо, надо наша, смилуј нам се! – Опрост 300 дана. Пио Џ, сјечнја 1905.“
„26. Господине Боже мој, веќ сада мирна и драга срца из руке твоје примам смрт које му драго врсти, како се теби свиди, са свим нјезиним тјескобама, мукама и болима. – Тко једноќ у животу, примивши св. Сакраменте, с правом лјубавлју према Богу изговори ову молитву, добије потпуни опрост, не одмах, него у часу смрти. Пио Џ, 9. ожујка 1904.“
Можеби најчудна од сите посочени прошки е последнава. Наместо да се покае и да не греши веќе, папата Пие X на грешникот однапред му дава можност за комплетна депонирана прошка на гревовите која ќе стапи во сила во мигот на неговата смрт ако еднаш во животот примил свети сакраменти и ако ја изговори понудената шаблон молитва. Извонредна можност за грешникот, бланко потпишана прошка, слободно да греши и однапред да добие прошка за гревовите што ќе ги направи во меѓувреме, до својата смрт.
Од посочените примери под број 1, 5, 20 и 28 се гледа дека, ако грешникот му упатува „побожни воздишки“ на Спасителот или на Тројството, добива прошка за 50 денови. А, ако ѝ упатува такви молитви на Исусовата мајка, Марија, добива прошка за 300 денови. Според тоа, не е никакво чудо што Католичката црква ја издигнува Марија, а не Христа, што Исусовата мајка Марија ја става рамо до рамо со нашиот Спасител, но и погоре од него, нарекувајќи ја „кралица на мирот“, „семилостива спасителка“ и „небесна кралица“, што е крајно небиблиски. Еве ги и другите титули што ѝ ги дава Црквата на Марија:
„Пророчица на последното време“, „Безгершно зачнување“, „Мајка на Црквата“, „Марија – нова Ева“, „Царица на небото и земјата“, „Вознесение“, „Царица на светите бројаници“, „Царица и мајка на семејставата“, „Марија – соучесник при откупувањето“, „Посредник“, „Адвокат“, „Наша Госпа на сите народи“, „Небесна врата“, „Ковчег на Новиот завет“, „Мајка на второто доаѓање.“
Титулите „Соучесник при откупувањето“, „Посредник“ и „Адвокат“ посебно треба да поттикнат на сериозно противење, зашто тоа очигледно се противи на најјасните учења на Светото писмо. Библијата јасно учи дека постои само еден Откупител, Посредник и Адвокат на Божјиот народ, а тоа е Исус Христос, за што доста зборувавме.
Уште повеќе изненадува подготвеноста на Католичката црква учењата за Марија да ги прошири до екстрем и Марија да ја признае како божица и како дел на божеството. Зборувајќи за тоа, Кронен Цајтунг на 30.8. 1997 година во Германија го објавил следниот прилог:
„Милиони американски католици сакаат божествена Девица Марија“. Според овој прилог и придружниот текст во Њусвик, зад сцената за ова се одвиваат преговори со Ватикан, а кардиналот Џон О’Конер и папата Јован Павле II не се противеа на оваа идеја.
Римокатоличката наука како да решила што повеќе да ја намали Исусовата улога во спасувањето на грешниците и во најдобар случај Исуса да го идентификува со кој било основач на некој верски систем во светот. Не е можен компромис во ова прашање без оглед на тоа колку некој ги менува правилата за да одговараат на желбите на целокупната група. Библијата оваа тема успешно ја расветлува: „Нема спасение во никој друг, ниту има друго име под небото дадено на луѓето, преку кое мора да бидеме спасени“ (Дела 4,12). – Бог не ја одредил ниту Марија, ниту кој и да е друг светец на грешникот да му даде, ниту на кој било начин да му помогне да добие спасение. Спасението апсолутно и комплетно е Христово дело, и на Христа не му се потребни никакви помошници ниту асистенти. Нему не му се потребни никакви светци да ја девалвираат неговата улога како единствен посредник и Спасител.
Според споменатата догма од 1950 г., Марија во прославено тело се вознела на небото, каде што е крунисана како небесна царица и поставена како посредник меѓу Христа и грешниците. Во улога на посредник таа поддржува долг список молби кои католичките светци ѝ ги упатувале во текот на столетијата.
