Христос е брилијантен Спасител кој поинаку им ги проштава гревовите на грешниците
Еднаш пред Христа фарисеите довеле голема грешница, жена фатена во прељуба, изркана и исплукана од општеството и како општествен смет исфрлена на буниште. За тој нејзин голем грев Христос на грешницата не ѝ определил никаква епитимија ниту покора за да го окае гревот и да го избрише својот срам. Проштавањето на гревот не ѝ го одложил за подоцна, барајќи од неа претходно да исполни некакви услови, освен покајание, што во овој случај било очигледно. Тој не барал од неа претходно да измоли три, пет или повеќе молитви „Оче наш“, или неколку молитви „Слава на Отецот“, не ја пратил на некакво претходно поклонение, ниту пак во црквата да даде дар. Христос не ја понижувал и онака понижената и измалтретирана жена грешница, туку веднаш го прифатил нејзиното покајание и веднаш ѝ простил, истиот миг ја разрешил од нејзиниот грев, ослободувајќи ја од тоа грдо бреме што ја притискало, што ја понижило и ја спуштило на најниско можно ниво, ѝ подал рака и ја извлекол од бездната во којашто ја струполил гревот што го направила. „Ни јас не те осудувам, ѝ вели Исус, оди си и отсега не греши веќе“ (Јован 8,3-11).
Христовите зборови „Ни јас не те осудувам“, во ушите на оваа исплашена и понижена жена прозвучиле како најубава и најмила музика што кога и да е таа ја слушнала во својот живот. Христос „нè ослободи од нашите гревови преку својата крв“ (Откровение 1,5).
Уште еден случај за кој Исус тврди дека ќе се повторува и прераскажува насекаде и низ сите векови сè до крајот на светот како спомен на еден извонредно важен настан што го бележат сите четворица евангелисти. Станува збор за Марија Магдалена од Витанија, од која Исус седум пати истерувал ѓаволи (Лука 8,2) – иста, а можеби и поголема грешница од претходната што ја опишавме.
Марија била убава, млада, комуникативна, но и наивна девојка – особини што му дале можност на нејзиниот лукав и вешт комшија и подлец, фарисејот Симон Лепрозниот, да ѝ постави стапица и препка од која таа се препнала, се лизнала и паднала – направила прељуба со него за која веднаш се расчуло меѓу жителите на малечкото село Витанија кои ја жигосале како неморална и почнале со прст да покажуват кон неа како опасна жена за мажите во тој крај.
Не можејќи да го поднесе срамот и осудата од своите сограѓани затоа што ги погазила високите општествени норми и правила на морално однесување на своето време, прогонувана од нивната злоба и со крвави прострелни рани во срцето што ѝ ги задавале острите стрели на молњите што молскале од нивните очи, Марија го напушта своето родно место и се упатува на север, каде што наоѓа засолниште во прекрасното село на јужниот брег на Галилејското Езеро, наречено Магдала – оттаму и името Марија Магдалена. Немајќи што да работи и од што да преживее, таа, за жал, се сопнала на најстариот занает на светот и почнала да го продава своето тело, да заработува занимавајќи се со проституција. Од почеток добро ѝ одело. Дури заштедила поголема сума од парите што ги заработила продавајќи се себеси и со нив купила сад од алабастер со еден литар скапоцен мирис.
Но наскоро нејзината совест почнал да ја нагризува црв на незадоволство, да ја притиска мачна вина и да ја разјадува тешка самоосуда што дозволила да падне толку ниско и да стане општествен шлајм и, како што кажавме за претходната грешница, изркана и исплукана од заедницата, пометена и исфрлена на ѓубриште. Како обгорено дрво и гламна истргана од оган, со загубено достоинство, со наведена глава и обезвредена како човечко суштество, презрена, понижена и отфрлена од сите, со мрачна иднина, Марија се наоѓа во очајна состојба и во безизлез – се презира, се гади и се гнаси самата од себеси.
Во таква екстремно мизерна и очајна состојба, Марија слушнала за Исуса кој прифаќа такви случаи, како нејзиниот, и нивниот проблем го решава на брилијантен начин во нивна полза. Им подава рака и навистина ги вади од длабоката бездна во која ги струполил гревот и општеството и во која ги обезличиле како човечки суштества, поставувајќи ги нивните нозе на цврста почва; без никакви, буквално, без никакви претходни условувања, епитимии и покори, Исус го прифаќа нивното покајание, им го проштава гревот и им го брише нивното грешно, мизерно и грозно минато, ги исчистува со својата крв и од најголеми грешници прави најголеми праведници, со повратено човечко достоинство и со светла иднина, така што тие не се веќе општествен смет, туку повторно интегрален дел на човечката заедница, стоејќи простум и со крената глава меѓу своите најблиски и најдалечни од кои беа отфрлени како изрод.
Почитувани, Исус така го решавал проблемот на гревот на грешниците. Тој така го решил и тешкиот проблем на Марија со која имал повеќе средби и од која истерувал ѓаволи.
Дигресијата што ја направивме во врска со Марија ќе ни помогне да навлеземе во срцевината на проблемот поврзан со проштавањето на гревот. Комшијата на Марија, Симон Лепрозниот, во својот дом приредил гозба за Исуса и за апостолите, на која бил повикан и братот на Марија, Лазар, кого Исус пред тоа го воскреснал од мртвите. Фарисејот Симон заболел од неизлечливата болест лепра од којашто го исцелил Исус, и веројатно, во знак на благодарност, тој во негова чест ја приредил оваа гозба во својот дом. Сестра ѝ на Марија, Марта, како искусна готвачка, била повикана да зготви вкусно јадење за гостите. Наеднаш, како од земја да никнала, во просторијата меѓу гостите се појавува Марија што, според тогашните норми на морално однесување, било незамисливо и недопустливо – жена, сама, да се најде меѓу поголема група мажи.
Гледано со очите на луѓето на нејзиното време, уште повеќе вчудовидува нејзиното однесување и активностите во кои запливала во таа пригода во присуство на хетерогениот состав на групата со екстремно различни интереси, сфаќања и погледи. Да го прочитаме извештајот за тој настан.
„Кога Исус беше во Витанија, во куќата на Симона Лепрозниот… и прилегна крај трпезата“, заедно со „оние кои со него беа прилегнати крај трпезата… една жена од градот… Марија… која беше грешница, кога дозна дека Тој е… во куќата на фарисејот, донесе со себе сад од алабастер со… литар миро од чист и скапоцен нард, ги помаза Исусовите нозе и ги избриша со својата коса, а куќата се наполни со мирис од мирото“.
Матеј кажува дека Марија „скапоцениот мирис го излеа врз неговата глава додека беше прилегнат крај трпезата“. Марко дополнува и кажува дека Марија „го скрши садот од алабастер и го излеа мирото врз неговата глава“. А Лука додава: Марија „застана зад него, до неговите нозе плачејќи, и почна да му ги мие нозете со солзи и да ги брише со својата коса; таа ги целиваше неговите нозе и ги помазуваше со миро.“
Како реагира групата? Апостолите, меѓу нив и Јуда: „Зошто вакво растурање? Тој мирис можеше да биде продаден скапо… за повеќе од триста денарии… и да им се раздаде на сиромасите“.
Очигледно е дека апостолите се кусогледи и нив ги засега само материјалниот ефект на штетата што ја направила Марија, без да навлезат во суштината и да ја сфатат вистинската вредност и целта на нејзиното дело. Јуда сиромасите ги зема во заштита не затоа што тие посебно му лежат на срце, туку од себични побуди „бидејќи беше крадец; кај него беше чекмежето со пари и поткрадуваше од она што го пуштаа во него“.
Христос им рекол на апостолите: „Оставете ја! Зошто ѝ додевате? Таа ми направи добро дело. Сиромаси имате секогаш со вас и можете да им правите добро кога ќе посакате, а мене ме немате секогаш. Тоа што можеше, таа го стори: Го помаза моето тело за закоп. Вистина ви велам, каде и да биде проповедано евангелието, по целиот свет, ќе се раскажува што направи таа, во нејзин спомен.“
Меѓутоа, Симон Лепрозниот реагира поинаку. Тоа што го прави Марија за него е крајно невкусно и најобична женска суета. Во себеси тој си вели: „Да е овој (Исус) Пророкот, би знаел која и каква е оваа жена што се допира до него: дека е грешница.“ Но Исус јавно му вели: „Симоне, имам да ти кажам нешто… Ја гледаш ли оваа жена? Влегов во твојот дом! Ти не ми даде вода за нозете, а таа со солзи ми ги облеа нозете и со својата коса ги избриша. Ти не ми даде целив, а таа, откако влегов, не престана да ми ги целива нозете. Ти не ми ја помаза главата со масло, а таа ми ги помаза нозете со миро. Затоа ти велам, простени ѝ се многу гревови, зашто имаше многу љубов; кому малку му се простува – тој малку љуби. А нејзе ѝ рече: ‘Простени ти се гревовите! Твојата вера те спаси! Оди си со мир!’“ (Лука 7,36-50; Матеј 26,6-13; Марко 14,3-9; Јован 1-8).