„Римокатоличката институција ги уверува своите верници да веруваат дека Исус на небото е судија без милост. Никому не му е дозволено да излезе пред него со молба. Пред неговиот престол седи Марија како милосрдна мајка, полна со милост и разбирање. Таа го моли својот Син да прости и да покаже сомилост кон оние римокатолици кои верно ѝ се молат нејзе и веруваат дека таа е ‘соспасител’ и ‘сооткупител’. Тоа го прават уверени дека Марија ја пролеала својата крв едновремено кога Исус умрел на крстот така што и таа поднесувала болови и покажала трпение за човештвото. Марија е нивна влезница за небото откако ќе дојдат во чистилиштето. Затоа тие никогаш нема да ја напуштат неа, зашто се плашат за своите души. Римскиот систем една земна мајка преобразил во божество. Марија е нивна влезница за рај откако ќе излезат од читилиштето. Тие никогаш не смеат да се откажат од Дева Марија (од Богородица) од страв да не ја загубат душата.“22
„Грешникот, кој непосредно му пристапува и му се обраќа на Христа за прошка, наидува на негов ужасен гнев. Но ако ја повика Девицата како посредник пред нејзиниот Син, таа на својот Син ќе му ги покаже градите кои го доеле и неговиот гнев веднаш стивнува.“23
Сам Луцифер не можеше да измисли поголема хула против Христа од оваа што ја измислила Католичката црква, дека „грешникот, кој непосредно му пристапува и му се обраќа на Христа за прошка, наидува на негов ужасен гнев“, дека „Исус на небото е судија без милост“, дека „никому не му е дозволено да излезе пред него со молба“, дека „пред неговиот престол седи Марија како милосрдна мајка, полна со милост и разбирање“ како посредничка, „влезница“ и „небесна врата“ низ која грешниците мора да поминат за да стигнат до Бога. – Премногу, премногу груби невистини, како која од која погруба, поневистинита. Црковна теологија со ниту грам библиска вистина.
Па лично Христос ги шири рацете и ги повикува грешниците: „Дојдете кај мене сите кои сте онемоштени и обременети (со гревови), јас ќе ви дадам починка“, јас ќе го симнам од вас вашето бреме на гревот (Матеј 11,28), а Црквата на грешниците им вели: Не директно кај Христа! Прво обезбедете си влезница кај медијаторот Марија! Божјата реч кажува: „Зашто Бог толку го милее светот, што го даде и својот единороден Син, за ниеден кој верува во него да не загине, туку да има живот вечен“ (Јован 3,16), а Црквата вели: Не, Христовото срце е малечко и во него нема место за грешниците, а Марија има мајчинско срце пространо како океан и пошироко од вселената, во кое има место за сите грешници.
Апостол Павле нè повикува „слободно да пристапуваме кон Божјиот престол на благодатта за да најдеме благодат“ (Евреите 4,16), а Црквата кажува: Не! Ако му се обраќате директно на Христа за прошка, наидувате на негов ужасен гнев! Затоа прво повикајте ја Девицата Марија како посредник пред нејзиниот Син, и таа на својот Син ќе му ги покаже градите кои го доеле и неговиот гнев веднаш стивнува. – Бизарни измислици!