Понесена на крилјата на радоста што Христос ѝ подал рака и ја извлекол од амбисот во кој се урнала кога се сопнала и лизнала, и од среќата што ја преместил од сметлиштето на светот во царските одаи на својата милост, распрскувајќи го нејзиното грешно минато и создавајќи од неа пак гордо човечко суштество со крената глава, Марија во таа пригода се однесува така како што се однесува.
Не осврнувајќи се на високите стандарди на морално однесување на своето време, прескокнувајќи ги тие крути и строги рамки, правила и норми, без да води сметка за зајадливите забелешки и погледи на апостолите и на подлецот Симон и, од човечка гледна точка, изложувајќи се на ризик, таа, немајќи друга можност, јавно на тој начин го излева своето срце пред Христа – не низ зборови, туку низ солзи. Зборовите не се толку силни за да се искаже силниот порив на радост, задоволство и благодарност кон Христа што бликале како силен вруток од нејзиното, до неодамна скршено, јадосано и гламносано срце, не се доволно силни да го опишат нејзиниот нов прекрасен внатрешен чувствен живот и свет што го создал Христос во неа кога ѝ ги простил гревовите и ја вратил во човечката заедница.
Се прашуваме колкаво бреме на гревот Христос симнал од неа, колку силни прангии скршил и тешки синџири раскинал во кои демоните, со кои била обземена, ја врзале и ја оковале нејзината душа, и потоа, во каква слобода запливало нејзиното срце што излеало толкаво количество солзи со кои ги облеала нозете на нашиот Спасител и ги избришала со своите бујни коси!
Почитувани, Марија плачела едновремено од жалост и од силна болка што луѓето се толку злобни, подли и свирепи, што ја исклучиле од својата средина и заедница како грешница, ја турнале и ја исфрлиле како смет на сметлиште, но едновремено таа леела дробни солзи радосници што Христос ја избавил од канџите на гревот и од нивната злоба.
Во таа екстремно неповолна ситуација и крајно неподносливи околности во кои неочекувано западнала, збунета и изложена на зајадлив презир и подбив од апостолите, особено од Јуда и фарисејот Симон, Исус ја зема Марија во заштита, велејќи им: „Оставете ја! Зошто ѝ додевате? Таа ми направи добро дело.“
Таа, за апостолите и за Симона подлецот, невкусна и суетна постапка на Марија, Христос ја прифаќа како брилијантна активност и чекор што треба да ги преземе секој грешник и грешница што се наоѓа во нејзините опинци за да се ослободи од тоа гнасно бреме наречено грев.
Го гледаме и го слушаме Христа како ја поддржува и ја стимулира, збунетата, расплакана, ужалена и јадосана Марија во нејзините напори постапката да ја изведе до крај, велејќи ѝ: Браво Марија, ти „правиш добро дело“. Извонредно постапи кога скапоцениот мирис го излеа врз мојата глава. Тој мирис ти го купи со парите што ги заработи продавајќи го своето тело, и заедно со него, ти врз мојата глава ја излеа и својата прељуба, ја пренесе врз мене осилката на вината што ја боцкаше твојата совест и те прогонуваше затоа што грешеше и што пливаше во гревови. Во скапоцениот сад од алабастер беа сместени твоите болки, јадови и таги, твојот чемер, твојата жолчка, твоето грешно минато – но, сето тоа ти го излеа врз мојата глава. Јас тоа го прифаќам зашто така требаше да постапиш, и добро стори што постапи така, бидејќи јас за тоа дојдов на овој свет, да им овозможам на сите грешници да постапат така со своите гревови, како што постапи ти.