Почитувани, нашиот милостив Спасител од Голгота е ист наш милостив Спасител и на небото. „Исус Христос е ист вчера и денес и во вечни векови“ (Евреите 13,8). Луѓето на земјата слободно му пристапувале и барале од него секаква помош. Дури и децата. И на небото, кажавме, Исус е ист Спасител, милостив и полн со љубов. Зошто на земјата Исус би бил милостив, а „на небото судија без милост?“
Во книгата „Славите на Марија“, кардиналот и светецот Alfons de Liguori пишува: „Грешниците примаат прошка само од Марија. Паѓа и загубен е оној кој не ѝ се обраќа на Марија. Марија е небесна врата, зашто никој не може да влезе во блаженото царство ако не помине низ неа. Патот кон спасението не му е отворен никому, освен преку Марија… Спасението на сите зависи од наклоноста и заштитата на Марија. Оној кого што го штити Марија, ќе биде спасен; оној кого не го штити таа, ќе биде загубен… Нашето спасение зависи од тебе (Маријо)… Бог нема да нè спаси без да посредува Марија.“24
И оваа екстремно богохулна теологија на споменатиот кардинал и светец за улогата на Марија како алфа и омега на нашето спасение е потполно иста со теологијата на Православната црква со која се боревме на претходните страници. Едноставно не можеме да останеме простум пред оваа црковна хула! Христос кажува: „Јас сум врата. Кој ќе влезе низ мене, ќе биде спасен“ (Јован 10,9), а Црквата тврди: Не! Христос не е врата! „Марија е небесна врата, зашто никој не може да влезе во блаженото царство ако не помине низ неа.“ Божјата реч кажува дека, освен Христос, „под небото нема друго име дадено на луѓето преку кое би можеле да се спасиме“ (Дела 4,12), а Црквата кажува: Не! „Патот кон спасението не му е отворен никому, освен преку Марија.“ „Бог нема да нè спаси без да посредува Марија.“ Марија е наш „соспасител“ и „сооткупител“. Со други зборови, заедно со Христа и Марија е наш „спасител“ и „откупител“.
Очигледно е дека во теологијата на традиционалната Црква Исусовото место го зазема Марија. Верниците наместо да гледаат во Исуса, зачетникот и извршителот на нивната вера, тие гледаат во Марија. Во Марија пронаоѓаат пристап кон Бога, во неа е света сета Црква, во неа се учат на послушност кон Бога, и списокот постојано продолжува. Ниту една од овие доктрини нема поддршка во Светото писмо. Членот 829 од Катихизисот на Католичката црква кажува:
„Во најсветата блажена Девица (Марија) Црквата веќе постигнала совршенство во кое постои без мана и фалинка, а верните и понатаму се трудат да го победат гревот и да растат во светоста. И така тие своите очи ги насочуваат кон Марија: во неа Црквата веќе ја има сета светост.“ А во член 972 од Катихизисот пишува:
„Кога разговараме за Црквата, за нејзиното потекло, за нејзината мисија и судбина, ние не можеме разговорот да го завршиме на подобар начин отколку да препорачаме да гледаме во Марија. Гледајќи и размислувајќи за неа (за Марија), ние ја гледаме и размислуваме за Црквата….“
Многу погрешна теологија којашто, наместо Христа, Марија ја идентификува со Црквата. Читаме во Божјата реч: „Христос ја возљуби Црквата и се предаде сам себеси за неа, за да ја освети, исчистувајќи ја преку водно капење со Речта, и да ја претстави пред себе Црквата во сета нејзина слава, без дамка, ниту брчка, или нешто слично, за да биде света и непорочна.“
За истиот предмет зборува и апостол Павле: „Тој (Христос) е глава на телото, односно на Црквата… Тој е прв во сè… Отецот преку него измири со себе сè што е на земјата… преку крвта на неговиот крст… преку крвта на неговото тело, за да ве постави пред себе свети, непорочни и беспрекорни“. И апостол Јован: „Крвта на неговиот Син, Исус Христос, нè исчистува од секој грев“ (Ефесците 5,25-27; Колошаните 1,18-22; 1. Јованово послание 1,7).
Никаде во приведените текстови, а и во целата Библија, нема место за некаква улога на Марија во процесот на нашето спасение, во исчистувањето на грешниците од нивните гревови и во посветувањето и усовршувањето на Црквата. Црквата ја
чисти, ја посветува и усовршува Христос со својата крв од Голгота, преку својата Реч и со помош на Светиот Дух. Затоа со Црквата не се идентификува Марија, туку Христос, зашто таа е негово тело, а Тој е нејзина глава. Според тоа, кога разговараме за Црквата, за нејзиното потекло, за нејзината мисија и судбина, ние всушност разговараме не за Марија, туку за Христа, а кога го гледаме и размислуваме за Христа, ние ја гледаме и размислуваме за неговата Црква.