Плачи, Маријо, исплачи се над моите нозе и испразни ја душата од талогот на горчината на животот, исплукај го од себе шлајмот на гревот што те задушува; исплукај го врз мојата глава и потроши ги сите бигорни солзи, зашто нема веќе да плачеш заради твоето грешно минато, бидејќи тоа ти е простено и заборавено, а ти си исчистена со мојата крв и во тебе е всадена нова природа, и од сега ќе лееш солзи радосници за прекрасната иднина што те очекува.
Браво, Марија! Ти велам: „Каде и да биде проповедано евангелието, по целиот свет, ќе се раскажува“ твоето дело, во твој спомен. „Простени ти се гревовите! Твојата вера те спаси! Оди си со мир!“
И навистина Марија заминала растоварена од тешкото бреме што ја притискало и со разиграно и распеано срце се вратила во нормалниот живот на човечката заедница, безмерно благодарна на Христа што ја удостоил и без никави претходни условувања ја прифатил таква каква што била, екстремно недостојна, и ја пресоздал во гордо човечко суштество, со крената глава и со поглед насочен кон славната блескотна иднина.
Драги мои, ни трага ни глас од некаква епитимија или покора кај големата грешница Марија! Христос не ѝ одредил никакво дополнително покајание, не ја понижувал, ниту пак ѝ го одложил проштавањето на гревот. Ни трага ни глас од некакво исповедање на грешникот во исповедална пред увото на смртен свештеник кој, згора на тоа, си зема право да му одреди на грешникот соодветна епитимија или покора, во зависност од тежината на гревот што го направил. Христос веднаш проштава. На разбојникот на крстот кој се покајал, Тој веднаш му простил, а разбојник е, можеби убиец, голем криминалец…
Почитувани, зошто оваа толку едноставна и кристално јасна Христова наука за покајанието на грешниците и за проштавањето на нивните гревови Црквата толку многу ја усложнила и мистифицирала и од неа создала света црковна тајна, посебен обред или сакрамент? Едноставно: за да се зголеми моќта на свештенството; можност тоа да сконцентрира огромна власт во свои раце, високо да се издигне над верниците, да манипулира со нив и суверено да владее над нив! Но, во Библијата нема место ниту оправдание за такво нешто!
Затоа должност на свештениците е да не се играат со спасението на грешниците, да не ги викаат во исповедална да се исповедуваат пред нивното смртно уво и да не ги држат во заблуда, туку да ги упатат да го следат примерот на Марија, своите гревови да ги исповедаат пред нозете на Христа како Спасител кој има исклучително право да проштава гревови. Тоа право не им припаѓа ним, зашто Бог не ги овластил да постапуваат така. Епитимијата и покората – подалеку од нив!
Вистина е дека во Божјата реч читаме: „Исповедајте си ги гревовите еден на друг и молете се еден за друг за да оздравите! Делотворната молитва на праведникот има голема сила“ (Јаков 5,16). И на многу други места во Светото писмо читаме за тоа како ние треба да се молиме еден за друг и да се сакаме меѓусебно, бидејќи сме браќа и едно семејство, Божје семејство на оваа земја.
Живеејќи во заедница со луѓето, ние често си грешаваме еден на друг и затоа апостол Јаков нè повикува да си ги исповедаме „гревовите еден на друг“, не во исповедална пред увото на свештеникот, туку еден на друг, и да се молиме „еден за друг“, а тоа значи да си ги признаваме нашите гревови со кои сме им згрешиле на другите и да бараме од нив прошка, а и ние да им ги проштаваме нивните гревови со кои тие ни згрешиле нам, и дури потоа да го молиме Бога и Тој да ни прости.
Од ова не е изземен никој, па ни свештеникот. Истото важи и за него како грешен кршлив човек. Ние ќе му ги признаеме нему само нашите гревови со кои сме му згрешиле нему и од него само за нив ќе бараме прошка. Но и тој ќе ни ги признае своите гревови со кои ни згрешил нам и од нас ќе бара прошка. Христос вели:
„Ако вие им ги проштавате на луѓето гревовите, и вашиот небесен Отец ќе ви ги прости вам. Ако вие не им ги проштавате на луѓето нивните гревови, ни вашиот Отец нема да ви ги прости вашите“ (Матеј 6,14.15). Кога си проштаваме еден на друг, тогаш и Бог ни ги проштава истите гревови нам. Така се засилува нашето меѓусебно единство и нашата зедница со Бога кога се молиме, кога мислиме и се грижиме еден за друг.
Сето ова важеше за јавните гревови со кои сме им згрешиле на нашите ближни. Но постојат и тајни гревови за кои знае само нашето срце и Бог, и никој друг. Нив треба да ги исповедаме насамо пред Бога. Тајните гревови смее да ги слушне само Божјето уво – ниту едно друго, ниту едно уво на смртен човек, ниту увото на свештеникот.
Во продолжение следат поднасловите од поглавјето „Библијата за човечките посредници меѓу Бога и грешниците“. Кога ќе кликнете врз поднасловите, ќе ви се отворат нивните текстови.
БИБЛИЈАТА ЗА ЧОВЕЧКИТЕ ПОСРЕДНИЦИ МЕЃУ БОГА И ГРЕШНИЦИТЕ
Во продолжение следат поднасловите од поглавјето „Библијата за човечките посредници меѓу Бога и грешниците“. Кога ќе кликнете врз поднасловите, ќе ви се отворат нивните текстови. [viz-category-posts...
Гревовите да се исповедаат единствено пред Бога – не во исповедална пред увото на смртен свештеник
Никаде во Библијата Бог не заповеда ниту пак бара од луѓето да одат кај свештениците во исповедална и таму, пред увото на смртни луѓе, да ги исповедаат своите гревови, што е своевидно понижување. Грев пред Бога прават свештениците што си дозволуваат себеси таква...
Прошка на минатите, сегашните и на идните гревови на живите; прошка и на мртвите – за пари!
Според римокатоличкото учење, светците направиле повеќе добри дела отколку што им било потребно за нивно лично спасение. Тие „одвишни“ добри дела на светците ја сочинуваат духовната ризница со која располага папата, па тој од неа може да им даде прошка за гревовите на...
Денешните свештеници како посредници меѓу Бога и грешниците
Наполно небиблиска е науката и на Православната црква за проштавање на гревовите според која свештеникот, изговарајќи одредена формула, му ги проштава гревовите на грешникот. Откако грешникот ќе се исповеда пред свештеникот, тој, според своја проценка, чита отпусна...
Традиционалната Црква за култот на Исусовата мајка Марија, Дева Марија или Света Богородица
„Според Православната црква, Дева Марија ужива поголема ‘чест од херувимите и неспоредливо е пославна од серафимите.’ Таа ги надминува сите созданија. Црквата во неа гледа Божја мајка и молителка пред Синот за целиот човечки род и непосредно ѝ се моли за застапништво....
Нашиот пристап кон Бога е личен и слободен, непосреден и директен
Непростлива хула на теологијата на традиционалната Црква е што на грешниците им го препречува патот на спасението и им го блокира пристапот кон Бога. Каде најде традиционалната Црква во Библијата, во евангелијата, основа за својата опачна теологија според која „патот...
Божјите ангели како посредници меѓу Бога и грешниците
Никаде, ниту во Стариот, ниту во Новиот завет, немаме ниту еден запис дека Бог праќал од небото светци да им помагаат на луѓето на земјата. Напротив, и во Стариот и во Новиот завет Бог од небото на луѓето им праќал само ангели да им донесат вест или помош. Божјите...
Едно од многубројните чуда на свети Никола (270-343)
Во Цариград живееше еден благочестив човек, полн со вера во Господа Христа. Тој го сакаше и многу го почитуваше големиот угодник Божји свети Никола. Еднаш, подготвувајќи се по некоја работа да отпатува со кораб во друга земја, тој според својот обичај отиде во црквата...
Парастоси (помен за мртвите)
Ќе наведеме изјава на рускиот православен богослов, протојереј Александар Шмеман, која гласи вака: „Главна метода со која се служела Црквата за да ги преобрати незнабошците во христијанство била методата на сублимација и преобразба на паганските верувања: Црквата...
Марија визави паганските божици
Марија на Христа не му дала божествена и Божја природа, туку му дала тоа што имала - човечка природа. Христос како Бог постои од вечноста, а не од мигот кога се родил, односно од мигот кога Марија му дала човечка природа. „Голема е тајната на побожноста: ‘Бог се јави...
Во продолжение следи содржината на книгата „Времето и знаците“. Кога ќе кликнете врз насловите и поднасловите, ќе ви се отворат нивните текстови.