Што да кажеме како заклучок за оваа теологија за Марија што ја испрела традициналната Црква? Најминимално, под кое нема друг минимум: Традиционалната христијанска Црква не треба да се нарекува Христова црква, ниту во нејзиното име треба да постои името Христос, зашто таа не е Христова црква.
Во продолжение следат поднасловите од поглавјето „Библијата за човечките посредници меѓу Бога и грешниците“. Кога ќе кликнете врз поднасловите, ќе ви се отворат нивните текстови.
БИБЛИЈАТА ЗА ЧОВЕЧКИТЕ ПОСРЕДНИЦИ МЕЃУ БОГА И ГРЕШНИЦИТЕ
Во продолжение следат поднасловите од поглавјето „Библијата за човечките посредници меѓу Бога и грешниците“. Кога ќе кликнете врз поднасловите, ќе ви се отворат нивните текстови. [viz-category-posts...
Гревовите да се исповедаат единствено пред Бога – не во исповедална пред увото на смртен свештеник
Никаде во Библијата Бог не заповеда ниту пак бара од луѓето да одат кај свештениците во исповедална и таму, пред увото на смртни луѓе, да ги исповедаат своите гревови, што е своевидно понижување. Грев пред Бога прават свештениците што си дозволуваат себеси таква...
Прошка на минатите, сегашните и на идните гревови на живите; прошка и на мртвите – за пари!
Според римокатоличкото учење, светците направиле повеќе добри дела отколку што им било потребно за нивно лично спасение. Тие „одвишни“ добри дела на светците ја сочинуваат духовната ризница со која располага папата, па тој од неа може да им даде прошка за гревовите на...
Денешните свештеници како посредници меѓу Бога и грешниците
Наполно небиблиска е науката и на Православната црква за проштавање на гревовите според која свештеникот, изговарајќи одредена формула, му ги проштава гревовите на грешникот. Откако грешникот ќе се исповеда пред свештеникот, тој, според своја проценка, чита отпусна...
Христос е брилијантен Спасител кој поинаку им ги проштава гревовите на грешниците
Еднаш пред Христа фарисеите довеле голема грешница, жена фатена во прељуба, изркана и исплукана од општеството и како општествен смет исфрлена на буниште. За тој нејзин голем грев Христос на грешницата не ѝ определил никаква епитимија ниту покора за да го окае гревот...
Нашиот пристап кон Бога е личен и слободен, непосреден и директен
Непростлива хула на теологијата на традиционалната Црква е што на грешниците им го препречува патот на спасението и им го блокира пристапот кон Бога. Каде најде традиционалната Црква во Библијата, во евангелијата, основа за својата опачна теологија според која „патот...
Божјите ангели како посредници меѓу Бога и грешниците
Никаде, ниту во Стариот, ниту во Новиот завет, немаме ниту еден запис дека Бог праќал од небото светци да им помагаат на луѓето на земјата. Напротив, и во Стариот и во Новиот завет Бог од небото на луѓето им праќал само ангели да им донесат вест или помош. Божјите...
Едно од многубројните чуда на свети Никола (270-343)
Во Цариград живееше еден благочестив човек, полн со вера во Господа Христа. Тој го сакаше и многу го почитуваше големиот угодник Божји свети Никола. Еднаш, подготвувајќи се по некоја работа да отпатува со кораб во друга земја, тој според својот обичај отиде во црквата...
Парастоси (помен за мртвите)
Ќе наведеме изјава на рускиот православен богослов, протојереј Александар Шмеман, која гласи вака: „Главна метода со која се служела Црквата за да ги преобрати незнабошците во христијанство била методата на сублимација и преобразба на паганските верувања: Црквата...
Марија визави паганските божици
Марија на Христа не му дала божествена и Божја природа, туку му дала тоа што имала - човечка природа. Христос како Бог постои од вечноста, а не од мигот кога се родил, односно од мигот кога Марија му дала човечка природа. „Голема е тајната на побожноста: ‘Бог се јави...
Во продолжение следи содржината на книгата „Времето и знаците“. Кога ќе кликнете врз насловите и поднасловите, ќе ви се отворат нивните текстови.